Author: Македонски центар за меѓународна соработка

  • „Од различност до праведност – еднакви во правото на здрава и одржлива животна средина за сите“

    На 16 јуни 2025 година, во Europe House Скопје се одржа тематскиот форум „Од различност до праведност – еднакви во правото на здрава и одржлива животна средина за сите“, во организација на партнерските организации Центар за младински активизам КРИК, Центар за социјална иницијатива НАДЕЖ и Здружението на социјални работници на Македонија. Настанот беше дел од проектот „Заеднички за зелено застапување за заштита на животната средина (ЗЗЗ)“, поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас, и стави акцент на важноста од креирање инклузивни, правични и млади-информирани еколошки политики.

  • Спроведени консултации за Предлог-Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество и Акцискиот план 2025–2028

    На 13 јуни 2025 година, во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје се одржа консултативна средба за финализирање на Предлог-Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество со Акциски план 2025–2028. Настанот беше организиран од Одделението за соработка со невладините организации при Генералниот секретаријат на Владата, во партнерство со проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија. На средбата учествуваа 26 претставници на граѓанските организации и државните институции кои се членови на работната група за подготовка на Стратегијата, членови на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како и претставници на граѓански организации кои активно придонесоа со предлози во консултативниот процес.
    Во дискусијата преовладуваше приоритетната цел за унапредување на системот на државно финансирање на граѓанските организации, а пред се зголемувањето на финансиската поддршка од централниот буџет и од буџетот на единиците на локалната самоуправа и обезбедување на друг вид на поддршка, воспоставувањето на гарантен фонд за финансиска поддршка на граѓанските организации што се добитници на проекти од европски и други фондови, измена на Законот за игрите на среќа и за забавните игри  како и  транспарентноста и отчетноста на државното финансирање и другите видови на поддршка за граѓанските организации. Во однос на механизмите и моделите за соработка и учество на граѓанските организации во креирање политики и во ЕУ интегративниот процес, беше истакнато дека во Стратегијата треба да се афирмираат и постојечките механизми и да се залагаме за продолжување на нивното функционирање, пред се мислејќи на секторските работни групи.

    Значителен дел од консултативната средба беше посветена на утврдувањето на показателите и следењето на спроведувањето на Стратегијата и Акцискиот план. Беше предложено, по усвојување на Стратегијата, да се развие Систем за мониторинг, евалуација и учење, кој ќе служи како алатка за мерење на напредокот во спроведувањето на Стратегијата и Акцискиот план. Согласно Упатството за структурата, содржината и начинот на подготвување, спроведување, следење, известување и оценување на сeкторските и мултисекторските стратегии, по усвојување на Стратегијата, ќе се подготват Пасоши на показатели, поединечно за секој показател. Важно е утврдувањето на деталите за секој показател да биде направено во консултација со граѓанските организации и Мрежата на државни службеници.
    Изготвувањето на оваа Стратегија започна во ноември 2024 година, со јавниот повик на Одделението за соработка со невладини организации до сите заинтересирани граѓански организации да се вклучат со свои предлози за мерки и активности за новата Стратегија. Во јануари 2025, беше формирана работна група од претставници на државните институции и граѓанските организации кои активно работеа на изготвување на Предлог-Стратегијата и Акцискиот план.  На 14 мај 2025 Предлог-Стратегијата со Акцискиот план беа објавени на ЕНЕР за јавни консултации до 12 јуни 2025. 

    На 23 мај 2025 беше одржана онлајн консултативна средба со граѓанските организации во организација на Граѓанскиот ресурсен центар и Одделението за соработка со невладините организации на која што учесниците имаа можност да дадат свои коментари и сугестии за подобрување на содржината на Стратегијата и Акцискиот план.
    На 18 јуни 2025 година, Предлог-Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество со Акциски план 2025–2028 ќе биде разгледана на третата седница на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество а потоа ќе биде доставена за разгледување и усвојување од Владата.

    Консултативните средби се организирани во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.

  • Прво регионално вмрежување на руралните жени од Североистокот: Гласни и здружени за промени

    Жените од руралните средини во Североисточниот регион, кои досега ретко добиваа простор и поддршка за активно учество во јавниот живот, за првпат се сретнаа на Регионална средба за вмрежување во Крива Паланка, организирана со цел да се поттикне женското учество во локалното одлучување и граѓанскиот активизам. Ова е првата од вкупно три планирани регионални средби во рамките на проектот „Активни жени“.
    Настанот ги собра жените од населбите Карпош и Пуковско од Куманово, Конопница, Мождивњак и Дурачка Река/Станци од Крива Паланка и Кетеново, Шлегово и Туралево  од Кратово,  кои споделија лични искуства, предизвици и иницијативи насочени кон подобрување на условите во нивните заедници.

    Мотивирани за акција и иницијатива
    „Прв пат доаѓам на ваков организиран настан и се чувствувам мотивирано да делувам во мојата заедница. Вмрежувањето овозможува гласот на руралните жени да се слушне посилно при креирање на локалните политики, додека заедничкото делување придонесува за поефикасно решавање на клучните предизвици со кои сите се соочуваме, истакна Емилија Јакимовска од населбата Карпош, Куманово.
    Нагласувајќи ја важноста на женско поврзување и охрабрување, слична порака испрати и Светлана Кирова  од Шлегово, која очекува конкретни промени во нејзината заедница.
    „Иако жените се соочуваат со бројни бариери, промената е веќе започната. На наша иницијатива ја обновивме месната заедница, што претставува огромен чекор напред за целото село. Овој потег не е само израз на наша желба, туку јасна и реална потреба. Тоа покажува дека кога жените се здружуваат и преземаат иницијатива, можат да придонесат за вистински промени во заедницата“, рече Кирова.
    Предизвици и бариери
    И покрај растечката волја за промени, руралните жени се осврнаа и на главните причини за слабиот женски активизам. Се  уште се соочуваат со длабоко вкоренети општествени бариери кои ја отежнуваат нивната активна улога во заедницата.
    „Патријархалните норми и политичките поделби сè уште ја кочат женската иницијатива. Во многу рурални средини жените се уште се гледаат само како поддржувачи, а не како носители на одлуки. Честопати се игнорира нивниот глас. Време е да се надминат стереотипите и да се отвори простор за еднакво учество, засновано на капацитет, а не на пол или политичка припадност“, вели младата Мирела Стојчевска од Конопница, Крива Паланка.
    Негативно искуство за отпорот кон жените и поинаквата перспектива кон нивниот активизам сподели и Јасминка Јакимовска, единствена жена од Крива Паланка која била претседателка на Месната заедница во село Станци.
    „Иако поднесував барања и настојував да отворам дијалог, вратите на општината ми останаа затворени. Сепак, тоа не ме обесхрабри. Зашто секоја жена што ќе се охрабри да проговори, да се спротивстави на молкот или да поведе иницијатива, претставува чекор напред,  не само за себе, туку за целата заедница. Нашиот глас заслужува да биде слушнат, а нашата посветеност – препознаена и поддржана“, истакна Јакимовска.
    Учесничките на средбата заклучија дека  клучни пречки за поголема активност на жените во руралните средини е недостигот на информации и мотивација, што често ја задушува иницијативата уште на самиот почеток.
    „Голем дел од жените не се доволно информирани за своите права и за начините како можат да се вклучат во иницијативи или да бараат промени. Кај многу од нив е присутен и недостаток на амбиција, што дополнително ја намалува нивната активност. Од друга страна, општината често само нè препраќа од една служба до друга, без реална поддршка“ , смета Тамата Костадиновска од Туралево, кратовско.
    Жените – двигатели на промени
    Тие беа едногласни  дека женската мобилизација е процес,кој е можеби тежок, но возможен. Иако се уште се на почеток, овие рурални жени носат голема волја за промена и енергија која може да ја трансформира заедницата.
    „Ги дефиниравме проблемите едногласно, стапивме во контакт со општината и имаме план за работа. Поттикнати сме од желбата за подобри услови во нашата средина. Веруваме дека со заедничка посветеност и континуирана соработка можеме да создадеме вистински промени“, потенцираше Весна Ристевска од Куманово.
    Учесничките изразија задоволство од досегашните активности на проектот „Активни жени“, кои им помагаат да се слушне женскиот глас, но и да бидат информирани и инклузивно да настапуваат пред надлежните институции.
    „Сега знам како законски да донесам промена. Научивме сè да документираме, и најважно, конечно се слуша нашиот глас. Ние сме жени ентузијасти и нема партија што ќе нè обои, ниту институција што ќе не раздвои“, потенцираше кумановката Емилија Јакимовска.
    Институционална поддршка
    На средбата присуствуваше и координаторката на Комисјата за еднакви можности од Општина Крива Паланка Гордана Ристовска, која посочи дека мобилизацијата можеби оди тешко, но дека токму ваквите настани се вистинската можност за охрабрување и активирање на жените.
    „Знам дека физичката оддалеченост и недостатокот на транспорт се едни од  клучните причини за слабото женско учество. Но ги охрабрувам жените да учествуваат во буџетски форуми и да даваат предлози, зашто општината реализира добар дел од граѓанските приоритети. Оваа средба со толку многу жени покажува колку се силни и активно ќе се залагам за јакнење на нивното учество во процесите на одлучување“, рече Ристовска.
    На крајот беа детектирани заедничките проблеми на вклучените заедници што директно влијаат врз квалитетот на животот. Жените укажаа на хронични проблеми со водоснабдување, недовршена канализација, слаба осветленост, лоша патна поврзаност, како и недостиг од здравствени установи, детски и рекреативни простори.
    Регионалната средба беше доказ дека кога жените се поврзуваат, се охрабруваат и поддржуваат една со друга, се раѓа вистинска промена. Преку размена на искуства, научени лекции и лични приказни, тие градеа солидарност и даваа нови идеи. Ова е само почеток на една посилна, поврзана и гласна женска мрежа.
    Проектот „Активни жени“,го спроведува Хуманитарно Здружение „Мајка“ од Куманово, во партнерство со Регионален центар за одржлив развој од Кратово, РЦС „Спектар“ од Крива Паланка и Фондација за развој на мали и средни претпријатија од Куманово. Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас, што ја спроведува МЦМС.

    Следно >

    Поврзани:

  • Зголемени капацитети на граѓанските организации за дигитално собирање податоци со алатката KoboToolbox

    На 11 јуни 2025 година, Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ), во соработка со организацијата Kobo Inc., организираше обука за дигитално собирање и управување со податоци, наменета за граѓанските организации. На обуката присуствуваа претставници од 26 граѓански организации, кои имаа можност детално да се запознаат со функциите на KoboToolbox – алатка специјално дизајнирана за собирање податоци на терен, дури и во услови без интернет конекција.

    Учесниците беа воведени во основите и предностите на дигиталното собирање на податоци, кое сè повеќе го заменува традиционалниот, рачен процес. Новите технологии овозможуваат побрзо и поефикасно прибирање информации, со намалување на грешките, можност за прикачување фотографии, мониторинг во реално време и интеграција со платформи како Excel, Power BI и GIS.

    „Дигитализацијата веќе не е избор туку потреба. Ваквите обуки многу ни користат при самото работење за да ги подобриме процесите“, изјави Ивана Серафимовска од Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП).

    Обучувачот Борис Ристовски ги презентираше главните карактеристики на KoboToolbox, истакнувајќи ја неговата достапност за непрофитни организации, можноста за офлајн работа, поддршката за повеќе јазици и едноставниот кориснички интерфејс. Дополнително, беа презентирани и ресурсите што стојат на располагање: Центар за помош, глобален форум, академија со курсеви за самостојно учење и мрежа од амбасадори кои нудат поддршка низ целиот свет.

    Следеше и практичен дел, каде што учесниците директно работеа со алатката преку реални примери. Суаред Алишан од Коалицијата за застапување на правата на лицата со хендикеп „Менуваме“ го сподели своето искуство: „Преку оваа обука се стекнав со знаење за можностите и начинот на примена на алатката. Таа нуди современ начин на собирање и обработка на податоци, кои понатаму можат да се користат при креирање идеи за нови проекти. Од обуката ми произлезе идеја за истражување на пристапноста на лицата со попреченост.“

    Обуката беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар во соработка со Kobo Inc.

  • Доделени 11 акциски грантови за поддршка на локалните избори 2025

    Дванаесет граѓански организации се добитници на грант преку програмата „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансирана од Европската Унија, а ќе реализираат проекти насочени кон зајакнување на демократијата во државата преку подобрен изборен процес со фокус на зголемена транспарентност, кредибилитет и инклузивност. Конкретна целе да се зајакнат граѓанските организации во нивното активно учество и ангажираност за инклузивни, транспарентни и отчетни локални избори со фокус на учеството на жените, младите и маргинализираните групи.

    Добитници на акциски грантови за поддршка на локалните избори 2025 се:

    Младински културен центар – Битола

    Наслов на проект: Активни граѓани за фер и транспарентни локални избори

    Хелсиншки комитет за човекови права

    Наслов на проект: Мониторинг на говорот на омраза – гаранција за демократски избори

    Здружение на граѓани Центар за граѓански комуникации ЦГК Скопје

    Наслов на проект: Фер трошење за фер избори: Следење на јавните набавки на општините во изборната година

    Здружение- Балкански Институт за регионална соработка, Тетово

    Наслов на проект: Гласови на еднаквост, демократија за сите

    Сојуз – Национален совет за родова рамноправност

    Наслов на проект: Моја иднина, мој избор – зајакнати жени и девојки за транспарентни и инклузивни локални избори 2025 година

    Центар за истражување и анализи НОВУС, Струмица

    Наслов на проект: “Изборен Навигатор за зајакнување на демократијата и изборниот процес во С. Македонија”

    Рурална Коалиција, Кичево

    Наслов на проект: Руралните заедници за отворени и отчетни избори

    Институт за економски стратегии и меѓународни односи Охрид, Скопје

    Наслов на проект: ПАКТ – Подмладоци за активна комуникација и толеранција

    Центар за стратегиски истражувања и анализи – ЦСИА, Битола

    Наслов на проект: Дигитален штит: Мониторинг на локалните избори 2025 од хибридни закани во дигиталниот простор

    Асоцијација Институт за социјална промена – ИНСОК во партнерство со Здружение за права и хуманост Интегра Нау Скопје

    Наслов на проект: Фер избори – можности за помалите заедници

    РЕАКТОР – Истражување во акција

    Наслов на проект: Локални гласови за демократија: Моќ, влијание и еднаквост во пракса

    Со вкупен фонд од околу 110.000 евра, овие грантисти ќе придонесат за зајакнување на граѓанските организации и граѓаните, преку нивно активно учество и ангажирање во мониторингот на Локалните избори во октомври 2025 година. Покрај набљудувањето на изборниот процес, овие грантисти ќе работат на справување со различни предизвици, вклучително и мониторинг на говор на омраза, хибридни закани во дигиталниот простор, мониторинг на јавните набавки од страна на општините во изборната година, но и ќе се фокусираат на специфични целни групи како што се жените, младите, вклучувањето на малцинските групи како Ромите, руралните заедници, лицата со попреченост итн.
    На јавниот повик беа поднесени вкупно 40 апликации, од кои 36 ја поминаа проверката на административната усогласеност и подобноста и беа оценувани од страна на Комисијата за оценка на апликации за квалитетот на поднесената апликација, согласно критериумите за оценка дадени во Упатството за аплицирање.
    На идните грантисти им честитаме за успешните проектни апликации и им посакуваме среќа и успешна реализација на проектните активности!
    Овие субгрантови се доделени во рамки на ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2, проект финансиран од Европската Унија а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонски центар за меѓународна соработка, Асоцијација за демократски иницијативи АДИ од Гостивар и Медиа плус Штип.

    Следно >

    Поврзани:

  • Повик за избор на обучувач за мониторинг, евалуација и учење на организациско ниво

    Петок, 13 јуни 2025 08:00

    Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) во рамки на проектот “ЕУ поддршка за ГРЦ – фаза 2”, финансиран од Европската Унија отвори повик за избор на обучувач за мониторинг, евалуација и учење на организациско ниво.

    Обучувачот ќе ги има следниве задачи и одговорности:

    Снимање на онлајн воведна обука за Мониторинг, евалуација и учење  на организациско ниво која треба да се состои од кратки едукативни видеа (секое до 10 минути) за 3 модули од оваа област, кои ќе бидат објавени на Академијата на ГРЦ.
    Испорака на дводневна работилница на тема Мониторинг,  евалуација и учење на организациско ниво.
    Изготвување на Прирачник/Насоки за мониторинг, евалуација и учење на организациско ниво.

    Краен рок за аплицирање е 27 јуни 2025 година. Апликациите треба да се достават на 
    Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
    .
    Овој повик е дел од проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.

    < Пред   Следно >

    Поврзани:

  • Вмрежени граѓански организации за успешни граѓански иницијативи

    На 2 и 3 јуни 2025 година, во организација на Граѓанскиот Ресурсен Центар (ГРЦ), се одржа средба за вмрежување на грантистите и партнерите на акциските грантови за локални иницијативи.

    Главната цел на средбата беше да се зајакне капацитетот на граѓанските организации за застапување, особено преку нивно вмрежување, започнување на заеднички иницијативи за застапување и зголемување на видливоста на нивните активности за важни општествени прашања. Во текот на средбата, претставниците на 28 организации разменија искуства, предизвици и успеси во нивната работа на терен, дискутираа за нивните тековни иницијативи, предизвиците со кои се соочуваат и начините за ефикасно застапување на приоритетите на заедницата.

    Меѓу презентираните иницијативи беше посочена и иницијативата за заживување на младинските форуми и совети во општините. Во дискусијата беше истакнато дека иако во дел од општините формално постојат младински совети и центри, нивната функционалност е ограничена. Претставници на организации кои работат со млади апелираа за институционална поддршка и стимулација на младинското учество, вклучувајќи и позитивни примери на распишани повици за младински центри.
    Магдалена Здравевска од Здружението за локален развој Локал Акт од Македонски Брод го сподели искуството со иницијативата за запирање на изградба на фабрика за рециклажа на литиумски батерии во еколошки чист регион. „Не можам со сигурност да тврдам дека изградбата е прекината поради нас, но знам дека имавме влијание“, истакна таа.
    Златко Талевски, регионален експерт за граѓанско општество од Пелагонискиот регион, им презентираше на присутните различни форми на граѓанско учество: од поднесување претставки и предлози, преку форуми во заедницата, до директни контакти со претставници на локалната власт. Тој потенцираше дека правото на слободен пристап до информации е еден од најважните механизми што стои на располагање на секој граѓанин. Во рамки на дискусијата, беше споделено и искуство од терен, каде што претставници на граѓански совети наидуваат на потешкотии во остварување на нивните надлежности, како и примери за демотивација на граѓаните да учествуваат во донесувањето одлуки, особено кога институциите не ги почитуваат нивните барања.

    „Работата во граѓанскиот сектор сама по себе носи предизвици, но да се делува од внатрешноста на Македонија е уште попредизвикувачно – пред сè поради ограничен логистички пристап, недоволни ресурси и други пречки. Сепак, Граѓанскиот ресурсен центар значително ја олеснува оваа состојба. Тој претставува вистински пример за место каде што се собираат и секојдневно се споделуваат корисни информации со сите организации, со што ни овозможува навремено информирање и вмрежување. Покрај тоа, ГРЦ нуди менторска поддршка и обуки во различни области, што претставува значителна поддршка за организациите.“ изјави Светлана Петковска од Организација на жени Битола.
    Анита Гаговска, регионален експерт од Југозападниот регион, одржа сесија за онлајн алатки за застапување и дигитални кампањи, каде се презентираа платформи за петиции, алатки за сторителинг, како и можности за користење на вештачка интелигенција во креирање мултимедијални содржини. Особено внимание беше посветено на постапката за креирање спонзорирани објави на социјалните медиуми. Таа подвлече дека е клучно иницијативите да се базираат на податоци, анкети и конкретни резултати. Учесниците ја истакнаа важноста од техничка поддршка и споделување искуства, при што ГРЦ беше посочен како достапен ресурс за менторска поддршка.
    Вториот ден беше посветен на практична работа со алатката за промовирање и поддршка на иницијативи за застапување на ГРЦ. Организациите имаа можност да ги внесат своите иницијативи и да дискутираат за можностите за соработка и заемна поддршка. Презентирани беа разработените иницијативи за застапување кои што се главно иницирани преку субгрантовите добиени во рамките на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2”.
    Средбата заврши со порака дека вистинската промена започнува со граѓанска иницијатива и дека преку заедничко работење, поддршка и јасни механизми за застапување, гласот на заедницата може да биде чуен.
    Средбата беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.

    Следно >

    Поврзани:

  • Повик за избор на регионални експерти од граѓанско општество

    Вторник, 10 јуни 2025 09:00

    Граѓанскиот Ресурсен Центар (ГРЦ) објавува отворен повик за избор на регионални експерти од граѓанското општество кои ќе служат како екстензија на ресурсните центри за поддршка и зајакнување на локалните организации.

    Повикот е отворен за регионални експерти од граѓанското општество од следните плански региони:

    Североисточен;
    Вардарски; 
    Југоисточен плански регион.

    Преземете го документот со ОПИС НА НАДЛЕЖНОСТИ за регионалните експерти.
    Краен рок за аплицирање е 04 јули 2025 година. Апликациите треба да се достават на 
    Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
    .
    Овој повик е дел од проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.

    Следно >

    Поврзани:

  • Повик за учество на обука за собирање податоци за граѓанските организации и употреба на алатката KoboToolbox

    Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) во рамки на проектот “ЕУ поддршка за ГРЦ – фаза 2”, финансиран од Европската Унија, во соработка со Kobo Inc. објавуваат повик за бесплатна еднодневна обука за претставници на граѓански организации.

     Основни информации

    Локација: Граѓански ресурсен центар, Скопје
    Датум: 11 јуни 2025 година
    Време: 09:30 – 16:30 часот
    Трошоци: Покриени трошоци за транспорт за учесници надвор од Скопје
    Обучувач: Борис Ристовски, KoboToolbox амбасадор

    Зошто да учествувате?
    Во денешното време на засилена дигитализација, способноста за ефикасно собирање и анализа на податоци е клучна за секоја граѓанска организација. Оваа обука ви нуди можност да го совладате KoboToolbox – една од најмоќните и најшироко користени алатки за собирање податоци во хуманитарниот и развојниот сектор.
    Покрај изучување на различните методи за собирање податоци, обуката ќе вклучи и практична примена на алатката KoboToolbox за собирање и управување со податоци. Научете како да развиете моќни формулари за собирање податоци и како ефикасно да собирате податоци на терен или онлајн.
    За кого е наменета обуката?
    Оваа основна обука е наменета за претставници на граѓански организации кои сакаат да ги подобрат своите вештини во развој и примена на ефективни формулари за собирање податоци. За оваа обука нема потреба од претходно предзнаење – може да се пријават и учесници кои немаат никакво искуство во собирање податоци.
    Што ќе научите на обуката?

    Како да планираме активност за собирање на податоци
    Дизајн на прашалник и избор на соодветна алатка за собирање податоци
    Осврт на 25 различни формати на прашања во алатката KoboToolbox
    Поставување на логика на прашалникот и верификација на внесените податоци
    Вовед во понапредни теми и можности при собирање на податоци
    Преглед, модификување, основна анализа и визуелизација на податоци
    Менаџирање на проекти, анкетари и медоти за верификација на податоци

    Што добивате?
    По завршување на обуката, секој учесник ќе добие:

    Сертификат за учество што ќе ги подобри неговите професионални квалификации
    Практично искуство со реални примери
    Пристап до дополнителни ресурси и материјали за понатамошно учење
    Мрежа на контакти со други професионалци од граѓанскиот сектор

    Поддршка за учесници
    За пријавените учесници надвор од Скопје, ќе бидат покриени трошоци за транспорт во висина од автобуска карта до дадената локација. Дополнително, за време на обуката ќе бидат обезбедени ручек, освежителни паузи и работни материјали.
    Како да се пријавите?
    Пријавете го вашето учество со пополнување на ФОРМУЛАРОТ НА ГРЦ најдоцна до 8 јуни 2025.
    Погледнете го вебинарот како вовед во обуката: North Macedonia Community Webinar June 03 – YouTube

    Следно >

    Поврзани:

  • Сериозно нарушување на демократските стандарди во Западен Балкан и Турција – Повик за одлучна акција на ЕУ

    Четврток, 05 јуни 2025 10:50

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) ја истражуваше состојбата со овозможувачката околина во Северна Македонија што е дел од регионалната анализа на Балканската мрежата за развој на граѓанското општество (БЦСДН). Наодите од истражувањето се дел од најновиот документ за политики на БЦСДН насловен: „Делот што недостига: Зошто граѓанскиот простор мора да биде приоритет во процесот на пристапување во ЕУ“.

    Потпирајќи се на наодите од Матрицата за следење на овозможувачката средина за развој на граѓанското општество (MM стандарди), документот остро укажува на сериозното нарушување на демократските стандарди во Западен Балкан и Турција, предупредувајќи дека без конкретни дејствија, демократијата ризикува да остане само декларативен поим на хартија.
    Документот за политики открива загрижувачки трендови, вклучително и систематско стеснување на граѓанскиот простор.
    За справување со овие загрижувачки трендови, БЦСДН упатува итен повик до Европската Унија да воведе обврзувачки услови во процесот на проширување и тоа:

    Да воспостави јасни и мерливи критериуми за граѓанскиот простор, кои редовно ќе се применуваат и следат;
    Да вклучи граѓански организации (ГО) во процесите на следење на реформите и пристапните преговори;
    Да обезбеди долгорочна, флексибилна поддршка за иницијативи на локално ниво;
    Да го поврзе демократското назадување со конкретни финансиски и политички последици.

    БЦСДН нагласува дека ЕУ мора да применува поструктуриран, поитен и поодлучен пристап за заштита на граѓанското општество во Западен Балкан и Турција.
    Примери од извештајот на загрижувачки трендови:

    Црна Гора: Во 2023 година, само 0,23% од државниот буџет беше наменет за ГО, значително помалку од законскиот минимум од 0,5%.
    Босна и Херцеговина: Криминализацијата на клеветата во Република Српска создаде средина во која новинарите се гонат за критичко известување – поднесени се 130 тужби за клевета во првата година по повторното криминализирање.
    Србија: Истражувачките новинари кои откриваат корупција често се цел на SLAPP тужби, иницирани од државни функционери или бизнисмени блиски до политички елити.
    Турција, Албанија, Србија и Косово: Се злоупотребуваат мерките за спречување перење пари (AML) и финансирање на тероризам (CFT) и се користат против ГО, со чести ревизии и административен притисок, особено врз организации за човекови права и оние со странско финансирање – што ги одвраќа донаторите и го отежнува финансирањето на граѓанските организации.

    Северна Македонија: Сеопфатната реформа на државното финансирање на граѓанските организации воопшто не напредуваше во 2024 година. Државното финансирање продолжува да биде речиси непрепознатлив извор на приход за граѓанските организации и е достапно само за ограничен број организации.

    < Пред   Следно >

    Поврзани:

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор