[Aggregator] Downloaded image for imported item #52509

ЗАЕДНИЧКО КОМИНИКЕ – Од истражување до дејствување: Регионален повик за институционален одговор

Ние, Младинскиот образовен форум (МОФ), Центарот за наука и иновации за развој (SCiDEV) и Иницијативата на младите за човекови права (YIHR), врз основа на наодите и препораките развиени од младите истражувачи и истражувачки од Македонија, Албанија и Србија во рамки на Регионалната програма за младинско лидерство и мобилност (RYLMP) 2025–2026, го упатуваме овој заеднички повик за институционално дејствување во однос на предизвиците идентификувани во трите земји.

Во текот на програмата, младите истражувачи работеа во регионални тимови во седум области на јавните политики кои се од непосредно значење за младите и за демократскиот, општествениот и економскиот развој на регионот: учество на младите во креирањето јавни политики; миграција на младите и одлив на мозоци; вработување на млади лица со попреченост; превенција и препознавање на фемицидот; медиумска и информациска писменост; регионална соработка во високото образование; и дигитална и зелена транзиција, со посебен акцент на управувањето со електронскиот отпад.

И покрај разликите меѓу овие области, истражувањата откриваат заеднички регионален образец: формалните заложби и рамките на јавните политики често постојат, но нивното спроведување и институционалната отчетност продолжуваат да заостануваат. Институционалната фрагментираност, ограничените ресурси, слабата координација и нерамномерната регионална соработка и понатаму го попречуваат постигнувањето суштински и одржливи промени преку постојните политики и законски рамки.

Што покажуваат истражувањата

Во Македонија, Албанија и Србија постојат формални механизми за младинско учество, но младите ретко добиваат јасни повратни информации за тоа како нивниот придонес влијае врз институционалните одлуки. Во регионалното истражување, 76% од испитаниците го оцениле младинското учество како претежно симболично, додека 72% ја оцениле довербата во институциите со само 1 или 2 на скала од 1 до 5, што укажува на значителен јаз меѓу формалното учество и вистинското влијание.

Иако младите и лицата со попреченост се опфатени со постојните рамки на јавните политики, младите лица со попреченост ретко се препознаваат како посебна група која се соочува со повеќекратни, меѓусебно поврзани пречки. Непристапните услуги и работни места, недоволната поддршка при преминот од образование кон вработување, недостигот од соодветно приспособување и ограничената институционална координација продолжуваат да ги ограничуваат нивните можности за одржливо вработување.

Во трите земји, младите и образованите лица продолжуваат да се иселуваат во потрага по подобро вработување, професионален развој и посилни институции, додека истовремено клучни сектори се соочуваат со недостиг од квалификуван кадар. Истражувањето ги поврзува овие миграциски трендови не само со висината на платите, туку и со неусогласеноста на вештините со потребите на пазарот на трудот, ограничените можности за кариерен развој, условите за работа и ниската доверба во институциите. Оттука, одливот на мозоци претставува поширок структурен предизвик, а не само прашање на индивидуална мобилност.

Истражувањето за фемицидот идентификува правни и институционални недостатоци на регионално ниво. Македонија го има воведено фемицидот во Кривичниот законик, додека Албанија и Србија не го препознаваат како посебно кривично дело. Во сите три земји, процената на ризик, заштитата, следењето на случаите, собирањето податоци и институционалната отчетност остануваат недоволно развиени.

Иако медиумската и информациската писменост сѐ повеќе се препознава во јавните политики и образованието, нејзината примена останува нерамномерна и во значителна мера зависи од индивидуални наставници, граѓански организации и проектна поддршка. Ова ја ограничува нејзината одржливост и еднаквата достапност и укажува на потребата од поголема институционална одговорност и соработка.

Универзитетите во Македонија, Албанија и Србија имаат билатерални договори и учествуваат во регионална соработка, но вистинската академска мобилност останува ограничена и нерамномерна. Програмите Еразмус+, CEEPUS и другите надворешно финансирани програми и понатаму овозможуваат најголем дел од оваа соработка, додека посебни национални механизми за поддршка на регионалната академска мобилност во голема мера недостасуваат.

Конечно, истражувањето за електронскиот отпад идентификува заеднички слабости во собирањето податоци, одговорноста на производителите, системите за собирање отпад, институционалните капацитети и јавната свест во трите земји. Сличноста на овие предизвици ја покажува не само потребата од посилни национални одговори, туку и потенцијалот за координирани регионални пристапи.

Гледани заедно, овие седум истражувачки области укажуваат на заеднички предизвици кои ги надминуваат поединечните сектори и националните контексти. Иако наодите и препораките се развиени од учесниците во RYLMP, МОФ, SCiDEV и YIHR сметаат дека идентификуваните состојби бараат поширок институционален одговор. Врз основа на овие истражувања предводени од млади, како и нашето искуство во работата со млади, граѓански организации и јавни институции во трите земји, заеднички ги поддржуваме следните приоритети за дејствување.

Регионални повици за дејствување

Затоа, ги повикуваме релевантните национални и локални институции во Македонија, Албанија и Србија, како и регионалните чинители каде што е соодветно, да ги преземат следните активности:

1. Зајакнување на националните и регионалните активности за превенција на фемицидот.

Министерствата за правда и внатрешни работи, институциите за социјална заштита, полицијата, обвинителствата, судовите и телата за еднаквост во Македонија, Албанија и Србија треба да го унапредат законското препознавање на фемицидот таму каде што тоа недостасува, да ја подобрат процената на ризик и заштитата и да воспостават регионални механизми за следење, отчетност и размена на податоци.

2. Воспоставување отчетен механизам за повратни информации во процесите на младинско учество.

Институциите треба јасно да информираат како биле разгледани предлозите на младите, кои препораки биле прифатени или одбиени и кои се причините за таквите одлуки. Ова ќе ја зајакне поврзаноста меѓу младинското учество и вистинското институционално одлучување. Одговорноста за ова треба да ја преземат министерствата надлежни за млади и локална самоуправа во Македонија, Албанија и Србија, заедно со општините и канцелариите за млади.

3. Препознавање на младите лица со попреченост како посебна приоритетна група во политиките за вработување.

Потребно е да се зајакне регионалната соработка во развивањето мерки кои го поддржуваат преминот од образование кон достоинствено и одржливо вработување, вклучително и обезбедување пристапност, соодветно приспособување и суштинско учество на младите лица со попреченост во креирањето на мерките за вработување. Одговорноста за ова треба да ја преземат министерствата надлежни за вработување, социјална заштита и образование.

4. Воспоставување одржливи структури за медиумска и информациска писменост.

Министерствата за образование и релевантните образовни институции треба да воспостават мрежи за медиумска и информациска писменост во Албанија и Србија, да ја зајакнат постојната иницијатива во Македонија и да развијат посилна регионална соработка за размена на образовни ресурси, методологии, експертиза и ефективни практики.

5. Справување со структурните причини за миграцијата на младите и одливот на мозоци.

Министерствата надлежни за млади, труд и економија, образование и дијаспора треба да развиваат политики засновани на докази кои ќе го подобрат квалитетот на вработувањето, ќе одговорат на неусогласеноста на вештините со потребите на пазарот на трудот, ќе ги прошират можностите за професионален развој и ќе ја зајакнат довербата во институциите. Истовремено, потребно е да се воспостават поефикасни механизми за циркулација на знаењето и вклучување на младите и професионалците од дијаспората.

6. Развивање одржлива регионална рамка за академска мобилност.

Министерствата за образование, јавните универзитети, телата за акредитација и институциите надлежни за признавање квалификации во Македонија, Албанија и Србија, заедно со релевантните регионални чинители, треба да воспостават национални механизми за кофинансирање и регионална координација со цел обезбедување предвидлива мобилност на студентите и академскиот кадар, краткорочни размени и долгорочна универзитетска соработка.

7. Зајакнување на регионалната соработка во управувањето со електронскиот отпад.

Министерствата и агенциите за животна средина, општините, инспекциските служби, организациите за одговорност на производителите и лиценцираните оператори за управување со отпад во Македонија, Албанија и Србија треба да ги усогласат системите за собирање податоци и известување, да ја зајакнат одговорноста на производителите, да го подобрат собирањето и рециклирањето на отпадот и да разменуваат ефективни практики.

Од препораки до дејствување

Сличностите идентификувани во Македонија, Албанија и Србија покажуваат дека многу од предизвиците со кои се соочуваат младите не завршуваат на националните граници. Затоа, регионалната соработка не треба да зависи исклучиво од надворешно финансирање или краткорочни проекти, туку треба да стане практичен инструмент за унапредување на националните политики и институционалните одговори.

Младите мора да бидат препознаени не само како корисници на овие политики, туку и како партнери во нивното креирање, спроведување и следење. Искуството од RYLMP покажува дека младите истражувачи можат да обезбедат докази, да идентификуваат институционални недостатоци и да формулираат конкретни решенија за јавните политики кога им се овозможува суштинско прекугранично вклучување и соработка со носителите на одлуки.

Како МОФ, SCiDEV и YIHR, остануваме посветени на продолжување на соработката преку учесниците и алумни-мрежата на RYLMP, заедничко промовирање на препораките развиени во рамки на програмата, поддршка на понатамошните активности за застапување и зајакнување на дијалогот меѓу младите, граѓанските организации, институциите и носителите на одлуки.

Ги повикуваме надлежните институции во Македонија, Албанија и Србија да ги разгледаат седумте регионални истражувања и предлози за јавни политики, да ги земат предвид нивните препораки при креирањето и спроведувањето на тековните и идните политики, реформи и стратегии и да соработуваат со младите истражувачи и граѓанските организации во нивната реализација.

Регионалните предизвици бараат регионална соработка. Преточувањето на истражувачките наоди во јавни политики бара институции подготвени да слушаат, да соработуваат и да дејствуваат.

Ставовите изразени во ова заедничко комунике се ставови на МОФ, SCiDEV и YIHR и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на Фондациите Отворено општество – Западен Балкан.

Младински образовен форум (МОФ), Македонија

Центар за наука и иновации за развој (SCiDEV), Албанија

Иницијатива на младите за човекови права (YIHR), Србија

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Младински Образовен Форум

Продолжи со читање

  • Високите цени ја надминаа корупцијата како клучен проблем, но расте прифатливоста и подложноста на корупција во Северна Македонија

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше идентификувана како најсериозен општествен проблем, во 2025 година граѓаните на Северна Македонија ги рангираат високите цени како своја главна грижа (46,6%), а корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, зголемените трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, додека корупцијата и понатаму останува еден од клучните предизвици со кои се соочува општеството. 

  • Демир Капија: Жените бараат редовни средби со институциите и поголема поддршка за локалните иницијативи

    Демир Капија, октомври 2026 – Поголема вклученост на жените во локалното одлучување, редовни консултации со жителките од руралните средини и навремени повратни информации од институциите беа дел од главните теми на јавната дебата „Женското лидерство како огледало на заедницата“, одржана во Демир Капија. Дебатата ја организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во соработка со Организацијата […]

  • Младите од Струга во улога на новинари на работилница за медиумите на заедницата

    Средношколци од Струга учеа за медиумите на заедницата, разговараа за етиката во новинарството и за момент влегоа во улога на новинари. Тие предлагаа теми, анализираа како да ја обработат приказната и дискутираа колку е важно да се зборува јавно за проблемите на локалните заедници и да се бараат решенија.

  • Два дена партиципативно буџетирање со граѓаните на Општина Кисела Вода

    Во соработка со Општина Кисела Вода спроведовме процес на партиципативно буџетирање. Граѓаните ги споделија своите потреби, проблеми и предлози за подобрување на квалитетот на животот во општината. Тие ја препознаа иницијативата како корисна и изразија поддршка за организирање ваков тип на настани, кои овозможуваат нивните потреби и идеи да бидат слушнати. Следниот чекор е анализа […]
    The post Два дена партиципативно буџетирање со граѓаните на Општина Кисела Вода first appeared on Finance Think.
    The post Два дена партиципативно буџетирање со граѓаните на Општина Кисела Вода appeared first on Finance Think.

  • Ден на климатските промени – 4 Ноември

    Денес го обележивме 4ти ноември Денот на климатски промени со учество на Утринска програма на Телма телевизија со нашата  Тамара Радовановиќ Анѓелковска на која што разговаравме за активностите на нашата организација поврзани со заштита на животна средина и намалување/ адаптација на климатските промени.
    Зборувавме за тоа како локалните заедници можат да станат отпорни на климатски промени и зошто е тоа важно.
    Благодарност до редакцијата на Телма телевизија за поканата!
     

  • Од управување со миграциите до интеграција: Истражувањето во рамки на ФОСТЕР го анализира пристапот на странските државјани до права во Северна Македонија

    Миграцискиот профил на Северна Македонија се менува. Иако традиционално се препознава како транзитна земја, таа сè повеќе станува земја на дестинација за странски работници и други странски државјани што бараат подолгорочен престој. Според податоците презентирани во нашето истражување, бројот на странски работници се зголемил од […]
    The post Од управување со миграциите до интеграција: Истражувањето во рамки на ФОСТЕР го анализира пристапот на странските државјани до права во Северна Македонија appeared first on Myla.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор