Screenshot

Одредувањето казна под законската граница за ,,Tешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ не ги остварува целите и влијае негативно на довербата нво судството

Реакција на Блупринт групата за реформи во правосудството за изречената санкција на обвинетиот Зоран Милески – Кичеец за стореното кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“

Блупринт групата за реформи во правосудството изразува сериозна загриженост за висината на казната изречена на обвинетиот Зоран Милески – Кичеец за стореното кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Според информациите од Основното јавно обвинителство Гостивар постигната е спогодба со обвинетиот која била прифатена од страна на Основниот суд Гостивар. Со спогодбата, обвинетиот го признава стореното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 4 и став 3 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик  и е осуден на ефективна казна затвор во траење од шест месеци.

Сметаме дека вака одмерената казна е несоодветна имајќи ги предвид последиците од кривичното дело, смрт на едно лице, тешки телесни повреди на четири лица и телесни повреди на две лица. Висината на изречената казна не може да ги оствари целите на казнувањето. Ниту придонесува во остварувањето на правдата за жртвите ниту пак спречува сторителот да врши кривични дела во иднина, ниту може воспитно да се влијае врз другите да не вршат кривични дела.

Можноста за ублажување на казната под законскиот минимум неспорно постои кога се донесува пресуда врз основа на спогодба на јавниот обвинител и осомничениот. Сепак, судијата на претходната постапка кој ја оценува предлог-спогодбата, има право да ја одбие  доколку најде дека прибавените докази за фактите важни за избор и одмерување на кривичната санкција не го оправдуваат изрекувањето на предложената кривична санкција. Во конкретниот случај судијата бил должен да ја одбие предлог-спогодбата.

Во оваа насока, сметаме дека новопоставената  правна квалификација на делото, како дело сторено од небрежност, наместо првичната- дело сторено со евентуална умисла,  претставува квалификација која единствено би овозможила изрекување на полесна санкција. Сакаме да напоменеме дека објект на заштита кај овој вид на кривични дела е безбедноста на јавниот сообраќај, па поради тоа дали делото е сторено со умисла или од небрежност треба да биде ценето во насока на тоа дали сторителот свесно и со умисла ги прекршил правилата за безбедноста на јавниот сообраќај, а не во насока на тоа дали свесно и со умисла сакал да причини смрт или тешка телесна повреда на друго лице(за што би бил гонет за сосем друго кривично дело).  Поради што, и самиот Кривичниот законик за овој вид дела сторени со умисла пропишува казна затвор во траење од најмалку четири години, а за делата сторени од небрежност од една до пет години затвор.

ОЈО Гостивар во информациите споделени со јавноста не понуди доволно убедливи причини кои го оправдуваат ублажувањето на казната под законскиот минимум. Беше споделено дека отсуствувале траги од алкохол и дека обвинетиот не ја пречекорил дозволената брзина на патот. Единствен констатиран пропуст со сообраќајното вештачење е претекнувањето на полна лента, за што осомничениот признал вина и изјавил жалење и каење за стореното кривично дело. Во таа насока, ова дело можело да биде сторено од небрежност само доколку обвинетиот (сега веќе осудено лице) од небрежност преминал на спротивната лента, или доколку претекнувањето било на испрекината линија, но обвинетиот не бил доволно внимателен да ги пропушти возилата кои доаѓале од спротивната страна, а не доколку обвинетиот свесно претекнувал возила на полна лента.

Карактеризирањето на претекнувањето на полна лента како единствен прекршок оддава впечаток дека јавното обвинителство и судот ваквиот прекршок не го сметаат за доволно тежок, а воедно и не беа понудени аргументи и докази зошто обвинителот и судот сметаат дека делото е сторено од небрежност. Ова дотолку повеќе што и надлежниот суд ја потврдил спогодбата, па оттука како релевантни ги земал фактите да осомничениот немал траги од алкохол или опијати и не ја пречекорил дозволената брзина, како и  признавање на вина и изјавување на жалење и каење и истите се основа за предлог-спогодбата, за што сметаме дека е целосно несоодветно со оглед на последиците од кривичното дело, односно настапувањето на смртта на едно лице и свесното и волево дејствување на обвинетиот.

Во конкретниот случај судот, единствено ги земал во предвид олеснителните околности, согласно предлогот на Основното јавно обвинителство, но при одмерувањето на казната воопшто не ги земал во предвид отежнувачките околности, особено имајќи предвид дека сторителот кривичното дело го сторил за време на прекин на издржување на казна затвор поради лекување.

Овој случај, со оглед на медиумската покриеност е случај за кој јавноста е запознаена, но постојат многу случаи во пракса, каде одмерувањето на казните е несоодветно и не соодветствува со тежината на сторените кривични дела и последиците од истите. Одмерувањето на казните треба да биде соодветно на сторените кривични дела, последиците од истите, како и другите релевантни факти кои треба да се земат во предвид, а со цел воедначено постапување и соодветно казнување, особено кога станува збор за дела каде како последица се јавува смрт на едно или повеќе лица. Се добива впечаток дека правосудните органи сметаат дека за изгубениот човечки живот доволна е казна затвор од шест месеци, што воопшто не е во духот на казнената политика и не може да се смета дека ваквата казна ќе ја исполни целта на казнувањето.

Поради тоа ги истакнуваме пред правосудните органи следниве барања:

  • Јавните обвинители и судиите при постапувањето по овој вид кривични дека да ја земат предвид одлуката на Европскиот суд за човекови права во случајот Смилјаниќ против Хрватска (Бр. 35983/14) кој се однесува идентично на изречена казна затвор за тешки дела во сообраќајот со смртни последици. Во одлуката ЕСЧП наоѓа дека државите во случаите кога одмеруваат казна затвор под законскиот минимум, имаат обврска внимателно да ги земат сите, а не само олеснителните околности, како и да постои задоволителна јавна дебата во поглед на постигнувањето на целта на казнувањето со изречената санкција;
  • Јавниот обвинител на РСМ како и Врховниот суд на РСМ, во рамки на нивните законски надлежности, да ги превезат сите потребни мерки за да се осигура дека казнената политика кај овој вид кривични дела е соодветна да ги оствари целите на казнувањето, како задоволување на правдата така и специјалната и генералната превенција; и
  • Советот на јавни обвинители и од Судскиот совет на РСМ кои се надлежни за следење и оценување на работата на јавните обвинители и на судиите да ги разгледаат со особено внимание поплаките и претставките кои се поднесени од оштетените од овој вид кривични дела и доколку констатираат неправилности во работењето да преземат соодветни мерки.

Блупринт група за реформи во правосудството:

  • Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
  • Институт за европска политика (ЕПИ)
  • Институт за човекови права (ИЧП)
  • Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
  • Хелсиншки комитет за човекови права
  • Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)
  • Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ)

Продолжи со читање

  • Пет локални медиуми добија грантови за продукција на содржини од јавен интерес

    Целта на оваа активност не е само еднократна финансиска помош, туку создавање на безбедно опкружување и структура за долгорочен развој на малите медиуми од локално и специфично значење. Локалните медиуми се најранливиот сегмент во медиумскиот пејзаж, соочувајќи се со бројни предизвици во споредба со големите национални куќи. Сепак, токму овие медиуми се клучни бидејќи ги […]
    The post Пет локални медиуми добија грантови за продукција на содржини од јавен интерес first appeared on Metamorphosis.

  • 📣 Сакаме да го чуеме Вашето мислење!

    Што е клучно за подобрување на квалитетот на живот bit.ly/anketa— Ве замолуваме да одвоите 5 минути од Вашето драгоцено време и да нè информирате за вашето задоволство од јавните услуги, со пополнување на прашалникот погоре #CHinMK #CivicaMobilitas Civica Mobilitas Македонско лекарско друштво Младински образовен форум – МОФ / Youth Educational Forum -YEF @youtheducationalforum @mcgo_mcec_mk МЦГО […]
    The post 📣 Сакаме да го чуеме Вашето мислење! first appeared on Finance Think.
    The post 📣 Сакаме да го чуеме Вашето мислење! appeared first on Finance Think.

  • Македонија може да стави крај на ХИВ – потребни се здружени сили и стабилна превенција

    Северна Македонија има реална можност во следните години целосно да ја елиминира епидемијата на ХИВ, доколку навременото тестирање стане широко достапно, превенцијата биде системски зајакната, […]

  • Македонија мора да го забрза одговорот на ХИВ: една третина од лицата со ХИВ не се дијагностицирани

    Граѓанските организации откриваат нови случаи 12 пати поефeктивно од здравствениот систем На национално ниво се проценува дека околу 620 лица живеат со ХИВ, но само […]

  • Извештај за постапка за избор на кандидати за избор на судија во ЕСЧП

    По поништувањето на првата постапка и распуштањето на првата комисија за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за формирање нова комисија и распишување нов јавен конкурс. Одлуките за поништување на првата постапка, распуштањето на комисијата и нејзиното повторно формирање не беа јавно […]
    Read More… from Извештај за постапка за избор на кандидати за избор на судија во ЕСЧП
    The post Извештај за постапка за избор на кандидати за избор на судија во ЕСЧП appeared first on Хелсиншки комитет за човекови права.

  • Локалните Младински Совети ја започнуваат својата трансформација

    Како дел од проектот „Младите се гласот на промените во општините“, започнавме со градење на капацитетите на Локалните Младински Совети. Успешно ја реализиравме првата дводневна обука за младинско учество и младински активизам, во партнерство со Empowering Kрушеvo.
    Обуката се одржа во периодот од 03 до 05 ноември во Струга, со учество на претставници од ЛМС Прилеп и ЛМС Крушево – членови на локалните младински совети и локалните собранија на млади од двете општини. Целта на оваа активност е да се поттикне активно вклучување на младите во процесите на донесување одлуки во заедницата и да се создадат одржливи механизми за нивно учество и застапување. Преку интерактивни сесии, дискусии и практични вежби, учесниците стекнаа нови вештини и знаења за младински активизам, партиципативни процеси, како и начини за идентификување и мапирање на младинските потреби на локално ниво.
    Ова е само почеток на процесот за операционализација и зајакнување на младинските структури, како важен чекор кон подобрување на партиципативното опкружување за младите – еден од клучните приоритети на Европската Унија.
    Младински Совет Прилеп во партнерство со Здружение на млади ЕМПАУРИНГ Крушево го спроведува проектот „Младите се гласот на промените во општините“. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2“ финансиран од Европската Унија. Содржината на веста не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и на Граѓанскиот ресурсен центар. #јасграѓанинот
    #МладиЗаМладите #ЛокалниМладинскиСовети #МладинскоУчество

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор