Javen nadzor

Јавен надзор над јавните набавки: доверливи договори, незаконски авансни плаќања и спорна реализација

Денес, 11 јуни 2026 година, Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај (издание бр.2). Анализирани се конкретни случаи на потенцијално незаконски спроведени тендерски постапки во коишто грижата за јавните пари не била примарна. Овие случаи се издвојуваат преку анализа на наодите од црвените знаменца кои ги применува Бирото за јавни набавки, преку истражувања кои почиваат на јавно достапните информации, како и преку консултации со граѓаните. Издвојуваме дел од клучните наоди од 3 анализирани тендери:

  1. Набавка на пасоши, лични карти и возачки дозволи:
    За 5 години граѓаните платиле 73 милиони евра за лични документи врз основа на тендер стар 21 година и договори кои се „доверливи“.
  • Изработката на пасоши, лични карти и возачки дозволи во последните пет години го чинело МВР 29 милиони евра, а за добивање на овие документи граѓаните платиле 73 милиони, односно 44 милиони евра повеќе.
  • Најголем дел од 73-те милиони евра што ги платиле граѓаните е за добивање пасош, дури 60 милиони евра за 5 години.
  • Документите ги изработува фирма која победила на тендер пред 21 година. МВР не открива кога и под кои услови е продолжуван првичниот договор сè до денес.
  • МВР не ги открива ниту важечките договори за изработка на личните документи со образложение дека се класифицирани како „доверливи“.
  • Министерството смета дека изнесувањето на податоците од склучените договори ќе имало последици врз нивното работењето, без да наведе за какви последици станува збор.
  • Како „доверливи“ се заштитени од објавување дури и бројот на лични документи (пасоши, лични карти и возачки дозволи) кои се изготвени во изминатите години. МВР ги открива само вкупните финансиски податоци.
  • Со ваквата тајност на целиот договор и неговите анекси, се ограничува увидот на јавноста во финансиските и во договорните аспекти на оваа набавка.
  • Нејасно е врз основа на кој закон е спроведена оваа набавка, која е исклучена од редовните конкурентски постапки за јавни набавки. Оттука, јавноста не може да провери дали исклучувањето од редовните правила било законски оправдано, неопходно и пропорционално.

2. Тендер на МНР за закуп на авиони: Летовите за евакуација на граѓаните од Блискиот Исток во вредност од 1 милион евра, плаќани однапред, над законскиот лимит.

  • Евакуациските летови од Дубаи и Ријад во март 2026 година се платени авансно, што е спротивно на Законот за јавните набавки, кој предвидува дека максималниот износ на авансот може да изнесува до 20 % од вредноста на договорот.
  • Авансните плаќања не биле обезбедени со банкарска гаранција како што предвидува Законот и не биле однапред предвидени во тендерската документација.
  • За евакуациските летови се спроведени еден неуспешен и еден успешен тендер, по којшто е склучен договорот за закуп на авионите.
  • Тендерите се спроведени во рамките на Законот за јавните набавки кој за итните ситуации дозволува директно контактирање на фирмите. Но, документите откриваат низа одлуки кои, земени заедно, ја оневозможиле реалната конкуренција.
  • Првиот тендер во кој понуди биле побарани од 9 фирми е поништен. Во втората постапка, барањето за доставување понуда било испратено само до една фирма — Авиалог Скопје, за која МНР тврди дека дознала дека е претставник на FlyDubai. Како доказ за поврзаноста меѓу Авиалог и FlyDubai, МНР достави картичка за ангажман во FlyDubai која му припаѓа на физичко лице — основачот на Авиалог, но која не докажува деловна или правна поврзаност меѓу двете компании.
  • Фирмата доставува понуда следниот ден, на 6 март во 14 часот, по што во истиот ден следувале преговори, склучување на договор, издавање на фактура со датуми за првите 2 лета и плаќање на фактурата од страна на МНР.
  1. Тендер на Општина Чаир: Училишниот базен во Чаир вреден 890 илјади евра – 6 месеци беше завршен само на хартија.
  • Иако Општина Чаир на 21 ноември 2025 година до Електронскиот систем за јавни набавки доставила известување дека договорот за изградба на затворен базен во О.У. „Исмаил Ќемали” е 100 % реализиран, објектот беше свечено промовиран дури по шест месеци.
  • Општината го прогласила базенот за изграден во истиот ден кога добила извештај од надзорот кој набројува незавршени работи и допрва бара приклучување на електрична и водоводна мрежа, за да се изврши финалното тестирање на базенот.
  • Изградбата на базенот иницијално требала да биде завршена во јануари 2025 година. Наместо да ја активира договорната казна предвидена со договорот, Општина Чаир двапати го продолжила рокот за реализација на барање на самиот изведувач.
  • Брзањето договорот да се прикаже како завршен доаѓа во период кога фирмата носител на договорот, Еуровиа од Желино, во меѓувреме преименувана во ЕАКОМ од Тетово, заедно со друга фирма, аплицирала на нов оглас за изградба на уште еден затворен базен во Општина Чаир, овој пат во училиштето „7-ми Марси” (7 Март).

 

Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Јавен надзор над јавните набавки“, со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. До целото истражување може да пристапите преку следниот линк. За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.

 

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Центар за граѓански комуникации ЦГК

Продолжи со читање

  • Интервенција пожар – Тактичко-техничка примена на четирициклот при интервенции на отворен простор

    Современите предизвици при справувањето со пожари на отворен простор бараат мобилност, брза проценка на состојбата и правилна употреба на расположливата противпожарна техника. Членовите на ДПД Свети Николе во своето оперативно дејствување го користат противпожарниот четирицикл како важен ресурс за пристап и работа на терени каде движењето со стандардни противпожарни возила е ограничено или отежнато. Неговата…

  • СЕОПФАТНО СЕКСУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ Е РЕШЕНИЕ ЗА НАСИЛСТВОТО, ЗЛОУПОТРЕБАТА И ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ – Владата има одговорност да го заштити здравјето на младите –

    ХЕРА со сериозна загриженост ја прими информацијата дека Министерството за образование и наука ја повлекува програмата и изборниот предмет „Сексуално образование“ од средното образование и […]

  • Нова публикација: „Граѓанскиот сектор во бројки 2025“

    МЦМС ја објави публикацијата „Граѓанскиот сектор во бројки 2025“, финансиска, економска и општествена анализа на топ 100 граѓански организации според приходи во 2025 година. Анализата ги вкрстува завршните сметки за 2023, 2024 и 2025 година со податоците од регистарот на активни граѓански организации, и на едно место дава слика за големината, географијата, растот и ранливостите на организираното граѓанско општество во земјата.

  • Партнерите на проектот започнуваат со мапирање на потребите и развивање на инклузивна програма за обука

    Како дел од регионалниот проект „Лица со попреченост одгледуваат органски лековити билки“, партнерите на проектот започнаа со имплементација на Активноста А2 – Мапирање на потребите и подготовка на програма за обука за органско одгледување билки. Оваа активност ги здружува трите партнерски организации од Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина…

  • Реализирани 40 (XL) Средби на извидници – Велес 2026

    По повод 8ми Септември Денот на државноста на Република Македонија, а остварувајќи ја својата програма за работа извидничкиот одред “Димитар Влахов“ – Велес, ги организираше 40 (XL) Средби на извидници – Велес 2026  кој се одржаа во периодот од 4 до 6.9.2026 год. во извидничкиот центар Голозинци во истоименото село….

  • 74 години – Извиднички одред “Димитар Влахов“

    Во далечната 1948 година со Законот за предвојничка обука во рамките на Гимназијата “Кочо Рацин” во Велес започнуваат да се формираат првите одделенија кои што работат активности слични на нашите, извидничките. Тие одделенија се до 1952 година работат како неформални групи за да на денешен ден 8 септември во учебната…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор