Лицитација со бројки и потреба од сензационализам

pozar 2

8 септември, нешто по 22 часот, првпат се појавува вест за пожар во модуларната болница во Тетово. Првичните фотографии што ја придружуваат веста се симнати од интернет, многу оган и понекое пожарникарско црево.

Кусата вест дека избувнал пожар во модуларната болница не е доволна. Речениците се надополнуваат од минута во минута. За петнаесетина минути почнува и лицитацијата со жртви. Дел од медиумите внимателни – најверојатно има и жртви, други храбро објавуваат – најверојатно има 36 жртви. Бројката варира од медиум во медиум, од 10 до 36.

Министерството за здравство соопштува дека министерот е на пат кон болницата во Тетово. Брзо потоа објавуваат дека има и жртви. Тогаш настанува вистински хаос на интернет, медиумите водени од официјалното соопштение на Министерството за здравство, не ги чекаат официјалните бројки и масовно споделуваат вести во кои се запишани различни податоци за изгорени пациенти.

Вака приближно се одвиваше генезата на објавувањето информации ноќта на 8 септември кога изби оган во ковид-болницата во Тетово. Интернет-страници, радија, телевизии… сите медиуми се јавуваа и објавуваа, беа во трка кој попрв ќе дознае повеќе.

Зошто се брзаше со објавување на бројот на жртви пред официјално да се потврди?

draganОд Здружението на новинари на Македонија велат дека не се изненадени од брзината на ширење непроверени информации.

„Примерите за ширење непроверени информации во услови на трагедија, не се нов феномен во нашето општество, а мотивите најчесто се политички или, пак, со тенденција да се креира лажна популарност на социјалните медиуми од неодговорни корисници“, вели Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ. Тој смета дека лицитирање со бројка на починати лица во услови на трагедија во која нема официјална информација дали и колку лица се починати, не само што ги прекршува етичките стандарди на новинарската професија, туку и може негативно да влијае врз јавниот ред и мир преку предизвикување паника меѓу граѓаните, а тоа да доведе и до јавни немири.

Од Советот за етика во медиумите во Македонија велат дека Европската новинарска практика, како и насоките од Алијансата на независни совети за печат на Европа – АИПЦЕ се мошне јасни – дека во случај на несреќи и катастрофи, новинарите имаат исклучително голема одговорност во обработката и пласманот на информациите.

k sin„Главниот принцип, се разбира, е почитувањето на членот 1 од Кодексот на новинарите – да се објавуваат точни и проверени информации, да се настојува да се провери информацијата максимално пред да се објави, и притоа, доколку не сме сигурни во нејзината веродостојност, да се нагласи јасно дека станува збор за непроверена информација. Понатаму, да се избегне искушението на сензационалистичкиот пристап во обработка и пласман на информациите, нешто што гледаме дека е исклучително тешко во време на експанзија на интернет-портали, кога целта е клик повеќе. Она што медиумите го забораваат е да направат дистинкција помеѓу катастрофа од ваков тип, кога починатите се граѓани што не се јавни личности, или смрт на јавна личност (природна, во некоја несреќа или, пак, самоубиство)“, вели Катарина Синадиновска од СЕММ.

Објавувањето неточни информации од медиуми што официјално го носат товарот на јавното информирање, односно се регистрирани како медиуми, е многу загрижувачки факт, смета универзитетската професорка Јасна Бачовска. Таа вели дека опасноста е особено голема во овој социолошки амбиент што го креираат социјалните мрежи.

Jasna 1„За жал, сè почесто се случува ова и е резултат на непрофесионализам во новинарството, лоша уредничка политика, низок интегритет на медиумите во државава. Потребата е сензационализам. Ваквите вести особено се опасни кога доаѓаат токму од официјални медиуми, во момент кога тие треба да се брана од лажни вести, субјективизам, произволности и хаос што го создаваат приватните профили што се јавно достапни и прават информациски хаос. Граѓанинот едноставно ќе нема каде да се информира и ќе нема кому да верува“, вели Бачовска.

Како професорка на идните новинари, таа нагласува дека еден едуциран новинар не би требало да прави „грешки“ од овој тип, бидејќи уште како студент по новинарство учи за објективност во новинарството, за професионализам, за факт наспроти информација, за етика на информирање.

Постојат ли санкции за ваквиот сензационалистички пристап на информирање?

Да се биде прв значи и да се има најголема одговорност. Која е казната за оние што се служат со лаги или со непроверени информации за да бидат први? Од агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги велат дека не постои казна што тие како регулаторно тело можат да ја изречат.

Emilija Kamenjarova 1„Од регулаторен аспект, телевизиите и радијата треба да ги почитуваат начелата за вршење на дејноста што се наведени во член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. За конкретниов случај особено се важни начелата со кои се бара објективно и непристрасно прикажување на настаните, потоа негување и развој на хуманите и на моралните вредности на човекот, заштита на приватноста и достоинството на личноста, како и заштита на идентитетот на жртвите на насилство. За непочитување на овие одредби нема казна, туку санкцијата е морална и обично ја изрекува саморегулаторното тело“, вели Емилија Петреска Камењарова од ААВМУ.

Но, секој граѓанин што ќе почувствува дека ваквиот тип информирање не е според етика и е спротивен на професионалното информирање, може да се обрати до ЗНМ.

„Кога станува збор за објави на новинари, пред сè кои се членови на Здружението, секој граѓанин може да поднесе претставка до Советот на честа. Доколку Советот утврди дека има прекршување на етичките принципи, има јавна одлука што укажува дела конкретниот новинар или група новинари се непрофесионални. Во одредени случаи што се експлицитни и за кои се цени дека е потребна итна реакција, ЗНМ често во соработка со Советот за етика има објави или директна комуникација кон конкретните медиуми или новинари дека има  злоупотреба на слободата на изразување“, истакнува Секуловски.

Но, колку е важна трпеливоста и професионализмот на новинарите, толку е важна и ажурноста во информирањето на институциите, смета Синадиновска од СЕММ.

„Другата наша забелешка е еднакво суштинска, а се однесува на институциите – тие мора да внимаваат да бидат максимално транспарентни. Кога има катастрофи, мора да има постојан однос со јавноста, прес-конференции (или дури и отворен прес-центар 24 часа) за да се обезбеди институционално информирање и можност за новинарите да поставуваат прашања во име на граѓаните, меѓу другото и за предизвикување на она што се пушта како официјален став на некоја институција. Тие официјални ставови мора да се остави простор да бидат предмет на новинарски интерес, било да се дообјаснат, поедностават или просто – да се оспорат, доколку се имаат такви новинарски индиции“, вели Синадиновска. Таа дополнува дека дури и во услови кога надлежните ги немаат сите одговори во првиот момент, важно е да се исправат пред јавноста и да се покаже дека кон несреќата ќе се пристапи со максимална почит на јавноста и на граѓаните и на нивното елементарно право да бидат точно информирани.

Сензационализмот ја уништува довербата во медиумите

pozar 3 1

Колку и да е голема казната за еден медиум од надлежните институции, не може да се мери со губењето на довербата кај публиката. Професорката Јасна Бачовска вели дека одржувањето на врската гледач-медиум е особено важна во известувањето сензитивни информации, како што е бројот на жртви во модуларната болница во Тетово.

 „Ако новинарите продолжат да информираат на овој начин, нормално дека ќе ја изгубат довербата и тоа е голема општествена штета. Затоа е потребна работа на полето на медиумите и медиумски модел на општествено ниво и со политичка волја, а тоа значи: добри закони за медиуми, политички плурализам во медиумите, професионални и едуцирани новинари, силен невладин сектор во овој домен и поддршка на демократизацијата на медиумите од државата, како и јакнење на јавниот сервис“, смета Бачовска.

Од ЗНМ се со помек став и сметаат дека гледачот би прифатил и извинување од медиумот ако тоа е направено ненамерно.

„Кога станува збор за ненамерен пропуст од новинар или од медиум во начинот на известување, постои можност за јавно извинување. На тој начин се покажува подготвеност да се прифати грешката и да се побара од публиката да биде толерантна. Меѓутоа, во случаи кога злонамерно се злоупотребува новинарската професија, со цел да се има личен бенефит или да му се нанесе некому штета по угледот, во тој случај штетата често може да биде врз граѓаните и нивното право на јавно информирање и тука да настрада јавниот интерес“, вели Секуловски.

Синадиновска од СЕММ завршува дека преку непрофесионализмот во јавното информирање и од страна на институциите и од страна на медиумите, се креира недоверба во самите медиуми, ама и во системот, нешто што може да биде особено опасно токму во време на несреќи или катастрофи или предизвици за јавното здравје, кога имањето на вистинската информација понекогаш ја прави разликата помеѓу животот и смртта.

Автор: Катерина Топалова

 

————————————————————————————————————————————————————-

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

 

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор