ПЧЕЛАРСКО ЗДРУЖЕНИЕ „ПЧЕЛА“ КУМАНОВО
Објавено: 27/01/2021
Вкупен буџет: 320.400 МКД
Времетраење: 10 месеци
КОНСТИТУЕНТИ
Група на граѓани, одгледувачи на медоносна пчела кои живеат и работат во регионот на општина Куманово.
ЗА ПРОЕКТОТ ПОДДРЖАН ОД ЦИВИКА МОБИЛИТАС
Здрава животна средина за сегашните и идните генерации
ЗА ШТО Е ПОТРЕБНА АКЦИЈАТА
Во време кога населените места и градови рапидно се шират и слободните природни површини забрзано исчезнуваат, парковите, градините и другите зелени зони добиваат се поголемо значење во обезбедувањето можности за рекреација и релаксација на населението, а освен тоа помагаат и за одржување на чиста и здрава животна средина. Во јадрото на здравата животна средина се опрашувачите, пред се медоносните пчелите. Едноставно, таму каде што е безбедно за пчелите, безбедно е и за луѓето. Опрашувачката активност на пчелите и другите инсекти претставува суштинска функција на еколошкиот опстанок – без опрашувачите човечкиот род и сите копнени екоситеми не би опстанале. Разноврсноста на растителните видови во екосистемите е во директна зависност од разноврсноста на опрашувачите во нив и обратно.
За жaл, во последниве неколку години популацијата на пчели и други опрашувачи на глобално ниво значитело се намалува, дури и до 30 % годишно. Причините за оваа ситуација се повеќе фактори како екстремни климатски промени, практики за пчеларство, паразити, болести, употреба на пестициди, промени во користењето на земјиштето итн.
Поради ова неопходно е одгледувачите на пчели, политичарите, бизнис секторот и пошироката јавност да работат заедно на преземање активности за ублажување на негативното влијание врз пчелите и другите опрашувачи.
Во овој контекст е и овој предлог проект кој предвидува заеднички активности на една невладина организација (ПЧЕЛАРСКО ЗДРУЖЕНИЕ „ПЧЕЛА“ КУМАНОВО), едно средно училиште (ССОУ „Киро Бурназ“ Куманово) во соработка и со поддршка на општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“ од Куманово. Како резултат на преземените активности се очекува да се подигне јавната свест, пред се кај младата популација за значењето на опрашувачите за биодиверзитетот и здравата животна средина и да се преземат мерки за нивна заштита како: збогатување на пчелната паша со формирање на т.н. цветни траки од медоносни растенија во непосредна близина на пчеларниците на пчеларите од здружението; облагородување на училишниот двор со т.н. “bee –friendly” –градини засадени со лековити, зачински и ароматични медоносни растенија, инт. Формирањето на цветните траки околу пчеларниците освен што ќе им овозможи на пчелите полесен пристап до храна (нектар и полен) ќе доведе и до ревитализација на необратеното земјиште, природно проширување на растенијата преку разнесување на семе, облагородување на околината и прочистување на воздухот. Учениците ќе имаат можност да се запознаат со одгледувањето на повеќенаменски растенија кои во исто време се и медоносни и ќе можат нивното искуство да го пренесат и во своите куќни дворови и истите да ги облагородат.
ЦЕЛИ И РЕЗУЛТАТИ
Општа цел: Придонес кон намалувањето на негативните влијанија врз животната средина со посебен осврт на заштита на пчелите и другите опрашувачи.
Специфична цел: Подигнување на свеста и знаењата на одгледувачите на пчели, младата училишна популација и пошироката јавност за полинаторската улога на пчелите и другите опрашувачи и нивниот придонес кон зачувувањето на биодиверзитетот како и со мерките за ублажување на негативните влијанија што климатските помени и други фактори ги имаат врз нив.
РЕЗУЛТАТИ
- Облагородена природа околу пчеларниците во руралните средини од општина Куманово со цветни траки од медоносни растенија;
- Формирана Градина – пријател на пчелите во училишен двор со медоносни растенија;
- Формиран Парк-пријател на пчелите со медоносни дрвја, грмушки, зелјести медоносни растенија, хотели за инсекти, едукативно-информативни постери и информативни табли на јавна општинска површина.
АКТИВНОСТИ
- Заеднички акции на пчелари, ученици и вработени во училиштето и други заинтересирани граѓани за есенско садење на медоносни грмушки и дрвја во пчелниот парк;
- Изработка на панели за постери, информативни табли, едукативни постери, хотели за инсекти и леи за пролетно садење;
- Заедничка акција за пролетно засадување на леите во пчелниот парк;
- Заедничка акција за пролетно засадување на леите во училишната градина;
- Заеднички акции за формирање на цветни траки околу пчеларниците;
- Заедничка акција за поставување на постерите и хотелите за инсекти во пчелниот парк;
- Организирање на настан за официјално отворање на пчелниот парк.