Author: Македонски центар за меѓународна соработка

  • Чувството на среќа и задоволство од правењето добро за некого е најважната придобивка од волонтирањето

    “Чувството на среќа, задоволство и радост од давањето и правењето добро за некого се главните придобивки од волонтирањето“ беше општиот заклучок од Работилницата за волонтерство и развивање програма за волонтирање, одржана онлајн на 6-7 мај 2025 година на платформата zoom.
    Работилницата започна со дискусии за разбирање на вредностите на волонтерството, низ кои учесниците на оваа работилница истакнаа дека е важно да се волонтира, дека тоа е добро да се направи и за другите и за самиот себеси, затоа што човек така се чувстува како дел од заедницата и дека прави нешто добро за неа.

     Во текот на овие два дена учесниците го зголемија своето знаење за циклусот на ефективен волонтерски менаџмент во граѓанските организации, законска рамка за развој на волонтерството, правилникот за начинот на водење на евиденција на волонтерската работа, волонтерска книшка, постапка и потребни документи за ангажирање на волонтери странци, програма за волонтирање и опис на волонтерска позиција како и стратешките цели на Националната стратегија за промоција и развој на волонтерство 2021-2025. Исто така, учесниците поделени во виртуелни групи практично работеа на изготвување на програма за волонтирање и опис на волонтерска позиција.
    Дел од учесниците го изразија своето задоволство од знаењата стекнати на оваа работилница, и користа од практичните вежби кои беа спроведени во текот на работилницата.
    “Обуката за волонтерство и развивање програма за волонтирање беше од посебно значење за нашата организација и се стекнавме со нови знаења клучни за работата на организацијата. Вежбите спроведени на истата ќе ни бидат од корист при регрутирање на нови волонтери и нивно менаџирање.  Благодарни сме што имаме можност да бидеме дел од оваа обука и стекнатите знаења да ги имплементираме во пракса“ истакнаБојана Младеновска од Здружение за креирање функционален систем КОРЕКТОР- Скопје.
    Некои од учесниците, покрај знаењата стекнати за време на работилницата, како корисни ги оценија и последователните менторски сесии, планирани по завршување на работилницата. 
    “Работилницата обезбеди одлични информации и насоки за нас како здружение, преку продлабочено разбирање на волонтерството и разјаснување каква би била неговата стратешка улога во нашето работење. Јасното разграничување на волонтерството од други форми на ангажман и претставувањето на циклусот на волонтерски менаџмент ни дадоа основа за понатамошно надградување на знаењето за развивање одржлива и ефективна волонтерска програма. Дискусијата овозможи поврзување на теоретските концепти со конкретните потреби и предизвици во работата на здружението. Со нетрпение го очекуваме менторството и нашата понатамошна соработка“ рече Наташа Павиќевиќ – Стојменовска, Претседателка на Здружение на социјални работници на Македонија, Скопје.

    “Работилницата придонесе граѓанските организации да го подобрат управувањето со волонтерите во нивните организации како и да го зајакнат нивниот капацитет за поддршка на волонтерите. Развојот на Програма за волонтирање и детален опис на волонтерските позиции се основа за воспоставување на ефикасен волонтерски менаџмент на организациско ниво“ рече Златко Талевски, Регионален експерт од граѓанското општество за Пелагонискиот регион, обучувач на оваа работилница.
    Интересот за јакнење на капацитетите од оваа област граѓанските организации го пријавуваа на јавен повик, а пред работилницата имаа задача да го проследат онлајн видеото поставено на ГРЦ академијата:  Обука за волонтерство | Граѓански ресурсен центар По работилницата, со сите заинтересирани граѓански организации ќе се спроведат и менторски активности на оваа тема.
    Работилницата беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.

    Следно >

    Поврзани:

  • Граѓански импулс #4: месечен осврт на активностите на грантистие

    Во април се потврди упорноста на граѓанските организации да направат конкретни, реални промени за граѓаните.
    Месецот започна соконсултативна работилница во Скопје, на која матичните лекари по семејна медицина дискутираа за можностите, потребите и потенцијалните пречки за нивно вклучување во спроведувањето на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката. Лекарите се согласија дека треба да имаат активна улога во програмата – преку здравствена едукација на жените, земање ПАП или ХПВ брисеви, како и преку континуирана соработка со матичните гинеколози од истиот регион. Нивната улога е особено важна во руралните и оддалечени средини, како и во општини каде што нема матични гинеколози. Работилницата беше дел од проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“.
    По повод Светскиот ден на здравјето 7 Aприл, кој годинава се одбележува под мотото „Здрави почетоци, надежна иднина“, организацијата ХЕРА заедно со Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, укажуваа на важноста државата да инвестира во здравствена превенција и квалитетна и достапна здравствена заштита како основа за достоинствен живот. Четирите организации упатија јасни барања до институциите. Од достапна гинеколошка заштита и зајакнати патронажни тимови, до поголем буџет за превентивни програми и креирање политики базирани врз докази, притоа најавувајќи континуиран мониторинг сè до усвојувањето на ребалансот на буџетот.

    Паралелно со ова, во Пелагонискиот регион, Центарот за граѓански иницијативи – Прилеп, организираше предавања на тема „Превенција за подобро здравје“ во општините Могила, Новаци и Битола, каде со локалното население разговараше за исхрана, физичка активност, ментално здравје и посебно за техниките за справување со стресот.
    На полето на екологијата, Центарот за ресурси во животна средина, Еко Логик и здружението Флорозон, покрај редовните работилници во Биотехнолошката лабораторија со ученици од скопските училишта, месецов го одбележаа Денот на планетата земја. На 22 април, го започна првиот Научен караван во ООУ „Климент Охридски“ – Драчево. Како дел од проектот, организираа практична демонстрација на експерименти за биоотпад, а учениците активно учествуваа и учеа за важноста на одржливото управување со отпад.

    Во меѓувреме, Центарот за климатски промени заедно со партнерите, ги заокружи скрининг посетите на 15 општини во Североисточниот, Југоисточниот и Вардарскиот регион. Средбите беа насочени кон зацврстување на соработката помеѓу општините и граѓанскиот сектор, со фокус на спроведувањето на насоките од Зелената агенда.Особено значајна беше иницираната посета на претставници од Куманово во Прилеп, каде на терен ги разгледаа долгогодишните практики за селекција на комунален отпад и ја посетија новата постројка за сортирање која е во изградба.

    Април пулсираше и со младинска енергија. Центарот за едукација и развој (ЦЕД) од Теарце, со партнерите одржа обука за граѓанска ангажираноство Europe House во Тетово. Обуката, се реализира со младите од Полошкиот регион како дел од проектот: „Јакнење на младите: Поттикнување на граѓанската ангажираност и претприемништвото во Полошкиот регион“. Околу 20 мотивирани млади лица дискутираа за граѓанската ангажираност, истражувајќи го концептот на волонтерство и споредувајќи како е регулирано во различни контексти.

    На крајот на месецот, КРИК реализираше тридневна обука „Зелено застапување преку зелена социјална и младинска работа“ во Велес, каде учесниците се запознаа со концептите на младинска работа, зелено застапување и зелена социјална работа. Преку интерактивна програма, тие развиваа сопствени зелени иницијативи што ќе ги спроведат во сите осум плански региони низ земјата.
    Комбинацијата од здравствени заложби, зелени иновации, женско економско јакнење и младински активизам уште еднаш покажа дека граѓанските организации се двигатели на општеството, претворајќи ги локалните потреби во национални приоритети и конкретни резултати.

    < Пред   Следно >

    Поврзани:

  • Граѓанските активисти од Источниот регион ги унапредија вештините за застапување и инспирирање промени за родова еднаквост и млади

    Граѓанскиот сектор постојано еволуира, под влијание на глобалните и националните случувања. Новите политички реалности, како што е примерот со промените во САД, имаат директен ефект врз стратегиите и приоритетите на граѓанските организации. Оваа динамична природа бара адаптирање на промените, следење на трендовите и постојана едукација. Во насока на потребата од постојана едукација, на 28-30 април 2025 во Берово беше одржана oбуката: “Застапување во областа на родовата еднаквост и младите и алатки за комуникација со целни групи и креирање на содржини за ефективно застапување“. На оваа обука претставници на граѓанските организации (ГО) и локалните младински совети од Берово, Пехчево, Виница и Делчево ги надградија своите знаења за застапување во однос на цели, задачи, форми, процес и елементи на јавното застапување, организирање кампања за застапување и содржина на документ за јавни политики, со посебен акцент на родовата еднаквост и младите.

     Клучно е активистите во граѓанскиот сектор да се стремат кон холистички развој на национално, регионално и локално ниво. Токму оваа способност за адаптација и иновација е она што го одржува секторот жив и релевантен во контекст на современите предизвици.
    Тодор Цонев од ГО ИНИ Виница истакна дека застапувањето и лобирањето е предизвик за малите организации, кои често се соочуваат со административни пречки. Тој потенцираше дека луѓето имаат потреба од дискусија и споделување искуства за добри и лоши практики.
    Претставникот на Младински Совет Делчево нагласи дека преку оваа обука, младите учат повеќе за своите права, бидејќи често се чувствуваат оставени на страна од случувањата и не се доволно информирани. За време на обуката, истакна тој, се појавија и нови идеи за локално делување.
    Според обучувачката Невенка Лонгурова, работната група е мешана со различни капацитети, но секој од својата област ќе има можност да направат индивидуални планови за застапување.
    Родне Деолска од Регионален Центар за застапување Делчево, изјави дека секој ваков или сличен настан носи нови знаења, но истовремено и нови насоки и трендови во процесот на застапување.

    Оваа тридневна обука се организираше во рамки на проектот „Застапувај, придонеси за својата заедница“, проект спроведуван од Организација ЖЕНА Делчево во партнерство со Здружение Надеж од Македонска Каменица. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2”  финансиран од Европската Унија. Содржината на обуката не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и на Граѓанскиот ресурсен центар.

    Следно >

    Поврзани:

  • Советот на МЦМС го усвои Годишниот извештај и избра нови состави на Советот и Управниот одбор

    Советот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 29 април 2025 година ја одржа редовната седница на која беше разгледан и усвоен Годишниот извештај на организацијата за 2024 година, наративен и финансиски, заедно со Извештајот од независниот ревизор и беа избрани нови состави на Управниот одбор и Советот на МЦМС.

    Годишниот извештај за 2024 година го презентираше Александар Кржаловски, директор на МЦМС. Тој се осврна на постигнувањата во програмите на кои работеше организацијата во претходната година, како и на финансиските податоци, а направи и рефлексија првите месеци од оваа година. „МЦМС ја заврши годината во која спроведуваше 28 проекти, а буџетот изнесуваше околу 180 милиони денари (околу три милиони евра). Фокусот беше на јакнењето на граѓанското општество, борбата против корупцијатаи социјалната инклузија“, рече тој.

    Членовите на Советот, во нивните дискусии се интересираа за диверзификацијата на фондовите, особено во светло на прекинувањето на договорот за една од програмите поддржана од УСАИД, на видливоста на резултатите и потребата повеќе да се работи на неа, а беше побарано од МЦМС да покрене иницијатива за воспоставување на платформа на граѓански организации која би ги застапувала нивните интересите пред институциите. По дискусиите, членовите едногласно го усвоија Годишниот извештај за 2024 година.
    Во вториот дел од седницата со тајно гласање беа спроведени избори на членови на Управниот одбор и Советот.

    Од предложените 22 кандидати за членови на Советот, беа избрани 18, па новиот состав на Советот го сочинуваат: Елена Кочоска (на предлог на УО), Надир Реџепи (ИнСок), Герман Филков (ЦГК), Лулзим Хазири (АДИ), Симонида Кацарска (ЕПИ), Назиф Авди (МЗМП), Неда Малеска Сачмароска (ЦУП), Дејан Страчковски (МПЦ), Ирсал Јакупи (ИВЗ), Благица Петрески (Фајнанс тинк), Марко Трошановски (ИДСЦС), Сања Васиќ (МИМ), Назим Рашиди (Диверзити медиа), Драган Секуловски (ЗНМ), Тетјана Лазаревска (МРФП), Наташа Вртеска (ЗЕЛС), Томе Христоски (општина Крушево), Никица Мојсоска Блажевски (Македонија 2025).
    Новиот состав на Управниот одбор е: Елена Кочоска (на предлог на УО), Надир Реџепи (ИнСок), Васил Манасиев (МПЦ), Неда Милевска Костова (Студиорум), Тетјана Лазаревска (МРФП), Сања Васиќ (МИМ), Назим Рашиди (Диверзити медиа).
    МЦМС им додели благодарници за досегашната посветена работа на членовите на двете тела на кои им завршија мандатите со посебно признание до Сашо Клековски, еден од основачите и долгогодишен директор на МЦМС.

    Следно >

    Поврзани:

  • Нови можности за соработка во управувањето со отпадот

    Компанијата „Пакомак“, која веќе 15 години се занимава со селекција и преработка на отпад од пакување, се сретна со претставници на граѓански организации поддржани од Цивика мобилитас за да ја зајакнат соработката и да го подобрат системот за селекција на отпадот. Средбата се одржа на 24 април 2025 година во просториите на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
    Претставникот на „Пакомак“, Ико Брдароски, презентираше тековните активности, потенцирајќи ги инвестициите во инфраструктура и едукација на граѓаните за значењето на рециклирањето. Еден од клучните проекти на компанијата е воспоставувањето смарт систем за управување со отпад од пакување, во соработка со Швајцарската амбасада. Проектот трае 38 месеци и подразбира инсталација на 70 вендинг машини за поврат на амбалажа, како и развој на софтвер и сензори за мониторирање на исполнетоста на контејнерите.

    „Пакомак соработува со 68 општини во земјава, што е околу 80% покриеност на национално ниво. Во моментов, сите 1700 контејнери со кои располагаат имаат вградено сензори кои сигнализираат колку се исполнети, што овозможува оптимизација на рутите за собирање на отпадот и намалување на трошоците“, истакна Брдароски, дополнувајќи дека Македонија е првата земја во Европа со 100% покриеност со ваков смарт систем. Тој додаде дека е планирано дополнително поставување на 80 вендинг машини во наредните три до четири години. „Кога бројот на вендинг машини ќе достигне 200, системот ќе премине од сегашниот модел со ‘зелени поени’ на паричен депозит, модел кој веќе успешно функционира во многу западноевропски земји“, рече Брдароски.
    Покрај инвестициите во инфраструктурата, „Пакомак“ спроведува и низа активности за едукација и подигнување на јавната свест преку рекламни и промотивни материјали во маркети, училишта и шопинг центри. „Иако законски буџетот за едукативни активности е ограничен на 5-15%, потребна е синергија со локалните компании и организации за ефикасно ширење на еколошката свест“, потенцираше Брдароски.

    Претставниците на граѓанските организации посочија дека е неопходна подобра координација помеѓу комуналните претпријатија и општините, особено за унифицирање на регионалниот пристап кон отпадот. Бојана Станојевска од Центарот за климатски промени истакна дека „примарната селекција на пластика треба постепено да се воведува во сите домаќинства, паралелно со воведувањето на вендинг машините“, додавајќи дека проектите финансирани од Цивика мобилитас активно работат на создавање навики за селекција и примарно сортирање кај граѓаните.
    Како успешен пример за ангажираност на малите општини во селекцијата на отпадот беа наведени Крива Паланка, Босилово и особено Берово, каде според Брдароски, „околу половина од домаќинствата активно ги користат контејнерите“.
    Емилиа Героска од организацијата Про Локал предложи интензивирање на соработката со училиштата од Пелагонискиот регион, додека Јасмина П. Нешкоска од Еко Логик предложи „да се размисли за креативни начини за анимација на учениците и повторно активирање на машините кои се поставени во училиштата, но не се користат доволно“. Претставниците на организациите се согласија дека добар начин за мотивирање на учениците организирање натпревари помеѓу училиштата за најдобри резултати во селектирањето и рециклирањето на отпадот.

    „Месечно добиваме по 1000 нови корисници на вендинг машините, без да го зголемиме нивниот број. Тоа е доказ дека интересот кај граѓаните постои, само треба дополнително да се поттикне и навиките да останат“, заклучи Брдароски. Во таа насока е и воведувањето на оптичка линија за селекција на отпад, со поддршка од Швајцарската влада. „Денес селекцијата е мануелна и достигнува капацитет од околу еден тон дневно. Со новата автоматска линија ќе можеме да селектираме и до 10 тони отпад на ден“, истакна Брдароски.
    Учесниците ја завршија средбата со договор дека ќе ги продолжат дискусиите за време на претстојната Средба за вмрежување, и ќе отвораат можности за нови соработки во областа на управувањето со отпадот и заштитата на животната средина.

    Следно >

    Поврзани:

  • Регионален билтен на СЕЛДИ бр.76: Мапирање на регионалниот напредок во борбата против корупцијата

    Најновото издание на Билтенот за анти-корупција на СЕЛДИ (број 76, јануари-февруари 2025) е достапно, фокусирајќи се на регионалниот напредок во борбата против корупцијата во Западен Балкан.

    Во ова издание, СЕЛДИ и неговите партнери продолжуваат да бидат во првите редови на регионалните напори за зајакнување на доброто владеење и борбата против корупцијата. Билтенот ги истакнува клучните активности низ регионот – од учество во политички дијалози за проверка на странски директни инвестиции во Албанија, до залагањето за изборни реформи во Босна и Херцеговина и Црна Гора.
    Дополнително, билтенот ги покрива клучните настани во областа на спроведувањето на законите, вклучувајќи започнати истраги за корупција поврзани со трагичниот колапс на железничката станица во Србија и заплени извршени од страна на царината на Северна Македонија. Издвоени се и напорите на повеќе од 30 граѓански иницијативи низ Западен Балкан кои продолжуваат да се залагаат за поголема транспарентност и отчетност.
    Ова издание ги истакнува како достигнувањата така и предизвиците што претстојат во заедничката работа кон отворени и демократски општества во регионот.
    Билтенот е подготвен во рамки на програмата „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за мониторинг застапување и подигање на јавната свест (СЕЛДИ)”, која се спроведува од Mрежата за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ), чиј координатор е МЦМС. Програмата е финансирана од Европската Унија.

    < Пред   Следно >

    Поврзани:

  • Застапеноста на жените е несразмерно помала во однос на мажите во телата на одлучување во спортските организаци

    Резултатите од спроведеното истражување „Родова еднаквост и инклузивност во спортот во Северна Македонија“ покажуваат дека жените се значително помалку застапени од мажите на раководните позиции во спортските организации во Северна Македонија.

    Застапеност на позиции на одлучување
    Според податоците од истражувањето, на позицијата претседател/ка во организациите доминираат мажите со 87%, додека жените се застапени само со 13%. Малку повисок е процентот на жени на позицијата генерален секретар/ка, 17%, иако мажите се далеку побројни со 83%. Иста е сликата и кај членовите на генералните собранија каде застапеноста на мажите е 83%, наспроти 17% жени. Овде да напоменеме дека лицата со попреченост се застапени со 10% кај мажите и 3% кај жените.
    Кога станува збор за членовите на извршното тело на спортската организација (извршен комитет, управен одбор или друг назив), родовата застапеност е повторно во корист на мажите кои се претставени со 77%, од кои 9% се мажи со попреченост, додека жените со застапени со 23%, од кои 2% се жени со попреченост.

    Ги проверувавме и ограничувањата на мандатите на членовите на овие тела и начинот на бирање. Податоците покажуваат дека во 11 (37%) организации има ограничувања на мандатот на членовите на извршното тело. Во најголем дел од случаите, ограничувањата се на најмногу два мандати, додека должината на еден мандат е најчесто четири години. Околу две третини (70%) од спортските организации одговориле дека имаат ограничувања на мандатот за позицијата претседател/ка, од кои во најголем дел максималниот број на мандати изнесува два, додека должината на еден мандат е најчесто четири години. Во ниту една од организациите нема старосна граница за обавување на позицијата претседател/ка или за членување во управните тела.
    Само во две организации членовите на извршното тело се бираат преку јавен повик врз основа на квалификации и надлежности наместо да бидат именувани, додека во шест, делумно се бираат на овој начин. Неколку спортски организации нагласија дека изборот се врши во рамките на собранието, на предлог на претседателот на федерацијата.
    Родовата дистрибуција кај лицата кои се вработени во спортските организации со полно работно време повторно укажува на доминација на мажите, но и на значајно ниска застапеност на лицата со попреченост. Оттука, само 1% од вработените лица се мажи со попреченост и ниту една жена, наспроти мажите без попреченост кои сочинуваат 61%, а жените 38%.

    Политики за еднаквост
    Родовата еднаквост како организациска политика е застапена во документите на спортските организации, и тоа: кај 77% таа е дел од стратегијата на организаицјата, кај 27% е застапена во статутите и во 20% е застапена и во деловниците на организациите. Кај 48% од организациите, во кои родовата еднаквост е интегрален дел од политиките на организацијата, таа е само делумно спроведена, а во 15% сѐ уште не е спроведена. Една од организаците навела дека има Правилник за родовата еднаквост.
    Што се однесува на политиките поврзани со попреченоста, во 53% е посочено дека тие се интегрален дел од политиките на организацијата, од кои во половина се само делумно спроведени, додека 31% од политиките сѐ уште не се спроведени. Четири организации (13%) одговорија дека имаат воспоставено родови квоти, во статутот наорганизацијата кои се однесуваат на извршниот одбор и/или другите позиции на одлучување. Три организации имаат квоти за  вклучување лица со попреченост.

    Препораки
    Препораките кои произлегоа од истражувањето се насочени кон креирање системски решенија кои ќе го подобрат статусот на родовата еднаквост и инклузивноста во спортот. Дел од нив се: воведување задолжителен услов за државно финансирање на националните спортски федерации, со минимум од 40% родова застапеност на одлучувачките позиции во структурите на федерациите; воспоставување систем за собирање, анализа и јавно објавување на интерсекциски разделени и пристапни податоци, со цел транспарентно следење на поддршката и развојот на спортот во женска категорија; формирање комисии за родова еднаквост и инклузија или назначување лица одговорни за овие прашања; итн.
    Позадина за инстражувањето
    Целта на истражувањето е да се анализира вклученоста на жените во спортските инсти-туции и организации во Северна Македонија, со специфичен фокус на структурните и културолошките бариери кои го ограничуваат пристапот и напредокот до раководни позиции во рамките на спортските организации. Истражувањето се реализираше во рамки на проектот „Фер игра: поддршка за родова еднаквост во спортските политики“, кој го спроведува Олимпискиот комитет на С. Македонија во соработка со Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС), Спорт Социал Солушн и Параолимписки комитет. Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија.
    Податоците во истражувањето беа добиени помеѓу јули и септември 2024 година преку онлajн прашалник до националните спортски федерации и до Олимпискиот и Параолимпискиот комитет на Северна Македонија. Од вкупно 60 контактирани спортски организации, одговорија 30. Истражувачкиот тим наиде на одредени ограничувања при дефинирање на примерокот заради некореспондирање на податоците на институциите, некохернтна квалификација на субјектите како спортски федерации, но и непостоењето информации за контакт, ниту официјални веб-страници на дел од регистрираните федерации. Дополнително, беше организирана една фокус група со 12 учесници/чки и се спроведоа 10 интервјуа за да се истражат бариерите и факторите на ризик со кои се соочуваат жените во нивните спортски кариери.

    Следно >

    Поврзани:

  • Граѓаните кои ја преземаат иницијативата во своите заедници, ја градат надежта оддолу

    Во овој број посветен на граѓанското учество, ги носиме приказните на оние кои не се помируваат со статус кво.
    Од Битола до Скопје, низ конференции, обуки, маршеви и локални анализи, граѓанскиот сектор ја води својата и битката на оние кои ги застапува за поинклузивно, одговорно и одржливо општество. Студентската конференција „Дигитална слобода и родова еднаквост“ ја отвори темата за дигиталното родово-базирано насилство, а младите беа охрабрени да ги скинат синџирите на онлајн вознемирувањето и злоупотребата. Паралелно, во рамки на програмата „Менторки на иднината“, девојките ја зајакнуваат својата емоционална интелигенција и лидерски капацитети, градејќи мрежи на поддршка и соработка.

    Најавено е и Европското дебатно првенство за средношколци, кое во 2026 ќе се одржи во Скопје, во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ). Настан што се очекува да внесе свежа енергија во културата на аргументирана дебата и критичко размислување.
    Граѓаните на 8 Март маршираа со порака: „Нека јадат ружи“, инсистирајќи дека борбата за родова еднаквост не е симболика, туку итна потреба. Истовремено, организации како Кризниот центар „Надеж“ и ЕСЕ ги истакнаа реалните предизвици: семејно насилство, доцнење на лекови за пациентите со ретки болести, отежнат пристап до гинеколошки услуги и недоволна поддршка за ранливите групи.
    Зелените политики, пак, остануваат закочени на локално ниво – анализите покажуваат дека најголем дел од општините (72%) немаат воопшто или немаат ажурирани локални еколошки акциски планови. На глобалната агенда за климатска акција ѝ недостига локално спроведување.
    Во сета оваа динамика, граѓанскиот сектор останува гласен чувар на јавниот интерес. Барањата за неселективна правда по трагични несреќи, транспарентност при јавните набавки, подобар пристап до информации и ефикасни здравствени програми, се повторуваат, додека истражувањата откриваат и недоверба на граѓаните во медиумите, придружена со ниска медиумска писменост.
    Граѓанските организации организираа и обуки за одржлив туризам, а го одбележаа и Денот на извидништвото. Владата донесе решение за составот на новиот Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, а се одржа и првиот состанок на работната група за подготовка на новата Стратегија за соработка со граѓанскиот сектор. Се надеваме дека ова е чекор кон посистемска поддршка на граѓанското општество.
    Но клучната лекција е следнава: без активни граѓани нема одговорни институции. Без учество, нема промена. А промената се случува и ќе се случува таму каде што граѓаните не чекаат дозвола да се вклучат, туку го менуваат општеството со секој мал чекор, глас и иницијатива.
    Погледнете што нуди новиот број „Граѓаните за промена“ #20

    Следно >

    Поврзани:

  • Завршен тридневниот регионален настан на СЕЛДИ: Поттикнување промени: Антикорупциско застапување и влијание врз политики

    Со силна енергија, инспиративни дискусии и практична размена на знаења, МЦМС, во име на СЕЛДИ мрежата, успешно го реализираше тридневниот настан „Поттикнување промени: Антикорупциско застапување и влијание врз политики“. Настанот се одржа од 14 до 16 април 2025 година во Скопје, обединувајќи над 30 претставници од граѓански организации, добитници на мали грантови од СЕЛДИ програмата и претставници на сите партнерски организции на СЕЛДИ од сите шест земји од Западен Балкан и Бугарија.

    Програмата започна со сесии посветени на јакнење на практичните вештини на граѓанските организации – од ефективна комуникација со медиуми, преку градење партнерства и мрежи, до стратегии за мобилизација на ресурси, застапување и влијание врз јавни политики. Воедно, учесниците имаа можност накратко да ги претстават своите организации и да ја споделат целта на проектите што ги спроведуваат во рамки на СЕЛДИ програмата за мали грантови. Ова им овозможи подобро да се запознаат со работата на колегите од регионот и да почнат да размислуваат за можни поврзувања, синергии и идни можности за заедничка соработка.

    Вториот ден го одбележа Средбата на високо ниво „Иновации против нелегалната моќ“, каде се дискутираше за системските предизвици на корупцијата во регионот. Институции, експерти и претставници на граѓанскиот сектор ги адресираа прашањата за политичката волја, заробеноста на државите, и потребата од поактивна вклученост на граѓаните. Се нагласи дека во време на политички и економски несигурности, здруженото делување е клучно за градење општества отпорни на корупција. Поврзувајќи ги локалните антикорупциски иницијативи со глобалните и регионалните политички процеси, настанот им овозможи на партнерите и грантистите на СЕЛДИ да стекнат стратешки увиди за да го засилат своето влијание.

    Дополнително, граѓанските организации имаа можност да ги согледаат глобалните антикорупциски трендови, променливите донаторски стратегии и импликациите од геополитичките промени, вклучително и процесот на пристапување во ЕУ.Третиот ден беше резервиран за запознавање со методологиите што СЕЛДИ ги користи за проценка на корупцијата и состојбата на заробеност на државите, како и да добијат конкретни насоки и совети за подготовка на влијателни документи за јавни политики. На оваа сесија учесниците дискутираа и за тоа како истражувањето и фактите можат да прераснат во конкретни реформи и да придонесат во напорите за справување со корупцијата.

    Во текот на овие три дена присутните имаа можност не само да учат, туку и да разменат искуства и добри практики, поставувајќи темели на една нова платформа на организации кои ги споделуваат истите вредности и кои со својата експертиза и соработка ќе придонесат кон посилен, поотчетен и поотпорен регион. Настанот претставуваше и вистинска можност за градење нови партнерства, регионални соработки и синергии кои ќе продолжат да ја движат борбата против корупцијата и по завршувањето на проектите.

    Следно >

    Поврзани:

  • Градење институционална отпорност: Ефективни механизми за справување со корупцијата

    Денес на 15 март 2025г. Македонскиот центар за меѓународна соработка во име на Регионалната мрежа за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа -(СЕЛДИ), ја организираше Средбата на високо ниво – „Борба против корупцијата: Иновации против нелегалната моќ“.

    Во воведните обраќања Александар Кржаловски, Директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, истакна дека СЕЛДИ од своето основање пред 25 години прерасна во еден од водечките гласови на граѓанското општество во земјите од Западен Балкан во борбата против корупцијата. И покрај зајакнатите демократски капацитети, националните механизми за борба против корупција остануваат случајни, краткорочни и политички мотивирани. Заменик шефот на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија,  Бен Непнау нагласи дека се потребни длабоки и системски општествени промени со конкретни цели, чекори и временска рамка за напредок. „Корупцијата е политички проблем и бара политички решенија и тоа на високо ниво во рамките на институциите“, додаде тој.

    Во рамки на клучната дискусија со фокус на борбата против корупцијата во земјите од Западен Балкан, осврнувајќи се на можните трендови и решенија Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, посочи дека корупцијата не е само административен туку и општествен проблем, а последните четири трагедии во изминатите години, каде стотици граѓани ги изгубија животите, е пример за последиците од истата. Тој воедно истакна дека новата Влада нема повеќе да толерира изговори и  продолжување на статус квото и неодговорното однесување. „Нашата цел е фокусирање на Европската агенда, и имплементирање на реформите за ресетирање на системот за доброто на граѓаните. Во време на неизвесност и војна и со помалку финансиски средства за поддршка во борбата со корупцијата мораме заеднички уште повеќе да се посветиме на изнаоѓање на решенија кои ќе го победат корумпираниот систем и одговорат на предизвиците“, додаде тој.
    Воедно, на панел дискусијата учествуваа и Н.Е Вероник Улман, Амбасадорката на Швајцарија, Никол Варнес, Заменик шефот на мисијата на амбасадата на САД и Барт де Брујин, Регионалниот координатор за владеење на правото од Кралството на Холандија во Србија и Црна Гора. Говорниците  ги споделија нивните согледувања за актуелните предизвици и постигнувања во регионот во справувањето со корупцијата  и влијанието на повлекувањето на странската помош врз антикорупциските напори.

    Средбата опфати и две панел дискусии каде се дискутираше  за  поддршката на доброто владеење и економската стабилност преку ефективни механизми за справување со корупцијата, каде збор земаа Д-р. Тихомира Костова, Аналитичар од Институт за изучување на демократијата од Бугарија, Д-р. Слаѓана Тасева, Декан и Извршен директор на Меѓународната академија за анти-корупција и Марина Ковачиќ, Лидер на компонентата за справување со нелегални текови во Западен Балкан, во рамки на ГИЗ во Северна Македонија.

    Понатаму, во втората панел сесија се зборуваше за градењето  на институционална  отпорност во справување со нелегални финансиски текови и заробеноста на државите. Во оваа сесија говорници беа Миша Поповиќ, Раководител на одделот за добро владеење при Инстиутот за Демократија „Социетас Цивилис“, Билјана Каракашова Шулев, член на Државната комисија за спречување на корупција, Даниела Минева, Виша аналитичарка при Институт за изучување на демократијата од Бугарија и Хендрик Бошмаер, проектен менаџер за Југоисточна Европа, во одделот за глобални односи и соработка на ОЕЦД.

    Воедно беа презентирани резултатите од последниот Регионален анти-корупциски извештај на СЕЛДИ за Западен Балкан, кои говорат за нерамномерниот напредок и застојот на реформите во државите кои остануваат површни и подложни на надворешно влијание. Истовремено корупцијата, клиентелизмот и политичкото влијание врз институциите продолжуваат да го поткопуваат владеењето на правото и пристапот до правда.
    Средбата се организираше во рамки на проектот Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за застапување врз база на докази, влијание врз политики и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет), финансиран од Европската Унија. Настанот е кофинансиран со средства од Централната Европска Иницијатива.

    Следно >

    Поврзани:

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор