Повик за ангажман на Експерт/Експертка за едукација на новинари и известување за корупцијата во здравството
Здравствениот систем во Северна Македонија со години се соочува со сериозни предизвици поврзани со коруптивни практики, кои го намалуваат квалитетот и пристапноста на здравствените услуги. Истражувањата укажуваат дека граѓаните, а особено жените од маргинализираните заедници, често се изложени на директни или индиректни барања за неформални плаќања, непотизам и дискриминација при пристапот до здравствена заштита. Овие појави не само што ја поткопуваат довербата во институциите, туку создаваат дополнителни бариери за еднаков пристап до основното човеково право – здравје.
Корупцијата во здравството има и изразена родова димензија. Жените, особено оние кои живеат во сиромаштија, во рурални средини или кои припаѓаат на ромската заедница, се соочуваат со двојна нерамноправност: од една страна поради нивниот економски, социјален, етнички или расен статус, а од друга поради родовите стереотипи и дискриминаторските практики во институциите. Непостоењето ефикасни и доверливи механизми за пријавување дополнително ја засилува нивната ранливост и создава чувство на беспомошност.
Постоечките механизми за пријавување корупција се недоволно функционални, со ограничена транспарентност и слаб капацитет за постапување. Институциите ретко обезбедуваат јасни информации и поддршка за граѓаните, а здравствените работници немаат соодветна обука за етичко постапување и справување со случаи на корупција. Истовремено, јавната дебата за оваа тема останува ограничена, а медиумите често известуваат на начин кој не ги препознава родовите аспекти и штетните последици за ранливите групи.
Проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ е дизајниран да одговори токму на овие проблеми. Тој има за цел да ја зголеми отчетноста и транспарентноста во здравствениот систем преку зајакнување на жените и граѓаните да пријавуваат корупција, јакнење на капацитетите на здравствените работници за препознавање и превенција на коруптивни практики и зајакнување на институционалните механизми за постапување. Преку едукативни активности, јавни кампањи и застапувачки иницијативи, проектот ќе придонесе кон создавање систем во кој граѓаните ќе имаат доверба дека нивниот глас е слушнат, а нивните права се заштитени.
Проектот го спроведува Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ со поддршка од Expertise France преку Agence Française de Développement (AFD).
- Ангажман и работни задачи
Експертот/експертката ќе биде задолжен/а за реализација на две задачи во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“:
Задача 1: Подготовка на дводневна обука за новинари. Оваа задача подразбира осмислување и подготовка на програма и едукативни материјали за обуката (презентација и краток едукативен материјал). Посебен придонес се очекува во насока на обезбедување на споредбени искуства од регионот и пошироко во обработување и известување на прашањето на корупција во здравството. При подготовка на обуката и материјалот ќе се користат наодите од Извештајот за Мониторинг на медиумско известување за корупција во здравството, подготвен за потребите на овој проект.
Задача 2: Спроведување на шест дводневни обуки наменети за новинари што работат на национално и локално ниво на прашањето на корупција во здравството.
При спроведување на задачите експертот потребно е да се координира и тесно да соработува со останатите експерти и тимот одговорен за спроведување на проектот, како и да обезбеди експертиза и поддршка во спроведувањето на нивните задачи.
- Очекуван резултат
Задача 1:
- Подготвена програма за обука.
- Подготвени материјали за обука.
- Подготвена презентација и усно излагање на обуката.
Задача 2:
- Спроведени шест обуки за новинари на национално и локално ниво.
- Квалификации
Експертот/обучувачот треба да ги исполнува следните услови:
- Универзитетска диплома во областа на новинарство, медиуми и комуникации, општествени науки или сродна област (магистерски или докторски студии ќе се сметаат за предност).
- Минимум 10 години професионално искуство во новинарство, уредување или медиумска продукција, вклучително и искуство во истражувачко или аналитичко известување.
- Минимум 3 години искуство во спроведување обуки, менторства или фасилитација на работилници за новинари и медиумски професионалци.
- Искуство во теми поврзани со истражувачко новинарство, транспарентност, антикорупција, јавни политики или владеење на правото.
- Искуство во работа со национални, регионални или меѓународни медиуми ќе се смета за предност.
- Искуство во работа со граѓански организации, новинарски здруженија или меѓународни организации ќе се смета за предност.
- Искуство во спроведување обуки во земјите од Западен Балкан ќе се смета за предност.
- Одлични комуникациски и фасилитаторски вештини и способност за работа во рамки на договорени рокови.
1.4. Вештини и компетенции
Експертот/обучувачот треба да поседува:
- Одлични аналитички и истражувачки способности, со можност за интегрирање на родова перспектива во анализата и едукативниот пристап.
- Способност за јасно и практично пренесување на комплексни теми поврзани со антикорупција, јавна одговорност и медиумска етика.
- Високо развиени комуникациски и фасилитаторски вештини за водење интерактивни обуки и работилници со новинари.
- Способност за подготовка и адаптација на едукативни материјали од областа на антикорупција, прилагодени на различни медиумски формати и нивоа на професионално искуство.
- Способност за работа во рамки на договорени рокови и ефективна координација со проектен тим.
1.5. Буџет и времетраење
За овој ангажман е предвиден хонорар во износ од 1.200 евра (бруто износ).
Ангажманот е предвиден да трае шест месеци и започнува на 01 април 2026 година, со следната временска рамка:
- Подготовка на програма и материјалите во април 2026
- Одржување на обуките во период од мај – октомври, 2026.
1.6. Потребна документација за аплицирање
Заинтересираните кандидати треба да достават:
- Мотивациско писмо(до 1 страница), во кое ќе го образложат својот интерес за ангажманот, релевантното професионално искуство и пристапот што би го примениле при подготовка и спроведување на обуките.
- Биографија (CV), со јасно наведено образование, професионално искуство, обуки и менторства спроведени во претходниот период, како и релевантни проекти или активности поврзани со антикорупција, јавни политики, здравство, родова еднаквост или медиумска етика.
- Примери од спроведени обуки или наставни програми, како доказ за претходно искуство во подготовка и реализација на едукативни материјали.
- Потпишување на Изјава под заклетва за критериуми за исклучување, отсуство на судир на интереси (во прилог на овој повик).
Потребната документација да се достави по електронска пошта на адресата esem@esem.org.mk, со назнака: „Повик за ангажман на експерт/експертка за едукација на новинари и известување за корупцијата во здравството за проектот Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“, најдоцна до 17.03.2026 година.



![[Aggregator] Downloaded image for imported item #41330](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2025/11/ef.png)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #45897](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/03/delegacija-1536x1024-1-1024x683-1-768x512.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #45899](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/03/cc3f11e8-db3e-418d-952a-4c5d6b09bd0b-1024x768-1-768x576.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #45901](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/03/sob3-1024x768-1-768x576.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #45882](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/03/cover-page-reakcija-768x403.webp)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #45559](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/03/untitled_design1-768x512.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #45421](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/03/screenshot-53-768x421.png)