мим

На залезот на изборната кампања – дали јавноста беше доволно информирана?

 „Иако никој со ништо не успеа да ме убеди дека ќе направи нешто посебно ако дојде на власт, сепак ќе гласам. А презаситена сум од сè, особено од она што го гледам во медиумите, доста беше“. Ова се зборовите на една моја сосетка, во пресрет на локалните избори во државата.

Се прашувам, кој и каков беше ефектот од изборната кампања? Дали до граѓаните допреа вистинските пораки? И колку постојаната изложеност на морето информации, (не)рационални ветувања и најави не ги збуни граѓаните дополнително?

Секако, неизбежно се поставува и прашањето околу улогата на медиумите во изборниот процес. Колку, пак, тие успеаја да ги просветлат гласачите, да бидат во нивна функција, да им посредуваат и да им помогнат меѓу изборните пораки, ветувањата и реалноста? Во колкава мера беше обезбедена вистинска објективност и од оние, сериозните, редакции со докажан медиумски авторитет и со катадневен новинарски ангажман? Или, пак, и тие дополнително ги збунија граѓаните, вовлекувајќи ги во таканаречената „спирала на скептичност“?

Едно нешто е да се констатира слободата на изразување што медиумите им ја обезбедуваат на учесниците во изборниот процес, но сосема друго прашање е каква е објективната реалност што им се прикажува на медиумските консументи – граѓаните. Еднаквоста во минутите и секундите, реално, ниту оддалеку не може да ја прикаже вистинската слика на нештата. На граѓаните им треба реална, објективна, информација, а таа честопати изостанува. Имаше ситуации во коишто водителите на некои од програмите во кои се претставуваа кандидатите за општинските функции, едноставно кажано, останаа неми набљудувачи на исказите на учесниците во изборите, партиските кандидати, кандидатите на независните советнички листи или, пак, на независните кандидати за градоначалници. Па, така, на пример, се случуваше водители на дебати да им дозволат на учесниците во изборите Вардар да го ветат за пловен и Скопје да го направат Токио. Во еден таков наплив на фатаморганични ветувања, домаќините на дебатите, новинарите – водители останаа само слушатели на исказите за неостварливите ветувања и проекти.

Но публиката, граѓаните, медиумските консументи, токму од нив, од новинарите домаќини и од медиумите организатори на таквите медиумски дебати очекуваа реакција и појаснувања. Очекуваа прашања до ветувачите во насока на реалноста на нивните ветувања. Очекуваа водителите – уредници на дебатните радио и ТВ – емисии да им постават прашање на своите гости за начините на коишто ќе ги остварат своите ветувања. Да прашаат колку пари ќе чини сето тоа, имаат ли општините буџет за толку амбициозни проекти, како ќе ги остварат ветувањата за субвенции за млади, за пензионери и слично. Или, пак, да ги прашаат потенцијалните градоначалници како ќе ги трошат заедничките пари на граѓаните слеани во општинските буџети и дали за тоа ќе се консултираат со сограѓаните, ќе ги проверат ли државните закони и така натаму и така натаму.

izbo 1

Фото: pixabay.com

Чест на исклучоците, но општо гледано сè повеќе медиуми се оддалечија од улогата на „медијатор“ во поттикнувањето граѓански ангажман. Наместо на прашањата дали и колку ставовите и изјавите на кандидатите „држат вода“, дебатите во нив се сведуваа на арена за маргинализирање на суштинските теми во корист на расправите за „победници и губитници“.

Со таквиот свој пристап, а во името на некаква наводна објективност, новинарството се оддалечи од својата примарна функција, во името на граѓаните, да биде активен учесник и своевиден контролор и брана за нереалните, мегаломански предизборни ветувања на кандидатите за општинските функции.

Дали политичарите ја „исконтролираа“ медиумската агенда?

Новинарството својот придонес кон изборната агенда го обезбедува со барањето одговори на релација политичари – јавност, односно со фокусот кон теми од јавен интерес. Со тоа на граѓаните им се овозможува да го разберат политичкото опкружување и да се чувствуваат подготвени да ги остварат своите демократски права.

Но, да се прашаме уште еднаш, дали ова навистина беше случај кога станува збор за „отсликувањето“ на изборната кампања во медиумите?

Различните контроверзни прашања и теми што ги наметнуваа самите кандидати и партиите што ги поддржаа, едноставно, се пренесоа и во медиумите. Притоа, наспроти очекувањата на медиумската публика, во одредени медиуми се забележуваше рамнодушност и отсуство на реакции, дури и при најнебулозните истапи на кандидатите за функции во локалната власт. Забележливо беше отсутството на сериозни дебати околу суштината на процесот на креирање политики. Сè повеќе недостигаше критичкиот осврт, а сè повидлива беше инертноста, наспроти одговорноста кон консументите – граѓаните.

Беше очигледно дека отсуствуваат редакциски договори, подлабока аналитичност и посебно храброст и одважност да се спротивстават на ветувањата од ракав, на оние за кои граѓаните забележуваа манипулации и лаги, а за кои, наспроти очекувањата од јавноста,  новинарството не реагираше.

Со препуштање на целиот простор на поканетите по студијата, граѓаните беа уште позбунети. Беа принудени самите да поставуваат прашања по социјалните мрежи за реалната одржливост на ветувањата на кандидатите за општинските функции.

Таквата практика кај повеќе медиуми, манифестирана и во ова предизборие, остава впечаток за новинарството како кампањско, пасивно и апатично. Наместо на потребните информации за граѓаните, медиумскиот фокус беше сè поголем врз политичките игри, пресметки и надмудрувања.

Освен тоа, и во овој предизборен медиумски интервал, не забележавме обиди медиумите да ја „придобијат“ онаа стандардно непартиска и привидно пасивна и индиферентна публика. Ова особено ако се има предвид дека вниманието кон изборната кампања главно доаѓа од луѓето коишто се веќе вклучени во политичките активности или, пак, оние што будно ја следат политиката.

За да можат да донесат вистинска одлука, граѓаните мора да бидат и информирани и едуцирани, а медиумите имаат капитален инпут во тоа. Посебно во разобличувањето на невистините или нереалностите форсирани во изборните кампањи, а сè со цел јавноста да се заштити од погрешните актери на политичката сцена. Во крајна линија, лидерите ги избираме да му служат на народот, но медиумите се тука да ни (по)кажат како тие ќе го прават тоа.

Автор: Марина Тунева

Насловна фотографија: pexels.com

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

                                                                                                               

Продолжи со читање

  • Насилството врз децата не почнува кога ќе стане вест, а превенцијата не треба да започне откако насилството ќе стане вест

    Зад секоја вест за насилство врз дете, стојат дете со нарушено чувство на сигурност, семејство кое живее во страв и неизвесност; и заедница што треба да се запраша дали можела да стори нешто порано. Но, не секое насилство станува вест. Некои деца молчат од страв […]
    The post Насилството врз децата не почнува кога ќе стане вест, а превенцијата не треба да започне откако насилството ќе стане вест appeared first on Myla.

  • Eco Social Voices претставен на YCDF Skopje Local Point: Младите како двигатели на климатските промени

    Климатската акција започнува со младите, нивните идеи и можноста активно да учествуваат во создавањето промени. Во Europe House во Скопје, Еко Логик, во партнерство со Youth Climate Diplomacy Forum (YCDF), го претстави проектот Eco Social Voices на презентацискиот настан посветен на YCDF Skopje Local Point. Настанот беше можност за запознавање со целите, визијата и активностите […]

  • Новинарите ги декодираат институциите на ЕУ, acquis и политиките за проширување

    На 16 и 17 октомври 2026 година, Институтот за европска политика (ЕПИ) го организираше првиот модул за обука во рамките на проектот „Decode the EU – Communicating EU policies together“ во Струмица. Дводневната работилница собра 10 новинари од различни медиуми, со цел да се зајакне аналитичкото известување засновано на докази за процесот на пристапување на […]
    The post Новинарите ги декодираат институциите на ЕУ, acquis и политиките за проширување appeared first on EPI.

  • Извидниците од Велес волонтерски работеа на санирање на конференциската сала во ИЦО – Охрид

    Членовите на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ – Велес, Валентин Јанкуловски, Благој Јорданов и Владимир Ивановски-Вуцо во периодот од 16 до 18 октомври 2026 год. во извидничкиот центар “Охрид“ во Охрид работена на санирање на Конференциската сала на ИЦО – Охрид. Со превземените активности од страна на нашите одредски членови ја…

  • Меморандум за разбирање со Британската бизнис-асоцијација

    Силните економии се градат врз силни партнерства. Finance Think и British Business Association in North Macedonia – Британската бизнис-асоцијација во Северна Македонија вчера потпишаа Меморандум за разбирање, поставувајќи основа за поблиска соработка за прашања важни за бизнис-секторот, носителите на политики и општеството. Партнерството ја поврзува широката деловна мрежа на Британската бизнис-асоцијација со економските истражувања и […]
    The post Меморандум за разбирање со Британската бизнис-асоцијација first appeared on Finance Think.
    The post Меморандум за разбирање со Британската бизнис-асоцијација appeared first on Finance Think.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор