Нов етички кодекс за новинарите: процес што ја враќа довербата во медиумите
Во време кога информациите се шират со огромна брзина, а границата помеѓу проверена вест и дезинформација станува сè поневидлива, темата за етичко новинарство повторно се наметнува како клучна за општеството. Новинарството, како глас на јавноста, носи одговорност што денес е поголема од кога било, особено во услови кога медиумскиот простор е преплавен со различни извори кои не секогаш се водат од професионални стандарди.
Првиот Кодекс за етичко новинарство е донесен во 2001 година и оттогаш не е променет што ја нагласува потребата од негово адаптирање на новите услови на известување.
Во овој контекст, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во партнерство со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), го спроведува проектот „Јакнење на етичките стандарди за поголема доверба во медиумите“, поддржан од Цивика мобилитас. Проектот има за цел да поттикне повисоки стандарди на професионалност и одговорност, преку процес кој не е само формално ажурирање, туку суштинско преиспитување и прилагодување на новинарската етика на современите услови.

Особено значајно е што процесот на креирање на новиот Етички кодекс се одвива инклузивно, со активно учество на новинарската заедница. Работната група составена од претставници на ЗНМ, Македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите, од 2024 година наваму има вклучено повеќе од 200 новинари кои преку предлози и забелешки придонесуваат кон креирање на нацрт-верзијата. Консултациите сè уште траат, а работната група во текот на целиот период одржува средби, имплементира предлози и промени, со искуства од регионални и европски етички практики.
„Процесот на измена на Кодексот се темели на анализа на постојните практики и предизвици во медиумскиот простор. Вклучувањето на новинарската заедница обезбедува легитимност и практична применливост на измените. Измените се значајни затоа што Кодексот се усогласува со современите медиумски услови и дигиталната средина. Тие ја зајакнуваат саморегулацијата и поставуваат појасни етички стандарди за известување. Со тоа се придонесува кон поголема доверба на јавноста и поодговорно новинарство“, вели Огнен Јанески, координатор на работна група за измена на Кодекс на новинари.
Искуствата од терен, преку работилниците со локалните медиуми, дополнително ја нагласуваат потребата од ваков процес. Средбите во регионалните центри, меѓу кои и во Битола и Куманово, покажуваат дека новинарите се соочуваат со реални предизвици кои директно влијаат врз квалитетот на известувањето.
Финансиската нестабилност и ограничените ресурси, како и зголеменото влијание на непроверени дигитални извори и социјални мрежи, ја отежнуваат нивната работа и ја загрозуваат довербата на јавноста. Воедно, новинарите посочуваат дека е важно да се задржат клучните вредности од постоечкиот Кодекс, особено оние што се однесуваат на културата на говор, етиката и зачувувањето на угледот и достоинството на новинарската професија.

Во овие дискусии, новинарите нагласуваат дека постои силна потреба од јасни, практични и применливи насоки кои ќе им помогнат во секојдневното работење, но и дека треба да се зачуваат основните вредности – културата на говорот и етиката, како и да се одговори на новите предизвици, вклучително и употребата на вештачката интелигенција, која носи дополнителни етички дилеми.
Токму затоа, измените на Кодексот се одвиваат во две фази – преку измена на постоечките членови и преку дополнување на кодексот со нови членови согласно новите трендови на известување. Во пракса, тоа значи дека се направени измени во Преамбулата, како и во членови 1, 4, 6, 8, 10, 12, 14 и 17, додека се воведени и два нови члена за користењето на алатките на вештачка интелигенција и тајното прибирање податоци. Процесот сè уште трае и останува отворен за дополнителни предлози од новинарите.
Како поддршка на процесот, изработени се и два аналитички документи кои обезбедуваат основа за унапредување на етичките стандарди. Првиот, „Темелна ревизија на актуелните практики за етика во новинарството,“ ги анализира постојните предизвици, особено во однос на дезинформациите, говорот на омраза и употребата на вештачката интелигенција, додека вториот, „Од глобални искуства до локални стандарди: Етички предизвици и решенија во новинарството,“ нуди споредбена анализа на европските практики и можни решенија применливи во домашниот контекст.
За новинарите, новиот Кодекс не претставува само документ, туку практична алатка, или „десна рака“ во секојдневната работа. Очекувањата се тој да обезбеди јасни и конкретни правила што ќе можат да се применат во различни ситуации. Таквиот Кодекс ќе помага да се носат одлуки кои се во согласност со професионалните и етичките стандарди, да ги заштитат ранливите групи, да ја одржат независноста и кредибилитетот на својата работа, но и да се справат со современите предизвици како вештачката интелигенција или брзото ширење на непроверени информации.


„Се очекува зголемување на довербата на јавноста во медиумите преку поквалитетно, балансирано и проверено информирање, како и зајакнување на капацитетите на новинарите да се справат со новите предизвици, вклучително и дигиталната трансформација. Токму затоа, поддршката од Цивика мобилитас е навистина важна за да можеме да ги реализираме сите зацртани цели и активности и да го имаме финалниот производ, поточно Кодексот на новинари, кој е клучна алaтка во работењето на новинарите“, вели Билјана Настеска Каланоска од ЗНМ.
Покрај процесот на ревидирање на Кодексот, кој се очекува да биде промовиран во втората половина на 2026 година, проектот вклучува и поширок сет на активности, како што се обуки за новинари и уредници од локални медиуми и од МРТ, национална медиумска кампања со видео содржини за подигнување на јавната свест за значењето на етичкото новинарство, како и изработка на аналитички студии што нудат конкретни препораки за унапредување на етичките стандарди во јавниот сервис.
Со тоа, овој процес не завршува со усвојување на нов документ, туку претставува чекор кон поширока промена во медиумската заедница. Во време кога довербата во медиумите е сериозно предизвикана, ваквите иницијативи покажуваат дека новинарството има капацитет да се прилагодува, да учи и да се развива, и сето тоа во служба на јавниот интерес.








