рурална коалиција

Климатските промени погубни за пчеларите и за останатото земјоделско производство

Стотици хектари изгореа во општините Куманово и Старо Нагоричане изминатиов месец. Најпогодени беа селата од козјачијата каде гореше борова, дабова шума, но изгореа и површини во кумановско на повеќе локации. Проценките на штетите почнаа, општините ги испратија комисиите на терен, земјоделците изгубија обработливи површини во пониските рурални средини, претрпеа штета на имоти, изгоре добиток. Изгореа дрвја стари пет децении.

Јули, годинава беше најтоплиот месец покажаа мерењата на светски научници. Екологистите се загрижени, а земјоделците најпогодени. Директна штета трпат пчеларите од двете општини кои секоја година имаат сè понизок принос, а за наредната, поради пеплосаните територии стравуваат дека ќе се повтори најлошата 2020 кога не извадија ниту тегла мед по кошничка. Во екот на пашата, раскажуваат пчеларите временските прилики биле неповолни за пчелите. Микроклимата е уште позначајна за пчеларите.

Претседателот на здружението „Пчела“ Куманово, Горан Митевски вели дека климатските промени директно ги погодуваат пчеларите. Тој пчелари на три локации во Којнаре, Градиште и Пезово. Микроклимата е различна од сите три места што резултира со различни приноси, па така, појаснува Митевски, просечно во Којнаре има еден килограм, во Градиште седум-осум, во Пезово од 11-12 килограми. За среќа вели, медоберот го завршил пред пожарот.

– Пожарот го зафати овој дел, Мургашки рид. Доколку се измести фазата на цветање на билките што директно зависи од климата, тогаш имаме намалено нектарење, а со тоа и намален приход на мед. Пчелите ги опрашуваат растенијата, овошките што пак со годините е недоволно. Пчелата сè уште не може да се адаптира на овие страшни климатски промени, појаснува Митевски.

Трајче Денчевски има два пчеларници во двете општини Старо Нагоричане и Куманово во Сув Ора и Зебрњак со 170-тина кошници. Приносите последниве четири години се едноцифрени по кошница, но сепак повисоки во Старо Нагоричане.

– Според анализите во населено место има бетон, асфалт, за разлика од село каде целиот простор е со зеленило. Низ годините забележав помали приноси во градската средина. Климатските промени имаат влијание врз целокупното земјоделие што придонесува за намалени приноси низ годините, вели Денчевски. Пчеларите велат дека ќе се приклучат на акциите за пошумување не само на медоносни растенија, туку генерално во сите акции кои ќе се организираат од општините или државата. Невладините организации предупредуваат дека климатските промени најмногу ќе ги погодат земјоделците. Елена Николовска од „Еко-свест“, посочува дека долгите сушни периоди влијаат врз раноградинарските култури, претходниот месец овоштарниците од ресенско претрпеа штета, претходните години излевањето на реките го преполови родот.

– Според анализата за климатски екстреми во земјава направена како дел од CBIT проектот во склоп на Министерството за животна средина, можеме да очекуваме земјата во иднина да се соочи со потопла и посушна клима. Се очекуваат и екстремни бури кои ќе предизвикаат поплави. Наглите промени во времето се тешки да се предвидат, а ова значи огромни штети и загуби за земјоделците. Пожарите како директна последица од климатските екстреми предизвикуваат огромни штети и загуби, како по природните екосистеми така и по локалните заедници. Видовме како стока и житни култури се целосно пеплосани во пожарите кои ја зафатија целата држава овој месец, ова е материјална штета која државата ќе треба да ја надомести, меѓутоа нашата држава не е финансиски подготвена да ги надомести и да се справи со сите овие штети и загуби и ова е случајот со речиси сите земји во развој и неразвиени земји, вели Николовска.

Државата, според неа, сè уште нема национален план за адаптација, односно приспособување на ранливите сектори кон овие новонастанати климатски услови со кој треба да се дефинира институционална рамка како и мерки и активности токму за адаптација и на секторот земјоделие. Извршната директорка на „Рурална Коалиција“, Лилјана Јоноски пак додава дека токму климатските промени се закана за биодиверзитетот, земјоделските екосистеми и човечка благосостојба. Според истражувањата има помали приноси во растителното производство каде што одредени сорти повеќе или не успеваат на овие простори, а во минатото давале максимални приноси. – Сведоци и на драстично намалување на приносите кај речиси сите земјоделски култури коишто се одгледуваат во државата. Ова намалување до 2025 ќе се движи до десет процени. Климатските промени за земјоделството носат двоен предизвик: од една страна земјоделството мора да ги намалува емисиите на јаглерод диоксид, метан и азот оксид во атмосферата, а од друга страна да презема мерки за адаптирање кон климатските промени чиј ефект е сè повидлив. Тоа ќе влијае и врз креирањето на земјоделските политики и стратегии, како и постепено адаптирање на правилата коишто заедничката земјоделска политика веќе ги има воведено за земјоделците коишто живеат во држави-членки на Европската Унија, а кон којашто се стремиме и ние, потенцира Јоноски. Јоноски смета дека е важно да се работи на свеста кај земјоделците, бидејќи ѝ покрај штетите, мал е процентот на земјоделците кои преземаат мерки за ублажување на климатските промени, сметајќи дека тие се сè уште далеку од нас. – За влијание врз креирањето на политиките освен неколку обиди на поголемите граѓански организации во секторот не може ни да стане збор, па согласно последните трендови во ЕУ и заедничката земјоделска политика, потребата од климатски акции за климатските промени во земјоделството и подигнување на свеста кај земјоделците за потребата од нивна директна акција на терен како и на сите нас станува нужна, рече Јоноски.

Потребна е адаптација на ранливите сектори како што е земјоделството кон сегашната состојба сметаат, граѓанските организации. Општините засега немаат законска обврска да изработуваат општински планови за адаптација, но во интерес на локалниот економски развој потребно е да се подготват планови за адаптација. Општина Старо Нагоричане има подготвено стратегија за локален економски развој и за развој на туризмот во кои има неколку мерки кои би ги ублажиле климатските промени. Климата во оваа општина може да се дефинира како умерена со изменето медитерански влијанија, богата е со вегетација која варира од ниски кон високи прегледи и генерално е чиста незагадена средина. – Како рурална општина, населението во Старо Нагоричане се занимава со традиционално земјоделство, сточарство и одгледување на традиционални земјоделски култури. Општината има потенцијал за воведување нови култури, воспоставување модели за производство на органска храна и развој на пчеларството како специфична гранка. Во тој контекст ќе биде важно да се искористат мерките за поддршка на развојот на земјоделството предвидени со Националната стратегија за земјоделство и рурален развој и да се овозможи едукација на населението за воведување нови производи и нов начин на работа, се наведува во стратегијата за ЛЕР. Меѓу стратешките цели на општината е подобрување на руралниот развој, развој на земјоделството, зголемена информираност на земјоделците, аплицирање на домашни и странски проекти, искористување и унапредување на сточарство, на производството на храна. Оттука можат да се црпат идеи за приспособување на целиот сектор земјоделство кон климатските промени. Општина Куманово во моментов подготвува нова програма за рурален развој. До крајот на годинава се очекува да биде подготвена петгодишна стратегија за рурален развој во која ќе бидат опфатени сите рурални средини во општината. Екипи од општината на терен ги согледуваат проблемите со кои се соочуваат руралните средини, подготвена е база на податоци.

Ахмет Јашаровски од одделението за локален економски развој од општина Куманово вели дека проблемите ќе се решаваат со поддршка на домашни и странски фондови. – Во стратегијата ќе бидат вклучени релевантни фактори, експерти, кои работат на проблематиката-климатски промени, ќе се земат предвид нивни размислувања. Дури и во моментов имаме податоци дека покрај инфраструктурата, земјоделците од кумановско ги загрижуваат климатските промени. Затоа ќе посветиме внимание на ублажување на овие негативни ефекти врз производството, појаснува Јашаровски. Поради зависноста од временските услови, храната е најмногу погодена од климатските промени. Затоа, организациите предлагаат паметно да се искористи земјиштето за да се обезбеди храна и во екстремни временски услови. Агро-екологијата е пример за искористување на постоечките екосистеми за да се произведе храна, во исто време ја зголемува отпорноста на посевите од наглите топлотни бранови и поплави, кои изминатава деценија станаа сè почести.

Александра Максимовска.

Продолжи со читање

  • Елаборат за четириесетите – XL Средби на извидници Велес 2026

    Почитувани извидници, извидничкиот одред “Димитар Влахов” од Велес одбележувајќи ја седмата деценија на постоење на извидништвото во Велес и Денот на Државноста на Македонија, Ве поканува на традиционалните XL Средби на извидници 2026. Во периодот од 1975 до 2026 година, успевaме да организираме четириесет Средби на извидници од кои последните…

  • Ново регионално партнерство: Здружението започнува проект поддржан од Western Balkans Fund и Европската Унија

     Со голема чест и задоволство споделуваме дека Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености е добитник на грант од Фондот за Западен Балкан (Western Balkans Fund), кофинансиран од Европската Унија! На 24 и 25 јуни 2026 година во Тирана, Албанија, присуствувавме на дводневната партнерска работилница и свечената церемонија…

  • Успешно реализирана XXVI Вардарска регата “Гемиџии 2026“

    Иако регатата се одвива по 26-ти пат, ова е трета година во која пловидбата заврши во Солун, идентично како онаа на велешките трговци во минатото. Чамците растоварени, пловењето успешно завршено, се сумираат впечатоците од Вардарска регата „Гемиџии“ која по 26-ти пат ја оживеа традицијата и патшествието на велешките трговци во…

  • Од отпад до производ: Како био-отпадот станува дел од нашето секојдневие

    Био-отпадот претставува органски отпад кој потекнува од домаќинствата, пазарите, градините и прехранбената индустрија. Во оваа категорија спаѓаат остатоци од овошје и зеленчук, талог од кафе, лушпи од јајца, лисја и трева.
    Иако најчесто се третира како отпад, био-отпадот претставува вреден ресурс. Во контекст на циркуларната економија, тој се користи како суровина за создавање нови материјали, енергија и производи што повторно се враќаат во економскиот циклус.

    https://unsplash.com/photos/person-holding-eco-not-ego-signage-_kB9NKpErH4
    Во традиционалниот модел, био-отпадот најчесто завршува на депонии, каде што при разградување без кислород се создава метан – силен стакленички гас кој придонесува за климатските промени. Во циркуларниот пристап, истиот отпад се третира како ресурс и се трансформира во компост, биоматеријали, природни ѓубрива и иновативни производи. На овој начин се намалува количината на отпад, се намалуваат емисиите и се поттикнува развој на зелени технологии и локални бизниси.
    Овој пристап е тесно поврзан со пораката „Eco, not ego“, која потсетува дека одржливите избори ја ставаат еколошката одговорност пред краткорочната индивидуална удобност. Со тоа, био-отпадот се гледа не како проблем, туку како почеток на нов циклус на вредност, обновување и одржлив развој.

    Примери на продукти изработени од био-отпад

    Биопластика и дизајн-предмети од талог од кафе – Coffeefrom (Италија): Италијанскиот стартап Coffeefrom го претвора искористениот талог од кафе во биопластика и композитни материјали кои се користат за дизајнерски производи, пакување и индустриска примена, покажувајќи дека дури и секојдневниот отпад може да добие нова вредност.

    (Извор: EU-Startups, август 2025 – eu-startups.com | Renewable Matter – renewablematter.eu)

    Биоразградливо пакување од мицелиум и земјоделски отпад – Grown.bio (Холандија): Компанијата Grown.bio користи мицелиум и земјоделски отпад за производство на целосно биоразградливи пакувања и изолациски материјали кои нудат одржлива алтернатива на пластиката и стиропорот.

    (Извор: European Circular Economy Stakeholder Platform – circulareconomy.europa.eu | Saladplate, октомври 2025 – saladplate.com)

    Еко-кожа од манго отпад – Fruitleather Rotterdam (Холандија): Fruitleather Rotterdam го рециклира отпадот од манго што не ги исполнува пазарните стандарди и го претвора во издржлив вегански материјал кој се користи за изработка на чанти, паричници и други модни производи.

    (Извор: Plant Based News, мај 2025 – plantbasednews.org | Nature Biotechnology, 2025 – nature.com)

    Фото:https://unsplash.com/photos/a-pile-of-garbage-sitting-on-top-of-a-grass-covered-field-pprCuLQopHw
    Овие примери покажуваат дека отпадот не мора да биде проблем кој треба да се отстрани. Со соодветна креативност, технологија и визија, тој може да стане вреден ресурс кој создава нови производи, нови работни места и помало влијание врз природата.
    Циркуларната економија нè учи дека секој материјал има потенцијал за нов живот. Наместо да гледаме на био-отпадот како нешто без вредност, можеме да го препознаеме како можност за иновации и одржлив развој. Токму во оваа промена на перспективата лежи клучот кон поодржлива иднина.
     
    Оваа статија е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
    Содржината на оваа статија е единствена одговорност на Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.
    Автори: Јасмина Петровска, Еко Логик и Ана Серафимова, Еко Логик

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор