HZ MAJKA

Повеќе од 250 рурални жени поднесоа 27 барања до општините и добија договорени средства, улоги во локалното одлучување и реализирани иницијативи

„Кога одевме во општината, одевме како на бојно поле, но со документација, а општината беше затечена од нашите застапувачки вештини“, вели Емилија Јакимовска од населбата Карпош во Куманово.

Цивика мобилитас оваа вест ја посветува на жените од руралните средини, токму во октомври, кога на 15-ти го одбележуваме Меѓународниот ден на руралните жени. Нивната приказна ја избравме бидејќи во неа има конкретни, мерливи, видливи и инспиративни резултати, има промени што се гледаат во заедниците, а не само ветувања.

Емилија Јакимовска е една од 256 жени вклучени во проектот „Активни жени“, што го спроведе Хуманитарно здружение „Мајка“ од Куманово во партнерство со Регионалниот центар за одржлив развој од Кратово, Регионалниот центар Спектар од Крива Паланка и Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија од Куманово. Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, и се спроведуваше две години, се до крајот на јуни 2026 година.

За да се разбере тежината на зборови на Емилија, треба да се знае од каде тргнаа жените: празни рурални средини, иселени млади луѓе, па дури и недостаток на јавен превоз до урбаните центри. Жените ретко комуницирале со институциите и речиси воопшто не учествувале во креирањето на локалните политики.

Затоа, првото прашање беше како да се стигне до нив. Во осум заедници, Карпош и Пуковско во Куманово, Кетеново, Шлегово и Туралево во Кратово, како и Конопница, Дурачка Река и Мождивњак во Крива Паланка, со јавен повик беа избрани по две локални аниматорки, вкупно 16, кои ги првите комуникации ги имаа во соседствата. Во тие разговори, жените заедно раскажаа за проблемите, ги рангираа по важност, па учеа како работи општината, како се чита буџет и како се зборува пред луѓе што одлучуваат.

Од тоа произлегоа 69 предлози, кои беа групирани во 27 формални барања и доставени до општините и јавните претпријатија. Планот беше надминат за 11 барања. Вкупно 256 жени се вклучија во активностите и поминаа низ процесот на обуки, работилници, средби и јавни активности.

На примерот во Карпош (Куманово) најјасно може да се види како изгледа практикувањето на новите знаења и вештини на жените. На 23 декември 2025 година, две претставнички од женската неформална група од Карпош и од здруженитето „Мајка“ седнаа пред в.д. директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ во Куманово, со барања за собирање смет, контејнери, чистење на диви депонии и кастрење дрвја. В.д. директорот им кажа дека претпријатието нема капацитет за сè, но им понуди сметот да се собира најмногу еднаш неделно, а локацијата касарна да се чисти во пролетта. Жените не беа задоволни со одговорот. Побараа дополнителна средба, се подготвија подобро, па на втората средба на 21 мај 2026 година, добија логистичка поддршка за еколошка акција и за едукација во основното училиште, која опфати околу 300 ученици.

Кога општината ја виде таа упорност, реагираше. Секторот за социјална заштита ги препозна активистките од Карпош како релевантни соговорнички, па две од нив станаа членки на новоформираниот Социјален совет при општина Куманово. На средба со претставници на општината жените ја договорија и подготовката на проектна документација за реконструкција на училиштето во населбата Иго Тричковиќ.

Резултати има и кај соседните заедници. Општина Куманово изготви елаборати за по едно детско катче во Карпош и Пуковско, а четири предлози на жените влегоа во развојниот план и буџетот за 2026 година. Еден е веќе реализиран, реконструирана е улицата 425 во Пуковско.

Најголем одговор дојде од Крива Паланка. Шест предлози на жените влегоа во општинскиот буџет за 2026 година, а нивните иницијативи беа вклучени и во Програмата за еднакви можности, со финансиска поддршка. На средба со градоначалникот во март 2026 година, претставнички од Дурачка Река, Мождивњак и Конопница се договорија општината да обезбеди по 1.000 евра за секоја од трите заедници. Жените за прв пат седнаа и на општинскиот буџетски форум. Во Конопница се поставени контејнери, а во Мождивњак е започнато реновирање на основното училиште.

Во Кратово институционалниот одговор беше побавен, но и таму се случи промена. Потребите на жените беа доставени до општината и во писмена форма, а во Шлегово е формирана нова месна заедница, чие раководство вклучува и една од жените.

Поддршката за жените не дојде само од општините. Иницијативите во Карпош, Мождивњак, Дурачка Река и Конопница беа дофинансирани од локалната самоуправа и од претставници на бизнис заедницата, што овозможи да се реализираат до крај. Затоа јавните настани во јуни 2026 година беа и прослава на тоа што е направено. Во Кетеново и Туралево е поставена урбана опрема со места за собирање, во Шлегово е уреден училишен двор со детска и спортска опрема, а во Дурачка Река е изградена настрешница. Во Мождивњак е уредено детско катче, во Конопница е започнато оградувањето на спортското игралиште, а на учениците во Пуковско им е обезбедена спортска опрема.

Проектот не застана само на барањата за општините. На 16 работилници за вработување и самовработување учествуваа 80 жени. Тие учеа како се пишува CV и мотивациско писмо, како се води интервју и кои владини и европски програми им се достапни, а фасилитаторот им даваше менторска поддршка и по обуките. Една од учесничките аплицираше за бизнис за преработка на јаболка и доби грант од 5.000 евра.

Жените не останаа затворени во своите села. На три регионални средби во Крива Паланка, Кратово и Куманово се сретнаа жените од осумте заедници со претставници на локалната самоуправа и граѓански организации. Учествуваа 278 лица, од кои 252 жени. Партнерските организации ги наведуваат новите контакти и меѓусебната поддршка меѓу жените како долгорочен резултат. Во Регионален центар Спектар бројот на волонтери порасна од 30 на 52, најмногу поради рурални жени и жители од опфатените села.

Мониторингот на општините покажа дека одговорот на институциите не е ист насекаде. Најголем напредок има таму каде што барањата ги придружувала директна средба на жените со надлежните, а не само испратен допис.

Затоа женските јадра во осумте заедници остануваат организирани и по крајот на проектот. На дводневна работилница во Виница, во јуни 2026 година, координаторките на јадрата изработија План за одржливост. Партнерите ја проширија и институционалната мрежа. ХЗ „Мајка“ потпиша меморандум со општина Куманово за економско јакнење на жените, а „Спектар“ меморандум со општина Крива Паланка за граѓанските приоритети што важат до 2029 година. Организациите подготвија и нови апликации за донатори, од кои дел се одобрени, за да продолжи работата со жените во Карпош и Пуковско.

„Интерес на терен има, сега после две години работа, жените кои не се вклучувале во нашата работа пројавуваат интерес да се вклучат во нашите активности“, вели претставничка од Конопница, Крива Паланка.

„Активни жени“ покажува како жените од селата, кога се информирани и организирани, можат да ги покренат процесите што ги засегаат, а институциите да ги слушнат. Затоа на Денот на руралните жени, Цивика мобилитас им оддава признание на жените од осумте заедници и ваквите иницијативи продолжува да ги препознава и да ги поддржува.

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор