Нерамномерниот развој и демографските (не)прилики ја дизајнираат фискалната децентрализацијата во Западен Балкан

Напис во Независен за Меѓувладина координација од локално до европско управување – IGCOORD (https://igcoord.eu/).

Целосниот напис достапен на овој линк

Нерамномерниот развој и демографските (не)прилики ја дизајнираат фискалната децентрализацијата во Западен Балкан

Како во земјите од Западен Балкан да се надмине јазот што постои во односите помеѓу централните и локалните власти во процесот на децентрализацијата и кои се клучните предизвици во овој процес е во фокусот на истражување, кое е дел од поширок проект на ниво на Европската унија и во кој се вклучени повеќе истражувачи. Една од констатациите поврзани со регионот е дека иако земјите на Западен Балкан веќе навлегуваат во потреба за нов бран на децентрализација очигледно е дека дизајнот на фискалната децентрализацијата во овие земји треба да води сметка за регионалниот нерамномерен развој, но и за демографските прилики поврзани со негативниот прираст и трендот на заминување на голем број луѓе во други земји.

„Проектот IGCOORD има за цел да поврзе истражувачи кои со нивните истражувања би обезбедиле системски и споредлив увид за процесите на децентрализација во хоризонтални и вертикални насоки, помеѓу централната и локалната власт и помеѓу општините. Имено, оваа ЕУ иницијатива настојува да собере компаративни податоци и искуства од земјите; да ги разјасни основните механизми преку споредбени анализи; да развие нови заеднички истражувачки прашања помеѓу експертите во областа; и да ги сподели собраните извештаи и резултати за информирање на научната и стручната јавност. Наскоро, работната група за фискална децентрализација на овој проект ќе излезе со книги и истражувања на темата децентрализација во Југоисточна Европа“, вели Марјан Николов, претседател на Центарот за економски анализи и глобален експерт за мерење на ефикасност на децентрализацијата.

Збрувајќи за децентрализацијата воопшто, Николов објаснува дека ефикасната координација меѓу актерите на централната и локалната власт е еден од главните предизвици на централните и локалните политичари во Западен Балкан но и пошироко.

Или, како што е посочено во проектот, „надворешните ефекти, а со тоа и меѓузависноста на политичките дејствија надвор од границите на државите, драстично се зголемија, барајќи подобра координација на одлучувањето и активностите низ општините, како и меѓу централната и локалната власт и тоа во сè посложена средина. Ефективноста и легитимноста на демократското владеење во современите држави во голема мера зависи од нивната способност за координација. Сè уште постои сериозен недостиг на знаење меѓу научниците и практичарите за тоа како да се организира и обработува меѓувладината координација во различни случаи на организирање на децентрализација“.

На прашањето како гледа да се надмине јазот што постои во односите помеѓу централните и локалните власти и што се прави во таа насока, Николов вели дека сѐ зависи од тоа која била целта за децентрализација воопшто во некоја држава и што се сакало да се постигне.

„Доколку целта била политичка тогаш параметрите за надминување на јаз се во сферата на политичкото. Доколку целта била да се постигне економска ефикасност тоа веќе е сосема друга конструкција во сферата на фискалното“, вели Николов за Независен.

Тој посочува дека во секој случај постои глобална тенденција кон придвижување на процесите за децентрализација, но таа децентрализација се случува во контекст на глобализацијата и поврзувањето на светот во глобални синџири на економска активност. Тоа во земјите на Западен Балкан на пример, резултира во гравитациската сила на привлечност на урбаните центри и запоставување на и онака неразвиените региони и општини.

„Концентрацијата на населението во земјите на Западен Балкан на пример е во општини со население до 30.000 жители. Тоа значи дека 69 отсто од вкупното население на Западен Балкан живее во градови со до 30 илјади жители. Во Албанија половина од населението живее во 7 градови со население од повеќе од 100.000 жители, а во Косово, слично на Албанија, половина од населението живее во 8 од 38 општини. Во Црна Гора, половина од населението живее во 4 од 25 општини. Во БиХ, половина од населението живее во 84 отсто од општините. Регионалниот развој е организиран на ниво НУТС 3 (номенклатура на територијални статистички единици, заб.) за планирање во Северна Македонија, Албанија и Косово каде разликите опстојуваат една деценија“, вели Николов.

Така, регионите каде се главните градови на земјите од Западен Балкан се и до двапати поразвиени од останатите региони во тие земји (што може да се види и на приложениот графикон).

„Процентуалната разлика помеѓу регионите на главните градови и секундарните региони во земјите на Западен Балкан во 2020 година покажува: Скопскиот регион има 69 отсто повисок БДП по глава на жител од просекот на другите региони во Северна Македонија. Регионот Тирана има 62 отсто повисок од просекот на другите региони во Албанија и Белградската НУТС 3 има 148 отсто повисок БДП по глава на жител од просекот на НУТС 3 региони во Србија. Приштинскиот регион има повеќе од двапати повисок просек од просекот на другите региони во Косово. Кантонот Сараево има за 59 отсто повисок БДП по глава на жител во споредба со просекот во БиХ“, појаснува Николов.

Се наметнува и прашањето колку фискалната децентрализација помага во тој процес. Николов нагласува дека иако земјите на Западен Балкан веќе навлегуваат во потреба за нов бран на децентрализација очигледно е дека дизајнот на фискалната децентрализацијата во овие земји треба да води сметка за овој регионален нерамномерен развој како и за реалноста дека прирастот на населението во овие земји е негативен и дека емигрирањето го намалува бројот на населението.

„Старосната пирамида на населението кај овие земји веќе добива облик на свртена пирамида за 180 степени т.е. стапката на зависно население, односно млади до 15 години плус постари од 64 години врз население во продуктивна возраст (од 16 до 64 старост) расте, а продуктивното население емигрира или мигрира во урбаните центри. Во ваков контекст дизајнот на нов бран на децентрализација побарува политики за фискален дизајн повеќе за постари лица отколку изградба на градинки и учичишта на среден и долг рок“, вели Николов.

Ваквата нестабилност на амбиентот бара во дизајнот на нов бран на децентрализација за овие земји да се води сметка покрај за демографските и регионални аспекти и за транзициски трошоци за општините (како што беше посочено, дека скоро 70 отсто од населението живее во градови до 30 илјади жители, а скоро 10 отсто во општини до 5 илјади жители) кои едноставно немаат економија на обем.

„Оттука станува актуелна и асиметричноста на дизајнот на децентрализацијата т.е., не сите општини би имале човечки кадар или капацитет за спроведување на надлежностите како големите општини“, вели Николов.

(М.Ј.)

The post Нерамномерниот развој и демографските (не)прилики ја дизајнираат фискалната децентрализацијата во Западен Балкан appeared first on CEA – Center for Economic Analyses.

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор