Author: Македонски центар за меѓународна соработка

  • Прашалник за работата на Граѓанскиот ресурсен центар

    Четврток, 27 март 2025 16:04

    Граѓанскиот ресурсен центар спроведува анкета за задоволството на граѓанските организации од нивната поддршка. Вашите коментари и сугестии се важни за унапредување и подобрување на услугите што ги нудат! Одвојте 10 минути и споделете го вашето мислење преку анкетата. Ве информираме дека пополнувањето на овој прашалник е анонимно.

     Ве молиме да одговорите на следниот прашалник: ПРАШАЛНИК ЗА РАБОТАТА НА ГРАЃАНСКИОТ РЕСУРСЕН ЦЕНТАР
    ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2 е проект финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Фондацијата Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) од Гостивар и Медиа плус од Штип. Главните активности на проектот се насочени кон креирање поволна средина за развој на граѓанското општество во земјата и зголемување на капацитетите на граѓанските организации, за истите да бидат компетентни, ефективни, одговорни и независни чинители во општеството.

    < Пред   Следно >

    Поврзани:

  • Консултативна средба за приоритети на повици од Европската Унија

    Вторник, 25 март 2025 12:30

    Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија ги кани сите заинтересирани на консултации за финализирање на дискусијата за приоритетите и другите специфики на повиците за предлози програмирани во рамките на ИПА III Програмата за граѓанско општество и медиуми 2024-2025 година.

    Консултациите ќе бидат онлајн на 28.03.2025 (петок) од 10:00 – 12:00 часот.
    Консултациите ќе ги отвори г-дин Штефан Худолин, Раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Дискусиите ќе се фокусираат на идентификување на приоритетните теми, типот на акции и други специфики за следните повици за предлози:

    Повик за предлози (Акциски грантови) – Поддршка за систематско учество на граѓанското општество во процесот на пристапување во ЕУ и преговорите;
    Повик за предлози (Акциски грантови) – Поддршка на граѓанското општество и медиумските организации во различни тематски области;
    Повик за предлози (Оперативни грантови) – Рамковни договори за партнерство.

    Доколку сте заинтересирани да се приклучите на консултациите, ве молиме потврдете го вашето учество со пополнување на формуларот на следниот линк: ФОРМУЛАР ЗА ПРИЈАВА НА КОНСУЛТАТИВНА СРЕДБА ЗА ПРИОРИТЕТИ НА ПОВИЦИ ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА

  • Сочувство за трагично загинатите во пожарот во „дискотеката“ во Кочани и барање за сеопфатна, темелна, непристрасна и натпартиска истрага на случајот

    Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата изразува длабоко сочувство за трагично загинатите граѓани во пожарот во „дискотеката“ во Кочани и изразува искрени желби за побрзо закрепнување на повредените.

    Пожарот во Кочани е само последно во низата на случувања кои покажуваат дека корупцијата убива. За жал, по случајот во Ласкарци, случајот со „Беса транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово, требаше да се случи и пожарот во „дискотеката“ во Кочани за одново да се потсетуваме  дека повеќедецениската системска корупцијата зема животи.
    Платформата будно ги следи постапките во случајот со пожарот во Кочани и укажува дека тоа што сега најмалку треба да се обезбеди е сеопфатна, темелна, непристрасна и натпартиска истрага. Бараме истрагата да се води отчетно и транспарентно и за неа да известуваат оние кои со закон се надлежни да го прават тоа.
    Во овој момент, одговорноста е клучна и никој не треба да биде изземен од неа, без разлика дали и од која партија е, од која верска или етничка припадност е и дали е поранешен или сегашен функционер. Додека не создадеме систем во кој вистинските луѓе со интегритет ќе бидат на вистинските позиции, не треба да се откажеме.
    Во досегашното еднодецениско постоење на платформата на граѓански организации за борба против корупцијата постојано реагираме и бараме промени во разни сегменти од системот што да се прифатеа, ќе оневозможија токму вакви случувања. Потребни се системски промени кои ќе покажат дека постои реална волја и заложба за бескомпромисна борба со корупцијата од сите чинители, а особено надлежните. За жал, праксата константно покажува дека желбата за лично богатење секогаш била над онаа за создавање на систем во кој правилата и процедурите ќе се почитуваат подеднакво од сите, на сите нивоа во општеството.
    Имајќи ги предвид прогласените денови на жалост, Платформата за сега ќе се воздржи од натамошни коментари за конкретниот случај, но најавуваме дека во текот на идната недела ќе организираме прес-конференција на којашто ќе ги објавиме нашите конкретни барања што очекуваме да се спроведат од надлежните органи и тоа ќе го следиме за да започне колективна бескомпромисна борба против корупцијата.
    Поддржано од:Здружение Естима, Битола

    Следно >

    Поврзани:

  • Граѓанска солидарност за Кочани

    Деновиве сме соочени со една од најголемите трагедии што го погодила нашето општество. Како луѓе и граѓански активисти, чувствуваме силна потреба и одговорност да понудиме поддршка и да се солидализираме со сите оние кои се директно погодени од трагичниот настан во Кочани.

    Дел од граѓанските организации и грантисти на Цивика мобилитас, веќе понудија или се вклучени во поддршката на жртвите, на семејствата и на сите останати. Со оваа објава, сакаме да ги направиме тие информации подостапни за сите оние кои имаат потреба.
    Подолу се информации за поддршката која ја нудат организациите:

    Ја споделуваме со Вас солидарноста што во овие мигови ја покажуваат и дел од граѓанските организации, поранешни корисници на грантови на Цивика мобилитас.
    Конект започна кампања за собирање средства за семејствата на настраданите и засегнатите од пожарот во Кочани. Средствата ќе се користат за итни потреби (лекување, правна помош, патување итн.), психо-социјална поддршка, како и справување со последиците. До сега, од поставената кампања на интернет платформата за групно донирање Оп-оп, се собрани 135.800 денари од граѓани. Се повикуваат сите заинтересирани граѓани, бизниси и субјекти да донираат преку Оп-оп или да се обратат на тел. 02/ 3224 198 или на
    Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
    .
    Фондацијата ИКРАУД формира Донаторски фонд за финансиска помош на семејствата на починатите и повредените. Сите собрани средства ќе бидат распределени подеднакво на сите пријавени семејства. Кампањата е отворена до крајот на месецов, а веќе се собрани повеќе од 2.000.000 денари. Фондацијата ги става сите канали за собирање на донации на располагање на фондот, вклучувајќи ги и телефонските броеви.
    Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ и нејзиниот тим на психолози и стручни лица се на располагање за директни средби или телефонски консултации. За контакт: 070 390 632. Освен АЛОБУШАВКО (070 390 632), активни се шест телефони за психолошка прва помош во рамки на 24 часа.
    Колективната солидарност е клучна за помош и за ублажување на болката на семејствата погодени од трагедијата. Секој мал гест на поддршка има огромно значење, без разлика дали се работи за донирање, волонтирање или за психолошка и правна помош.

    Следно >

    Поврзани:

  • Повик за избор на членови на Советодавна група

    Вторник, 11 март 2025 11:21

    Граѓанскиот ресурсен центар објавува повик за избор на членови на Советодавна група на ресурсните центри. Овој повик е дел од проектот ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2, финансиран од Европската Унија и спроведуван од Фондацијата Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Асоцијација за демократски иницијативи Гостивар и Медиа плус Штип. Главните активности на проектот се насочени кон креирање поволна средина за развој на граѓанското општество во земјата и зголемување на капацитетите на граѓанските организации, за истите  да бидат компетентни, ефективни, одговорни и независни чинители во општеството.

     Оваа група ќе има советодавна улога во рамките на проектот и ќе го следи функционирањето на ресурсните центри и регионалните експерти за развој на граѓанското општество на локално ниво. Групата ќе обезбедува совети и препораки за подобрување на обезбедувањето на услуги и поддршка за граѓанските организации.
    Структура на Советодавната група на ресурсните центри
    Советодавната група се состои од 11 членови од следниве институции:

    Двајца претставници на владини институции;
    Двајца претставници на донаторската заедница;
    Претставник на локален младински совет/младински центар;
    Претставник на Центар за развој на плански регион;
    Претставник на локална акциона група;
    Претставник на локален економско-социјален совет;
    Претставник на мрежа доминантно активна на локално ниво;
    Претставник на организација/мрежа во област на медиуми;
    Претставник од академската фела.

    Критериуми за избор на преставник од:

    Локален младински совет или младински центар, кандидатот треба да:

    Биде вработен/ангажиран/член во граѓанска организација која управува со локален младински совет или младински центар;
    Биде на возраст до 29 години;
    Има минимум една година искуство во граѓанско општество.

    Центар за развој на плански регион, кандидатот треба да:

    Биде вработен/ангажиран во Центар за развој на плански регион;
    Има познавање од функционирањето и потребите на граѓанските организации на локално, регионално или/и национално ниво;
    Учество во работа на граѓанска организација е предност.

    Локална акциона група, кандидатот треба да:

    Биде вработен/ангажиран/член на локална акциона група;
    Има најмалку три години искуство во граѓанско општество.

    Локален економско-социјален совет, кандидатот треба да:

    Биде вработен/ангажиран/член во граѓанска организација која е вклучена во функционирањето на локален економско-социјален совет;
    Има најмалку три години искуство во граѓанско општество.

    Мрежа доминантно активна на локално ниво, кандидатот треба да:

    Биде вработен/ангажиран/член во мрежа на граѓански организации (формална или неформална) која доминантно е активна на локално ниво;
    Има најмалку три години искуство во граѓанско општество.

    Организација/мрежа во област на медиуми, кандидатот треба да:

    Биде вработен/ангажиран/член во организација/мрежа на граѓански организации (формална или неформална) која доминантно работи во областа на медиуми и медиумска писменост;
    Има познавање од функционирањето и потребите на граѓанските организации на локално, регионално или/и национално ниво.

    Академската фела, кандидатот треба да:

    Биде вработен/ангажиран во некоја академска институција (универзитет, институт или др. висока школа за високо образование) во Република Северна Македонија;
    Има познавање од функционирањето и потребите на граѓанските организации на локално, регионално или/и национално ниво;

    Краен рок за поднесување на апликации: 28.03.2025 година.
    Пријави се на: ПОВИК ЗА ИЗБОР НА ЧЛЕНОВИ НА СОВЕТОДАВНА ГРУПАПоврзани:

  • ОНЛАЈН обука за дигитална трансформација на граѓанските организации

    Граѓанскиот ресурсен центар во рамки на проектот  “ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, објавува отворен повик за учество на онлајн обука за дигитална трансформација на граѓанските организации што ќе се оддржи на 20-21 март 2025 на платформата ЗООМ.

     Оваа обука ќе им помогне на граѓанските организации да ги разберат основите на дигиталната трансформација, важноста на дигиталното работење и како тоа може да се примени за зголемена ефикасност, поголемо влијание и одржлив раст на граѓанските организации.
    Дневен ред, ДЕН 1: четврток, 20.03.2025

    10.00 – 10.45
    СЕСИЈА 1: Зошто е потребна дигиталната трансформација на граѓанските организации?

    10:45 – 11:30
    СЕСИЈА 2: Алатки за управување со тимови и проекти

    11:30 – 11:45
    Пауза

    11:45 – 12:30
    СЕСИЈА 3: Дигитално застапување и изградба на дигитално присуство преку социјални медиуми

    12:30 – 13:00
    Дискусија

    Дневен ред, ДЕН 2: петок, 21.03.2025

    10.00 – 10.45
    СЕСИЈА 1: Дигитални решенија на основ на социјални иновации

    10:45 – 11:30
    СЕСИЈА 2: Дигитални алатки за фандрејзинг и контакт со поддржувачи

    11:30 – 11:45
    Пауза

    11:45 – 12:30
    СЕСИЈА 3: Како да ја започнете дигиталната трансформација во вашата организација

    12:30 – 13:00
    Дискусија

    Пријавените учесници ќе добијат линк за да се вклучат на онлајн настанот.
    По завршување на обуката, ќе следат последователни менторски активности со обучените организации за да се поддржи дигиталната трансформација на нивната организација!
    Рок за пријавување: Најдоцна до 17ти март 2025 година. ПРИЈАВИ СЕ НА СЛЕДНИОВ ФОРМУЛАР!Поврзани:

  • Одржана информативна сесија за повикот за Акциски грантови за поддршка на локалните избори 2025

    На 4-ти март 2025 се одржа онлајн информативна сесија за повикот за Акциски грантови за поддршка на локалните избори 2025. Настанот привлече претставници од над 60 претставници на граѓански организации, кои имаа можност да се запознаат со условите и критериумите за аплицирање. Главната цел на повикот е зајакнување на демократијата во Република Северна Македонија преку унапредување на изборниот процес, со акцент на транспарентноста, кредибилитетот и инклузивноста.

    Во првиот дел од информативната сесија беа презентирани целите на повикот, очекуваните резултати, расположливите финансиски средства, критериумите за подобност и начинот на аплицирање наведени во Упатството. Формуларот за аплицирање, буџетот и останатите документи потребни за аплицирање исто така беа објаснети. Во вториот дел присутните имаа можност да поставуваат прашања и да добијат појаснување и одговори.
    Посебен интерес кај присутните предизвикаа критериумите за подобност, а едно од прашањата беше поврзано со потребата за завршување на четири онлајн обуки, достапни на платформата АКАДЕМИЈА на ГРЦ (https://rcgo.mk/akademija/).  Обуките се снимени и можат да се следат во било кое време. За да можат да аплицираат, организациите треба да ги имаат завршено следните четири обуки:

    Обука за Планирање проекти и пишување проектна аликација (6 модули, распределени во 2 недели; добивате нов модул секој втор ден)
    Обука за односи со јавност (3 модули, распределени во една недела; добивате нов модул секој втор ден)
    Обука за Добро управување во ГО (1 модул, во времетраење од околу 10 минути)
    Обука за Транспарентност и отчетност (1 модул, во времетраење од околу 12 минути)

    Освен завршените обуки, организациите мора да го пополнат Инструмент за самооценка на организациските капацитети. Од апликантите не се бара да испратат дополнителна потврда дека ги исполнуваат овие два критериума за подобност.
    Присутните на сесијата поставија прашања и за критериумот за докажано искуство на организацијата во областа на набљудување и поддршка на избори. За исполнување на овој критерум организацијата треба да има најмалку една иницијатива или активност или проект за поддршка на локални/парламентарни/претседателски избори или поддршка на изборниот процес или почитување на избирачките права. Во однос на прашањето дали искуството на индивидуални членови од организациите како набљудувачи на локалните избори ќе се смета за релевантно беше одговорено дека учеството на членовите ќе се признава само доколку тие членови можат да докажат дека биле ангажирани како претставници на организацијата во изборниот процес.
    Дел од прашањата беа поврзани со критериумите за прифатливи и неприфатливи трошоци. Од тимот на ГРЦ истакнаа дека трошоци за надоместок на државни службеници или друг персонал вработен/ангажиран во јавна администрација на централно и/или локално ниво се неприфатливи трошоци на овој повик, додавајќи дека подетално за ова прашање заинтересираните можат да најдат во Упатството, точка 2.1.3. Подобност на трошоци.
    [embedded content]
    Организациите кои не беа во можност да присуствуваат на сесијата можат да постават прашање поврзано со повикот на следнава емаил пошта:
    Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
    со назнака: Прашање за повик со референтен број 08-20/1-2025, најдоцна до 20 март 2025г, до 17:00 часот (македонско време). Одговорите на поставените прашања (вклучително и оние поставени на оваа инфо сесија)  ќе бидат објавени на www.rcgo.mk, не подоцна од 28 март 2025г.
    Акциските грантови за поддршка на локалните избори 2025 се дел од проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.

    Следно >

    Поврзани:

  • Над 30 организации беа дел од дискусиите за напредокот на грантовите

    Во текот на февруари, тимот на Цивика мобилитас направи мониторинг на вкупно 34 граѓански организации, корисници на 10 од грантовите за граѓански ангажман, кои започнаа со реализирање на нивните активности во јули 2024 година.

    Целта на посетите беше да се провери како се одвива спроведувањето на проектите, да се соберат информации за предизвиците со кои се соочуваат организациите и нивните партнери, како и да се разгледаат можностите за подобрување.
    Грантистите зборуваа за актуелните и планираните активности кои вклучуваат одржливо управување со органскиот отпад и стекнување практични знаења за одржлив развој, изработка на платформа „Пристапен доктор“ за лицата со попреченост, формирање регионално тело на родови промотери и Школа за родова еднаквост во Пелагонискиот регион. Во Североисточниот регион, актуелна е теренска едукација на руралните жени, нивната мобилизација, буџетска писменост, како да се вклучат на пазарот на труд и сл. Од организациите, во чиј фокус се младите и образованието беше спомната и дигиталната алатка „Економски компас“, која е почната со еден од претходните проекти на Цивика мобилитас, а сега се надоградува, како и Младинска мрежа за финансиска писменост на Југоистокот. Понатаму, планирано е организирање на два пет дневни кампови за поддршка на проектните тимови предводени од млади, за да ги разработат нивните проектни идеи во спроведливи акции.

    Важен аспект на овие посети беше и дискутирањето за Political Economic Power Analysis (ПЕПА) анализата, која беше презентирана на Средбата за вмрежување. Речиси сите организации споделија дека се инспирирани од неа и новите сознанија од анализата (во однос на актери, простори, ресурси и правила на играта). Со помош на анализата тие развиваат заедничка мрежа на ниво на проект, што ќе им служи како основа за идни активности и остварување на целите на грантовите.
    На посетите, тимот на Цивика мобилитас разговараше со организациите и за некои од добрите практики и иновации. Беше разговарано за Кодексот на ГО, за тоа дали потписниците ги почитуваат одредбите од него, и за причините зошто некои од нив се уште не се потписници. Во текот на разговорите тимот се интересираше за примена на правилата од The Climate, Environment and Disaster Risk Reduction Integration Guidance (CEDRIG) и понуди препораки до грантистите за намалување на употребата на пластични шишиња, користење помалку хартија на настаните што ги организираат и сл.
    Голем дел од грантистите споделија дека поддршката од Цивика мобилитас била значајна за нивниот развој, особено во делот на јакнење на капацитетите. Работилниците како „Добри практики за одржливост на граѓанските организации“ и „Острови на интегритет“ беа посебно истакнати како клучни за напредокот на организациите.

    За време на посетите беше дискутирана и актуелната ситуација со прекинувањето на поддршката од УСАИД и нејзиното влијание на нив, а и воопшто на организациите во секторот. Поддршката е голем фактор и за одржливост но и за дел од исполнување на иницијативите. Тие се согласија дека регионалните и тематските платформи за соработка можат да бидат ефективни механизми, но само доколку се обезбеди континуирана поддршка, во спротивно, овие платформи нема да можат да опстанат.
    Посетите за мониторирање на грантистите се редовна активност на тимот на Цивика мобилитас што се случува најмалку еднаш годишно.

    Следно >

    Поврзани:

  • Регионален билтен на СЕЛДИ бр.75: Гласови во подем: Протести и борба против корупцијата на Западен Балкан

    Понеделник, 03 март 2025 13:45

    Најновото издание на Билтенот за анти-корупција на СЕЛДИ (број 75, ноември-декември 2024) е достапно, истакнувајќи ги главните антикорупциски случувања низ Западен Балкан. 

    Ова издание на Билтенот на СЕЛДИ ги истакнува главните случувања во борбата против корупцијата низ Западен Балкан, со силен фокус на најголемиот протест во Србија во последните децении. По трагичниот колапс на железничката станица во Нови Сад што однесе 15 животи, десетици илјади граѓани, студенти и земјоделци излегоа на улиците на Белград барајќи одговорност. Овој невиден протест ја потцртува растечката јавна фрустрација со неуспесите во управувањето и корупцијата.
    Во меѓувреме, антикорупциските напори се интензивираат во Албанија и Босна и Херцеговина, каде високопрофилни случаи разоткриваат системски злоупотреби. Со порастот на јавниот притисок, транспарентноста и отчетноста остануваат во преден план на регионалната борба за правда.
    Билтенот е подготвен во рамки на програмата „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за мониторинг застапување и подигање на јавната свест (СЕЛДИ)”, која се спроведува од Mрежата за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ), чиј координатор е МЦМС. Програмата е финансирана од Европската Унија.

    Следно >

    Поврзани:

  • Граѓаните сметаат дека треба да бидат внимателни во односите со другите луѓе

    МЦМС го спроведе редовното истражување на општата доверба и довербата во институциите. Резултатите покажуваат дека довербата во луѓето останува поделена, односно нешто над половината од граѓаните (52,6%) изјавиле дека имаат целосна или делумна доверба во луѓето. Најголема сигурност граѓаните чувствуваат во својот најблизок круг, па околу 2/3 рекле дека имаат доверба во соседите, додека довербата во колегите (52,8%) и сонародниците (52,2%) е мнозинска но, значително пониска. Најголема претпазливост испитаниците изразуваат кон непознатите, при што 84,1% изјавиле дека имаат целосна или делумна недоверба.

    Меѓучовечката доверба е на ниско ниво, при што 84,9% од граѓаните сметаат дека треба да бидат внимателни во односите со другите, а само 14,3% веруваат дека на повеќето луѓе може да им се верува. Овој висок степен на претпазливост се потврдува и кај одговорите на прашањето: „Дали сметате дека луѓето воопшто би ве искористиле или ќе се обидат да бидат чесни кон вас?“ Вкупно 76,0% од испитаниците сметаат дека луѓето би се обиделе да ги искористат. Од нив, најголем дел (21,5%) силно веруваат во тоа, позиционирајќи се на најниската точка од скалата.
    Нема раст на довербата кај ниту еден од општествените сектори споредено со резултатите од анкетата направена во 2021 година. Банките и финансиските институции (59,2%) и понатаму уживаат највисоко ниво на доверба. На исто ниво како во 2021 година е довербата во медиумите (55,5%), деловниот (51,2%) и граѓанскиот сектор (49,6%). Најголем е падот на довербата во јавниот сектор (од 46,8% на 27,1%), потоа следуваат политичките партии (од 36,2% на 27,6%) и меѓународната заедница (од 46,2% на 39,5%). Во споредба со 2021 година, најголем пад на довербата е забележан кај етничките Албанци, особено во јавниот сектор и политичките партии. Кај етничките Македонци, најзначителен пад има во јавниот сектор.
    Проверката на довербата во различните професии покажа дека граѓаните најмногу им веруваат на наставниците и професорите, со целосна или делумна доверба од 72,0%, а веднаш по нив се свештениците и верските лица (70,8%) и лекарите (65,9%). Од друга страна, судиите (18,4%) и цариниците (22,9%) се професиите во кои граѓаните имаат најмалку доверба, додека деловните, бизнис-консултантите (44,9%), полицијата (44,0%) и државните службеници (36,5%) се рангираат нешто подобро, но сепак остануваат во рамките на малцинството.
    Истражувањето е спроведено со теренска анкета на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници. Популациската рамка на примерокот беше население постаро од 18 години, а критериуми за репрезентативност беа: пол, етничка припадност, возраст, место на живеење и региони. Собраните податоци се обработени со честота и пропорција на одговорите. Податоците се со ниво на доверба од 95% и со грешка од +/- 3%. Анкетата е направена во периодот од 20 април до 25 мај 2024 година. За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект.

    Следно >

    Поврзани:

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор