77777

Новогодишната кошничка како ПР мерка или реално намалување на цените

Успеваат ли мерките за намалување на инфлацијата да им ја поевтинат живејачката на граѓаните

Авторка: Бранкица Несторовска

„Секојдневниот живот стана луксуз. Дефинитивно не ни требаат краткорочни кошнички. Потребни ни се повисоки плати“. Вака Никола од Кавадарци ја коментира неодамна завршената акција „новогодишна кошничка” со која требаше да се намалат цените на основните продукти за граѓаните и со тоа да им се помогне за новогодишните и божиќните празници да заштедат при набавките на храна и пијалоци. Тој смета дека краткорочните мерки, како новогодишната кошничка, не се доволни за да ги решат вистинските проблеми на граѓаните.

За Жанета од Скопје, акцијата била типична политичка манипулација и таа со скептицизам гледа на ваквите мерки. Незадоволство од мерката има и кај пензионерите. Велешанката Нада пак е на став дека мерката не била доволна ако се земат предвид ниските пензии.

„Цените се стандардно високи, а пензиите не се доволни да ги покријат трошоците до крајот на месецот”, вели Нада.

„Помалку трошоци, повеќе за тебе“

Новогодишната потрошувачка кошничка беше акција предложена од бизнис заедницата за намалување на цените на одделни прехранбени производи, алкохолни и безалкохолни пијалоци во период од еден месец. Мерката опфаќаше основни прехранбени производи од различни групи како што се: леб и житарки, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, овошје и зеленчук, безалкохолни и алкохолни пијалоци. Тие се нудеа под мотото: „Помалку трошоци, повеќе за тебе“.

Но многумина сметаат дека граѓаните не добија ниту помалку трошоци, ниту повеќе за себе. Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) смета дека акцијата ни од далеку не ја исполнила својата цел.

„Загрижува тоа што трговците повторно го искористија периодот пред стапување на сила на последната акција и евидентно ги зголемија цените, па така наместо да бидат намалени за најмалку 10%, цените на производите останаа на исто ниво“, велат од Сојуз на синдикати на Македонија.

Дополнително, наведуваат дека вредноста на синдикалната минимална кошница во делот на храна и пијалоци за месец јануари 2025 година изнесува 23.198 денари, односно е зголемена за 123 денари, споредено со месец декември, кога и стартуваше акцијата. Од јануари 2024 до јануари 2025 година минималната потрошувачка кошница за граѓаните се зголемила за 100 евра, а само за да ги задоволи основните потреби за храна и пијалоци едно четиричлено семејство треба да издвои 2.191 денар повеќе од лани.
Ќе има ли велигденска и рамазанска кошничка?

Од успехот на новогодишната кошничка пак зависи дали ќе има велигденска и рамазанска кошничка или владата ќе примени други мерки за намалување на цените. Засега од владата се задоволни како поминала акција и ја прогласија за успешна, иако Државниот завод за статистика објави дека цените во декември се намалиле за само 0,3 проценти, споредено со месецот претходно, што е далеку под очекуваното од страна на владата како краен ефект од акцијата. Притоа инфлацијата во месец декември, според Државниот завод за статистика, изнесува 4,4 проценти.

Успешноста на акцијата од Министерството за економија и труд велат дека се гледа во тоа што во неа биле вклучени 1.178 производи од 96 производители и дистрибутери, а се применувала во 762 продажни места во 51 маркет.

Но, од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) сметаат дека со оглед на тоа што новогодишната кошничка не довела до намалување на цените на производите за 10 проценти како што беше најавено од страна на стопанствениците, не може да се верува на добрата волја и свесност на трговците дека во иднина доброволно ќе ги намалат цените на производите како што ветуваат.

Од ССМ бараат владата да воведе мерки за зачувување на животниот стандард на граѓаните и работниците, но без најава за трговците, за да не можат истите да ги зголемуваат цените на производите пред почетокот на мерките и да прават злоупотреби на грбот на граѓаните и работниците.

„ССМ предлага ваквите мерки да траат подолг временски период за да можат работниците и граѓаните да ги почувствуваат ефектите од истите“, наведуваат од Сојуз на синдикати на Македонија.

Нема податоци од Пазарниот инспекторат дали бизнисите ја почитувале акцијата

Од Државниот пазарен инспекторат засега не даваат информации за евентуални злоупотреби од страна на трговците, изречени санкции и други мерки, со оглед на тоа дека пазарните инспектори беа на терен и вршеа контроли, за да утврдат како се движат цените на основните прехранбени производи во текот на акцијата. Контролите беа спроведувани и кај добавувачите и кај производителите и маркетите, со цел да се утврди дали постои нелогично зголемување на цените кај одредени производи.

Народната банка против инфлацијата

Растечката инфлација во земјата се најде и во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата кон ЕУ.

„Политичкиот микс не ги адресираше целосно предизвиците предизвикани од високата инфлација“, стои во Извештајот на Европската комисија за 2024 година.

Во Извештајот се наведува дека за да ја ограничи инфлацијата, како и да ја поддржи денаризацијата, Народната банка ја зголемила основната каматна стапка, повлекла ликвидност и ги прилагодила задолжителните резерви на диференцирана основа за депозитите во домашна и странска валута.

„Земјата сè уште нема доставено никакви податоци за цените на услугите до Евростат. Северна Македонија треба целосно да се усогласи со новите барања во областа на бизнис статистиката“, се констатира во Извештајот.

Програма за економски реформи 2024 – 2026

Програмата за економски реформи 2024-2026 е дел од процесот на Поедноставен европски семестар за земјите кандидати, инспириран од Европскиот семестар за земјите членки на ЕУ. Процесот воведен со Стратегијата за проширување во 2013 година, подразбира подобрување на економското управување и координацијата на економските политики, со цел обезбедување долгорочен економски раст и конкурентност согласно барањата од Копенхашките критериуми за членство во ЕУ

Програмата објавена во јануари 2024 наведува дека ризиците за финансиската стабилност на секторот домаќинства, засега, се ограничени, во услови на раст на расположливиот доход, што придонесува за задржување солидна способност за редовно намирување на обврските.

„Долгот на домаќинствата расте забавено, и е сѐ уште во умерени рамки и под меѓународните прагови за ранливост”, се наведува во Програмата.

Според податоците од Програмата, инфлацијата бележи свој раст уште од крајот на 2021 и во текот на 2022 година, кога дошло до забрзување на стапката на инфлација во домашната економија, главно условено од засилениот раст на увозните цени, особено кај храната и енергијата.

Поголемо домашно производство, помали царини

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Трајан Ангелоски, смета дека мерката новогодишната кошничка не била злоупотребена од трговците и оти во одреден дел успеала да ги ублажи ефектите од инфлацијата, особено кај производите кои новогодишната кошничка ги опфаќала.


Законот за нефер трговски практики, според Ангелоски, би требало да има позитивно влијание во делот на стабилизација на цените и обезбедувањето фер услови за сите учесници на пазарот. „Како ќе се спроведе ќе зависи од тие што ќе го спроведуваат, а тоа се надлежните институции“, вели Ангелоски.

Во однос на долгорочните мерки кои би обезбедиле одржливо справување со инфлацијата, Ангелоски смета дека клучот е во зголемувањето на домашното производство и намалување на царините за увоз на прехранбените производи кои не можеме, самите како земја, да ги произведеме.

„Доколку сметаме дека цените се повисоки во маркетите, треба да се насочиме кон поефикасни мерки за набавка на истите производи, а тоа се: онлајн шопингот, набавка од интернет продавници“, вели Ангелоски, првиот човек на ССК.

Тој смета дека е очекувано вакви начини да понудат пониски цени, согласно пониските трошоци, за разлика од цените во маркетите кои во голема мера се диктирани и од повисоките трошоци при пласирањето на производите на пазарот.

Високите цени предизвикаа бран на протести во регионот

Во Европската унија Хрватска е една од трите земји со најголема инфлација, односно таа во Хрватска изнесува 4 проценти, во Унгарија 4,8 и во Романија 5,5 проценти.

Токму поради тоа на крајот од јануари трговските синџири, бензинските пумпи и продавниците во Хрватска се соочија со бојкот, инициран од постојаното зголемување на цените на производите. Иницијативата била поддржана од здруженија за заштита на потрошувачи, од синдикати, политички партии, дури и од министерот за економија на Хрватска.

Податоците покажуваат дека цените во Хрватска во декември пораснале за 4,5 проценти во споредба со декември претходната година, што се смета за пик.

„Многу производи на хрватските полици се значително поскапи во однос на државите од регионот. Ова е особено неразбирливо кога станува збор за хрватски производи. Токму поради ова, граѓаните ја презедоа ситуацијата во свои раце, бидејќи видоа дека владата не може или не сака да реагира“, изјавува Кристиан Тончиќ, граѓанин на Република Хрватска.

Дополнително, Тончиќ вели дека во Хрватска е присутна т.н. „инфлација на алчност“, односно вели дека многу компании ги зголемувале цените далеку над растот на трошоците за производство со цел зголемување на профитот на штета на граѓаните.

„Владата презеде мерки како: лимитирање на цените на енергенсите – струја, гас, нафтени деривати, ограничување на цените на производите во продавниците само за 30 прехранбени и хигиенски производи, што никако не е доволно“, вели Тончиќ.

Акцијата за бојкот на трговците во Хрватска одекна во регионот, па бојкот се најави и во Босна и Херцеговина, Црна Гора, а и во Македонија.

Европска унија успеа да ја смири инфлацијата

На ниво на ЕУ пак, заложбите на Европската централна банка (ЕЦБ) се да се одржи ценовна стабилност и тоа преку одржување на инфлацијата од два проценти на среднорочен период. Токму стапката на инфлација од два проценти, според ЕЦБ, обезбедува стабилност на цените и ги поддржува целите на банката преку спречување на ризиците од дефлација и одржување на ефикасна монетарна политика.

Во август 2024 година инфлацијата во еврозоната значително се намали, достигнувајќи 2,2 проценти, што е најниско ниво во последните три години. Вакво намалување беше поттикнато главно од намалувањето на индексот на потрошувачките цени во Германија, како и од контролата на цените во Шпанија и во Франција. Овие две земји во 2024 година успеале да ги ограничат цените придонесувајќи кон генералното намалување на инфлацијата во еврозоната во 2024 година. За пример, во Шпанија до 30 септември лани беше воведена привремена стапка на ДДВ од нула проценти за одредени основни прехранбени производи.

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Балкански институт за регионална соработка (БИРЦ)

Продолжи со читање

  • Учество на осмата меѓународна регата Сава Наутик во Брчко – БиХ

    Претставникот на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес, Владимир Ивановски Вуцо и од Вардарска регата “Гемиџии“ Владимир Стојанов и Томе Шескокалов во периодот од 28-30.8.2026 год. на покана на здружението ИКС центар (X centar) од Брчко Дистрихт – БиХ земаа учество на осмата меѓународна туристичка рега “Сава наутик“. На оваа…

  • Погледнете го нашето ново промотивно видео и откријте како органскиот отпад може да стане вредна суровина!

    Преку силен фокус на циркуларната економија и еколошката едукација, сакаме да ги поттикнеме граѓаните на итна акција за правилно сортирање на отпадот — клуч чекор кон здрава животна средина и ублажување на климатските промени. Главни ѕвезди во видеото се наставниците и учениците од основните училишта каде што ги одржавме нашите едукативни работилници. Тие јасно порачуваат: со менување на секојдневните навики и активен граѓански ангажман, секој од нас има моќ да донесе позитивни промени во општеството!
    Ова видео е дел од промотивнтаа дигитална кампања со едукативно-информативни содржини за придобивките и начините за искористувањето на потенцијалот на органскиот отпад.
    Оваа видео е подготвено во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Resource Environmental Center – REC North Macedonia Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Eco – Logic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија и Embassy of Switzerland in North Macedonia преку програмата Цивика мобилитас #CivicaMobilitas.
     
    Содржината на оваа видео е единствена одговорност на партнерите во проектот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија #CHinMK, Цивика мобилитас #CivicaMobilitas, или организациите што ја спроведуваат.

  • Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери

    Програми Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери Кампот Михелштат во Германија беше домаќин на Европскиот младински камп, кој собра 135 учесници од 15 земји. По долго патување, а за некои и пристигнување во Михелштат низ серија на предизвикувачки услови, младите и нивните лидери се обединија околу заедничката тема: “Growing together – rooted in values – rising as leaders“, односно „Растеме заедно – вкоренети во вредностите – се издигнуваме како лидери“. Кампот понуди динамична програма исполнета со различни курсеви, интерактивни работилници и можности за размена на знаења и искуства. Курсевите беа задолжителниот дел и опфаќаа повеќе теми поврзани со менталното здравје, лидерството, активности на отворено поврзани со изградба на куќарки на дрва, обработка на темата “Do no harm” како методологија против било каков вид на насилство, односи со јавност, техники за раскажување приказни, театарски пристап во работата со млади и дигитално образование. Младите учесници и младинските работници активно придонесуваа со сопствените идеи, практики и перспективи, создавајќи простор во кој сите можеа да учат едни од други. Во фокусот беше заедничкото учење за иднината на младинската работа, како и развивањето лидерски способности засновани на вредности, соработка и меѓународно разбирање. Покрај едукативниот дел, програмата беше збогатена со многу креативни и забавни активности. Учесниците имаа можност да бидат дел од интернационален музички бенд, да создаваат уметност низ различни работилници за рачни изработки, цртање и сликање, работилници за дизајнирање восочни свеќи како и склопување и дизајнирање на куќарки за мали птици, да учествуваат во работилници за пеење (ten sing), да посетуваат сесии за релаксација и да учествуваат во спортски активности на терените на кампот во Михелштат. Дури и високите температури не ги спречија учесниците да учествуваат на сите овие настани, но и да уживаат во посетата на локалниот базен. За учесниците, покрај овие обврски, вклучена беше и прошетка до адреналински парк и возење на мал, планински ролеркостер, како и патување со брод по реката Мајна до блискиот град Милтенберг. Од Македонија имаше вкупно 7 претставници. Во изминатите четири години, овој камп прерасна во важно место за средба на европското ИМКА движење. Тој не претставува само меѓународен собир, туку простор каде што младите градат пријателства, споделуваат искуства и се инспирираат стекнатото знаење да го пренесат во своите земји и локални организации. Овој камп служи за сплотување на младинските работници низ камповите во Европа и е особено значаен за нашата земја од аспект на тоа што нуди споделување на искуства поврзани со камп културата која што ИМКА во Битола и во Македонија неуморно се труди да ја издигне на едно повисоко и препознатливо ниво за сите наши локални учесници, волонтери и поширока публика. * Пред да дојдам на кампот во Михелштат немав некои преголеми очекувања. Се надевав дека ќе запознаам нови луѓе, ќе стекнам пријатели и ќе разменам мислења со млади од различни земји. На крајот, сето тоа се исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најинтересен и највпечатлив дел за мене беше курсот за лидерски вештини. Таму научив многу корисни работи за комуникацијата, тимската работа и начинот на кој еден лидер може позитивно да влијае на другите. Сигурно ќе ги применам овие знаења и во мојата заедница. За време на кампот стекнав поголема самодоверба во споделувањето на моите мислења и научив како подобро да ги разбирам и почитувам луѓето околу мене. Ова искуство ми помогна да пораснам како личност и да станам поотворен кон нови идеи и перспективи. Дефинитивно би го препорачал Михелштат кампот на секој млад човек кој сака да стекне нови искуства, да создаде меѓународни пријателства и да научи нешто корисно и вредно за својата иднина. Никола Гелов Кога првпат слушнав за кампот во Михелштат, сè ми дојде многу неочекувано. Бев пресреќна кога дознав дека и моите другарки добија можност да учествуваат, бидејќи знаев дека заедно ќе доживееме едно незаборавно искуство. Секој ден на кампот ми беше интересен на свој начин. Имав можност да научам многу нови работи и да запознаам луѓе од различни средини. Особено ми се допадна курсот по пеење. Таму научив дека не треба да се плашиме да пробаме нешто ново. Ако никогаш не се обидеме, нема да знаеме што можеме да постигнеме. Секој човек има свој талент и свој начин на изразување, а токму тоа нè прави посебни. Едно од највозбудливите искуства за мене беше активноста во Tree House. Искрено, пред да дојдам на кампот мислев дека тоа не е нешто што би го направила во мојот град. Но, овде решив да излезам од мојата зона на удобност и да пробам нешто ново. На крајот, многу се забавував и бев горда на себе што се осмелив да учествувам. Од курсот по пеење научив и една важна животна лекција: дека не треба да ги осудуваме другите. Секој може да направи нешто на свој начин и тоа не го прави помалку вреден. Наместо да критикуваме, треба да ги прифатиме и почитуваме разликите меѓу луѓето. Кампот ме научи да се дружам со сите, да бидам поотворена и да не донесувам брзи заклучоци за другите. Сфатив дека секој човек има своја приказна и дека сите заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Најважната порака што ќе ја понесам со себе е дека треба да бидеме храбри и да не се плашиме од нови предизвици. Нема глупави прашања и нема неуспеси кога учиме нешто ново. Секое искуство е можност да пораснеме и да станеме подобра верзија од себе. Дефинитивно би им го препорачала Михелштат кампот на сите млади кои имаат можност да учествуваат. Пријателствата, чувството дека сте дел од едно големо семејство, новите искуства и сè што се учи таму се нешта што тешко можат да се доживеат на друго место. Тоа е искуство кое засекогаш останува во сеќавање. Јована Кирјаковска   Бидејќи и претходно имав учествувано на два меѓународни кампа надвор од Македонија, дојдов во Михелштат со високи очекувања и чувство на возбуда. Од моите претходни искуства знаев дека ме очекува нешто посебно, а кампот ги надмина сите мои очекувања. Она што најмногу ми се допадна беше разновидноста на курсевите и работилниците. Тие создадоа можност сите учесници да се запознаат подобро, да се дружат и да учат едни од други.

  • ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби

    ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби На 27 јуни 2026 година, Кирил Михајлов, командир на Доброволното противпожарно друштво Свети Николе, учествуваше на панел-дискусија во Скопје посветена на противпожарната заштита и подготвеноста за вонредни состојби. Во рамки на дискусијата беа разгледани дел од клучните предизвици со кои се соочуваат противпожарните…

  • Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE

    Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE Доброволното противпожарно друштво Свети Николе продолжува да придонесува кон целите на проектот ENSURE преку своето директно учество во сложени интервенции на шумски пожари во Северна Македонија. За време на големиот пожар во Општина Македонски Брод, тимот на ДПД Свети Николе беше ангажиран како…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор