Илузијата на напредокот
Многу често, наместо да одговорат на легитимните демократски барања, политичките актери се кријат зад легалистички маневри, барајќи процедурални оправдувања за да не дејствуваат. Постои некаква креативност во тоа избегнување, но тоа не е креативност на демократско лидерство. Тоа е креативност на бегање од одговорност
Минатиот четврток имав чест да бидам одликуван со орденот Chevalier de l’Ordre National du Mérite од Република Франција. Ова признание го добив за мојот придонес за медиумскиот плурализам, борбата против дезинформациите и заложбата за одговорна дигитална трансформација. Во моментот кога oрденот ми беше ставен на градите, размислував за сите работи што ги имаме направено заедно со моите колеги, мислев на успесите, но откако заврши манифестацијата, поминаа емоциите и повторно се вратив на работа, да ги читам вестите на денот и одеднаш се затекнав себеси како се прашувам, колку навистина се променила Северна Македонија во последните триесет години?
Изгледа дека понекогаш како да сме научени да го мешаме едноставното движење напред со напредокот. Пристапот до Интернет, новите платформи и апликации, различните дигитални алатки, вештачката интелигенција, паметните телефони што ги користиме секојдневно ги претставуваме како доказ дека одиме напред. Сепак, секојдневното искуство покажува нешто друго. Нашата таканаречена дигитална трансформација сè уште изгледа нецелосна, кревка и често, многу разочарувачка. Основните електронски услуги и понатаму се бавни, фрагментирани и непотребно тешки за користење. Во технологијата, напредокот не се определува само од брзината на развојот на технологијата и иновациите, туку од тоа дали овие пронајдоци и иновации се применуваат на целисходен начин, така што навистина го подобруваат секојдневниот живот на луѓето.
Кога остатокот од светот се движи со исклучителна брзина, да стоиш во место и тоа да го нарекуваш постепен напредок, не е доволно. Во таков свет, да се движиш многу бавно може да значи да заостануваш.
Но проблемот оди подалеку од технологијата. Она што уште повеќе ме загрижува е состојбата на нашето општествено ткиво. Социјалната кохезија во Северна Македонија изгледа сè покревка. Говорот на омраза повеќе не е маргинална, случајна појава или нешто скриено на рабовите на јавниот дискурс. Тој е речиси нормализиран, вткаен во секојдневната комуникација, посебно онлајн. Говорот на омраза и другите општествени и меѓуетнички тензии не само што продолжуваат да бидат присутни, туку често дополнително се засилуваат од дезинформациите, кои потхрануваат страв, предрасуди и поделби. Во исто време, сведочиме како внимателно и постојано се еродира духот на Охридскиот рамковен договор. Принципите што требаше да обезбедат стабилност, соживот и достоинство во една мултиетничка демократија, многу често се третираат како работи за кои може да се преговара, непријатни за отворање или едноставно, како споредни.
Можеби најмногу боли фактот што нашиот политички дискурс останува заглавен во истите стари модели. Сè уште слушаме верзии на истата заморна нарација: „Албанците бараат; Македонците не даваат.“ Ова не е демократски дијалог. Ова е политички ќор-сокак. Овој пристап ги сведува правата на обични трансакции, еднаквоста на пазарење, а граѓанството на натпревар со исход што не носи никаква вредност ниту квалитет. Многу често, наместо да одговорат на легитимните демократски барања, политичките актери се кријат зад легалистички маневри, барајќи процедурални оправдувања за да не дејствуваат. Постои некаква креативност во тоа избегнување, но тоа не е креативност на демократско лидерство. Тоа е креативност на бегање од одговорност.
Затоа сегашната состојба ме оптоварува толку многу. Денес, на 6 април 2026 година, студентите повторно ќе излезат на улица. Тие бараат Правосудниот испит да се полага и на албански јазик, нешто што не е надвор од законот, не е против Уставот, ниту е некаков радикален изум. Тие бараат право што веќе има законска и уставна основа. А сепак, уште еднаш, реакцијата на институциите изгледа не е како тоа право да се направи реално, туку како да се одложи, ограничи или негира преку бирократски празнини.
За секој што има меморија, ова е длабоко загрижувачко. Ова одекнува со моменти што никогаш не би требало повторно да ги проживуваме. Нè потсетува на бруталната полициска интервенција против Универзитетот во Тетово во 1994 година. Нè потсетува на студентските протести во Приштина во 1997 година, кога младите, исфрлени од универзитетот од тогашниот репресивен режим во Србија, бараа да се вратат. Исто така потсетува на протестите од истата година на македонските студенти против предавањата на албански јазик на Педагошката академија. За среќа, денес не сме во мрачните околности од тоа време, но останува алармантно што сè уште се соочуваме со истиот менталитет што некогаш ги произведе тие судири; и за едно општество што тврди дека напредувало, фактот што овие прашања продолжуваат да се појавуваат, дури и во форма што е многу помалку опасна отколку во деведесеттите, треба да се гледа како знак на назадување, а не како неважно отстапување. Сега сме во 2026 година. Самиот факт дека студентите и понатаму мора да протестираат за права што веќе се вклучени во нашиот правен поредок, треба да нè загрижи сите. Тоа треба да нè натера да разбереме дека демократијата не станува реална само затоа што ја прогласуваме, веруваме во неа, ја славиме или ја запишуваме во закон.
Постои и друга загрижувачка тенденција што треба јасно да се истакне. Некои се обидуваат да ги обезвреднат демократските барања велејќи дека ова е стар проблем, дека не било решено од претходните влади или дека постои предолго за денес да се смета за итно. Оваа логика има суштинско погрешно разбирање за тоа како еволуираат државите. Институциите носат нерешени тензии со години. Системите акумулираат притисок. Она што некогаш можело да изгледа како далечна или тешка аспирација, со текот на времето може да се претвори во неоспорна структурна нужност, додека законите созреваат, институциите се развиваат, а јавните барања и очекувања растат. Едно општество не стои во место, дури и кога политиката се обидува да го замрзне.
Во таа смисла, фактот што ова прашање не било решено пред десет години не го прави застарено. Го прави задоцнето. Законот за употреба на јазиците, заедно со пошироката уставна и законска рамка, го има променето теренот. И општеството се има променето. Денешните студенти не бараат услуга од историјата. Тие афирмираат правна и демократска реалност чие време целосно дошло. Политичкиот напредок често функционира токму така. Долго време тој изгледа невидлив, дури и замрзнат, а потоа одеднаш се достигнува пресвртна точка и она што некогаш изгледало опционално станува прашање на легитимитет. Никој не бил против користењети на нов лек само затоа што болеста е стара и останала неизлечена долго време. На ист начин, не треба да се дискредитира денешното демократско барање само затоа што на системот му требало многу време да стане подготвен да го исполни.
Затоа ги поддржувам студентите што денес ќе протестираат. Ги поддржувам не само поради конкретното прашање што го покренуваат, туку затоа што тие претставуваат нешто поголемо и длабоко важно. Тие претставуваат генерација што сè уште верува дека има право да бара отчетност, правда и еднаков третман. Тие нè потсетуваат дека демократијата не зависи само од институциите, туку и од граѓаните кои се подготвени да зборуваат кога молчењето би било полесно.
Демократијата не може да функционира ако се гледа како чисто легалистичка вежба. Таа не може да функционира ако оние што се на власт гледаат на имплементацијата на законите како терен со пречки што треба да се заобиколи, а не како обврска што треба да се почитува. Таа функционира само кога лидерите се подготвени да слушаат, да разбираат и да служат. Таа функционира кога мнозинството не се обидува да доминира над малцинството. Таа функционира кога правата на една заедница не се третираат како загуба за другата. Таа функционира кога несогласувањето се пречекува со дијалог, а не со сомнеж, и кога младите што го креваат гласот не се обезвреднуваат веднаш, не се етикетираат и не се претставуваат како инструменти на некој друг.
Спиралата на молкот е една од најголемите опасности со кои може да се соочи секое општество. Во моментот кога луѓето почнуваат да чувствуваат дека да се зборува е залудно, опасно или осамено, просторот за демократија почнува да се стеснува. Јас и моите колеги во Метаморфозис поминавме децении обидувајќи се да се спротивставиме на таа спирала на молкот. Тоа не е лесна работа. Често е исцрпувачка. Но е неопходна и ние нема да се откажеме.
Добивањето на ова одликување од Франција беше за мене исклучително голема чест. Но признанијата влијаат и врз продлабочувањето на одговорноста. Тие те тераат да размислуваш не само за она што е постигнато, туку и за работите што нè чекаат. И кога ја гледам земјата во која живеам, не можам да си ја дозволам удобноста на илузијата. Напредокот мора да биде реален во животот на граѓаните. Мора да се чувствува во институциите, во правата, во достоинството и во секојдневното искуство на правдата. Во спротивно, тој останува само илузија и не е никаков напредок.
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Метаморфозис



![[Aggregator] Downloaded image for imported item #47381](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/04/55225987091_b1ffb5f98d_c-768x513.jpg)


![[Aggregator] Downloaded image for imported item #47352](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/04/Brifing-CIVICA-1-768x432.jpg)

