МФН и ЕФН: Апелацискиот суд ги нарушува принципите на слободното новинарство

Меѓународната и Европската федерација на новинари остро реагираат по одлуката на Апелацискиот суд во случајот против ИРЛ и главната уредничка Сашка Цветковска, оценувајќи дека таа ги нарушува основните принципи на слободното новинарство и создава опасен преседан. Според нив, ваквите судски интервенции претставуваат закана за медиумските слободи и се спротивни на европските стандарди за заштита на слободата на изразување.

По вчерашната одлука на Апелацискиот суд за отфрлање на жалбата на ИРЛ во случајот Анѓушев против Сашка Цветковска и ИРЛ, најголемите новинарски организации во светот, Меѓународната федерација на новинари (МФН) и Европската федерација на новинари (ЕФН) низ изјави на првите луѓе изразија загриженост и сметаат дека судскиот притисок врз независното новинарство во овој случај ќе има далекусежни последици врз слободата на медиумите во Македонија.

Станува збор за предмет за клевета и навреда, во кој тужител е поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев, а тужени се Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главната уредничка Сашка Цветковска, во врска со истражувачкиот документарец „Заговор против воздухот“, емитуван во 2021 година.

Генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Ентони Беланжер вели дека „оваа одлука претставува опасен преседан за слободата на печатот во Македонија и Европа“.

„Меѓународната федерација на новинари ја осудува одлуката на Апелацискиот суд да ја потврди првостепената пресуда во која редакцијата на ИРЛ е осудена за клевета. Ниеден суд не може произволно да дефинира кој е новинар или што претставува медиум, особено кога работата за која станува збор јасно спаѓа во рамките на истражувачкото новинарство и е емитувана на национален јавен канал“.

Претставникот на организацијата која претставува 600.000 новинари во светот додава дека „со тврдењето дека невладината организација не може да произведува новинарска содржина, Судот го отвора патот за институционализирана цензура. Барањето медиумот да чека бесконечно одговор пред објавување е еднакво на давање на вмешаните лица право на вето врз информации од јавен интерес“.

Беланжер предупредува дека ова е спротивно на европските стандарди за слобода на изразување и додава:

„Меѓународната федерација на новинари изразува поддршка на ИРЛ, Сашка Цветковска и ССНМ. Ги повикуваме властите да обезбедат судовите да ги почитуваат уставните принципи и европската судска пракса што го штити новинарството, без оглед на неговиот организациски модел.“

Генералниот секретар на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез не ја крие огорченоста од граѓанската пресуда и смета дека „оваа одлука ги охрабрува политичките власти еднострано да одлучуваат кој е новинар или која организација заслужува статус на медиум.

„Европската федерација на новинари, која претставува 300.000 новинари во 44 европски земји, вклучувајќи ја и Македонија го осудува овој опасен авторитарен потег. Во демократијата, не е до властите да одлучуваат кој е новинар и што претставува медиум“.

Тој додава дека „Апелацискиот суд донел пресуда што е целосно спротивна на фактите (очигледно е дека ИРЛ е медиум и дека неговите новинари произведуваат новинарски содржини) и го надминува легитимниот опсег на своите овластувања сугерирајќи политичко дејствување што е репресивно и спротивно на сите европски правни стандарди за слободата на печатот“. „Бараме темелна ревизија на оваа пресуда, која е исто толку орвеловска, колку што е и погрешна“, вели генералниот секретар на ЕФН.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ)

Продолжи со читање

  • Елаборат за четириесетите – XL Средби на извидници Велес 2026

    Почитувани извидници, извидничкиот одред “Димитар Влахов” од Велес одбележувајќи ја седмата деценија на постоење на извидништвото во Велес и Денот на Државноста на Македонија, Ве поканува на традиционалните XL Средби на извидници 2026. Во периодот од 1975 до 2026 година, успевaме да организираме четириесет Средби на извидници од кои последните…

  • Ново регионално партнерство: Здружението започнува проект поддржан од Western Balkans Fund и Европската Унија

     Со голема чест и задоволство споделуваме дека Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености е добитник на грант од Фондот за Западен Балкан (Western Balkans Fund), кофинансиран од Европската Унија! На 24 и 25 јуни 2026 година во Тирана, Албанија, присуствувавме на дводневната партнерска работилница и свечената церемонија…

  • Успешно реализирана XXVI Вардарска регата “Гемиџии 2026“

    Иако регатата се одвива по 26-ти пат, ова е трета година во која пловидбата заврши во Солун, идентично како онаа на велешките трговци во минатото. Чамците растоварени, пловењето успешно завршено, се сумираат впечатоците од Вардарска регата „Гемиџии“ која по 26-ти пат ја оживеа традицијата и патшествието на велешките трговци во…

  • Од отпад до производ: Како био-отпадот станува дел од нашето секојдневие

    Био-отпадот претставува органски отпад кој потекнува од домаќинствата, пазарите, градините и прехранбената индустрија. Во оваа категорија спаѓаат остатоци од овошје и зеленчук, талог од кафе, лушпи од јајца, лисја и трева.
    Иако најчесто се третира како отпад, био-отпадот претставува вреден ресурс. Во контекст на циркуларната економија, тој се користи како суровина за создавање нови материјали, енергија и производи што повторно се враќаат во економскиот циклус.

    https://unsplash.com/photos/person-holding-eco-not-ego-signage-_kB9NKpErH4
    Во традиционалниот модел, био-отпадот најчесто завршува на депонии, каде што при разградување без кислород се создава метан – силен стакленички гас кој придонесува за климатските промени. Во циркуларниот пристап, истиот отпад се третира како ресурс и се трансформира во компост, биоматеријали, природни ѓубрива и иновативни производи. На овој начин се намалува количината на отпад, се намалуваат емисиите и се поттикнува развој на зелени технологии и локални бизниси.
    Овој пристап е тесно поврзан со пораката „Eco, not ego“, која потсетува дека одржливите избори ја ставаат еколошката одговорност пред краткорочната индивидуална удобност. Со тоа, био-отпадот се гледа не како проблем, туку како почеток на нов циклус на вредност, обновување и одржлив развој.

    Примери на продукти изработени од био-отпад

    Биопластика и дизајн-предмети од талог од кафе – Coffeefrom (Италија): Италијанскиот стартап Coffeefrom го претвора искористениот талог од кафе во биопластика и композитни материјали кои се користат за дизајнерски производи, пакување и индустриска примена, покажувајќи дека дури и секојдневниот отпад може да добие нова вредност.

    (Извор: EU-Startups, август 2025 – eu-startups.com | Renewable Matter – renewablematter.eu)

    Биоразградливо пакување од мицелиум и земјоделски отпад – Grown.bio (Холандија): Компанијата Grown.bio користи мицелиум и земјоделски отпад за производство на целосно биоразградливи пакувања и изолациски материјали кои нудат одржлива алтернатива на пластиката и стиропорот.

    (Извор: European Circular Economy Stakeholder Platform – circulareconomy.europa.eu | Saladplate, октомври 2025 – saladplate.com)

    Еко-кожа од манго отпад – Fruitleather Rotterdam (Холандија): Fruitleather Rotterdam го рециклира отпадот од манго што не ги исполнува пазарните стандарди и го претвора во издржлив вегански материјал кој се користи за изработка на чанти, паричници и други модни производи.

    (Извор: Plant Based News, мај 2025 – plantbasednews.org | Nature Biotechnology, 2025 – nature.com)

    Фото:https://unsplash.com/photos/a-pile-of-garbage-sitting-on-top-of-a-grass-covered-field-pprCuLQopHw
    Овие примери покажуваат дека отпадот не мора да биде проблем кој треба да се отстрани. Со соодветна креативност, технологија и визија, тој може да стане вреден ресурс кој создава нови производи, нови работни места и помало влијание врз природата.
    Циркуларната економија нè учи дека секој материјал има потенцијал за нов живот. Наместо да гледаме на био-отпадот како нешто без вредност, можеме да го препознаеме како можност за иновации и одржлив развој. Токму во оваа промена на перспективата лежи клучот кон поодржлива иднина.
     
    Оваа статија е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
    Содржината на оваа статија е единствена одговорност на Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.
    Автори: Јасмина Петровска, Еко Логик и Ана Серафимова, Еко Логик

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор