Mzmp

КОНЕЧНАТА СУДСКА ПРЕСУДА ЈА ПОТВРДУВА ОДГОВОРНОСТА НА ДРЖАВАТА ЗА СИСТЕМСКИ ПРОПУСТИ КОИ ГИ ОСТАВААТ РОМИТЕ БЕЗ ПРИСТАП ДО ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Брисел, Скопје, 23 декември 2025 година: Европскиот центар за правата на Ромите (European Roma Rights Centre – ERRC) и Македонското здружение на млади правници (МЗМП) ја поздравуваат конечната пресуда од 20 ноември 2025 година на Апелациониот суд во Скопје, со која во целост е потврдена пресудата од прв степен во еден значаен предмет  што претставува голем чекор кон заштита на правата на нерегистрираните лица, особено Ромите, во Република Северна Македонија.

Со потврдувањето на првостепената пресуда, Апелациониот суд конечно утврди дека надлежните државни органи не постапиле во согласност со Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, што резултирало со системско исклучување и дискриминација на Ромите и други лица запишани во „Посебната матична книга на родените“, кои добиле идентификациски документ што им го ускратува еднаквиот пристап до нивните права во државата.

Апелациониот суд во целост ја одби жалбата поднесена од Министерството за правда – Управа за водење на матичните книги – Скопје и ја потврди пресудата на Основниот граѓански суд во Скопје, со што пресудата стана конечна и правосилна. Апелациониот суд утврди дека не постојат ниту процесни ниту материјални основи за укинување или измена на првостепената одлука и потврди дека повредите утврдени во првиот степен биле правилно и законито констатирани.

Особено значајно е што Апелациониот суд го потврди наодот дека повредите во овој предмет имаат системски карактер. Судот потврди дека, со тоа што не ги спровеле законски пропишаните постапки, државните органи „ги третирале засегнатите лица различно без легитимна или пропорционална цел“. Пресудата нагласува дека пристапот до упис на раѓање не е дискреционо административно прашање, туку основна обврска на државата, директно поврзана со уживањето на фундаменталните права.

Сенада Сали, правна директорка на ERRC, изјави:

„Ја поздравуваме пресудата на Апелациониот суд, со која се потврдува првостепената пресуда која утврди дека институционалното непостапување претставува дискриминација. Во овој предмет, Управата за водење на матичните книги, иако законски обврзана да иницира редовни постапки за упис на нерегистрираните лица, не постапила во предвидените рокови. Оваа одлука ја зајакнува пораката дека елиминирањето на нееднаквоста бара проактивен ангажман од сите институции и чинители, и дека непочитувањето на законските обврски може да ја продлабочи дискриминацијата.“

Александра Ефремова, правничка во МЗМП, која повеќе од една деценија работи на прашања поврзани со апатридија, изјави:

„Оваа пресуда претставува голема победа за нашите сограѓани кои повеќе од една деценија трпат сериозна системска неправда. Таа испраќа јасна порака дека ваквите повреди никогаш не смеат да се повторат, вклучително и трагичните судбини на Тони Сали и Мемет Камбер. Пресудата е значајна и за сите нас кои долго време ги браневме правата на овие лица, бидејќи ја потврдува нашата верба дека правдата е на наша страна и ја зајакнува нашата решеност да ја продолжиме оваа правна борба сè додека не се обезбедат целосна заштита и еднакви права. Пред сè, таа ги потсетува сите граѓани на Република Северна Македонија дека правото на идентитет и државјанство не е привилегија, туку основно човеково право, и дека државните институции се законски обврзани да го заштитуваат.“

Имајќи предвид дека мнозинството од засегнатите лица се Роми, како што е документирано во извештаите на Народниот правобранител на Република Северна Македонија пред поднесувањето на тужбата, судот исто така заклучи дека тужениот сторил индиректна дискриминација врз основа на етничка припадност, на сериозен, повторлив и континуиран начин, повредувајќи ги правата на Ромите запишани во Посебната матична книга на родените кои поседувале идентификациски документ, но немале матичен број на граѓанин, во споредба со другите граѓани.

Оваа конечна пресуда претставува значајна победа за правата на Ромите, правата на децата и владеењето на правото во Република Северна Македонија. Таа потврдува дека државата може да сноси одговорност за системски пропусти кои ги изложуваат поединците, уште од најрана возраст, на ризик од апатридија, и ја потврдува суштинската улога на судството во заштитата на ранливите групи од дискриминаторски административни практики.

Одлуката ги зајакнува правните гаранции против ризикот од апатридија и го подобрува пристапот до лични документи, испраќајќи јасна порака дека административната сложеност, институционалната фрагментација или долготрајното непостапување не можат да ги оправдаат повредите на основните права, особено кога станува збор за деца.

ЕRRC беше застапуван пред Судот од адвокатките Кети Јандријеска Јованова и Павлинка Гичева, додека МЗМП беше застапуван од адвокатот Диме Ѓорчевски.

Позадина: Ромите лишени од права поради недостаток на лична документација

Системските пропусти во уписот во матичните книги во Северна Македонија историски непропорционално ги погодуваат Ромите, лишувајќи ги од пристап до лична документација и изложувајќи ги на ризик од бездржавјанство. Оваа состојба главно се однесува на Роми кои имаат потешкотии да го докажат своето место и време на раѓање, често немаат лични карти, живеат во неформални населби или структури, или се бездомници без постојана адреса. Како последица, Ромите без соодветна лична документација стануваат правно невидливи за државата, со што се соочуваат со пречки при пристап до вработување, здравствена и социјална заштита, домување и инфраструктура.

Истражувања на ERRC и други организации покажуваат дека бездржавјанство кај Ромите во Република Северна Македонија не постои само како последица на војните во регионот, туку претставува резултат на простран институционален расизам кој ги исклучува Ромите од уписот и на тој начин од основните јавни услуги.

Во 2020 година беше донесен Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени со цел да се овозможи основен пристап до права и правен идентитет на поединци кои се исклучени од матичната евиденција поради административни пречки. Сепак, перзистентните пропусти во неговото спроведување оставија многумина со неадекватен „посебен извод од матична книга на родени“ или специјална лична карта – документи кои не овозможуваат целосен и еднаков пристап до образование, здравство, социјална заштита и вработување, со што се продолжува исклучувањето, особено на Ромите. Овие проблеми беа посочени од ERRC уште во 2020 година, пред усвојувањето на законот.

Oбврска на властите е да обезбедат редовна регистрација по службена должнот во рок од 30 дена по добивање на привремената документација. Во пракса, тие не ја исполнуваат оваа обврска. Дополнително, привремените документи не ги исполнуваат своите цели и често не се признаени, што значи дека нeрегистрираните лица не можат да ги користат за пристап до услугите за кои се предвидени.

ERRC и МЗМП поднесоа колективна тужба на 11 ноември 2022 година против Министерството за правда – Управа за водење на матичните книги- Скопје, во име на лицата запишани во Посебната матична книга на родени кои добиле лична идентификациска исправа. Овие лица, претежно Роми, се лишени од основни права поради неадекватна и нефункционална лична документација. Дополнителна претставка беше поднесена до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која во 2023 година донесе мислење со кое наложи реформи по трагичната смрт на 20-годишниот ромски млад човек Мемет Камбер, кој не можеше навремено да добие медицинска помош поради пречки предизвикани од немање соодветна лична карта.

На 8 јули 2025 година, Основниот граѓански суд во Скопје ја објави пресудата од прв степен, која беше потврдена од Апелациониот суд на 20 ноември 2025 година.

За повеќе информации или за да договорите интервју, контактирајте ги:

Џонатан Ли

Директор за застапување и комуникации

Европски центар за права на Ромите

 jonathan.lee@errc.org

 +32 49 288 7679

Сенада Сали

Правна директорка

Европски центар за права на Ромите

 senada.sali@errc.org

+32 497 67 60 12

Контакт лице од МЗМП:

Бојана Божиновска Силјановска

Претседателка

The post КОНЕЧНАТА СУДСКА ПРЕСУДА ЈА ПОТВРДУВА ОДГОВОРНОСТА НА ДРЖАВАТА ЗА СИСТЕМСКИ ПРОПУСТИ КОИ ГИ ОСТАВААТ РОМИТЕ БЕЗ ПРИСТАП ДО ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА appeared first on Myla.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонско здружение на млади правници

Продолжи со читање

  • Вклучи се во креирањето на буџетските приоритети на Општина Кисела Вода

    Кои се приоритетите за твојата населба? Заедно со Општина Кисела Вода, ги покануваме граѓаните да се вклучат во креирањето на буџетските приоритети за 2027 година. Предложи. Дискутирај. Приоритизирај. Не можеш да присуствуваш? Испрати го својот предлог тука: https://tinyurl.com/PrijaviProblem Твојот глас е важен за буџетот на твојата општина! #CHinMK #CivicaMobilitas Civica Mobilitas Embassy of Switzerland in […]
    The post Вклучи се во креирањето на буџетските приоритети на Општина Кисела Вода first appeared on Finance Think.
    The post Вклучи се во креирањето на буџетските приоритети на Општина Кисела Вода appeared first on Finance Think.

  • 🌍 Finance Think на Euromed Summit 2026 во Лисабон!

    На 27 и 28 октомври, Finance Think учествува на Euromed Summit 2026 во Лисабон, Португалија, претставуван од извршната директорка, Благица Петрески.Во фокусот на дискусиите беа предизвиците на пазарот на труд, несовпаѓањето меѓу вештините и потребите на работодавачите, развојот на човечкиот капитал и економската конкурентност – теми кои се во сржта на истражувачката и аналитичката работа […]
    The post 🌍 Finance Think на Euromed Summit 2026 во Лисабон! first appeared on Finance Think.
    The post 🌍 Finance Think на Euromed Summit 2026 во Лисабон! appeared first on Finance Think.

  • Претставување на Вардарската регата на утринската програма “Здраво Македонијо“ на ТВ Канал 5

    На 29.10.2026 год. (четврток) на покана на редакцијата на националната ТВ Канал 5 во рамките на утринската програма “Здраво Македонијо“ во друштво на Жана Ѓоргиева, Емилија Вучиновска (miss urban viba), естрадниот уметник Дејан Николовски – Чуле учество зема и старешината на извиднички одред “Димитар Влахов“ и координатор на Вардарската регата…

  • Струмица: Женските кружоци бараат поголема поддршка и учество во локалното одлучување

    Струмица, октомври 2026 – Поголема вклученост на жените во месните заедници, обезбедување простор за нивно организирање и подобра институционална поддршка за нивните иницијативи беа дел од главните теми на јавната дебата „Женското лидерство како огледало на заедницата“, одржана на 28 октомври во Струмица. Дебатата ја организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во соработка со Организацијата […]

  • Прилеп: Жените од локалните заедници со конкретни предлози за поголемо учество во одлучувањето

    Прилеп, октомври 2026 – Во Прилеп се одржа јавната дебата „Женското лидерство како огледало на заедницата“, посветена на можностите и предизвиците за учество на жените, особено од руралните средини, во процесите на локално одлучување. Дебатата ја организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во соработка со Здружението за рурален развој „ЛАГ Агролидер“, во рамки на проектот […]

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор