ЗНМ бара итно постапување по пријавата за онлајн напади врз „Слободен печат”
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) испрати барање за ургенција за текот на постапката по поднесена пријава за координиран ботски напад врз Инстаграм профилите на медиумот „Слободен печат“, адресирано до националната фокална точка г-дин Мухамед Исмаиљи, помошник на министерот во Одделот за односи со јавност и стратешки прашања при Министерството за внатрешни работи.
Ова барање следи по формалната пријава што ЗНМ ја поднесе на 15 ноември 2025 година до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, поради сомнеж за координирана злоупотреба на социјалната мрежа Instagram, со цел попречување на работењето на медиумот и ограничување на видливоста на неговите содржини.
Станува збор за координиран ботски напад врз официјалните Инстаграм профили на „Слободен печат“, при што беа регистрирани масовни сомнителни интеракции (коментари, лајкови и follow-барања), драстичен пад на досегот на објавите и основан сомнеж за алгоритамско ограничување на видливоста (т.н. „shadow ban“). Поради континуитетот на нападите, редакцијата беше принудена дел од профилите привремено да ги заклучи (приватни) со цел заштита.
Во досегашниот период, ЗНМ обезбеди институционална и правна поддршка за медиумот и ја информираше надлежната институција за продолжувањето на нападот и последиците врз работата на редакцијата.
Со последното барање, ЗНМ од МВР побара информации во која фаза на истрага е предметот, кои чекори се преземени од надлежните служби, дали се вршат проверки за евентуална поврзаност на активностите со субјекти од Република Северна Македонија, како и дали е иницирана комуникација со компанијата Meta / Instagram преку постојните механизми за меѓународна соработка.
Потсетуваме дека координираните онлајн напади врз медиуми претставуваат сериозен ризик за слободата на изразување и индиректна форма на притисок врз новинарската работа, поради што е неопходна навремена и институционална реакција.
ЗНМ ги охрабрува новинарите и медиумските работници да пријавуваат сите закани, притисоци и напади, вклучително и онлајн напади, преку платформата SafeJournalists.net или директно до Здружението, со цел навремена реакција, институционална заштита и јавно евидентирање на ваквите случаи.
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ)


![[Aggregator] Downloaded image for imported item #43720](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/01/169-33.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #44301](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/02/raf1-1018x1024-1-768x773.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #44384](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/02/mk-grc-mala.png)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #44127](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/02/630311151_895856849832384_2455287352878253917_n.jpg)
![[aggregator] downloaded image for imported item #40356](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2025/09/web-page-cover-scaled-1-768x337.webp)
