DSC

Швајцарската Програма за поддршка на Собранието: Дебатата во Собранието е оценета со 5,7, нови дигитални алатки и образовни иницијативи за поголема транспарентност и учество

Швајцарската Програма за поддршка на Собранието продолжува да соработува со Собранието кон поголема отвореност, одговорност и инклузивност преку анализи на собраниската работа, воведување на дигитални алатки за поголема транспарентност и едукативни активности за запознавање на граѓаните и младите со работата на законодавниот дом.

Еден од новитетите кои се воведени, е едукативниот модул „Новинарството во акција: Учење за демократија преку истражување“, кој ќе биде дел од предметот граѓанско образование во основно образование. Преку овој пристап, учениците ќе имаат можност да учат и размислуваат критички и да ја разберат својата улога како активни граѓани. Модулот во моментов се пилотира во три основни училишта.

Паралелно, програмата вложува и во дигитални алатки што го доближуваат Собранието до граѓаните. Во таа насока, развиена е веб-платформата за канцеларии за контакт со граѓани (https://kancelarii.sobranie.mk/), која овозможува поедноставно закажување средби со пратеници, поднесување иницијативи и следење на нивната реализација.

Дополнително, преку Парламентарен хакатон со студенти, развиена е и апликацијата „Прашај ВИ асистент“ (https://prashaj.sobranie.mk/), која преку вештачка интелигенција ги анализира пленарните седници и овозможува брз и интуитивен пристап до информации. Со оваа алатка, граѓаните, новинарите и институциите можат полесно да се снаоѓаат низ обемните собраниски видео материјали и да ги пронајдат релевантните содржини.

Покрај новите алатки, Програмата обезбедува и континуирана анализа на работата на Собранието. Квалитетот на дебатата во Собранието е оценета со 5,7 на скала од 1 до 10, покажува најновиот извештај „Поглед на Собрание: Извештај од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието (јули – декември 2025)“.

Целиот извештај е достапен на:
MK: https://shorturl.at/83GAY
SQ: https://shorturl.at/06Vat
ENG: https://shorturl.at/mtorW

Мобилниот караван на Собранието, кој годинава се одржува по трет пат, ќе има засилен фокус на младите, универзитетите и промоцијата на дигиталните алатки, со цел да придонесе кон поголема транспарентност, пристапност и граѓанско вклучување. Караванот се планира да започне од 27 април во Штип и да трае до 05 јуни со завршен настан во Скопје покривајќи ги во меѓувреме и градовите  Охрид (28.04), Битола (08.05), Свети Николе (12.05.) Прилеп (15.05) Гостивар (22.05) и Тетово (29.05).

Овие новитети и тековни активности на Програмата, беа презентирани пред претставници на медиумите

Швајцарската Програма за парламентарна поддршка е проект на Владата на Швајцарија, под покровителство на Собранието на Република Северна Македонија, а се спроведува од страна на Националниот демократски институт (НДИ), во партнерство со Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и Центарот за управување со промени (ЦУП).

The post Швајцарската Програма за поддршка на Собранието: Дебатата во Собранието е оценета со 5,7, нови дигитални алатки и образовни иницијативи за поголема транспарентност и учество appeared first on IDSCS.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Институт за демократја ИДСЦС

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор