Работилница Тетово

„Секој новинар е и активист и секој активист е и новинар”

Сара Танаскоска е млада новинарка од Струга. До неодамна, работела во медиум каде локалните теми ретко наоѓале место. Не поради незаинтересираност, туку поради тоа што системот едноставно не нудел простор за тоа. „Сакам повеќе да придонесам за својата локална заедница. Досега немав можност во некој медиум темелно да ги обработувам локалните теми, па оваа обука ја гледам како можност да стекнам знаења и вештини за тоа”, рече таа додека траеше работилницата на Локал Актив во Охрид.

На 130 километри оддалеченост, во Тетово, Ангел Димовски, млад новинар, кажува нешто слично. „Главната причина поради која се вклучив е дека сакам да придонесам за локалното новинарство и за решавање на проблемите во заедницата”, вели тој. А во Валандово, активистката Љубица Стојановска имала поинаква, но комплементарна причина: „Се вклучив за да ги следам тековните новости за правилно информирање и застапување пред јавните институции.” Тројца луѓе, три различни региони, еден заеднички проблем и заклучок дека локалните заедници немаат свој глас.

Токму тоа е јадрото на проектот „Медиуми на заедницата за посилно граѓанско општество”, кој го спроведуваат Институтот РЕСИС и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).

Во текот на јуни, РЕСИС и СЕММ организираа работилници во три региони, Југоисточниот, Југозападниот и Полошкиот. Работилниците послужија за да да ги постават основите на идни редакции на медиуми на заедницата таму каде такви сè уште не постојат. Она што работилниците го потврдија е нешто што веројатно многумина го чувствуваат, но ретко го именуваат: голем дел од Македонија е во опасност да стане „медиумска пустина“. Не затоа што нема медиуми, туку затоа што постоечките не произведуваат содржини кои произлегуваат од локалните заедници и служат на нивниот јавен интерес. Политичкиот и корпоративниот притисок врз локалните медиуми, нивната финансиска нестабилност, ниските примања на новинарите и отсуството на инструменти за граѓанска комуникација… Сите овие предизвици заедно резултираат со иста последица: граѓаните не знаат дека имаат право да бараат, не знаат каде да бараат и честопати не знаат ниту дека нивниот проблем е проблем.

Учесниците на работилниците тоа го почувствувале на своја кожа. Преку дискусии ги прикажале конкретните реалности на секој регион. Во Полошкиот регион, новинарите и активистите зборуваа за лошата урбанизација и загадувањето во Тетово. Регион кој, според нив, бележи зголемен ризик од малигни заболувања, но ретко добива соодветен медиумски простор за тоа. Во Југоисточниот регион, фокусот го ставија на дивите депонии и уништувањето на боровите шуми, но и на „тивкото” иселување на младите, тема за која скоро никој не пишува. Во Југозападниот регион, учесниците ги покренале прашањата за водата за пиење, депониите и реформата во здравството.

Моделот кој РЕСИС и СЕММ го промовираат, познат како медиум на заедницата, е концептуален одговор токму на овие проблеми. Станува збор за онлајн платформа која функционира како редакција: новинари и активисти заедно истражуваат локални теми, ги пишуваат и ги објавуваат. Но за разлика од класичните медиуми, секоја сторија не завршува со текст. Таа кристализира конкретно општествено барање (кој е проблемот, кој орган или институција треба да го реши и на кој начин). Тоа барање потоа станува основа за застапувачка акција.  Платформата го следи, го притиска и не го заборава додека не биде задоволено. Логиката е едноставна, но моќна, односно дека темите треба да потекнуваат „од заедницата” и да бидат истражувани „за заедницата”. Во редакцијата работат заедно локални новинари, граѓански активисти и млади, и тоа не во традиционални улоги. Тука секој новинар е и активист и секој активист е и новинар. Новинарите придонесуваат преку истражување, аргумент, артикулација. Активистите придонесуваат преку познавање на локалната средина, мрежите, механизмите за притисок. Младите ја внесуваат иднината, одржливоста без која сето ова нема смисла.

„Верувам дека преку новинарските приказни може да се поттикнат конкретни промени во заедниците. Многу ми се допаѓа шемата новинар и локален активист, така мислам дека ќе има големо влијание за решавање на проблемите кои ќе ги опфаќаат новинарските текстови”, вели Сара Танаскоска.

Дека моделот функционира, докажуваат веќе постоечките платформи: Локал Актив Исток, Локал Актив Вардар и Локал Актив Пелагонија. Од нивното основање до денес, објавени се над 120 стории кои прецизно идентификуваат и формулираат локални барања, а тој процес стимулирал десетици нови застапувачки потфати. Платформите постојано се навраќаат на барањата кои сè уште не се задоволени, а граѓанските активисти вклучени во процесот пишуваат и документи за политики, како алатки кои им овозможуваат поефикасно застапување пред институциите. Паралелно, се работи на диверзификација на изворите на финансирање и се отвораат нови канали на комуникација меѓу редакциите и надлежните за поефикасно следење на локалните барања. Сепак, предизвиците остануваат. Финансиската одржливост на медиумите на заедницата бара поддршка и од регулаторна политика која ќе стимулира независни содржини и ќе овозможи консолидација на секторот на долг рок.

Проектот во 2026 година ги консолидира овие три постоечки платформи и истовремено ги шири основите во четири нови региони. Втората половина на годината ќе биде фокусирана на производство на содржини. Учесниците сами ќе ги истражат и напишат темите кои ги идентификувале на работилниците, формулирајќи нови барања на локалните заедници.

Љубица Стојановска очекува дека промената ќе биде опиплива. „Очекувам подобрено информирање на граѓаните и развивање на капацитети за препознавање, селектирање и застапување на важни теми”, додава таа. Од друга страна, Ангел Димовски е уште подиректен. „Очекувам Локал Актив да придонесе кон поголема вклученост на граѓаните и подобра видливост на проблемите и потребите во регионите, како и нивно решавање”, вели тој.

Во суштина, тоа е и целта. Подобри медиуми, но и подобро информирани граѓани кои знаат дека нивниот глас може да стане политика.

Продолжи со читање

  • „Не ни треба уште една апликација, туку некој конечно да нè слушне“

    Младите од Крушево, Куманово и Тетово меѓу бавните процедури и новиот обид за дигитален дијалог со општините Во многу општини низ Северна Македонија, патот од идеја до реална промена кај младите често завршува уште пред да почне. Обид да се пријави проблем, неколку обиди да се најде вистинската институција, и…

  • Нов етички кодекс за новинарите: процес што ја враќа довербата во медиумите

    Во време кога информациите се шират со огромна брзина, а границата помеѓу проверена вест и дезинформација станува сè поневидлива, темата за етичко новинарство повторно се наметнува како клучна за општеството. Новинарството, како глас на јавноста, носи одговорност што денес е поголема од кога било, особено во услови кога медиумскиот простор…

  • Само ни треба шанса!

    Млади од Полошкиот регион бараат услови за останување, не причини за заминување. „Секој втор мој пријател веќе е во Германија. Јас уште се двоумам, сакам да останам, но не гледам перспектива”, вели Арбен, 24-годишен програмер од Тетово, кој секој ден се наоѓа пред истото прашање: да остане или да замине….

  • Јавниот интерес пред скриената сопственост

    Во светот долго време се знаеше за постоењето на т.н. „шел“ или празни компании кои без познат сопственик и без вработени си префрлаа меѓу себе огромни суми пари за фиктивни услуги, за да се затскрие трагата на овие пари кои најчесто потекнуваа од црни и неоданочени бизниси. Но по откритијата…

  • Дали Македонија конечно ќе знае каде ѝ се стипендистите?

    Македонија секоја година губи потенцијал на млади луѓе колку еден цел мал град. Само во Словенија, во последните неколку години, заминуваат просечно по околу 1000 македонски студенти. Додека најдобрите умови од нашите средни училишта ги освојуваат амфитеатрите во Виена, Берлин, Љубљана или Амстердам, државата со години се соочуваше со институционален…

  • Приказни за жени кои научија дека дискриминацијата не е „нормална“

    Дискриминацијата врз жените ретко се препознава веднаш. Таа се крие зад „така функционира системот“, зад молк, срам и страв од последици. За многу жени, првиот чекор не е институционална пријава, туку внатрешна борба т.е дали тоа што го доживуваат е неправда или само нешто што мора да се прифати. Случаите…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор