28.06.2017, во хотел Holiday Inn, во Скопје се организира тркалезна маса „Регулирање на учеството на децата и младите во образовната легислатива“. На овој настан беше промовирана иницијатива за измени и дополнувања на Законот за средно образование во насока на интегрирање на учеството на учениците во процесот на донесување одлуки во образовниот процес.

Овој настан има за цел да обезбеди првична дискусија со пратениците, Народниот правобранител и невладините организации во однос на обезбедување на вистинско учество на младите што ќе биде законски регулирано.

„Факт е дека состојбата во Република Македонија со гласот на учениците во училиштата е на многу минорно ниво, каде учениците немаат право на глас и простор да го кажат своето мислење. Нашето барање се однесува да се отвори процес со кој ќе се обезбедат законски измени во кои што учениците во средните училишта ќе имаат право да учествуваат во донесувањето на одлуките во училиштето и во сите реформи во образовниот систем”, изјави извршниот директор на Коалицијата на младински организации СЕГА, Зоран Илиевски.

Заменикот народен правобранител Васка Бајрамовска Мустафа, рече дека Народниот правобранител во средбите со основците и средношколците со години наназад констатира дека учеството на учениците во донесувањето одлуки во училиштата е на многу ниско ниво.

„Спроведовме истражување во 2016 година за тоа каква е состојбата во училиштата. Резултатите се поразителни. Само во 61 средно училиште има некаков облик на здружување на средношколците, меѓутоа учеството на децата во донесувањето одлуки го нема. Децата избираат свои претседатели на класови кои ги застапуваат во училиштата, но нивното застапување е само за одредени права или прашања, а таму каде што се креираат политиките учениците ги нема“, изјави Бајрамовска Мустафа.

Заклучоците од присутните учесници, пратеници како и претставници на НВОи е следниот:

„Да се базираат измените врз основа на Конвенцијата за права на детето со фокус на правото на образование; потребна е сеопфатна и целосна анализа за учеството ; системски да се уреди учеството на учениците во донесувањето одлуки преку процеси, различни форми на организирање, мониторинг и евалуација, начини на учество и клучно е да учениците бидат препознаени како важен фактор во овие процеси; затоа треба соодветна законска регулатива и стратегија“.

„Унифициран систем за инволвирање“.

„Во овие процеси треба да бидат вклучени и општините и други засегнати страни“.

„Важна е децентрализацијата, потребна е когнитивна револуција/реформа, учество и на незасегнатите страни“.

„Да се изнајдат начини за охрабрување на младите активно да се вклучат во овие процеси, важна е и суштинска имплементација, а не само форма“.

„Да работиме според научените лекции, политиката да биде надвор од овие процеси, процесот да биде отворен и инклузивен“.

„Ефектите брзо ќе се видат, потребно е процесот да не е избрзан и да биде со широко вклучување, да се продолжи со градење капацитети на засегнатите страни како и процесот да биде континуиран и систематски“.

„Правно да се гарантира на највисоко можно ниво учеството на учениците во донесување на одлуки.“

Настанот е во организација на Коалицијата на младински организации СЕГА, во партнерство со Младинскиот образовен форум и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ како дел од активностите на проектот „Имплементација на Конвенцијата на правата на детето во Р.Македонија“ поддржан од Детската Фондација Песталоци.