Dokument za javni politiki analiza na postapuvanjeto na instituciite.jpg

Документ за јавни политики: Анализа на постапувањето на институциите, со фокус на центрите за социјална заштита во случаи на дигитално родово-базирано насилство

Дигиталното родово-базирано насилство бара брз, стручен и сензитивен одговор од страна на институциите. Како тие постапуваат во пракса и кои се клучните предизвици со кои се соочуваат?

Во рамки на проектот „Младите жени против онлајн насилство“, имплементиран од Иницијатива за европска перспектива и Заеднички вредности, го објавуваме вториот „Документ за јавни политики – Анализа на постапувањето на институциите, со фокус на Центрите за социјална заштита во случаи на дигитално родово-базирано насилство“.

Овој документ ги содржи резултатите од анализата на потребите на институциите за поефикасно справување со дигиталното родово-базирано насилство (ДРБН). Анализата се базира на постоечки податоци и наоди од прашалник спроведен меѓу 44 вработени во 24 Центри за социјална работа низ Северна Македонија.

Што покажуваат резултатите?

  • Препознавање на насилството: Постои основно ниво на свесност за формите на ДРБН (најчесто препознаени се споделувањето интимни содржини, сексуалното вознемирување онлајн и дигиталните уцени). Сепак, значителен дел од вработените (околу 38.64%) го третираат ДРБН само како дел од психолошко насилство, а не како посебна форма.
  • Предизвици во постапувањето: Речиси половина од центрите не го користат мултисекторскиот протокол во целост, сметајќи го за недоволно применлив. Иако проценката на ризик се спроведува во 95.45% од случаите, недостасуваат специјализирани алатки за проценка на дигиталниот ризик.
  • Недостаток на обуки и ресурси: Речиси две третини од испитаниците (63.64%) никогаш не посетиле обука за ДРБН. Повеќе од 60% од центрите немаат јасни насоки за работа со дигитални докази, што значително ја отежнува постапката.
  • Ризик за жртвите: Како најголем предизвик за жртвите е посочена секундарната виктимизација (потенцирана од речиси две третини од испитаниците). Бавната реакција и недостатокот на доверливи услови ја намалуваат довербата во институциите. Повеќе од една четвртина од центрите признаваат дека не обезбедуваат соодветна поддршка.

Врз основа на овие наоди, документот нуди конкретни препораки за:

  • Воведување системски и специјализирани обуки за вработените.
  • Стандардизација на постапувањето и изработка на оперативни протоколи.
  • Зајакнување на техничките капацитети (како лиценци за дигитална форензика).
  • Подобрување на меѓуинституционалната координација и пристапот кон жртвите.

Повеќе детали, графички прикази на одговорите и целосниот сет на препораки можете да прочитате во самата публикација.

Овој документ е изработен со финансиска помош од Европската Унија. Содржината на овој документ е единствена одговорност на проектот „Младите жени против онлајн насилство“ имплементиран од Иницијатива за европска перспектива и Заеднички вредности и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор