[Aggregator] Downloaded image for imported item #44319

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Блупринт групата за реформи во правосудството реагираат на Измените на КЗ кои создаваат правна несигурност и ризик од институционална конфузија во преоден период

Иако ја поздравуваме иницијативата за интервенирање во Кривичниот законик, сметаме дека предложените измени, во сегашната форма, не претставуваат вистинско враќање на состојбата пред 2023 година, туку воведуваат нови решенија со сериозни последици по правната сигурност и борбата против корупцијата. Затоа, упатуваме неколку јасни барања:

  • Тековните измени на Кривичниот законик да се ограничат исклучиво на враќање на решенијата кои важеа пред 2023 година, без воведување нови концепти.
  • Да се повлечат или темелно преиспитаат одредбите за проширена конфискација кои овозможуваат одземање имот без кривична постапка и судска осуда.
  • Да не се стеснува поимот „корист“ само на имотна корист кај делата за злоупотреба на службена положба и несовесно работење, со што се создава ризик од неказнивост за сериозни облици на корупција.
  • Да се задржи или да се вметне формулација која овозможува да се обезбеди ефективна кривичноправна заштита од тешки, но нетипични службени злоупотреби.
  • Пред усвојување на измените, да се одржи јавна и стручна расправа, а измените да не се носат по забрзана постапка.

Овие барања се особено важни ако се има предвид дека и за измените во 2023 година реагиравме навреме, предупредувајќи на последиците кои за жал, денес се потврдуваат во пракса.

Зошто овие измени се проблематични?

  1. Проширена конфискација (член 98-а)

Предложените измени за проширена конфискација значително отстапуваат од моделот што важеше пред 2023 година. Наместо одземање на имот стекнат пред сторување на делото, по спроведена кривична постапка и судска осуда, сега се овозможува конфискација и без утврдена кривична одговорност. Ова е суштинска промена која го менува карактерот на мерката.

Ваквиот пристап се доближува до т.н. граѓанска конфискација, без јасно да биде утврдено кој и зошто одговара, поточно кое е кривичното дело кое ја прави проширената конфискација апликативна. Дополнително, овој модел е неусогласен со постојниот Закон за кривичната постапка и создава ризици по правото на сопственост, презумпцијата на невиност и правната сигурност. Оттука, со овие измени, иако наменети за привремено санирање на правната рамка до донесување на нов Кривичен законик, повторно се воведува нов концепт без јасни правила.

  1. Злоупотреба на службената положба (член 353) и ефектите врз борбата против корупцијата

Кај делото злоупотреба на службената положба, измените значително ја стеснуваат кривичната одговорност. Поимот „корист“ се сведува само на имотна корист, со што од опфатот испаѓаат облици на злоупотреба кои не секогаш носат директна финансиска добивка, како влијание, фаворизирање или условување.

Дополнително, во споредба со верзијата пред 2023 година, се намалуваат максималните казни за потешките облици на делото, што директно води до пократки рокови на застарување. Ова значи дека сѐ уште постои помал простор за ефективно гонење на сложени корупциски предмети, особено оние кои се откриваат по подолг временски период.

Воедно, се воведува нова инкриминација наместо за враќање на старата одредба од ставот 5. Со предложените измени се врши враќање само на инкриминацијата за злоупотребата на службената положба и овластување при постапките за јавни набавки, но не и други форми на злоупотреба на средствата од Буџетот, од јавните фондови или од други средства на државата. Дополнително, дел од однесувањата што се опфаќаат имаат карактер на управни пропусти, што може да доведе до претерана криминализација без реално зајакнување на борбата против корупцијата.

Особено загрижува што со овие измени не се обезбедува соодветна заштита на средствата од јавните фондови и фондовите на Европската Унија, што е спротивно на декларираните заложби за зајакнување на владеењето на правото.

  1. Несовесно работење во службата (член 353-в)

Кај кривичното дело несовесно работење во службата, се предлага бришење на формулацијата која досега служеше како „заштитна мрежа“ за санкционирање на тешки, но нетипични случаи на службена несовесност. Иако постои потреба ваквите одредби да бидат внимателно формулирани за да се избегне произволна примена, нивното целосно отстранување создава ризик сериозни пропусти да останат неказнети.

  1. Постапката за предлагање на измените

Иако потребата од интервенција беше очигледна, загрижува начинот на кој се предлагаат овие измени. Тие беа доставени без претходни најави и без јавни консултации, иако беше најавено формирање работна група во Министерството за правда. Ова создава впечаток на паралелни и некоординирани процеси и ја намалува довербата во квалитетот на предложените решенија.

Имајќи го предвид досегашното искуство со брзи и недоволно промислени измени на КЗ, сметаме дека е неопходна јавна и стручна расправа, за да не се повтори практиката на формално „поправање“ на законот, без суштинско решавање на проблемите. Поради тоа, во период кога се подготвува целосно нов Кривичен законик, најодговорен пристап е враќање на проверените решенија од пред 2023 година, без воведување нови модели со далекусежни последици. Сите суштински реформи треба да бидат дел од сеопфатен, транспарентен и инклузивен процес, а не резултат на ад хок интервенции.

The post Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Блупринт групата за реформи во правосудството реагираат на Измените на КЗ кои создаваат правна несигурност и ризик од институционална конфузија во преоден период first appeared on Metamorphosis.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Метаморфозис

Продолжи со читање

  • Елаборат за четириесетите – XL Средби на извидници Велес 2026

    Почитувани извидници, извидничкиот одред “Димитар Влахов” од Велес одбележувајќи ја седмата деценија на постоење на извидништвото во Велес и Денот на Државноста на Македонија, Ве поканува на традиционалните XL Средби на извидници 2026. Во периодот од 1975 до 2026 година, успевaме да организираме четириесет Средби на извидници од кои последните…

  • Ново регионално партнерство: Здружението започнува проект поддржан од Western Balkans Fund и Европската Унија

     Со голема чест и задоволство споделуваме дека Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености е добитник на грант од Фондот за Западен Балкан (Western Balkans Fund), кофинансиран од Европската Унија! На 24 и 25 јуни 2026 година во Тирана, Албанија, присуствувавме на дводневната партнерска работилница и свечената церемонија…

  • Успешно реализирана XXVI Вардарска регата “Гемиџии 2026“

    Иако регатата се одвива по 26-ти пат, ова е трета година во која пловидбата заврши во Солун, идентично како онаа на велешките трговци во минатото. Чамците растоварени, пловењето успешно завршено, се сумираат впечатоците од Вардарска регата „Гемиџии“ која по 26-ти пат ја оживеа традицијата и патшествието на велешките трговци во…

  • Од отпад до производ: Како био-отпадот станува дел од нашето секојдневие

    Био-отпадот претставува органски отпад кој потекнува од домаќинствата, пазарите, градините и прехранбената индустрија. Во оваа категорија спаѓаат остатоци од овошје и зеленчук, талог од кафе, лушпи од јајца, лисја и трева.
    Иако најчесто се третира како отпад, био-отпадот претставува вреден ресурс. Во контекст на циркуларната економија, тој се користи како суровина за создавање нови материјали, енергија и производи што повторно се враќаат во економскиот циклус.

    https://unsplash.com/photos/person-holding-eco-not-ego-signage-_kB9NKpErH4
    Во традиционалниот модел, био-отпадот најчесто завршува на депонии, каде што при разградување без кислород се создава метан – силен стакленички гас кој придонесува за климатските промени. Во циркуларниот пристап, истиот отпад се третира како ресурс и се трансформира во компост, биоматеријали, природни ѓубрива и иновативни производи. На овој начин се намалува количината на отпад, се намалуваат емисиите и се поттикнува развој на зелени технологии и локални бизниси.
    Овој пристап е тесно поврзан со пораката „Eco, not ego“, која потсетува дека одржливите избори ја ставаат еколошката одговорност пред краткорочната индивидуална удобност. Со тоа, био-отпадот се гледа не како проблем, туку како почеток на нов циклус на вредност, обновување и одржлив развој.

    Примери на продукти изработени од био-отпад

    Биопластика и дизајн-предмети од талог од кафе – Coffeefrom (Италија): Италијанскиот стартап Coffeefrom го претвора искористениот талог од кафе во биопластика и композитни материјали кои се користат за дизајнерски производи, пакување и индустриска примена, покажувајќи дека дури и секојдневниот отпад може да добие нова вредност.

    (Извор: EU-Startups, август 2025 – eu-startups.com | Renewable Matter – renewablematter.eu)

    Биоразградливо пакување од мицелиум и земјоделски отпад – Grown.bio (Холандија): Компанијата Grown.bio користи мицелиум и земјоделски отпад за производство на целосно биоразградливи пакувања и изолациски материјали кои нудат одржлива алтернатива на пластиката и стиропорот.

    (Извор: European Circular Economy Stakeholder Platform – circulareconomy.europa.eu | Saladplate, октомври 2025 – saladplate.com)

    Еко-кожа од манго отпад – Fruitleather Rotterdam (Холандија): Fruitleather Rotterdam го рециклира отпадот од манго што не ги исполнува пазарните стандарди и го претвора во издржлив вегански материјал кој се користи за изработка на чанти, паричници и други модни производи.

    (Извор: Plant Based News, мај 2025 – plantbasednews.org | Nature Biotechnology, 2025 – nature.com)

    Фото:https://unsplash.com/photos/a-pile-of-garbage-sitting-on-top-of-a-grass-covered-field-pprCuLQopHw
    Овие примери покажуваат дека отпадот не мора да биде проблем кој треба да се отстрани. Со соодветна креативност, технологија и визија, тој може да стане вреден ресурс кој создава нови производи, нови работни места и помало влијание врз природата.
    Циркуларната економија нè учи дека секој материјал има потенцијал за нов живот. Наместо да гледаме на био-отпадот како нешто без вредност, можеме да го препознаеме како можност за иновации и одржлив развој. Токму во оваа промена на перспективата лежи клучот кон поодржлива иднина.
     
    Оваа статија е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
    Содржината на оваа статија е единствена одговорност на Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.
    Автори: Јасмина Петровска, Еко Логик и Ана Серафимова, Еко Логик

  • Успешно заврши тркалезната маса за зелена транзиција и CBAM

    На тркалезната маса „Зајакнување на конкурентноста: Енергетската транзиција, CBAM и иднината на македонската индустрија“, Finance Think ја промовираше студијата „Подготвеност за CBAM и зелената индустриска транзиција во Северна Македонија“. Студијата покажува дека подготвеноста за CBAM ќе биде клучен фактор за одржување на конкурентноста на домашните производители на пазарот на Европската Унија. Во 2025 година, извозот […]
    The post Успешно заврши тркалезната маса за зелена транзиција и CBAM first appeared on Finance Think.
    The post Успешно заврши тркалезната маса за зелена транзиција и CBAM appeared first on Finance Think.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор