Прва консултативна средба со дел од организациите потписнички на Кодексот за граѓански организации се одржа вчера, 8 февруари 2022г., во рамки на програмата Цивика мобилитас. На онлајн работилницата, четири месеци по официјалната промоција и потпишување на Кодексот, присуствуваа 24 претставници на граѓанските организации (ГО).

Учесниците во групи, дискутираа за спроведувањето на системот за саморегулација, разменувајќи искуства, идеи и предлози за поширока промоција на Кодексот во граѓанскиот сектор. „Меѓусебната соработка и поддршка е одлична можност да се истакне колку Кодексот е важен за граѓанските организации, зајакнувајќи ја неговата положба. Со ваквиот пристап и дијалог ќе се придонесе за доследно почитување на Кодексот, заштита на неговиот интергитет и интегритетот на секторот“, вели Никица Кусиникова од Конект.

kodeks 1

Покрај прашањето за поширока промоција, се дискутираше и за областите од Кодексот каде има потреба од понатамошно учење и пракса. Токму за поддршката во спроведувањето на документот информираше,  Александра Савевска, соработник за проекти во Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Таа се осврна на резултатите од анкетата на оваа тема според кои, од вкупно анкетирани 21 потписник до крајот на 2021 година, топ три приоритети се: потреба од понатамошна асистенција при комуникација, застапување и видливост за 70% од организациите, добро управување за 65% од нив и 55% за градење врски со вработени, членови, волонтери и заинтересирани страни.

Асистенција ќе биде обезбедена од страна на тимот задолжен за спроведување на Кодексот за граѓански организации. Во оваа фаза се работи и на годишна временска рамка за реализација на промотивните активности, како и подготовка на план за активности за промоција во која ќе се вклучат досегашните потписници. Учесниците со задоволство се согласија за заедничка промоција на овој документ. Прифатен беше и предлогот на организациите, да зборуваат на оваа тема во рамки на своите настани, работни групи, мрежи, работилници и слично, за да се зголеми бројот на организации потписници на Кодексот.

Кодексот за граѓански организации има за цел да го зајакне системот на саморегулација и да придонесе до поголема професионалност и отчетност. Вкупно 58 граѓански организација веќе се потпишаа, а сите заинтересирани организации кои сакаат да пристапат на Кодексот ќе може да го направата тоа пополнувајќи ја следната изјава (deklaratë për pranimin e Kodit). Изјавите се депонираат во Македонскиот центар за меѓународна соработка на следниот е-маил: asv@mcms.mk и се разгледуваат од организациите потписнички како дел од неформална мрежа за транспарентност и отчетност на граѓански организации.