Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество

Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество бара Владата да го преиспита планирањето средствата за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации во Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година

Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество ја повикува Владата на Република Северна Македонија да ја преиспита и промени својата одлука за планирањето средства за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации во Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 и во Предлог-Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година, во Раздел 040.01 – Влада на Република Северна Македонија, Потпрограма 10 – Администрација, ставка 463 – Трансфери до невладини организации, да предвиди 30.000.000 денари, наменети за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации.

Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како советодавно тело на Владата за унапредување на соработката, дијалогот и поттикнување на развојот на граѓанското општество, во изминативе три години значително придонесе кон зголемување на транспарентноста и објективноста при распределбата на средствата предвидени во Буџетот на Владата на Република Северна Македонија наменети за финансирање на програмски активности на здруженија и фондации.

Средствата за кои се однесува оваа реакција се средства кои врз основа на Законот за здруженија и фондации се распределуваат на граѓански организации во согласност со Одлуката на Владата на РСМ за критериумите и постапката за распределба на средства за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите од Буџетот на Република Северна Македонија (Службен весник бр. 277/2019).

Овие средства веќе подолг временски период се предвидуваат во Раздел 04001 – Влада, меѓутоа со предлог Буџетот за 2022, од непознати причини, средствата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2022 г. се испланирани во Раздел 04010-Министерство за политички систем и односи помеѓу заедниците, во Потпрограма 11 со наслов „промоција на меѓуетнички односи“, што наведува само еден приоритет. Напоменуваме, дека секој орган на државната управа врз основа на програма може да распределува средства за прашања од сопствениот делокруг за работа (чл. 49 ст. 3 од Законот за здруженија и фондации), меѓутоа со оглед дека улогата на Владата е да ги идентификува приоритетите кои се од значење за финансирање за целокупното општество, неопходно е финансиските средства да бидат испланирани во Раздел 04001 – Влада.

Вакви сериозни, системски измени во распределбата на средствата наменети за граѓанските организации, без претходна консултација со Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, значат негирање на улогата на Советот и минимизирање на неговите досегашните напори за унапредување на системот на финансирање на граѓанските организации. Напоменуваме дека, Програмата за работа на Владата за периодот 2020-2024 предвиде сеопфатна реформа во системот на државно финансирање. Во таа насока во постапка е формирање на работна група за реформа на системот на државно финансирање на граѓанските организации. Оваа работна група треба врз основа на досегашните анализи и во транспарентен и инклузивен процес да предложи модел во кој ќе се врши распределбата на државните средства кон граѓанските организации. Сè додека не се усвои нов модел на државно финансирање сметаме дека не треба да има експериментални начини на финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите, ниту промени во однос на буџетските корисници кои располагаат со овие средства.

Земајќи предвид дека Предлог-Буџетот на РСМ за 2022 година е веќе во собраниска процедура, бараме од предлагачот на предлог Буџетот за 2022г.,  да ја земе предвид оваа реакција и да интервенира амандмански во предлог Буџетот за 2022г. со што ќе се овозможи континуитет на воспоставените практики, сè до утврдување на сеопфатна реформа во системот на државно финансирање.

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор