Nov1

Новинарството што не излезе од избори

Иако изборите формално завршија, нема простор за издишка – вербалната војна и изборната реторика не престануваат. Во политички систем во кој медиумскиот пазар зависи од јавни и партиски пари, предизборната состојба е практично перманентна. Таа произведува новинарство во кое кампањата станува нормален работен контекст, а не исклучок.

Редакциите функционираат со ограничени ресурси и во услови на зависност од државно рекламирање или од политички блиски огласувачи. Во таква средина, притисокот да се задоволат центри на моќ е секојдневен, а не временски ограничен на избори.

Навивањето и убедувањето како норма

Проблемот денес не е само во присуството на пропаганда, туку во нејзината нормализација. Она што порано беше нарушување на стандардите сега се смета за „дел од играта“.

Партиските соопштенија се објавуваат интегрално — без уредувачка дистанца. Дел од новинарите лесно преминуваат во улоги на портпароли – понекогаш и формално, понекогаш само по функција. Истовремено, аналитичари со очигледна партиска припадност се претставуваат како независни коментатори.

Наместо новинарство што објаснува, сè почесто гледаме новинарство што убедува.
Навивањето не е само во тонот, туку во изборот на теми, во редоследот на вестите, во тоа кои факти се нагласуваат, а кои се премолчуваат. Секој медиум има своја вистина, а некои и своја публика на која ѝ зборуваат како на навивачка трибина.

Наместо да анализира, новинарството почнува да мотивира – не со аргументи, туку со емоции.

Механичкото пренесување како алиби

Функционирање во услови на константна кампања наметна модел на информирање што се сведува на „само пренесуваме“. Таа реченица стана најудобното алиби на мрзливото и неодговорното новинарство.

И додека новинарите се сведуваат на држачи на микрофони, на терен  тече натпревар кој политичар ќе најде пострашен збор упатен на противникот. Колку понавредлив – толку повеќе цитиран. Од „предавници “и „криминалци“, до „крв на рацете“, „некрофилија“, „паразити“ и „џелати на народот“ – секој нов изборен циклус го турка јазикот уште подлабоко во вулгарност.

Така се создаваат штетни наративи во кои политиката повеќе не се мери со идеи, туку со навреди. А медиумите ја зголемуваат бучавата, ја шират реториката и ја прават нормална. Со секое механичко „пренесување “, омразата се реплицира, а јавниот простор станува сè потесен за разумниот и пристоен тон.

Манипулацијата како стратегија

Не мора нешто да биде лага за да биде измама.
Доволно е да се прескокне контекст, да се избере наслов што плаши, да се претвори шпекулација во сигурен факт. Прескокнати детали, сензационалистички наслов, фотографија со сугестивен кадар — тоа се суптилни, но ефикасни начини на обликување на перцепцијата.

Таквите медиумски содржини не ја информираат јавноста, туку ја дресираат: да не реагира на омраза кон „другите“, да навива без да мисли, да се плаши наместо да разбира. Гласањето станува емоционален, не рационален акт – израз на припадност, не на убедување.

Резултатот од ваквото известување е предвидлив: довербата се поткопува, јавноста се десензибилизира. Луѓето повеќе не веруваат никому и гласаат,  но не затоа што така мислат, туку затоа што се плашат „другите“ да не победат.

Постојаното навивање, заплашување и повторување на истите пароли создаваат суеверна гласачка машинерија – публика што реагира на слогани, не на аргументи.
Партиите добиваат стабилна публика, а општеството ја губи совеста – ја прифаќа нееднаквоста како ред, го губи чувството за срам, сочувството со немоќниот и му се восхитува на посилниот.

Во таа загуба, медиумите не се само сведоци, туку и учесници.

Совеста како отпор

Секогаш ќе има новинари на кои “нечесна победа им е послатка од чесен пораз“.
Луѓе без морален компас, за кои зборовите „етика“ и „одговорност“ звучат како празни флоскули. Секогаш ќе има и такви што ќе тврдат дека „само пренесуваат“, дека „сите така прават“ или дека „публиката тоа го сака“.

Вистина е, професионалното и одговорно новинарство е во дефанзива. Линијата меѓу професионалност и партиска лојалност, меѓу јавен интерес и пазарен интерес – денес е потенка од кога било.

Етиката денес нема авторитет, но кај оние што ја чувствуваат како сопствен рефлекс, таа сè уште има тежина, дури и кога сакаат да ја игнорираат. Затоа што знаат дека токму таквото новинарство, исмевано, доведено до питачки стап и принудено да се правда е – совеста на едно општество.

Можеби тоа денес нема сила да ја промени политичката култура, но може барем да ја именува, да ја забележи и да не ја репродуцира.

Во време кога јавниот говор е преполн со кампањска енергија, тоа само по себе е форма на отпор достојна за почит.

Автор: Тамара Чаусидис


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонски институт за медиуми

Продолжи со читање

  • Започнаа подготовките за XXVI Вардарска регата Гемиџии 2026

    На 14.3.2026 год. (сабота) претставници на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ – Велес, во состав Владимир Ивановски, Иван Гушев и Ангелче Гушев ги посетија извидниците во Солун каде што ги започнаа разговорите за реализација на XXVI Вардрската регата Гемиџии 2026. Оваа година заради зголемени финасиски трошоци се доведува во прашање организирањето…

  • Работна средба со извидниците на Првата извидничка чета од Поликастро

    На 14.3.2026 год. (сабота) во Поликастро, Република Грција се одржа работна средба помеѓу претставниците од Првата извидничка чета на Поликастро и претставниците на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес, Република Македонија. На оваа средба се разговараше за поддршка на извидниците од Поликастро односно поддршката што по трет пат треба да…

  • Годишно Собрание на одредот за неговата активност во 2025

    На 15.03.2026 год. (недела) во големата сала на во Домот на НВО во Велес се одржа редовното Годишно собрание на извиднички одред “Димитар Влахов“ – Велес. Собранието се одржа по следниот ред Процедурален дел: Отварање на Собранието Воведен збор на старешината Избор на работни тела на собранието Работно претседателство –…

  • Реакција за Предлог-законот за високо образование

    Младинскиот образовен форум (МОФ), како организација која скоро 27 години работи на промовирање и заштита на правата на младите во образованието, внимателно го анализираше Предлог‑законот за високо образование. Во текот на […]
    The post Реакција за Предлог-законот за високо образование appeared first on МОФ.

  • Спортот не е имун на нееднаквост и насилство: потребни се конкретни и системски промени за надминување на пречките

    Со конференцијата „Фер игра: еднаквост и нулта толеранција за родово базирано насилство во спортот“, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го заокружи процесот на собирање на податоци кои покажуваат како жените се застапени на позиции на одлучување во спортските организации. Истражувањата укажуваат и на искуствата и препознавањето на различните форми на родово базирано насилство врз жените во спортот, нивото на свесност на спортистките и постоењето, видливоста и користењето на механизмите за заштита. Учесниците на конференцијата отворија широка дискусија која овозможи да се согледаат пречките и бариерите и можните решенија.

  • Говорот на омраза во спортот

    Спортските трибини и натаму остануваат простор каде што се шират навредливи и дискриминаторски пораки, особено на етничка и национална основа. Таквиот говор, особено кога е јавно манифестиран, има потенцијал да предизвика длабоки поделби да ја наруши меѓуетничката кохезија, а има потенцијал да предизвика и злосторства од омраза. Во прилог, нашата колешка Наташа Петковска при гостување […]
    Read More… from Говорот на омраза во спортот
    The post Говорот на омраза во спортот appeared first on Хелсиншки комитет за човекови права.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор