Author: Македонски центар за меѓународна соработка

  • Граѓаните кои ја преземаат иницијативата во своите заедници, ја градат надежта оддолу

    Во овој број посветен на граѓанското учество, ги носиме приказните на оние кои не се помируваат со статус кво.
    Од Битола до Скопје, низ конференции, обуки, маршеви и локални анализи, граѓанскиот сектор ја води својата и битката на оние кои ги застапува за поинклузивно, одговорно и одржливо општество. Студентската конференција „Дигитална слобода и родова еднаквост“ ја отвори темата за дигиталното родово-базирано насилство, а младите беа охрабрени да ги скинат синџирите на онлајн вознемирувањето и злоупотребата. Паралелно, во рамки на програмата „Менторки на иднината“, девојките ја зајакнуваат својата емоционална интелигенција и лидерски капацитети, градејќи мрежи на поддршка и соработка.

    Најавено е и Европското дебатно првенство за средношколци, кое во 2026 ќе се одржи во Скопје, во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ). Настан што се очекува да внесе свежа енергија во културата на аргументирана дебата и критичко размислување.
    Граѓаните на 8 Март маршираа со порака: „Нека јадат ружи“, инсистирајќи дека борбата за родова еднаквост не е симболика, туку итна потреба. Истовремено, организации како Кризниот центар „Надеж“ и ЕСЕ ги истакнаа реалните предизвици: семејно насилство, доцнење на лекови за пациентите со ретки болести, отежнат пристап до гинеколошки услуги и недоволна поддршка за ранливите групи.
    Зелените политики, пак, остануваат закочени на локално ниво – анализите покажуваат дека најголем дел од општините (72%) немаат воопшто или немаат ажурирани локални еколошки акциски планови. На глобалната агенда за климатска акција ѝ недостига локално спроведување.
    Во сета оваа динамика, граѓанскиот сектор останува гласен чувар на јавниот интерес. Барањата за неселективна правда по трагични несреќи, транспарентност при јавните набавки, подобар пристап до информации и ефикасни здравствени програми, се повторуваат, додека истражувањата откриваат и недоверба на граѓаните во медиумите, придружена со ниска медиумска писменост.
    Граѓанските организации организираа и обуки за одржлив туризам, а го одбележаа и Денот на извидништвото. Владата донесе решение за составот на новиот Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, а се одржа и првиот состанок на работната група за подготовка на новата Стратегија за соработка со граѓанскиот сектор. Се надеваме дека ова е чекор кон посистемска поддршка на граѓанското општество.
    Но клучната лекција е следнава: без активни граѓани нема одговорни институции. Без учество, нема промена. А промената се случува и ќе се случува таму каде што граѓаните не чекаат дозвола да се вклучат, туку го менуваат општеството со секој мал чекор, глас и иницијатива.
    Погледнете што нуди новиот број „Граѓаните за промена“ #20

    Следно >

    Поврзани:

  • Завршен тридневниот регионален настан на СЕЛДИ: Поттикнување промени: Антикорупциско застапување и влијание врз политики

    Со силна енергија, инспиративни дискусии и практична размена на знаења, МЦМС, во име на СЕЛДИ мрежата, успешно го реализираше тридневниот настан „Поттикнување промени: Антикорупциско застапување и влијание врз политики“. Настанот се одржа од 14 до 16 април 2025 година во Скопје, обединувајќи над 30 претставници од граѓански организации, добитници на мали грантови од СЕЛДИ програмата и претставници на сите партнерски организции на СЕЛДИ од сите шест земји од Западен Балкан и Бугарија.

    Програмата започна со сесии посветени на јакнење на практичните вештини на граѓанските организации – од ефективна комуникација со медиуми, преку градење партнерства и мрежи, до стратегии за мобилизација на ресурси, застапување и влијание врз јавни политики. Воедно, учесниците имаа можност накратко да ги претстават своите организации и да ја споделат целта на проектите што ги спроведуваат во рамки на СЕЛДИ програмата за мали грантови. Ова им овозможи подобро да се запознаат со работата на колегите од регионот и да почнат да размислуваат за можни поврзувања, синергии и идни можности за заедничка соработка.

    Вториот ден го одбележа Средбата на високо ниво „Иновации против нелегалната моќ“, каде се дискутираше за системските предизвици на корупцијата во регионот. Институции, експерти и претставници на граѓанскиот сектор ги адресираа прашањата за политичката волја, заробеноста на државите, и потребата од поактивна вклученост на граѓаните. Се нагласи дека во време на политички и економски несигурности, здруженото делување е клучно за градење општества отпорни на корупција. Поврзувајќи ги локалните антикорупциски иницијативи со глобалните и регионалните политички процеси, настанот им овозможи на партнерите и грантистите на СЕЛДИ да стекнат стратешки увиди за да го засилат своето влијание.

    Дополнително, граѓанските организации имаа можност да ги согледаат глобалните антикорупциски трендови, променливите донаторски стратегии и импликациите од геополитичките промени, вклучително и процесот на пристапување во ЕУ.Третиот ден беше резервиран за запознавање со методологиите што СЕЛДИ ги користи за проценка на корупцијата и состојбата на заробеност на државите, како и да добијат конкретни насоки и совети за подготовка на влијателни документи за јавни политики. На оваа сесија учесниците дискутираа и за тоа како истражувањето и фактите можат да прераснат во конкретни реформи и да придонесат во напорите за справување со корупцијата.

    Во текот на овие три дена присутните имаа можност не само да учат, туку и да разменат искуства и добри практики, поставувајќи темели на една нова платформа на организации кои ги споделуваат истите вредности и кои со својата експертиза и соработка ќе придонесат кон посилен, поотчетен и поотпорен регион. Настанот претставуваше и вистинска можност за градење нови партнерства, регионални соработки и синергии кои ќе продолжат да ја движат борбата против корупцијата и по завршувањето на проектите.

    Следно >

    Поврзани:

  • Градење институционална отпорност: Ефективни механизми за справување со корупцијата

    Денес на 15 март 2025г. Македонскиот центар за меѓународна соработка во име на Регионалната мрежа за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа -(СЕЛДИ), ја организираше Средбата на високо ниво – „Борба против корупцијата: Иновации против нелегалната моќ“.

    Во воведните обраќања Александар Кржаловски, Директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, истакна дека СЕЛДИ од своето основање пред 25 години прерасна во еден од водечките гласови на граѓанското општество во земјите од Западен Балкан во борбата против корупцијата. И покрај зајакнатите демократски капацитети, националните механизми за борба против корупција остануваат случајни, краткорочни и политички мотивирани. Заменик шефот на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија,  Бен Непнау нагласи дека се потребни длабоки и системски општествени промени со конкретни цели, чекори и временска рамка за напредок. „Корупцијата е политички проблем и бара политички решенија и тоа на високо ниво во рамките на институциите“, додаде тој.

    Во рамки на клучната дискусија со фокус на борбата против корупцијата во земјите од Западен Балкан, осврнувајќи се на можните трендови и решенија Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, посочи дека корупцијата не е само административен туку и општествен проблем, а последните четири трагедии во изминатите години, каде стотици граѓани ги изгубија животите, е пример за последиците од истата. Тој воедно истакна дека новата Влада нема повеќе да толерира изговори и  продолжување на статус квото и неодговорното однесување. „Нашата цел е фокусирање на Европската агенда, и имплементирање на реформите за ресетирање на системот за доброто на граѓаните. Во време на неизвесност и војна и со помалку финансиски средства за поддршка во борбата со корупцијата мораме заеднички уште повеќе да се посветиме на изнаоѓање на решенија кои ќе го победат корумпираниот систем и одговорат на предизвиците“, додаде тој.
    Воедно, на панел дискусијата учествуваа и Н.Е Вероник Улман, Амбасадорката на Швајцарија, Никол Варнес, Заменик шефот на мисијата на амбасадата на САД и Барт де Брујин, Регионалниот координатор за владеење на правото од Кралството на Холандија во Србија и Црна Гора. Говорниците  ги споделија нивните согледувања за актуелните предизвици и постигнувања во регионот во справувањето со корупцијата  и влијанието на повлекувањето на странската помош врз антикорупциските напори.

    Средбата опфати и две панел дискусии каде се дискутираше  за  поддршката на доброто владеење и економската стабилност преку ефективни механизми за справување со корупцијата, каде збор земаа Д-р. Тихомира Костова, Аналитичар од Институт за изучување на демократијата од Бугарија, Д-р. Слаѓана Тасева, Декан и Извршен директор на Меѓународната академија за анти-корупција и Марина Ковачиќ, Лидер на компонентата за справување со нелегални текови во Западен Балкан, во рамки на ГИЗ во Северна Македонија.

    Понатаму, во втората панел сесија се зборуваше за градењето  на институционална  отпорност во справување со нелегални финансиски текови и заробеноста на државите. Во оваа сесија говорници беа Миша Поповиќ, Раководител на одделот за добро владеење при Инстиутот за Демократија „Социетас Цивилис“, Билјана Каракашова Шулев, член на Државната комисија за спречување на корупција, Даниела Минева, Виша аналитичарка при Институт за изучување на демократијата од Бугарија и Хендрик Бошмаер, проектен менаџер за Југоисточна Европа, во одделот за глобални односи и соработка на ОЕЦД.

    Воедно беа презентирани резултатите од последниот Регионален анти-корупциски извештај на СЕЛДИ за Западен Балкан, кои говорат за нерамномерниот напредок и застојот на реформите во државите кои остануваат површни и подложни на надворешно влијание. Истовремено корупцијата, клиентелизмот и политичкото влијание врз институциите продолжуваат да го поткопуваат владеењето на правото и пристапот до правда.
    Средбата се организираше во рамки на проектот Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за застапување врз база на докази, влијание врз политики и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет), финансиран од Европската Унија. Настанот е кофинансиран со средства од Централната Европска Иницијатива.

    Следно >

    Поврзани:

  • Средба на високо ниво – Борба против корупцијата: Иновации против нелегалната моќ

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Центарот за изучување на демократијата од Бугарија, во име на СЕЛДИ мрежата, организираат настан насловен „Средба на високо ниво –  Борба против корупцијата: Иновации против нелегалната моќ“.

    Настанот ќе ги обедини носителите на политики, претставници на граѓанското општество и меѓународната развојна заедница, кои ќе дискутираат за иновативни идеи и итни мерки за повторно ангажирање на владите во борбата против заробеноста на државите, нелегалните финансиски текови и стратешката корупција.
    Поврзувајќи ги локалните антикорупциски иницијативи со глобалните и регионалните политики, средбата ќе ги оспособи граѓанските организации од Западен Балкан со знаења за глобалните трендови во борбата против корупцијата, промените во донаторските стратегии и влијанието на геополитичките промени, вклучително и процесот на пристапување во ЕУ.
    Подетални информации за програмата може да се најдат во Агендата.
    Настанот се организира во рамки на проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за застапување врз база на докази, влијание врз политики и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет)”, финансиран од Европската Унија.
    ???? Настанот ќе се пренесува во живо преку ZOOM и Facebook.???? Регистрирајте се за онлајн учество преку следниот линк: https://forms.gle/PiJXQPw7gpQjiood6

    Следно >

    Поврзани:

  • Организациите заинтересирани за повиците за предлози во рамките на ИПА III Програмата за поддршка на граѓанското општество и медиуми 2024-2025

    “Ја препознаваме важната и значајна улога на граѓанското општество и медиумите што ја имате во земјата и сакаме да помогнете во спроведување на клучните реформи. Сакаме да промовираме подобра демократизација, почитување на основните права, меѓународните стандарди и доброто владеење, пред сè, владеењето на правото и борбата против корупцијата“, изјави Штефен Худолин, Раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија на онлајн консултациите одржани на 3 април 2025 година. На настанот присуствуваа повеќе од 80 претставници на граѓански организации, кои имаа можност да дискутираат за приоритетите и другите специфики на следните повици за предлози програмирани во рамките на ИПА III Програмата за поддршка на граѓанското општество и медиуми 2024-2025.

    Г-дин Худолин посочи дека се очекуваат значајни резултати од тековните и идните активности, и дека од суштинско значење ќе биде следењето и јакнењето на партнерствата – како со домашни граѓански организации и национални институции, така и со регионалните и европските партнери. На тој начин, земјите од Западен Балкан кои ја делат истата реформска агенда, ќе можат меѓусебно да разменуваат искуства и добри практики.

    „ЕУ останува цврст и доверлив партнер на овој пат“, истакна г-дин Худолин, охрабрувајќи ги присутните внимателно да ги следат повиците што ќе бидат објавени во наредните недели, и активно да се вклучат со свои предлози и апликации.

    Ирена Иванова, одговорна за граѓанско општество во Делегацијата на Европската Унија во Скопје подетално информираше за расположливите финансиски средства за следните повици за предлози, како и резултатите од онлајн прашалникот за утврдување на приоритетите и другите специфики на повиците за предлози во рамки на ИПА III Програмата за поддршка на граѓанското општество и медиуми 2024-2025.  Програмирањето се темели на два клучни рамковни документи: Насоките на ЕУ за граѓанско општество во замјите на проширување, 2021-2027г; и Владината стратегија за соработка со граѓанското општество 2022-2024г.

    Во областа на поддршка за граѓанските организации за нивно системско учество во пристапните процеси и преговори за членство во Европската Унија, граѓанските организации како најприоритетна ја оценија Реформската агенда и Планот за раст, по што следуваа  пристапувањето и преговорите со ЕУ и добрососедските односи. Беше потенцирано дека успешното реализирање на активностите треба да се базира на вмрежување и соработка, вклучувајќи воспоставување партнерства со организации и актери од земјите-членки на ЕУ. Областа на владење на правото и борбата против корупцијата беше оценета со највисок приоритет за акциските грантови

    Во вториот дел од консултациите, граѓанските организации имаа можност да ги споделат своите идеи и да постават прашања. Прашањата главно се однесуваа на технички аспекти од повиците за акциски и оперативни грантови. Дадените предлози за приоритетни области на повиците ги потврдија резултатите од веќе направената анкета со граѓанските организации.

    Отворениот повик за акциски грантови ќе биде објавен во април, додека пак повикот за оперативни грантови би требало да биде објавен во мај 2025 година.

    Настанот беше организиран во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.

    Следно >

    Поврзани:

  • Доверба во граѓанското општество – ставови на граѓаните

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) спроведе редовно истражување за довербата во граѓанското општество. Во 2024 година, индексот на доверба во граѓанскиот сектор достигна 42,9%, што претставува пад од 8,2 процентни поени во однос на 2021 година. Довербата во граѓанските организации изнесува 38,4%, при што се забележува значителна разлика помеѓу различни групи. Највисока доверба се забележува кај младите луѓе на возраст од 18 до 29 години (51,8%) и кај етничките Албанци (45,6%), додека најниска доверба имаат лицата над 65 години (18,6%) и жителите на Скопскиот регион (25,2%). Највисокото ниво на доверба во општеството го уживаат црквите и верските заедници (70,8%), додека довербата во други чинители на граѓанското општество варира, од 41,7% во неформалните групи до 30,0% во организациите на работодавачи.

    Истражувањето покажува дека испитаниците имаат поделени ставови во однос на улогата на граѓанските организации. Секој четврти испитаник (25,1%) ги гледа организациите како чинители што работат за јавен интерес, додека 60,4% сметаат дека тие дејствуваат за остварување на лични интереси на поединци. Дополнително, 58,3% од испитаниците веруваат дека граѓанските организации се организирани и финансирани од странски држави и нивни фондации со цел да им служат на странските интереси, додека 24,2% мислат дека се формирани за остварување на заедничко општо добро.  Перцепцијата за односот помеѓу политичките партии и граѓанските организации е претежно критичка. 49,5% од испитаниците сметаат дека партиите ги присвојуваат ставовите на организациите кога им одговара, додека 33,4% веруваат дека партиите основаат организации што ги користат како свои гласноговорници.
    Во однос на нивниот придонес во општеството, најголем процент од граѓаните сметаат дека граѓанските организации  имаат улога во креирањето на јавните политики (45,1%) и општественото влијание (44,8%). Меѓутоа, мнозинството не ја препознава активната улога на граѓанските организации во информирањето, едукацијата, обезбедувањето услуги, или задоволување на итни општествени потреби. Довербата во граѓанските организации варира и по тематски области. Највисока доверба имаат оние што се активни во областа на жените и родовата еднаквост (46,5%), социјалната грижа (44,1%) и образованието (43,0%), додека најниска доверба е забележана кај организациите што работат на демократијата и владеењето на правото (27,2%) и меѓуетничките односи (29,3%). Во споредба со 2021 година, довербата во сите области е намалена, при што најголем пад се бележи во областа на демократијата и владеењето на правото, каде што довербата опаднала од 48,1% на 27,2%.
    Истражувањето е спроведено со теренска анкета на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници. Популациската рамка на примерокот беше население постаро од 18 години, а критериуми за репрезентативност беа: пол, етничка припадност, возраст, место на живеење и региони. Собраните податоци се обработени со честота и пропорција на одговорите. Податоците се со ниво на доверба од 95% и со грешка од +/- 3%. Анкетата е направена во периодот од 20 април до 25 мај 2024 година. За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект.

    Следно >

    Поврзани:

  • Повик за граѓански организации за учество во програма за менторска поддршка

    Дали вашата организација има потреба од поддршка во подобрување на своето работење, градење капацитети и долгорочен развој?
    Граѓанскиот ресурсен центар објавува повик за граѓански организации за учество во програма за менторска поддршка насочена кон зајакнување на организациските капацитети и унапредување на внатрешните процеси на организациите.

    Преку оваа програма, пријавените организации ќе добијат директна поддршка од ментори во една или повеќе од следните области:

    Дигитална трансформација – воведување или подобрување на дигиталните алатки, процеси и комуникации во граѓанската организација
    Волонтерство – развивање на програма за волонтирање, ангажирање и управување со волонтери
    Финансиски менаџмент – транспарентност, отчетност и ефективно управување со финансиите на граѓанската организација, буџетирање и финансиско известување
    Стратешко планирање – дефинирање на долгорочни цели и насоки на делување на граѓанската организација и подготвување на стратешки план
    Застапување – развој на стратегии за влијание врз јавни политики и промовирање на граѓански иницијативи
    Анализа на организациски капацитети

    Кој може да аплицира?
    Повикот е отворен за граѓански организации регистрирани согласно на Законот за здруженија и фондации, кои активно работат на локално, регионално или национално ниво и имаат потреба од поддршка во една или повеќе од наведените области.
    Како да аплицирате?
    Заинтересираните организации треба да изразат интерес со образложение на потребата за менторска поддршка во една или повеќе од горенаведените области.
    Што добивате?
    ✅ Индивидуална менторска поддршка✅ Пристап до ресурси и алатки✅ Поддршка во спроведување на наученото
    Не ја пропуштајте можноста да ја зајакнете вашата организација и да го подигнете вашето влијание во заедницата!
    За дополнителни информации, контактирајте нè на: 
    Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите

    < Пред   Следно >

  • Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата упати барања до надлежните институции кои ќе овозможат да се прекине праксата на неказнивост, селективна правда и формално исполнување на обврски

    Корупцијата во Северна Македонија е закана за животот и безбедноста на граѓаните, а не само злоупотреба на јавни средства. Трагедиите како пожарот во Кочани, Ласкарци, „Беса Транс“, и модуларната болница во Тетово се директна последица на системски пропусти, политичка заштита, некомпетентни вработувања и институционална негрижа. И покрај континуираните ветувања за реформи, не се спроведени суштински промени во контролата, инспекциските механизми и законската одговорност, што доведе до 150 изгубени животи. Недостигот од одговорност и селективна примена на закони создадоа амбиент каде трагедиите се очекуван исход, а довербата во институциите е длабоко нарушена. Без еднаков третман пред законот и вистински системски реформи, ваквите трагедии ќе продолжат да се повторуваат.

    Во оваа прилика Платформата упатува конкретни барања до надлежните институции со цел да се прекине праксата на неказнивост, селективна правда и формално исполнување на обврски. Бараме итно да се преземат следниве чекори:

    Целосна, непристрасна и транспарентна истрага за пожарот во Кочани- Обвинителството мора да спроведе темелна и објективна истрага, без политички влијанија. Бараме да се објават основни податоци од планот за истрага и да се организираат редовни јавни брифинзи за напредокот, без да се откриваат чувствителни детали.
    Целосна реформа на казнената политика- Бараме строги, предвидливи и правично применети казни за корупција, затоа што малите и симболични казни само го охрабруваат прекршувањето на законот. Потребно е да се унапреди заштитата на укажувачите.
    Одговорност за институциите и компаниите што не ги исполнувале обврските– Потребно е јасно утврдување зошто контролите и надзорот не се спроведувале со години, да се утврди дали тоа било резултат на нестручност или свесен пропуст и да се обезбедат информации за тековните постапки и резултатите од нив.
    Теренски проверки при вонреден надзор- Само административна проверка не е доволна. Потребно е инспекциите преку теренска и темелна проверка да утврдат кои објекти и компании ги исполнуваат законските стандарди.
    Проверка на имотна состојба и интереси на инспектори и службеници кои одлучуваат во постапки за доделување лиценци и дозволи- Да се проверуваат анкетните листови на лица кои одлучуваат за дозволи и надзор, со цел да се откријат евентуални конфликти на интереси, коруптивни врски и нечесно влијание врз одлуките.
    Инспекторските места да се пополнат со вистински луѓе– Покрај потребата да се истражи одговорност на инспекторите за констатираното раширено неследење на правила од страна на компаниите, потребно е и нивно доекипирање како би се проширил годишниот опфат на контролирани субјекти. Инспекторатите треба да бидат финансиски и политички независни, а кадровски максимално зајакнати.
    Ревизија на постапките за добивање дозволи и лиценци- Потребно е усогласување на сите прописи за безбедност, јасни критериуми за заштита од пожари, и обврска за теренски увид од ДЗС пред издавање дозволи. Елаборатите за заштита мора да станат задолжителен услов и при издавање на угостителски лиценци.
    Измените на законите да не бидат алиби за минатите пропусти- Иако се најавени нови законски измени, тоа не смее да се користи како оправдување за претходни незаконски постапки или непостапување. Одговорност мора да има за пропустите, дури и ако правилата во меѓувреме се променети.
    Итно постапување по наодите од ДКСК и ДЗР- Препораките од антикорупциските и ревизорски тела не смеат повеќе да се игнорираат. Институциите мора веднаш да реагираат, јавно да објавуваат кои случаи ги опфаќаат и какви мерки преземаат.
    Воспоставување вертикална одговорност во институциите- Секој што дозволил небезбедни објекти да функционираат– од најниско до највисоко ниво– мора да сноси одговорност, било дисциплинска, прекршочна, кривична или политичка.
    Престанување со притисоци врз граѓанските организации, движења, иницијативи и медиумите- Независните медиуми и граѓанското општество честопати први алармираат за проблеми во системот. Наместо да се дискредитираат, тие треба да се третираат како партнери во борбата за правда, без страв од притисоци и одмазди.

    Минатата недела беа направени проверки во повеќе дејности. Во угостителските објекти, поголемиот дел имаа недостатоци и беа санкционирани со забрани, одземени лиценци или казни. Кај компаниите од областа на градба, проектирање и урбанистичко планирање, дел од лиценците беа одземени поради неправилности. Во транспортниот сектор, мал дел од контролираните субјекти покажаа проблеми. Локалната самоуправа потврди дека училиштата и градинките се безбедни. Но, кога ќе се погледне брзината со која се направија сите овие проверки, се поставува прашањето: колку навистина се проверуваше, и дали тоа беше длабински и темелно?  Во случајот со лиценцирањето во угостителството, од тоа што беше изнесено во јавност, испаѓа дека наместо да се казнат тие што не ги почитувале правилата, треба да им дадеме време да се „прилагодат“ и се очекува да поминат неказнето. Се добива впечаток дека и покрај тоа што долго време профитирале од расипаниот систем – со помали трошоци и без да ги исполнат стандардите – пак ќе им се прогледа низ прсти, повторно на сметка на јавниот интерес. Нема најави за санкции на административните службеници кои ги издале лиценците и дозоволите, што при вонредниот надзор беа повлечени. Инспекциските служби, иако клучни за заштита на јавниот интерес, се зависни од Владата – и финансиски и политички – што ја поткопува нивната независност и објективност. Укажувањата од антикорупциските тела често се игнорираат, а внатрешните ревизии ретко имаат последици.
    Платформата истакнува дека барањата што ги упатува се основни чекори кон создавање држава во која граѓаните ќе се чувствуваат безбедно и достоинствено, каде можат слободно да се движат и живеат без страв. Во следните недели ќе биде подготвена Бела книга со досега неисполнети барања за системски реформи, придружена со акциски план и рокови за институциите. Овие заложби не се политички, туку произлегуваат од потребата за заштита на животот, безбедноста и правичноста. Време е за конкретна одговорност и еднаква примена на правилата за сите, на сите нивоа.

    Следно >

  • Прашалник за работата на Граѓанскиот ресурсен центар

    Четврток, 27 март 2025 16:04

    Граѓанскиот ресурсен центар спроведува анкета за задоволството на граѓанските организации од нивната поддршка. Вашите коментари и сугестии се важни за унапредување и подобрување на услугите што ги нудат! Одвојте 10 минути и споделете го вашето мислење преку анкетата. Ве информираме дека пополнувањето на овој прашалник е анонимно.

     Ве молиме да одговорите на следниот прашалник: ПРАШАЛНИК ЗА РАБОТАТА НА ГРАЃАНСКИОТ РЕСУРСЕН ЦЕНТАР
    ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2 е проект финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Фондацијата Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) од Гостивар и Медиа плус од Штип. Главните активности на проектот се насочени кон креирање поволна средина за развој на граѓанското општество во земјата и зголемување на капацитетите на граѓанските организации, за истите да бидат компетентни, ефективни, одговорни и независни чинители во општеството.

    < Пред   Следно >

    Поврзани:

  • Консултативна средба за приоритети на повици од Европската Унија

    Вторник, 25 март 2025 12:30

    Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија ги кани сите заинтересирани на консултации за финализирање на дискусијата за приоритетите и другите специфики на повиците за предлози програмирани во рамките на ИПА III Програмата за граѓанско општество и медиуми 2024-2025 година.

    Консултациите ќе бидат онлајн на 28.03.2025 (петок) од 10:00 – 12:00 часот.
    Консултациите ќе ги отвори г-дин Штефан Худолин, Раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Дискусиите ќе се фокусираат на идентификување на приоритетните теми, типот на акции и други специфики за следните повици за предлози:

    Повик за предлози (Акциски грантови) – Поддршка за систематско учество на граѓанското општество во процесот на пристапување во ЕУ и преговорите;
    Повик за предлози (Акциски грантови) – Поддршка на граѓанското општество и медиумските организации во различни тематски области;
    Повик за предлози (Оперативни грантови) – Рамковни договори за партнерство.

    Доколку сте заинтересирани да се приклучите на консултациите, ве молиме потврдете го вашето учество со пополнување на формуларот на следниот линк: ФОРМУЛАР ЗА ПРИЈАВА НА КОНСУЛТАТИВНА СРЕДБА ЗА ПРИОРИТЕТИ НА ПОВИЦИ ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор