Локалните медиуми и етичките стандарди во фокусот на средбата во Куманово
Во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), на 25 март во Куманово се одржа консултативна средба со новинари и уредници од регионалниот центар, на која во фокусот беа измените на Кодексот на новинарите и состојбите во локалните медиуми.
Средбата ја отвори координаторот Неџат Аќифи, кој се осврна на сериозните предизвици со кои се соочуваат медиумите во регионот. Тој посочи дека во изминатите години, поради финансиски тешкотии, згаснале повеќе локални медиуми, што резултирало со намален број новинари и ограничено информирање на јавноста. Во таа насока, беше истакната потребата од воспоставување Фонд за медиуми како долгорочно решение за поддршка.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, говореше за континуираните напори на Здружението за системско решавање на проблемите со кои се соочуваат новинарите во својата работа, вклучително и подобрување на работните услови, заштитата од притисоци и унапредување на професионалните стандарди. Осврнувајќи се на состојбата во медиумскиот сектор, тој укажа на предизвиците поврзани со медиумскиот плурализам, особено во контекст на концентрацијата на сопственоста, ограничената разновидност на содржини и влијанието врз уредувачката независност. Во таа насока, Чадиковски нагласи дека иницијативата за формирање Фонд за медиуми останува еден од клучните приоритети на ЗНМ, како механизам за долгорочна поддршка и стабилизација на медиумскиот сектор.
Во своето обраќање, Леунора Калиќи од СЕММ се задржа на значењето на етичките стандарди и потребата од нивно континуирано унапредување преку измените на Кодексот. Таа сподели искуства од работата на Комисијата за жалби и ја потенцираше потребата од регионален пристап кон регулирање на употребата на вештачка интелигенција во медиумите.



Васко Маглешов, како член на работната група, ги презентираше конкретните предлог-измени на Кодексот, информирајќи за тековниот процес на консултации и за придонесите од новинарите од другите регионални центри.
Дискусијата што следеше покажа дека новинарите активно се вклучени во процесот и во голема мера се согласуваат со досегашните предложени измени. Воедно, беше потенцирана потребата од системска поддршка за локалното новинарство, како и од прилагодување на професионалните стандарди на современите предизвици, вклучително и новите технологии.



Средбата во Куманово е дел од поширокиот консултативен процес што ЗНМ го спроведува низ регионалните центри, со цел создавање пофункционален и современ Кодекс, кој ќе ги зајакне етичките стандарди и довербата во медиумите.
Фото: ЗНМ
Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Здружението на новинарите на Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ)


![[Aggregator] Downloaded image for imported item #46361](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/03/1-726x1024-1-e1774622653157.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #46793](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/04/e98207a8-2d0a-4cce-83f4-8b39d9c9e4ca.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #46791](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/04/608907279_4848668365281156_5081909792714353265_n-768x512.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #46754](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/04/scrsh-1-768x525.webp)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #46748](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/04/a34ed58c-468a-49a5-a3e6-2bbda7784b3c-1024x768-1-768x576.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #46750](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/04/20cdac7b-d9c6-4e82-8036-4dceb7a1bc56-1024x768-1-768x576.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #46752](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/04/tomce_tekst-1024x576-1-768x432.jpg)