Локал Актив Полог – Новинари, активисти и млади ќе соработуваат за нов медиум на заедницата
Полошкиот регион се приклучува на иницијативата Локал Актив по работилницата која Институтот РЕСИС во соработка со Советот на етика во медиумите на Македонија (СЕММ) ја одржаа во Тетово.

Петнаесетина локални новинари, активисти и млади луѓе беа запознаени со концептот на медиуми на заедницата и дебатираа за проблемите во локалната медиумска сфера и како тие да добијат поголема видливост преку меѓусебна соработка.
Работилницата се одржа во рамките на проектот „Медиуми на заедницата за посилно граѓанско општество”, поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата „Цивика мобилитас”.
Настанот го отворија Игор Мицевски и Снежана Трпевска од Институтот РЕСИС, презентирајќи ја идејата и начинот на функционирање на медиумите на заедницата. Веднаш потоа меѓу присутните се разви отворена дискусија, каде новинарите ги изнесоа предизвиците со кои секојдневно се соочуваат, од недостаток на време за длабинско истражување на важни локални теми, незаинтересираноста на националните медиуми за локални теми, до тоа дека локалните власти не се многу заинтересирани да реагираат за проблемите за кои новинарите и активистите алармираат.
„Можеби малку се загрижуваат пред избори, но и тоа не е ништо посебно”, коментираше еден од учесниците.
Дел од дискусијата се осврна и на сериозниот проблем со недостаток на млади новинари, и дека јавноста повеќе ги преферира аматерски обработените теми од инфлуенсерите, наспроти професионално обработените новинарски вести и истражувања.


Активистите, пак, укажаа на тоа дека настаните со реална вклученост на локалната заедница се најуспешни. Во исто време, изразија загриженост дека масовното присуство на социјалните мрежи ги разводнило медиумскиот простор и начинот на јавна комуникација.
Слаѓан Пенев од РЕСИС пред присутните ги претстави постојните платформи „Локал Актив” и зборуваше за симбиозата меѓу новинарите, активистите и младите во заедничкото информирање и застапување за конкретни локални проблеми. Билјана Георгиевска од СЕММ го збогати излагањето со примери на медиуми на заедницата кои функционираат во равиените земји, истакнувајќи ја нивната улога во јакнењето на демократијата на микро ниво.



Работилницата заврши со практична вежба во која учесниците симулираа уреднички состанок на идната редакција на Локал Актив Полог. Предлагаа теми, ги дефинираа аглите на сторијата и размислуваа за начини на кои новинари, активисти и млади можат заеднички да работат на подобро покривање на локалните прашања. Дел од овие теми во идниот период се очекува да бидат обработени во новинарски стории кои ќе бидат објавени на постојните Локал Актив платформи.
Конечната цел на оваа иницијатива е формирање на четири нови медиуми на заедницата во Полошкиот, Југозападниот, Североисточниот и Југоисточниот регион.
*Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Институтот РЕСИС и на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, „Цивика мобилитас“ или на организациите што ја спроведуваат.
This post was originally published on this site

![[Aggregator] Downloaded image for imported item #48582](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/06/D0A0D0B0D0B1D0BED182D0B8D0BBD0BDD0B8D186D0B0_D0A2D0B5D182D0BED0B2D0BE_-_1.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #48864](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/07/51724-768x256.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #48776](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/07/Sredbi_elaborat-1-768x768.png)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #48774](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/07/736290088_5059239917557332_8825344017925158264_n-1024x683-1-768x512.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #48752](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/07/gemidzii_demir-kapija-1024x491-1-768x368.jpg)

![[Aggregator] Downloaded image for imported item #48754](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/06/4.png)