2 400x211.png

Транспарентноста на македонските општини – огледало на довербата

Извор: alexis84 / Unsplash

Транспарентноста на општините во 2024 година се зголемила за пет проценти

Авторка: Бранкица Несторовска

Транспарентноста или отчетност и одговорност се во основата на секое демократско општество. Тоа е алaтка која овозможува јавноста да има увид во работата на институциите и создава доверба кај граѓаните кон институциите. Информациите за процесите на донесување одлуки, трошењето на јавните средства и начинот на работење на институциите е обврска на институциите, а право на граѓаните.

Транспарентноста има моќ да го намали ризикот од корупција, да ја зголеми отчетноста на институциите, да им овозможи на граѓаните активно да учествуваат во креирањето на политиките и претставува основа за демократски напредок на општеството.

И иако транспарентноста во Македонија неретко стои на стаклени нозе, 2024 година беше индикатор дека земјата може да направи и позитивни промени во таа област, особено општините.

Општините ја зголемиле транспарентноста

Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2024 година изнесува 80 проценти од можни 100 проценти. Во однос на лани, тоа генерално е подобрување за четири процентни поени, од 76 на 80 проценти. Споредено со 2023 година, кај министерствата нема напредок, а општините се подобриле за пет процентни поени.

Согласно податоците од Индексот на активна транспарентност 2024, за првпат лани дури пет општини и тоа: Берово, Битола, Валандово, Кавадарци и Кичево, оствариле 100 проценти активна транспарентност. Под активна транспарентност се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации.
Извор: Индекс на активна транспарентност 2024

Потребата од проактивно објавување информации произлегува оттаму што на тој начин се обелоденуваат информации за регулативата и за одлуките на властите, информации коишто им се потребни на граѓаните за да бараат одговорност од властите, информации коишто им се неопходни на граѓаните за да можат да учествуваат во процесот на донесувањето одлуки и информации коишто им се потребни на граѓаните за да можат да пристапуваат кон услугите што ги нудат јавните институции. Областа во која општините најчесто затајуваат со својата транспарентност се финансиите, односно транспарентноста таму им е 67 проценти од можни 100 проценти.

Една третина од општините имаат над 90 проценти активна транспарентност

За првпат, во 2024 година, откако постои Индексот на активна транспарентност од 2016 година, пет општини ги освоиле максималните 100 проценти, што значи ги објавуваат сите информации предвидени со активната транспарентност. Својата транспарентност годинава ја подобриле 52 општини, за разлика од лани кога подобрување било забележано кај 47 општини.

Дури 46 општини, споредено со 36 во 2023 година, се наоѓаат во најдобрата група на институции, онаа со „многу добра“ активна транспарентност, односно со исполнување на обврските за објавување јавни информации од 80 до 100 проценти. Од друга страна, и годинава нема ниту една општина во најниската група, онаа со „многу слаба“ активна транспарентност.

Лидери коишто својата активна транспарентност ја подобриле за повеќе од 30 проценти се општина Зелениково за 41 поен, Карбинци и Арачиново за 35 поени, додека најголемо влошување има кај општина Сопиште од 12 проценти.

Град Скопје како посебна единица на локалната самоуправа, се наоѓа во групата институции со „добра“ активна транспарентност со исполнување на обврските од 60 до 80 проценти, па веќе шеста година по ред се наоѓа во групата институции со добра активна транспарентност.

Сите региони во земјава со подобрена транспарентност во 2024 година
Извор: Индекс на активна транспарентност 2024

Согласно прикажаните податоци, Источниот регион ја задржува лидерската позиција со 88 проценти активна транспарентност. На второто место нема промени, бидејќи таму повторно се нашол Југоисточниот регион со просечна активна транспарентност од 85 проценти. Југозападниот регион постојано се подобрува и од некогашното претпоследно место, во 2024 е на третата позиција со 82 проценти. Пелагонискиот регион е на четвртата позиција, со просечно исполнување на обврските од 80 проценти, иако некогаш беше лидер меѓу регионите. Вардарски регион пак ја задржал петтата позиција, исто како во 2023 година. Последни во транспарентноста се: Скопскиот, Полошкиот и Североисточниот регион.

Нема напредок во реформата на локалната самоуправа

Европската комисија во Извештајот за Македонија за 2024 година потенцира дека итно е потребна реформа на локалната самоуправа, а дека дијалогот меѓу различните нивоа на власт треба да се рестартира.

Извор: Karl-Hendrik Tittel / Unsplash

„Новата влада треба итно и активно да го обнови дијалогот помеѓу различните нивоа на управување за да ја подобри регулаторната и финансиската рамка во согласност со програмата 2021-2026 за одржлив локален развој и децентрализација и нејзиниот акционен план за 2024-2026 година“, стои во Извештајот.

Буџетската транспарентност во Северна Македонија продолжува да биде ограничена. Во последното истражување на отворениот буџет наведена е оценка од 35, што е далеку под светскиот просек од 45. Во Извештајот се посочува дека Министерството за финансии мора дополнително да инвестира во зголемување на учеството на јавноста во секоја фаза од подготовката на буџетот, извршувањето и известувањето.

Политика на интегритет за единиците на локалната самоуправа

Политиката за интегритет на единиците на локалната самоуправа се состои од осум компоненти. Целта на оваа политика е да промовира интегритет на политичко и на административно ниво, како основа за поттикнување на етичко однесување, отпорност кон корупција, учество на граѓаните во одлучувањето за локалните потреби и поголема доверба на граѓаните во единиците на локалната самоуправа.

Една од компонентите на Политиката на интегритет е „Транспарентност, отчетност и партиципативност“ или со други зборови, единицата на локалната самоуправа треба да се залага за транспарентно работење и редовно и навремено да ја информира јавноста за својата работа преку својата интернет страница, општинскиот весник, прес-конференции, соопштенија и други алатки.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) има надлежност да презема активности во насока на јакнење на личниот и институционалниот интегритет, па во тој контекст, од таму информираат дека заклучно со 2024 година, политиката на интегритет ја имаат потпишано 72 единици на локалната самоуправа.

Со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, пак, во изминатите две години биле спроведени работилници и обуки со градоначалниците и други овластени службени лица од општините, па следен чекор е, веќе на почетокот на 2025 година, ДКСК да изработи извештај за степенот на имплементација на системот на интегритет кој ќе биде споделен со јавноста.

„ДКСК овозможува двостепен систем на следење на примената на системот за интегритет – на ниво на самата институција и од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата“, велат од ДКСК.

Дополнително, наведуваат дека Комисијата спроведува мониторинг на примената на системот за интегритет преку софтверско решение кое овозможува пристап на сите институции потписници на Политиката на интегритет до прашалник на кој се одговора и на тој начин се обезбедуваат релевантните информации за проценка и за анализа на состојбите.

„Мониторингот на примената на системот за интегритет се спроведува еднаш годишно. Сите државни органи и институции потписници на Политиката на интегритет се обврзуваат на соработка со ДКСК овозможувајќи ѝ да го следи спроведувањето на системот за интегритет“, наведуваат од ДКСК.

Континуирана работа на мерки за подобрување на транспарентноста

Од Министерството за локална самоуправа пак информираат дека континуирано се работи на конкретни мерки за подобрување на транспарентноста на локалните самоуправи, главно со поддршка на донаторската заедница, пред сè во делот на набавка на опрема за директно пренесување на седниците на Совет, подготвувањето кодекс за транспарентност на локално ниво и сл. Од таму наведуваат дека предизвик е да се обезбеди воедначен начин на пристапност до јавните информации во сите општини, поради ограничените финансиски и човечки ресурси, особено во помалите и руралните општини.

„Сепак, има општини кои што и покрај овие ограничувања имаат напредок, пред се благодарение на ентузијазмот и подигнатата свесност дека транспарентноста која што е највидлива преку веб-страниците на општините, е многу важна во обезбедувањето средства за реализација на проекти кои што се финансирани од донаторската заедница“, велат од Министерство за локална самоуправа.

Министерството притоа ги користи наодите од редовните евалуации што ги прават граѓанските организации, но и информациите од Извештајот на Државниот завод за ревизија за квалитетот на услуги што ги даваат општините преку своите веб-портали од 2020 година, бидејќи истите се корисни во обезбедувањето поддршка на општините за зајакнување на нивните капацитети за подобрување на транспарентното работење.

Финансиите на увид на јавноста

Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2021 – 2026, е седми по ред плански документ посветен на натамошниот развој на локалната самоуправа во Република Северна Македонија. Според неа, секоја општина при користење на средства од државниот буџет треба да ги прифати јасните правила за транспарентност во своето работење и ставање на увид на јавноста на сите финансиски трошоци, вклучувајќи навремено пријавување и евидентирање на сите обврски, а со тоа и јакнење на одговорноста при располагање со јавните средства. Правилниците и прирачниците за внатрешна контрола и ревизија исто така треба доследно да се применуваат.

Извор: natasaadzic / Unspash

Информациите од Индексот на активна транспарентност 2024 покажуваат дека транспарентноста на општините во делот на финансиите им е најслабата точка. Очекувањата со оваа Програма се зајакнатиот мониторинг и поефикасната внатрешна ревизија и контрола повеќекратно да го подобрат управувањето со јавните финансии и значајно да ги намалат ризиците поврзани со финансиската стабилност на општините, локалните установи и претпријатија.

Законската регулатива во обид да се заштити транспарентноста

Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа предвидува формирање на Комисија за следење на развојот на системот за финансирање на општините од страна на Владата, а по предлог на министерот за финансии, која ја следи примената на критериумите за распределба на дотациите, предлага мерки за подобрување на системот на дотации, ја следи транспарентноста на процедурите и нивна доследна реализација.

Законот за буџети пак, кој ги наведува принципите на кои треба да се базира планирањето и извршувањето на буџетот, покрај принципите на економичност, ефикасност, ефективност, фискална одговорност, специфичност, го предвидува и принципот на транспарентност. Тоа подразбира дека буџетот на државата и општините, како и нивните измени и дополнувања, извршувањето на буџетската документација, ќе бидат објавени во Службен весник, односно во службено гласило или на веб-страницата на на Министерството за финансии и на општините, а финансиските извештаи на другите јавни субјекти ќе бидат објавени на нивните веб-страници.

И Законот за локална самоуправа предвидува дека органите на општината, комисиите на Советот и јавните служби основани од општината се должни без надоместок да ги информираат граѓаните за својата работа, како и за плановите и програмите кои се од значење за развојот на општината.

Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер пак пропишува дека имателите на информациите се должни редовно да водат и да ја ажурираат листата на информации со кои тие располагаат и да ги објавуваат на начин достапен за јавноста, преку интернет страници, огласни табли и друго.

Транспарентноста во Хрватска и Србија

Како што транспарентноста варира од општина до општина, така уште повеќе се разликува од држава до држава. Различни држави имаат свои специфични пристапи во поглед на ова прашање.

Извор: LIDER – Наградените општини во Хрватска

Во Хрватска на пример се доделуваат признанија за најтранспарентните. Па така во 2022 година 428 општини биле вклучени во оценувањето и тоа според девет критериуми кои опфаќале: транспарентност на организацијата, нормативна транспарентност, транспарентност на работата на градоначалникот, транспарентност на работата на Советот на општината, буџет, плански активности и управување со средства и ризици, социјални и стимулативни мерки, како и антикорупциски мерки. Дваесетте најуспешни хрватски општини таа година добиле признание за транспарентна работа, а трите најдобри општини добиле Повелба за извонредност за деловна транспарентност.

Индексот на транспарентност на локалната самоуправа во Србија пак за 2024 година останал непроменет во однос на 2023 година и тоа на релативно ниско ниво, 52 од 100 можни поени, според проценката и рангирањето што го спроведувала организацијата „Транспаренси Србија“. По четири години раст, во 2024 индексот на транспарентност во Србија не се зголемил.

На ниво на ЕУ пак, постои регистар на транспарентност кој е база на податоци во која се наведени „претставници на интереси“ – организации, здруженија, групи и самовработени поединци, кои вршат активности кои влијаат врз политиката и процесот на донесување одлуки на ЕУ. Има и веб-страница на која претставниците на интересите регистрираат ажурирани информации за нивните активности, има кодекс на однесување кој регулира како заинтересираните треба да комуницираат со институциите на ЕУ, но и механизам за поплаки кој овомозжува да се покрене административна истрага за наводните случаи кога регистрираните претставници на интересите не го почитувале кодексот.

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

This post was originally published on this site

Продолжи со читање

  • Метаморфозис го одбележува Меѓународниот ден за универзален пристап до информации – 28 септември преку промоција на резултати од Индексот на отвореност на извршната власт

    Според Индексот на отвореност за 2024 година, исто како и претходната година, Владата на Северна Македонија е најотворена институција меѓу групите од извршната власт, министерства и органи на државната управа, исполнувајќи 77,32 % од критериумите. Во споредба со претходната година има забележано пад од минимален 1 отсто, кој се повторува втора година по ред. Фондација […]
    The post Метаморфозис го одбележува Меѓународниот ден за универзален пристап до информации – 28 септември преку промоција на резултати од Индексот на отвореност на извршната власт first appeared on Metamorphosis.

  • Програма за Текстилијада #9

    📢 ТЕКСТИЛИЈАДА 9 – Штип03–04 октомври 2025 📅 Петок, 03.10.2025 10:00 – Отворање на „Текстилијада 9“ – Откривање на мурал „Иднината

  • МЛАДИТЕ УЧЕА КАКО ДА ВРШАТ МОНИТОРИНГ НА РЕЧНИТЕ КОРИТА

    Младите од Општина Карпош, Општина Зелениково и Општина Ѓорче Петров, учеа како да вршат мониторинг на речните корита.

    Вчера, во Домот на култура во општина Ѓорче Петров се одржа едукативен настан посветен на мониторинг на водните текови, во организација на граѓанските организации Resource Environmental Center – REC North Macedonia, Center for Environmental Democracy – Florozon и Еко Логик.

    Настанот е дел од проектот „Брза проценка на водотеците на Западен Балкан – Фаза 2“, поддржан од U.S. Forest Service and Department of Defense EUCOM and Forest Service International Foundation.

    Настанот започна во 09:30 часот со едукативна сесија, по што следеше практична теренска вежба на реката Лепенец. Таму младите учесници и претставници од општините имаа можност директно да ја применат СВАП методологијата (Stream Visual Assessment Protocol) и да научат како се проценува состојбата на едно речно корито. Дополнително, беа идентификувани и жешки точки долж реката Лепенец.

    Целта на овој настан беше да ги запознае младите и претставниците од општините со современи методи за проценка на квалитетот на водните текови, да ги зајакне капацитетите на локалните чинители – институции, граѓански организации и експерти, како и да поттикне поширока јавна дискусија за заштита и одржливо управување со водните ресурси.

    Настанот беше наменет за млади на возраст од 15 до 30 години како и за претсавници од општините од општините Карпош, Зелениково и Ѓорче Петров, кои преку интерактивна едукација и теренска работа стекнаа нови знаења и вештини за мониторинг и заштита на речните корита.

  • Младите од општина Карпош, општина Зелениково и општина Ѓорче Петров,  учеа како да вршат мониторинг на речните корита

    Скопје, 24 септември 2025 година Вчера, во Домот на култура во општина Ѓорче Петров се одржа едукативен настан посветен на мониторинг на водните текови, во организација на граѓанските организации Центар за ресурси во животната средина (РЕЦ) – Северна Македонија, ФЛОРОЗОН – Центар за еколошка демократија и Еко Логик. Настанот е дел од проектот „Брза проценка […]

  • Локалната самоуправа сè уште далеку од вистинска отвореност – просекот порасна на 40%

    Фондација Метаморфозис и Рурална Коалиција ги претставија наодите од Процената на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија изготвена преку Индексот на отвореност за 2025 година на тематскиот форум „Отворена општина – активна заедница“. Процената претставува длабинска анализа на работата на локалната самоуправа која дава резиме на вкупните перформанси на локалната […]
    The post Локалната самоуправа сè уште далеку од вистинска отвореност – просекот порасна на 40% first appeared on Metamorphosis.

  • Пријави се за коучинг сесија за справување со родово базирано сајбер насилство во Штип

    Иницијатива за европска перспектива во партнерство со ГО Заеднички вредности а во рамки на проектот Младите жени против онлајн насилство, започнува спроведување на групни коучинг сесии во 4 градови низ земјата (Скопје, Куманово, Штип, Струмица).  ✨ Што добиваш?🔹 Специјално развиена програма за коучинг🔹 Мултисекторско учење: правници, психолози и експерти за сајбер-безбедност Повикот…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор