4.4.4

„Не ни треба уште една апликација, туку некој конечно да нè слушне“

Младите од Крушево, Куманово и Тетово меѓу бавните процедури и новиот обид за дигитален дијалог со општините

Во многу општини низ Северна Македонија, патот од идеја до реална промена кај младите често завршува уште пред да почне. Обид да се пријави проблем, неколку обиди да се најде вистинската институција, и на крај, чувство дека одговорот или доцни или воопшто не доаѓа.

„Не ни треба уште една апликација, туку некој конечно да нè слушне“, рече еден млад учесник на работилница во Куманово. Реченица што во себе ја носи фрустрацијата, но и очекувањето дека работите можат да се променат.

Токму овој јаз меѓу младите и општините е во фокусот на проектот „Мојот глас во мојот град“, кој се спроведува во Крушево, Куманово и Тетово и се обидува да отвори нов канал за комуникација преку дигитална алатка базирана на вештачка интелигенција.

Младите од трите градови велат дека најчесто знаат каде постои проблем, но не и каде точно да го пријават, ниту како да го следат неговото решавање. Во Крушево, комуникацијата со општината понекогаш функционира неформално, но кога станува збор за официјални иницијативи, процесот станува бавен и нејасен. Во Куманово и Тетово, пак, доминира чувството дека информациите се тешко достапни, а повратна информација ретко стигнува.

Проектот го спроведуваат Младински сојуз – Крушево, Центарот за интеркултурен дијалог (ЦИД) и Институтот за развој на заедницата – Тетово, а младите се вклучени не само како корисници, туку и како активни учесници во дизајнот на решението.

На работилниците за вештачка интелигенција (ВИ) одржани во Скопје, Куманово и Тетово, младите отворено зборуваа за бариерите во комуникацијата со институциите. Дел од нив признаа дека често не знаат ниту од каде да почнат кога сакаат да пријават проблем, ниту како нивниот глас понатаму се процесира.

„Ми се допадна што конечно некој праша што навистина ни треба, а не само да ни презентира готово решение“, вели една од учесничките. „На тој начин можеме навистина да влијаеме како ќе изгледа алатката, од дизајнот па се до содржината.“

Во почетокот, дел од младите гледаа со недоверба на идејата за користење вештачка интелигенција во комуникацијата со општините, но како што се развиваа дискусиите, нивниот став се менуваше кон поотворено прифаќање дека технологијата може да ја олесни и забрза комуникацијата.

Младите не бараат сложени системи или уште една формална веб-страница. Напротив, тие замислуваат едноставна и интуитивна алатка преку која ќе можат да пријавуваат проблеми, да добиваат автоматски известувања за статусот на нивните барања, да испраќаат фотографии или гласовни пораки од терен, но и да добијат помош во формулирањето на сопствените иницијативи. За нив, особено важна е можноста да следат каде се наоѓа нивното барање во секој момент, наместо да остане заглавено во нејасни административни фази.

„Би сакал да знам што значи кога ќе ни кажат дека нешто е ‘во процедура’. Дали се работи на тоа или само стои некаде?“, вели еден учесник, опишувајќи искуство кое многумина го делат.

Иако приоритетите се разликуваат меѓу градовите, заедничката слика е јасна – младите насекаде го бараат истото: поедноставна комуникација и чувство дека некој навистина ги слуша.

Од организациите велат дека токму овие средби покажале колку младите се подготвени да учествуваат кога ќе почувствуваат дека нивното мислење има тежина. Тие не се само корисници на технологија, туку и носители на конкретни идеи за тоа како таа може да функционира во реален локален контекст.

Во следниот период ќе се работи на интегрирање на сите предлози во развојот на платформата, а планиран е и идеатон на кој 45 млади заедно со претставници на општините ќе ја тестираат алатката во пракса.

„Почувствував дека нашето мислење може да влијае на нешто конкретно“, вели еден од учесниците.

И можеби токму тоа е најважниот резултат од целиот процес, не само нова дигитална алатка, туку прв чекор кон чувство дека гласот на младите конечно може да стигне таму каде што одлучува.

Продолжи со читање

  • Нов етички кодекс за новинарите: процес што ја враќа довербата во медиумите

    Во време кога информациите се шират со огромна брзина, а границата помеѓу проверена вест и дезинформација станува сè поневидлива, темата за етичко новинарство повторно се наметнува како клучна за општеството. Новинарството, како глас на јавноста, носи одговорност што денес е поголема од кога било, особено во услови кога медиумскиот простор…

  • Само ни треба шанса!

    Млади од Полошкиот регион бараат услови за останување, не причини за заминување. „Секој втор мој пријател веќе е во Германија. Јас уште се двоумам, сакам да останам, но не гледам перспектива”, вели Арбен, 24-годишен програмер од Тетово, кој секој ден се наоѓа пред истото прашање: да остане или да замине….

  • Јавниот интерес пред скриената сопственост

    Во светот долго време се знаеше за постоењето на т.н. „шел“ или празни компании кои без познат сопственик и без вработени си префрлаа меѓу себе огромни суми пари за фиктивни услуги, за да се затскрие трагата на овие пари кои најчесто потекнуваа од црни и неоданочени бизниси. Но по откритијата…

  • Дали Македонија конечно ќе знае каде ѝ се стипендистите?

    Македонија секоја година губи потенцијал на млади луѓе колку еден цел мал град. Само во Словенија, во последните неколку години, заминуваат просечно по околу 1000 македонски студенти. Додека најдобрите умови од нашите средни училишта ги освојуваат амфитеатрите во Виена, Берлин, Љубљана или Амстердам, државата со години се соочуваше со институционален…

  • Приказни за жени кои научија дека дискриминацијата не е „нормална“

    Дискриминацијата врз жените ретко се препознава веднаш. Таа се крие зад „така функционира системот“, зад молк, срам и страв од последици. За многу жени, првиот чекор не е институционална пријава, туку внатрешна борба т.е дали тоа што го доживуваат е неправда или само нешто што мора да се прифати. Случаите…

  • „Граѓанскиот сектор помага да се затвори јазот меѓу институциите и народот“

    „Ниту една влада, колку и да е силна, не може сама да ги носи промените. А ниту едно граѓанско општество, колку и да е развиено, не може да ја исполни својата улога без институции кои се отворени, транспарентни и подготвени за дијалог“, рече премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на Националниот…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор