Et5a0304

ХЕРА го отвори вториот Центар за поддршка и советување на момчиња и мажи, Кочани доби нов простор за поддршка, разговор и ментално здравје

ХЕРА денеска во просториите на ЈЗУ Општа болница Кочани го отвори вториот MM Центар за поддршка и советување на момчиња и мажи, простор посветен на поддршка, доверба и грижа за менталното здравје на момчињата и мажите како и другите засегнати во заедницата.

По првиот ММ Центар што ХЕРА го отвори во Мај 2024 година до денеска дадени  над 950 сесии од психолози и психотерапевти на 135 момчиња и мажи. Новиот Центар во Кочани претставува продолжување на моделот кој веќе покажа дека ваквите услуги им се навистина потребни на мажите и момчињата. Во изминатите две години, многумина во Центарот во Скопје за првпат побараа помош, разговараа за своите емоции, стресот и животните предизвици и добија поддршка за подобрување на комуникацијата, односите со околината и семејството и секојдневниот живот.

Искуството на ХЕРА покажа дека кога мажите имаат безбеден простор каде можат без страв и осуда да зборуваат за своите проблеми, тоа позитивно влијае не само врз нивното ментално здравје, туку и врз семејствата и заедницата.

Новиот ММ Центар во Кочани е создаден со идеја да покаже дека никој не треба сам да се справува со стресот, притисокот, стравовите или тешките животни ситуации. Наместо молчење и затворање во себе, овој простор нуди разговор, разбирање и професионална поддршка истакна Елизабета Божиноска, Програмска директорка во ХЕРА.

Според податоците од HBSC студијата од 2022 година, индикаторите за ментално здравје кај момчињата покажуваат влошување со возраста. Раздразливоста, која се јавува повеќе од еднаш неделно, е присутна кај 13% од 11-годишните, 14% од 13-годишните и 19% од 15-годишните момчиња, што укажува на постепено зголемување во адолесценцијата. Речиси секое четврто момче на 15 години има проблеми со спиењето, а чувството на ниско расположение е пријавено кај 13% од 11-годишните, 14% од 13-годишните и 26% од 15-годишните момчиња, што покажува значително зголемување со возраста.

Во исто време, многу момчиња растат со пораки дека „машките не плачат“ и дека секогаш мора да бидат силни, што често ги оддалечува од барањето помош кога им е најпотребна.

Токму затоа, ММ Центарот во Кочани има цел да создаде безбедно место каде момчињата и мажите ќе можат да разговараат, да добијат поддршка и да научат како подобро да се справуваат со емоциите, конфликтите и секојдневниот притисок. На тој начин, поддршката за менталното здравје станува и важен дел од создавањето побезбедни семејства и заедници без насилство.

На отворањето присуствуваа претставници од институциите, локалната самоуправа, здравствениот сектор и партнерските организации, кои ја нагласија важноста од навремена поддршка, разговор и заедничка грижа за менталното здравје на младите и заедницата.

Аташето во Австриското Министерство за труд, социјални работи, здравство и заштита на потрошувачите, Харалд Бреза-Фугер, нагласи дека Директивата на ЕУ 2024/1385 за борба против насилството врз жените и семејното насилство поставува јасна насока што Северна Македонија треба да ја следи. Според него, нејзината важност е во тоа што не се ограничува само на казнување, туку опфаќа превенција, заштита на жртвите, пристап до правда, поддршка и координација меѓу институциите. Тој посочи дека, во рамките на австрискиот Закон за заштита од насилство, полицијата има обврска да ги информира регионалните центри за заштита од насилство при издавање забрани за приближување и контакт. Минатата година, полицијата издала околу 14.600 налози за заштита, а овие информации биле доставени до регионалните центри за заштита од насилство. Бреза-Фугер нагласи дека, и покрај воспоставените механизми, во Австрија сѐ уште има премногу фемициди, што покажува дека системот е далеку од совршен. Тој изрази надеж дека пилотирањето на советувалиштето за мажи во Кочани ќе придонесе кон намалување на родово базираното и семејното насилство. На крај, Бреза-Фугер им се заблагодари на вклучените невладини организации од Австрија и Северна Македонија за нивниот голем ангажман и им посака многу успех во понатамошната имплементација на проектот.

„Соработката со ХЕРА започна пред една година и со особено задоволство продолжува преку потпишувањето на меморандумот за соработка и отворањето на Центарот за поддршка и советување на момчиња и мажи во Кочани. Во изминатиот период, нашите вработени добија значајна обука и континуирана поддршка заедно со тимот на ХЕРА, што придонесе за зајакнување на капацитетите за работа во областа на менталното здравје и психосоцијалната поддршка. Веруваме дека овој Центар ќе биде важен и безбеден простор каде граѓаните ќе можат навремено да добијат стручна помош, поддршка и разбирање“, истакна д-р Дарко Иванов, началник на невропсихијатриско одделение при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кочани

Координаторот на Центарот за мажи и момчиња во Скопје, Виктор Бучковски, истакна дека Кочани не смее да се заборави. Болката и траумата на преживеаните, на родителите, на пријателите и на сите погодени не смеат да останат само една точка во времето. Денешното отворање на центарот е мал гест на поддршка кон Кочанчани и кон луѓето од овој регион на кои им е потребна психолошка поддршка и советување. Нашата мисија е да бидеме присутни таму каде што е најпотребно, да слушаме, да помогнеме и да продолжиме да зборуваме за оваа тема секогаш кога заборавот ќе се обиде да ја преземе.

Со отворањето на овој Центар, Кочани добива нов простор на доверба, поддршка и солидарност – место кое испраќа силна порака дека грижата за менталното здравје е важна за сите и дека барањето помош е чин на сила, а не на слабост.

Во рамки на понатамошното ширење на оваа иницијатива, ХЕРА до крајот на годината планира отворање на нов Центар за советување и поддршка на момчиња и мажи и во Шуто Оризари, со цел услугите да станат подостапни и за поголем број на граѓани. Истовремено, преку соработката со партнерите од Албанија, моделот ќе започне да се развива и таму, како дел од поширок регионален пристап за поддршка на менталното здравје и превенција на насилството.

Отворањето на Центарот е дел од регионалниот проект „Трансформирање на родовите норми: Спречување на родово базирано насилство преку ангажман на младите во Албанија и Северна Македонија“, финансиски поддржан од Австриското сојузно министерство за социјални работи, здравство, нега и заштита на потрошувачите.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА Скопје

Продолжи со читање

  • Елаборат за четириесетите – XL Средби на извидници Велес 2026

    Почитувани извидници, извидничкиот одред “Димитар Влахов” од Велес одбележувајќи ја седмата деценија на постоење на извидништвото во Велес и Денот на Државноста на Македонија, Ве поканува на традиционалните XL Средби на извидници 2026. Во периодот од 1975 до 2026 година, успевaме да организираме четириесет Средби на извидници од кои последните…

  • Ново регионално партнерство: Здружението започнува проект поддржан од Western Balkans Fund и Европската Унија

     Со голема чест и задоволство споделуваме дека Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености е добитник на грант од Фондот за Западен Балкан (Western Balkans Fund), кофинансиран од Европската Унија! На 24 и 25 јуни 2026 година во Тирана, Албанија, присуствувавме на дводневната партнерска работилница и свечената церемонија…

  • Успешно реализирана XXVI Вардарска регата “Гемиџии 2026“

    Иако регатата се одвива по 26-ти пат, ова е трета година во која пловидбата заврши во Солун, идентично како онаа на велешките трговци во минатото. Чамците растоварени, пловењето успешно завршено, се сумираат впечатоците од Вардарска регата „Гемиџии“ која по 26-ти пат ја оживеа традицијата и патшествието на велешките трговци во…

  • Од отпад до производ: Како био-отпадот станува дел од нашето секојдневие

    Био-отпадот претставува органски отпад кој потекнува од домаќинствата, пазарите, градините и прехранбената индустрија. Во оваа категорија спаѓаат остатоци од овошје и зеленчук, талог од кафе, лушпи од јајца, лисја и трева.
    Иако најчесто се третира како отпад, био-отпадот претставува вреден ресурс. Во контекст на циркуларната економија, тој се користи како суровина за создавање нови материјали, енергија и производи што повторно се враќаат во економскиот циклус.

    https://unsplash.com/photos/person-holding-eco-not-ego-signage-_kB9NKpErH4
    Во традиционалниот модел, био-отпадот најчесто завршува на депонии, каде што при разградување без кислород се создава метан – силен стакленички гас кој придонесува за климатските промени. Во циркуларниот пристап, истиот отпад се третира како ресурс и се трансформира во компост, биоматеријали, природни ѓубрива и иновативни производи. На овој начин се намалува количината на отпад, се намалуваат емисиите и се поттикнува развој на зелени технологии и локални бизниси.
    Овој пристап е тесно поврзан со пораката „Eco, not ego“, која потсетува дека одржливите избори ја ставаат еколошката одговорност пред краткорочната индивидуална удобност. Со тоа, био-отпадот се гледа не како проблем, туку како почеток на нов циклус на вредност, обновување и одржлив развој.

    Примери на продукти изработени од био-отпад

    Биопластика и дизајн-предмети од талог од кафе – Coffeefrom (Италија): Италијанскиот стартап Coffeefrom го претвора искористениот талог од кафе во биопластика и композитни материјали кои се користат за дизајнерски производи, пакување и индустриска примена, покажувајќи дека дури и секојдневниот отпад може да добие нова вредност.

    (Извор: EU-Startups, август 2025 – eu-startups.com | Renewable Matter – renewablematter.eu)

    Биоразградливо пакување од мицелиум и земјоделски отпад – Grown.bio (Холандија): Компанијата Grown.bio користи мицелиум и земјоделски отпад за производство на целосно биоразградливи пакувања и изолациски материјали кои нудат одржлива алтернатива на пластиката и стиропорот.

    (Извор: European Circular Economy Stakeholder Platform – circulareconomy.europa.eu | Saladplate, октомври 2025 – saladplate.com)

    Еко-кожа од манго отпад – Fruitleather Rotterdam (Холандија): Fruitleather Rotterdam го рециклира отпадот од манго што не ги исполнува пазарните стандарди и го претвора во издржлив вегански материјал кој се користи за изработка на чанти, паричници и други модни производи.

    (Извор: Plant Based News, мај 2025 – plantbasednews.org | Nature Biotechnology, 2025 – nature.com)

    Фото:https://unsplash.com/photos/a-pile-of-garbage-sitting-on-top-of-a-grass-covered-field-pprCuLQopHw
    Овие примери покажуваат дека отпадот не мора да биде проблем кој треба да се отстрани. Со соодветна креативност, технологија и визија, тој може да стане вреден ресурс кој создава нови производи, нови работни места и помало влијание врз природата.
    Циркуларната економија нè учи дека секој материјал има потенцијал за нов живот. Наместо да гледаме на био-отпадот како нешто без вредност, можеме да го препознаеме како можност за иновации и одржлив развој. Токму во оваа промена на перспективата лежи клучот кон поодржлива иднина.
     
    Оваа статија е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
    Содржината на оваа статија е единствена одговорност на Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.
    Автори: Јасмина Петровска, Еко Логик и Ана Серафимова, Еко Логик

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор