Screenshot

Граѓаните се дезинформираат за да не може вистински да владеат

Експанзијата на дезинформациите што се случува во последните децении дефинитивно се должи на брзината и на лесниот пристап не само до консумацијата на вестите, туку и во нивното креирање. Факт е дека лагите биле секогаш присутни во јавните наративи, но порано, додека беа познати како старата добра пропаганда, тие ја немаа моќта да бидат произведени и дистрибуирани насекаде и по безобразно ниска цена. Ова, се разбира, создава медиумско, но и социјално и политичко растројство и од темел ги потресува не само општествата и личните животи на луѓето, туку и меѓудржавните односи.

Како тогаш да се очекува од демосот да владее кога тој е лишен од вистинските информации за состојбите во едно општество? Кому му одговара да се состојбите вакви, лесно е да се погодува, но пред да се тргне кон барање решенија, потребна е прецизна анализа и детекција на суштината и на големината на самиот проблем што дезинформациите го создаваат во демократските општества.

k sin 1

Лаги, проклети лаги и статистика – веројатно многумина ја паметат познатата изрека на Марк Твен, којашто денеска слободно може да се парафразира, па „почесното“ прво место на статистичките операции, да го заземе интернетот и сите активности низ светската мрежа.

Експанзијата на дезинформациите што се случува во последната деценија дефинитивно се должи на брзината и на лесниот пристап не само до консумацијата на вестите, туку и во нивното креирање. Факт е дека лагите биле секогаш присутни во јавните наративи, но порано, додека беа познати како старата добра пропаганда, тие ја немаа моќта да бидат произведени и дистрибуирани насекаде и по безобразно ниска цена.

Многумина сите нарушувања во системите за комуникација и информирањето на граѓаните ги дефинираат со популарниот термин „лажни вести“, но голем број експерти се согласни дека оваа кованица треба да се избегнува.

Измислена е од популистички политички авторитети, со идеја да служи за дискредитација на основани и сериозни критики, кога носителите на јавни функции ги етикетираат нападите или прашањата од јавноста кон нив просто како лажни вести. Целта е јасна – да избегнат одговори и одговорност за своите постапки, да го изиграат начелото на транспарентност и на граѓанскиот тип лидерство, две клучни основи за добро демократско владеење.

Дополнително, фразата самата по себе е оксиморон – веста не може да биде лажна. Барем не онаа, за којашто секој школуван новинар знае какви елементи треба да содржи, при што токму точноста и проверката се основа за да може една информација и воопшто да се нарече вест (нешто што обично е содржано и во првиот член од сите новинарски кодекси за етика во современите демократии, вклучувајќи го Кодексот на новинарите на Македонија https://znm.org.mk/kodeks-na-novinarite-na-makedonija/).

Судир на факти и на лични мислења со амбиција да бидат факти

Но, како и да ги наречеме, факт е дека штетата што овие дисторзии ја прават врз општествата како целини е огромна. За само неколку децении сведочиме на целосни потреси на цели комуникативни системи, редефинирања на процесот на информирање, значењето на информациите и ефектот што лагите го имаат врз личните животи на луѓето, општествените процеси и воопшто врз развојот на државите.

Една од главните штети се состои во огромното нарушување на довербата на граѓаните во институциите, што е голем пораз за демократијата.

Живееме во период што слободно може да се нарече „време на сомнежот“, кога сè почесто луѓето имаат тенденција повеќе да им веруваат на информации прочитани на интернет од непроверени извори и од исти такви медиуми, отколку од официјални институции. Се разбира, тука големо влијание има и поразителното владеење во многу либерални демократии, што остава простор за раст на ваквите процеси. Но, факт е дека има пад на довербата не само во политичките органи туку и во т.н. „институции за знаење“: универзитетите, медиуми, експерти, невладини организации…

Денес најценета е вистината што доаѓа од индивидуалното искуство и мислење на луѓето и експертите велат дека причина за ова е креирањето таканаречени „филтер балони“ и „еко комори“, кога луѓето, во својата виртуелна реалност, се опкружени само со пријатели со кои делат исти ставови. Затворајќи се така во својот круг, тие веруваат само во својата „вистина“, дури и кога таа тоа не е, па навистина е ѓаволски тешко за еден факт да продре низ тој систем на заштита од реалноста и да ја победи лагата макар била таа на ниво на апсурд („Земјата е рамна“, на пр.).

k sin 3

Фото: unsplash.com

Ваквата извртена реалност, каде што мислењaтa или чувствaта добија позиција на факт, неминовно води до зголемена поларизација и радикализација на населението, што неминовно, пак, води до натамошно уривање на довербата во системот и во институциите. Тука, дополнителен проблем прави отсуството на вистинска дебата помеѓу приврзаниците на фактите и на самонаречените факти. Медиумите во целата трка за клик повеќе диктирана од промените на самите медиумски пазари, дури и кога обезбедуваат „дебата“ тоа го прават низ призмата на сензационализмот, трудејќи се да најдат двајца „екстремисти“, кои меѓу себе нема да разговараат за да разменат аргументи или да (раз)убедат, туку за да ја задоволат жедта за „крв“ на разјарената публика. Дебатите и сите дискусии во „добата на сомнежот“ се одвиваат главно со еден фрапантно прост јазик, со навреди и лични напади, дискредитација и свесна манипулација, вешто избегнувајќи сериозна расправа и судир на политички визии и концепти. Ова е суштинска катастрофа за секоја демократија, оти директно ја урива нејзината смисла – почит кон различното, култура на размената на мислења и дијалог, но и култивизација на јавниот наратив и политичко облагородување на граѓанството.

Токму затоа на дезинформациите – и пошироко нарушувањето на информациите – треба да се гледа како симптом на едно социјално и политичко растројство, а не како причина. Тие имаат поширок спектар на цели, во поширок спектар на поставувања, отколку што обично се цени.

„На краток рок, може да се искористат за да се одвлече вниманието од некое прашање, да се замагли вистината или да се инспирираат потрошувачите да преземат одредена акција. На долг рок, дезинформацијата може да биде дел од стратегија за обликување на информатичката средина во која поединци, влади и други актери формираат верувања и донесуваат одлуки.“ (NED, “How disinformation impacts politics and public”).

Политиката како реално шоу

Што се однесува до распространетоста, дезинформациите се ендемичен и сеприсутен дел од политиката низ целиот свет. Западниот Балкан не само што не е исклучок, туку е и плодна почва за нивно виреење имајќи ја предвид и политичката и демократска култура, но и културата на владеење и начинот на кој властодршците од регионот ја разбираат и политиката и комуникацијата со јавноста.

Политичките партии исто така играат особено значајна улога во целиот регион, честопати координирајќи се со поврзаните медиуми за да произведат и шират дезинформации за изборни цели. И тие, се разбира, главно го користат интернетот за овие активности.

Истражувањата на јавното мислење (извор: Balkan Public Barometar) покажуваат дека во Европа највисока доверба во државните институции има во Данска, Холандија, Луксембург, Финска и во Шведска, а најниска во Бугарија, Хрватска и во Словенија. Балканските земји надвор од ЕУ се подолу на листата. Во однос на довербата во социјалните мрежи (кои секаде се главен извор на дезинформации) на ниво на ЕУ таа е околу 20 %, Македонија е во првите десет, заедно со држави како Бугарија, Албанија, Турција. Романија, Црна Гора… каде што се верува во сè (или во многу) што ќе се прочита по социјалните мрежи.

Она што е интересно кога се анализира ефектот од „добата на сомнежот“ врз политиката на нашиот континент е што ваквите трендови секако се искористија за раст на популистичките движења. Сите овие групи имаат една главна карактеристика, а тоа е презентацијата на нивните лидери дека се „еден од масата“ заедно со тезите дека тие се борат против естаблишментот, тие се бунтовници, тие се нови херои и витези против „страшниот капитализам и уште полошите капиталисти“.

Во последните години гледаме наплив на вакви инстант политички ѕвезди насекаде низ Европа, оние што јаваат на бранот на незадоволство на граѓаните од властите и од политичките лидери, создавајќи нови групи не само на луѓе без никакво политичко искуство зад себе, туку и на политички активисти што понекогаш се граничат со фикцијата.

Италијанецот Бепе Грило, комичар, актер и блогер, е еден од ѕвездите на шоу-бизнисот кој стана политичар и со своето популистичко движење на последните избори освои 32,7 проценти од гласовите во 2018 година, со што неговата стана прва партија во парламентот.

Павел Кукиц, една голема рок-ѕвезда, со освоени 8,8 проценти од гласовите стана еден од главните играчи и трета сила во Полска, а тука се и комшијата Слави Трифунов, кој освои најголем број од гласовите на последните и на претпоследните бугарски избори, а сигурно се сеќавате и на Марјан Шарец, автор, комичар и сатиричар, чијашто политичка кариера се развиваше од градоначалник до премиер на Словенија.

Да не го заборавиме тука и Мирослав Шкоро, хрватски пејач, еден еднакво успешен јавач на популизмот, кој беше пратеник, кандидат за претседател, формираше своја политичка партија и сега е потпретседател на Парламентот.

k sin 2Можеби еден најинтересен пример во оваа група ѕвезди лидери е Владимир Зеленски, претседател на Украина, кој стана татко на нацијата како ултрапопуларен комичар во ТВ-комедијата „Слуга на народот“, каде што, верувале или не, глумеше – претседател на Украина. Очигледно му се допаднала улогата, па тој во март 2018 година формираше партија, ја крсти, се разбира – Слуга на народот, и ја освои највисоката државна функција.

Како што гледате, тука има примери од целиот политички спектар, што значи дека популизмот е идеологија над сите идеологии, вешто заведувајќи ги и левите и десните, па дури и оние што би требало да се стабилни на центарот и имуни на овие ветришта.

Политичкиот живот на овие новосоздадени политичари се разбира дека во чекор го следат медиумите преку еднаков третман на улогата што треба да ја имаат исклучиво гледајќи ја повторно низ призмата на кликбајтс, негативизам, сензационализам или со еден збор медија-популизам.

Во држави со слаба политичка култура нема само медија-популизам, туку гледаме и медиумски интервенционизам, кога медиумите преку својата работа, директно и сосема отворено се претворени во агитатори за дадена политичка опција, сосема заборавајќи на примарната улога за професионално информирање и грижа за јавниот интерес, ама и на новинарските жанрови, па својата слобода да преферираат дадени политики не ја коментираат или анализираат на пример (што е неприкосновено право на една уредувачка политика), туку за неа известуваат во информативните сегменти свесно манипулирајќи ја публиката.

Средство за меѓудржавни битки

Но, не се само внатрешните потреси резултат на дезинформациите. Медиумите и сите социјални платформи се користат и за влијанија помеѓу државите станувајќи алатки во геополитичките битки. Кога се анализира Балканот, тука главниот судир е на два наративи – оној прозападниот и оној што тврди дека НАТО и ЕУ се штетни за националните интереси на државите.

Многумина аналитичари се посветени на истражување на влијанието, пред сè, на Русија како главна противтежа на прозападните процеси и визии за земјите што (сè уште) ја имаат поддршката од мнозинството граѓани на Балканот, и од главните политички актери (барем декларативно). Едно такво истражување е „Стратешки интереси на Русија и алатки за влијание на Западен Балкан“ на проф. Димитар Бечев. Овој извештај го испитува местото на Западниот Балкан во стратегијата на Русија за зајакнување на нејзините геополитички интереси. Активностите на надворешната политика на Русија се водени од три главни цели: да се зачува стабилноста на сегашниот режим, да се задржи контролата над постсоветскиот простор и да се зачува нејзиниот статус на голема моќ во глобалните прашања.

Југоисточна Европа е над она што Русија го смета за своја привилегирана сфера на геополитички интерес. Сепак, Русија гледа на Западниот Балкан како можност да ги поткопа ЕУ и НАТО со користење на сопствените слабости на земјите. Во овој поглед, Балканот е ранлива периферија на Европа каде што Русија може да изгради основа, да регрутира приврзаници и на крај да ја зголеми својата моќ над Западот.

Акциите на Русија на Западен Балкан имаат за цел замрзнување на сегашната статус кво состојба (во случаите на БиХ и на Косово), спречување на проширувањето на НАТО и ЕУ, како и искористување на слабостите во и меѓу земјите од регионот, долевајќи оган на отворените прашања.

Свеж е примерот кај нас, кога во мај, на Денот на сесловенските просветители, амбасадите на Русија и во Скопје и во Софија упатија честитки до двете земји преку социјалната мрежа Твитер, во кои и на двете им ја препишуваат заслугата за ширењето на писменоста помеѓу словенските народи (чии се Кирил и Методиј?) во време кога односите се затегнати токму на таква чувствителна линија.

Во Извештајот погоре се вели дека кутијата со алатки за влијанието на Русија може да се подели на три дела: принуда, кооптација и субверзија.

Русија претпочита да го практикува своето влијание со минимални трошоци, а таквите напори не би биле можни без поддршка од локални соработници. Затоа руската политика во Западен Балкан е во најголем дел насочена кон кооптација и субверзија отколку кон воени или невоени форми на принуда: Ко-опцијата е инструмент на Русија по избор на Западен Балкан – изградени се партнерства и сојузи со локалните моќници во Србија и во Република Српска во БиХ. На пример, Србија се усогласи со Русија за да добие моќ во врска со косовското прашање и да добие придобивки од инвестициите и од деловните врски.

Во исто време, меката принуда што се однесува на нарушување и мешање во домашните работи е далеку од ретка. Примерите вклучуваат трговско ембарго и сајбернапади, како на пример во Црна Гора за време на последниот круг пред влезот во НАТО (2015-2017). Субверзијата е прикажана со тактики какви што се (не)информативни кампањи и или скриена поддршка за радикални антизападни актери (партии и граѓански здруженија).

На Западниот Балкан, најдобар пример се обидите на Русија да го блокира пристапот на Црна Гора во НАТО и да го наруши процесот околу Преспанскиот договор на Северна Македонија (Извештај – Ризици и ранливост на Западен Балкан, Руфин Замфир, Глобален центар за фокусирање). Овој извештај ги идентификува ризиците и ранливоста на непријателските актери можат да искористат за да добијат влијание врз земјите во регионот на Западен Балкан.

Врз основа на методологијата развиена во претходните студии на Глобалниот центар за фокусирање, овој извештај нуди индекс на пропустливост за мерење на ранливоста на секоја земја од малигни влијанија за да помогне во поддршката на напорите за градење отпорност. Ранливоста на антизападни дезинформации се проценува во четири домени: општество, економија, политика и надворешна политика и безбедност.

Според Индексот, Северна Македонија и Албанија се признати како најмалку ранливи, додека Босна и Херцеговина е најранлива земја во регионот. Рангирањето на БиХ претставува комплицирано политичко, социјално и економско опкружување на земјата – што е најважно, длабоките поделби помеѓу Република Српска и Федерацијата на БиХ (двата конститутивни ентитети), кои поттикнуваат конфузија околу стратешката ориентација на земјата.

Најчестите ризици се поврзани со концентрацијата на моќ, високи нивоа на корупција, државно фаќање и организиран криминал и неказнивост на политичките елити. Овие променливи придонесоа за чувство на разочарување од политичките елити од страна на јавноста. Друга ранливост во овој домен е генерирана од клиентелистичката, трансакциска и политичка конкуренција. Концентрацијата на моќ, исто така, му штети на политичкиот дијалог и ги влошува етничките националистички чувства, обезбедувајќи простор за маневрирање на малигните влијатели.

Во доменот на општеството, најголемиот дел од загриженоста е поврзана со растечката општествена поделба (вооружена од надворешни и внатрешни нарушувачи на Косово и на БиХ) и етнички национализам.

Медиумите, сепак, остануваат најдиректен пат до малигни влијанија врз општествата. Континуираните обиди на владата и на сојузничките медиуми да ги поткопаат независните новинари, ги оставија општествата без важен надзорник и бранител од пропаганда.

Во доменот на економијата, најчестите ранливости се поврзани со корупција, слаби економски политики и лошо планирање, како и манифестација на националистички чувства во економската политика (како што е одлуката на Косово да ги зголеми тарифите за српска и босанска стока во 2018 година). Организираниот криминал и корупцијата на високо ниво се уште една сериозна ранливост во сите анализирани земји.

На енергетскиот сектор му треба обновување како што е замена на опремата за стареење и диверзификација на изворите. Оваа потреба создаде можности за надворешни чинители да соработуваат со локалните самоуправи. Во областа на надворешната политика и безбедноста, земјите со неможност да ги формулираат своите надворешни и безбедносни политики се поранливи на надворешно непријателско влијание.

Политиката сепак, заедно со медиумите, е област со најголем потенцијал на пропустливост во сите анализирани земји.

Она што треба да се има предвид кога се прави анализа за какво било надворешно подривање на една демократија преку процесот на дезинформации е дека тоа никогаш не може да го обезбеди планираниот ефект без слабостите на домашниот систем, што погоре ги опишавме, а што се однесуваат првенствено на ерозијата на демократските нишани и во начините на владеење и комуникација со јавноста и во обезбедувањето на суштински политички дијалог, како главна демократска алатка. Демократијата се гради, се штити и се урива дома.

Автор: Катерина Синадиновска

Насловна фотографија: unsplash.com

———————————————————————————————————————————————————————-

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

Продолжи со читање

  • Учество на осмата меѓународна регата Сава Наутик во Брчко – БиХ

    Претставникот на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес, Владимир Ивановски Вуцо и од Вардарска регата “Гемиџии“ Владимир Стојанов и Томе Шескокалов во периодот од 28-30.8.2026 год. на покана на здружението ИКС центар (X centar) од Брчко Дистрихт – БиХ земаа учество на осмата меѓународна туристичка рега “Сава наутик“. На оваа…

  • Погледнете го нашето ново промотивно видео и откријте како органскиот отпад може да стане вредна суровина!

    Преку силен фокус на циркуларната економија и еколошката едукација, сакаме да ги поттикнеме граѓаните на итна акција за правилно сортирање на отпадот — клуч чекор кон здрава животна средина и ублажување на климатските промени. Главни ѕвезди во видеото се наставниците и учениците од основните училишта каде што ги одржавме нашите едукативни работилници. Тие јасно порачуваат: со менување на секојдневните навики и активен граѓански ангажман, секој од нас има моќ да донесе позитивни промени во општеството!
    Ова видео е дел од промотивнтаа дигитална кампања со едукативно-информативни содржини за придобивките и начините за искористувањето на потенцијалот на органскиот отпад.
    Оваа видео е подготвено во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Resource Environmental Center – REC North Macedonia Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Eco – Logic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија и Embassy of Switzerland in North Macedonia преку програмата Цивика мобилитас #CivicaMobilitas.
     
    Содржината на оваа видео е единствена одговорност на партнерите во проектот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија #CHinMK, Цивика мобилитас #CivicaMobilitas, или организациите што ја спроведуваат.

  • Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери

    Програми Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери Кампот Михелштат во Германија беше домаќин на Европскиот младински камп, кој собра 135 учесници од 15 земји. По долго патување, а за некои и пристигнување во Михелштат низ серија на предизвикувачки услови, младите и нивните лидери се обединија околу заедничката тема: “Growing together – rooted in values – rising as leaders“, односно „Растеме заедно – вкоренети во вредностите – се издигнуваме како лидери“. Кампот понуди динамична програма исполнета со различни курсеви, интерактивни работилници и можности за размена на знаења и искуства. Курсевите беа задолжителниот дел и опфаќаа повеќе теми поврзани со менталното здравје, лидерството, активности на отворено поврзани со изградба на куќарки на дрва, обработка на темата “Do no harm” како методологија против било каков вид на насилство, односи со јавност, техники за раскажување приказни, театарски пристап во работата со млади и дигитално образование. Младите учесници и младинските работници активно придонесуваа со сопствените идеи, практики и перспективи, создавајќи простор во кој сите можеа да учат едни од други. Во фокусот беше заедничкото учење за иднината на младинската работа, како и развивањето лидерски способности засновани на вредности, соработка и меѓународно разбирање. Покрај едукативниот дел, програмата беше збогатена со многу креативни и забавни активности. Учесниците имаа можност да бидат дел од интернационален музички бенд, да создаваат уметност низ различни работилници за рачни изработки, цртање и сликање, работилници за дизајнирање восочни свеќи како и склопување и дизајнирање на куќарки за мали птици, да учествуваат во работилници за пеење (ten sing), да посетуваат сесии за релаксација и да учествуваат во спортски активности на терените на кампот во Михелштат. Дури и високите температури не ги спречија учесниците да учествуваат на сите овие настани, но и да уживаат во посетата на локалниот базен. За учесниците, покрај овие обврски, вклучена беше и прошетка до адреналински парк и возење на мал, планински ролеркостер, како и патување со брод по реката Мајна до блискиот град Милтенберг. Од Македонија имаше вкупно 7 претставници. Во изминатите четири години, овој камп прерасна во важно место за средба на европското ИМКА движење. Тој не претставува само меѓународен собир, туку простор каде што младите градат пријателства, споделуваат искуства и се инспирираат стекнатото знаење да го пренесат во своите земји и локални организации. Овој камп служи за сплотување на младинските работници низ камповите во Европа и е особено значаен за нашата земја од аспект на тоа што нуди споделување на искуства поврзани со камп културата која што ИМКА во Битола и во Македонија неуморно се труди да ја издигне на едно повисоко и препознатливо ниво за сите наши локални учесници, волонтери и поширока публика. * Пред да дојдам на кампот во Михелштат немав некои преголеми очекувања. Се надевав дека ќе запознаам нови луѓе, ќе стекнам пријатели и ќе разменам мислења со млади од различни земји. На крајот, сето тоа се исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најинтересен и највпечатлив дел за мене беше курсот за лидерски вештини. Таму научив многу корисни работи за комуникацијата, тимската работа и начинот на кој еден лидер може позитивно да влијае на другите. Сигурно ќе ги применам овие знаења и во мојата заедница. За време на кампот стекнав поголема самодоверба во споделувањето на моите мислења и научив како подобро да ги разбирам и почитувам луѓето околу мене. Ова искуство ми помогна да пораснам како личност и да станам поотворен кон нови идеи и перспективи. Дефинитивно би го препорачал Михелштат кампот на секој млад човек кој сака да стекне нови искуства, да создаде меѓународни пријателства и да научи нешто корисно и вредно за својата иднина. Никола Гелов Кога првпат слушнав за кампот во Михелштат, сè ми дојде многу неочекувано. Бев пресреќна кога дознав дека и моите другарки добија можност да учествуваат, бидејќи знаев дека заедно ќе доживееме едно незаборавно искуство. Секој ден на кампот ми беше интересен на свој начин. Имав можност да научам многу нови работи и да запознаам луѓе од различни средини. Особено ми се допадна курсот по пеење. Таму научив дека не треба да се плашиме да пробаме нешто ново. Ако никогаш не се обидеме, нема да знаеме што можеме да постигнеме. Секој човек има свој талент и свој начин на изразување, а токму тоа нè прави посебни. Едно од највозбудливите искуства за мене беше активноста во Tree House. Искрено, пред да дојдам на кампот мислев дека тоа не е нешто што би го направила во мојот град. Но, овде решив да излезам од мојата зона на удобност и да пробам нешто ново. На крајот, многу се забавував и бев горда на себе што се осмелив да учествувам. Од курсот по пеење научив и една важна животна лекција: дека не треба да ги осудуваме другите. Секој може да направи нешто на свој начин и тоа не го прави помалку вреден. Наместо да критикуваме, треба да ги прифатиме и почитуваме разликите меѓу луѓето. Кампот ме научи да се дружам со сите, да бидам поотворена и да не донесувам брзи заклучоци за другите. Сфатив дека секој човек има своја приказна и дека сите заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Најважната порака што ќе ја понесам со себе е дека треба да бидеме храбри и да не се плашиме од нови предизвици. Нема глупави прашања и нема неуспеси кога учиме нешто ново. Секое искуство е можност да пораснеме и да станеме подобра верзија од себе. Дефинитивно би им го препорачала Михелштат кампот на сите млади кои имаат можност да учествуваат. Пријателствата, чувството дека сте дел од едно големо семејство, новите искуства и сè што се учи таму се нешта што тешко можат да се доживеат на друго место. Тоа е искуство кое засекогаш останува во сеќавање. Јована Кирјаковска   Бидејќи и претходно имав учествувано на два меѓународни кампа надвор од Македонија, дојдов во Михелштат со високи очекувања и чувство на возбуда. Од моите претходни искуства знаев дека ме очекува нешто посебно, а кампот ги надмина сите мои очекувања. Она што најмногу ми се допадна беше разновидноста на курсевите и работилниците. Тие создадоа можност сите учесници да се запознаат подобро, да се дружат и да учат едни од други.

  • ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби

    ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби На 27 јуни 2026 година, Кирил Михајлов, командир на Доброволното противпожарно друштво Свети Николе, учествуваше на панел-дискусија во Скопје посветена на противпожарната заштита и подготвеноста за вонредни состојби. Во рамки на дискусијата беа разгледани дел од клучните предизвици со кои се соочуваат противпожарните…

  • Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE

    Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE Доброволното противпожарно друштво Свети Николе продолжува да придонесува кон целите на проектот ENSURE преку своето директно учество во сложени интервенции на шумски пожари во Северна Македонија. За време на големиот пожар во Општина Македонски Брод, тимот на ДПД Свети Николе беше ангажиран како…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор