Од идеја до мрежа од 134 организации: кога солидарноста станува сила за промени
Пред осум години, Здружението Конект препозна нешто што можеби малкумина сакаа гласно да го кажат, а тоа е дека финансиската одржливост не е предизвик на една организација, туку заедничко прашање на целиот граѓански сектор. Од таа идеја произлезе иницијативата да се обединат дваесетина граѓански организации околу заедничко застапување за измена на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности. Она што започна како мала група посветена на решавање на конкретен проблем, денес е Мрежа за финансиска одржливост на граѓанските организации која обединува 134 членки од целата земја.
Низ годините, Мрежата покажа дека кога организациите настапуваат солидарно, нивниот глас е погласен, аргументите се посилни, а решенијата поизводливи. Во неа денес членуваат организации со различна големина, мисија и област на дејствување. Се приклучуваат и нови, помали организации од локалните заедници, кои токму преку Мрежата добиваат можност нивните предизвици да бидат слушнати и земени предвид во процесите на креирање политики.

Зад бројките стојат илјадници активности и стотици илјади граѓани кои секоја година добиваат поддршка преку работата на овие организации. Затоа прашањето за финансиската одржливост на секторот не е прашање само за организациите, туку и на квалитетот на животот во заедниците.
Ова прашање беше во центарот на настанот на Мрежата за финансиска одржливост на граѓанските организации што на 20 август се одржа во хотел „Милениум” во Битола.

Околу 40 претставници, членки на Мрежата, претставници на институциите и компаниите, а меѓу нив и клучни луѓе од Управата за јавни приходи, и од скопската, и од битолската канцеларија, разговараа за предизвиците што го обликуваат сегашниот момент за граѓанскиот сектор.
Од Конект, посочија дека и по објавите на социјалните мрежи за настанот, пристигнале уште неколку нови барања за зачленување. Меѓу темите што предизвикаа најжива дискусија се издвои една особено актуелна. Потребата да се застапува кај странските донатори за поблаги критериуми во услови на „криза”. Особено беше истакнато дека повлекувањето на дел од меѓународните донатори и промените во нивните стратегии ја отвораат потребата од итно создавање нови и поодржливи извори на финансирање. Затоа, едноставна е причината зошто прашањето сега добива нова итност. Голем дел од организациите се соочуваат со недостиг на финансии што го прави реален ризикот за нивниот опстанок.

Во вакви околности, многу организации сметаат дека повеќе не може да се одложуваат реформите што со години се најавуваат. Промената на Законот за донации и спонзорства е меѓу најважните приоритети затоа што отвора можности за поголемо вклучување на граѓаните и компаниите во поддршката на јавниот интерес. Денес даночните олеснувања постојат, но до нив често доаѓаат само најупорните, преку сложени административни процедури кои создаваат товар за сите страни во процесот. „Ваквите средби се важни бидејќи овозможуваат заедно да разговараме за предизвиците со кои се соочува граѓанскиот сектор, да споделиме искуства, да ги препознаеме заедничките проблеми и да изнајдеме можни решенија. Мрежата создава простор за континуиран дијалог, соработка и застапување, а ваквите иницијативи придонесуваат кон посилен и поодржлив граѓански сектор. Преку вмрежувањето се воспоставуваат нови контакти, се разменуваат знаења и се зајакнува поврзаноста со други организации. Кога настапуваме заедно, нашите искуства и ставови имаат поголема тежина”, раскажа Марија Марковска од „Сфера Интернешнл”.
Но, кога ги прашавме што за нив, како организатори, беше највредно, одговорот не беше бројката. Беше солидаризирањето на секторот и увидот дека вмрежувањето прави влијание не само во официјалниот дел на настанот, туку и во паузите, па дури и во дискусиите во автобусот. Токму таму, велат тие, се разменуваат информации, се договараат соработки, никнуваат идеи за нови влијателни проекти и се гради колегијална поддршка.

Од друга страна, членките на Мрежата не зборуваа само за донациите. Зборуваа и за социјалното претприемништво, државното финансирање на граѓанските организации, волонтерството, работните односи во секторот и потребата од намалување на административните бариери во финансиското работење. За многу од овие прашања организациите со години чекаат законски решенија кои ќе овозможат посигурно и поодржливо работење, и тоа е фокусот на проектот „Промени за одржливост“ на Конект и Младинската асоцијација ИМКА Битола поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Проектот работи на два главни фронта, од една страна кон измена на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, за да им се олесни на граѓаните и компаниите да ги користат даночните олеснувања кога донираат во ГО, и од друга страна кон намалување на бариерите што регулативата за спречување перење пари и финансирање тероризам (FATF Препорака 8) ги наметнува врз пристапот на ГО до банкарски услуги. „Граѓанските организации работат од нас и за нас. Тие се двигатели на позитивни промени во заедниците, но за да можат долгорочно да ја исполнуваат својата улога потребни се системски решенија. Треба да создадеме механизми со кои државата ќе ја поддржува работата на граѓанските организации, компаниите ќе придонесуваат преку своите донации, а граѓаните ќе препознаат дека и со мали индивидуални донации можат да создадат големи промени. Важно е да создадеме и поволна законска регулатива која ќе ги намали законските и административните бариери со кои се соочуваат граѓанските организации во своето работење”, вели Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект и претседателка на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество.

Процесот на измени на Законот веќе двапати досега дал резултат. Во 2017 и 2018 година, во делот на данокот на личен доход и данокот на добивка. Сега, велат од Конект, очекуваат новиот министер за правда да ја продолжи работата на работната група за законот, која во претходниот мандат веќе има утврдено предлог-текст.
Преку овие напори, се гледа една од најголемите вредности на Мрежата. Таа е место каде експерти од различни организации ги здружуваат своите знаења и практични искуства за да подготват конкретни и применливи предлози за подобрување на законите и политиките. Наместо поединечни реакции, Мрежата создава заеднички решенија кои произлегуваат директно од практиката на организациите кои секојдневно работат со граѓаните.

„Сите ќе имаат придобивки од измена на Законот за донации и спонзорства кога полесно ќе се доаѓа до даночни олеснувања, повеќе граѓани и компании ќе се одлучат да помогнат, организациите ќе имаат поголема мотивација да собираат средства за јавен интерес, а институциите ќе се ослободат од непотребни административни процедури. Со дигитализацијата, процесот ќе стане побрз, потранспарентен и посигурен. Ова е промена што граѓанскиот сектор и донаторите ја очекуваат над 15 години”, вели Виктор Илиев, извршен директор на Младинската асоцијација ИМКА Битола.
Развојот на Мрежата покажува дека финансиската одржливост не може да се гради изолирано. Таа бара партнерства, споделено знаење и здружено застапување. Со поддршка на Цивика мобилитас, како што велат спроведувачите на проектот, а преку партнерството меѓу Конект и Младинската асоцијација ИМКА Битола, Мрежата продолжува да расте и да ги обединува организациите околу заедничка визија: повеќе можности за финансирање, помалку административни пречки и посилни граѓански организации кои ќе можат долгорочно да придонесуваат за развојот на заедниците низ целата држава.








