Чиста вода за пиење – основно право или луксуз?
Објавено: 23/11/2017
Пред пет години, вознемирена од сомнежот дека заболувањата на неколку членови на нејзиното семејство и пријатели ги предизвикала загадената вода во Гевгелија, Јованка Дојранлиева се здружи со неколку граѓани од Гевгелија и заедно ја формираа граѓанската иницијатива „Арсена“. Тие си зададоа задача да го истражат квалитетот на водата која ја доставува Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ Гевгелија. Според наодите на Државната агенција за храна и ветеринарни услуги, водата во Гевгелија содржи речиси двојно повисока количина аресен од дозволената. Според Светската здравствена организација, арсенот е еден од најсилните отрови, кој се сврзува директно за човековата ДНК и меѓу другото води до генетски нарушувања на коскената с`рж, односно предизвикува леукемија.
Од „Арсена“ досега имаат направено 10 независни тестирања и анализи на примероци од гевгелиската вода во меѓународно сертифицирана лабораторија во Грција. Според сите нив, арсенот во водата од градскиот водоводен систем секогаш „држи континуитет“, односно се појавува во висока концентрација од 50% до 120% над дозволената граница. Со понатамошните истражувања кои ги спровеле дознале дека арсенот се појавува по природен пат и единствен начин да се отстрани е преку поставување опрема за филтрирање на изворот на водата.
„Ние не сакаме арсенова канцерова бомба да тече низ нашите чешми. Решете го проблемот, бидејќи последиците веќе се видливи од здравствената карта на општината и бројот на смртни случаи на заболени од неоплазми, од кои не се поштедени ниту најмладите“, порачаа активистите на Арсена.
Заради зголемување на финансиската помош која ја добиваат и заради преземање правни активности и поднесување претставки, во 2014 година 20 активисти од „Арсена“ ја формираа граѓанската организација Патокази.
Што направија?
Без обезбедена алтернатива за користење на здрава вода, гевгеличани сами побараа чаре.
Граѓанската иницијатива Арсена квартално излегува јавно со податоци за квалитетот на водата во Гевгелија, иако тоа е законска надлежност на ЈПКД Комуналец. Исто така, изминатиов период тие спроведоа бројни и досетливи активности со кои лесно го привлекоа вниманието на пошироката јавност. Меѓу нив спаѓаат: петиција за намалување на цената на водата согласно ценовникот за техничка вода, со цел граѓаните да го плаќаат тоа што го добиваат; ги поттикнаа локалните компании да се вклучат преку обезбедување бесплатна флаширана вода за најсиромашните домаќинства, и поставија ѕидови со резултатите од тестирањата на повеќе клучни локации во градот како и пред општинската зграда и пред домот на градоначалникот.
За да ја информираат пошироката јавност и да ја подигнат свеста за оваа проблематика тие поставија штанд на плоштадот во Скопје каде на минувачите им нудеа шишиња вода „збогатена“ со арсен. Повеќе национали медиуми ја емитуваа оваа акција и привлекоа големо внимание кон (не)справувањето со овој проблем.
„Никој не ги известил граѓаните за квалитетот на водата од природните извори, дали таа е третирана, дезинфицирана и дали навистина нема ризици од нејзиното користење. Еве, од направените анализи се гледа дека ризици постојат“, велат од иницијативата.
Поранешниот градоначалник на Гевгелија, Франгов, и општинските советници константно одбивале да се занимаваат со оваа проблематика и одрекувале дека водата во Гевгелија е неисправна. Во повеќе наврати советниците тврделе дека немале материјал за расправа иако истите се сликани од страна на активистите како ги добиваат резултатите од анализите на водата, додека пак градоначалникот Франгов констатирал: „Јас и моето семејство пиеме од оваа вода, што значи дека таа е исправна“.
Каква поддршка мобилизираа?
Загрижените граѓани и нивната активна вклученост е најголемата предност на иницијативата, што може да се види преку петицијата на која собраа повеќе од 500 потписи. Покрај тоа, Здружението Патокази имало повеќе успешни апликации за прибирање мали суми на финансиска помош со цел да се плати странската експертиза потребна за објективно тестирање и трошоците за видео документација на нивното истражување на општинските авторитети. Меѓу оваа помош се вбројува и грантот на Цивика мобилитас.
„Колку лаги не можат да ја сокријат вистината за асенот во гевгелиската вода“
Posted by Арсена on Friday, June 23, 2017
Членовите на Патокази изградија стабилна врска со организацијата Аква од Струга, уште еден грантист на програмата. На овој начин се истакна солидарноста помеѓу граѓаните кога станува збор за следење на прашањата околу водата. Ова е еден од ретките примери за пренос на знаењата помеѓу организациите. Понатаму, „Арсена“ успеа да мобилизира ресурси од сопствената заедница, бидејќи како што спомнавме, некои од локалните продавници обезбедуваа бесплатна флаширана вода за ранливи семејства, а локална печатица им овоможила значителен попуст за изработка на нивните промотивни материјали.
Што се промени? Што понатаму?
Долгогодишните притисоци кои ги правеше Арсена вродија плод. За непостапувањето по Решението за забрана за користење на водата поради зголемената концентрација на отровниот металоид арсен и немањето заштитни мерки за граѓаните, Основното Јавно обвинителство во 2014 година поведе постапка против ЈПКД „Комуналец“, како и сегашниот и поранешните раководители.
Покрај негирањата од страна на локалните власти и нивното постојано омаловажување на иницијативите од овој тип, општината сепак тргна во потрага по финансиска помош поради, како што велат „потребата од дополнително количество вода“. Првиот тендер за нов водоснабдителен систем бил најавен во 2014 година од страна на тогашниот министер за финансии Ставрески. Не само што од таа најава не испаднало ништо, туку оттогаш поминале уште четири огласи, еден грант, четири инвеститори, а сепак ниту еден изведувач до денес не излегол на терен.
АРСЕН – Крал меѓу отровите, отров за кралевите
Posted by Арсена on Friday, August 18, 2017
Борбата на активистите за безбедна вода за пиење и за преземање одговорност од страна на локалните власти продолжува понатаму. Министерството за животна средина сега поддржува комплетно истражување на сите опции за снабдување на Гевгелија со вода. Членовите на здружението се надеваат дека решението ќе биде нов водоснабдителен систем, и истиот ќе се инсталира во 2018 година. Во меѓувреме тие ќе продолжат со кампањата за чиста вода за пиење за да се осигураат дека Македонија ќе се придвижи кон стандардите на ЕУ.
Проектот „Граѓаните и Арсена заедно до здрава вода за пиење за Гевгелија и населените места“ се имплементираше во периодот од 1.12.2016 – 31.07.2017 со помош на програмата Цивика мобилитас.
Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка- Swiss Agency for Development and Cooperation, кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU).
За повеќе информации околу Цивика мобилитас контактирајте нè на +389 2 3088 995 или на helpdesk@civicamobilitas.mk.