[Aggregator] Downloaded image for imported item #46340

Градење инклузивни и отпорни заедници (2021- 2026) – од резултати кон одржливи политики

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) на 25 март 2026 година во Скопје го одржа завршниот настан на проектот „Градење инклузивни и отпорни заедници “, на кој беа презентирани резултатите од петгодишната имплементација и се отвори стручна дискусија за актуелните безбедносни предизвици поврзани со радикализацијата и насилниот екстремизам. На настанот присуствуваа претставници од институциите, безбедносниот сектор, академската заедница, граѓанските организации и меѓународните партнери, со цел размена на искуства и унапредување на дијалогот за развој на ефикасни и одржливи политики во областа на превенција на радикализацијата.

Во воведниот дел, Павле Трајанов, Национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, нагласи дека, и покрај актуелните глобални конфликти, Република Северна Македонија засега останува стабилна. Тој посочи дека одржувањето на стабилноста бара внатрешна кохезија и институционална координација, при што глобалните случувања имаат директни импликации врз економијата, енергетиката и безбедносната состојба. Веса Кељменди, регионален советник во Global Community Engagement and Resilience Fund (GCERF), истакна дека формите на насилен екстремизам континуирано се менуваат и се трансформираат во нови облици, при што регионот се соочува и со политички мотивирани екстремизми. Таа укажа на постоење на структурни слабости во системите за превенција и ја нагласи потребата од вложување во толеранција, мир и работа со ранливи групи.

Резултатите од проектот ги презентираше Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ, проектен менаџер во МЗМП, која посочи дека проектот опфатил активности во десет општини и вклучил институции, локални заедници, медиуми и образовниот сектор. Во рамки на проектот беа реализирани 106 работилници со деца, девет мултиетнички кампови, 34 работилници со родители и наставници, осум обуки за новинари, три медиумски анализи, како и документарниот филм „Скршени синџири: враќање по ИСИС“. Таа укажа на недоволната координација помеѓу казнено-поправните установи и локалните мултисекторски тимови, како и на потребата од воспоставување на јасна и функционална законска рамка. Особено беше нагласен ризикот од онлајн радикализација кај деца од рана возраст.

Во рамки на првиот панел, Бобан Стојановски, експерт за безбедност и контратероризам, посочи дека фокусот во изминатиот период бил претежно насочен кон верскиот екстремизам, при што останале недоволно адресирани други форми на екстремизам со различна идеолошка основа. Тој се осврна и на улогата на социјалните мрежи како средство за пропаганда и радикализација, како и на ризиците поврзани со повратниците од странски боишта. Елена Кузмановска, државен секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се осврна на хибридните и онлајн закани, улогата на медиумите и влијанието на новите технологии, нагласувајќи дека државата, како земја кандидат за членство во Европската Унија, мора да дејствува усогласено со европските политики и меѓународното право.

Марјан Ѓуровски, професор на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет – УКИМ Скопје, предупреди дека, покрај исламскиот екстремизам, постојат и други облици на радикализација, вклучително и православен екстремизам и проруски влијанија. Тој ги посочи ризиците поврзани со учество на македонски државјани во странски конфликти и злоупотребата на навивачки групи, нагласувајќи ја потребата од засилена институционална координација. Нела Јакшиќ, геополитички аналитичар, истакна дека актуелните геополитички случувања, особено војната во Иран, ги надминуваат класичните безбедносни и економски рамки и придонесуваат кон нарушување на трансатлантските односи и откривање на безбедносните слабости во Европа. Според неа, енергетските и економските пореметувања, заедно со информацискиот хаос, го зголемуваат ризикот од радикализација, при што онлајн просторот сè почесто се користи за мобилизација, а одредени објекти стануваат потенцијални безбедносни цели.

Во рамки на вториот панел, Александар Карапетров, претставник на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, ја отвори дилемата за границите помеѓу слободата на комуникација и радикализацијата во дигиталниот простор, укажувајќи на потребата од внимателно дефинирање на законската рамка. Александар Грижев, професор на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, нагласи дека онлајн радикализацијата денес не е само безбедносен, туку и општествен предизвик, бидејќи влијае врз довербата, кохезијата и отпорноста на заедниците. Затоа, одговорот не смее да биде само реактивен, туку мора да вклучува рано препознавање, координација меѓу институциите и силна превенција, особено кај младите. За инклузивни и отпорни заедници, мора истовремено да се вложува и во безбедност, и во образование, и во дигитална писменост. Биљана Ристеска, претставник на Националниот центар за побезбеден интернет при Министерството за дигитална трансформација, посочи дека децата претставуваат особено ранлива категорија, при што улогата на училиштето и семејството е клучна, со оглед на тоа што радикализацијата често продолжува и надвор од образовниот систем.

Проектот „Градење инклузивни и отпорни заедници“, спроведен во периодот од 2021 до 2026 година, се заснова на интегриран пристап кој ги обединува трите клучни компоненти – превенција, заштита и одговор, со цел унапредување на националниот и локалниот систем за справување со радикализацијата и насилниот екстремизам.

Во рамки на проектот беа реализирани активности насочени кон зајакнување на институционалните механизми, вклучително и системски преглед на постојните процеси за спречување на насилен екстремизам и реинтеграција и ресоцијализација (РРР), како и развој на оперативни документи за функционирањето на локалните мултидисциплинарни тимови (ЛМТ). Преку координација со националните тела и релевантните институции, беше унапредена меѓуинституционалната соработка и беа воспоставени основи за поефикасно функционирање на системот. Дополнително, проектот придонесе кон зајакнување на капацитетите на професионалците од различни сектори – образование, здравство, социјална заштита и безбедност – преку реализација на тематски обуки, менторски сесии и развој на прирачник за психосоцијална поддршка и справување со траума. Овие активности овозможија унапредување на практичните знаења и вештини потребни за работа со лица изложени на ризик од радикализација, како и со повратници и нивните семејства.

Значаен сегмент од проектот беше насочен кон локалното ниво, каде што преку едукативни активности и интервенции беа вклучени деца, родители, наставници, како и претставници на локалните институции. Реализирани беа работилници, мултиетнички кампови, обуки и настани со цел зајакнување на социјалната кохезија, развој на критичко размислување и унапредување на капацитетите за ненасилно решавање на конфликти. Паралелно, проектот придонесе кон унапредување на јавните наративи и медиумското известување за темите поврзани со радикализацијата, преку подготовка на анализи за медиумско известување, обуки за новинари и продукција на видео содржини и документарен филм. Овие активности имаа за цел да поттикнат одговорно, балансирано и информирано известување.

Во текот на имплементацијата, проектот директно опфати вкупно 4,575 лица, вклучувајќи 620 претставници од институции, 60 претставници на граѓански организации, 1,100 претставници на заедници, 195 медиумски работници и 2,600 деца, родители и образовен кадар. Дополнително, преку активности насочени кон градење доверба и намалување на стигматизацијата, проектот придонесе за подобрување на прифаќањето на повратниците и нивните семејства во заедниците, што претставува клучен предуслов за успешна реинтеграција и долгорочна превенција.

Заклучоците од проектот укажуваат дека ефективната превенција на радикализацијата бара континуирано зајакнување на институционалните капацитети, функционална координација помеѓу релевантните чинители и активно вклучување на локалните заедници. Истовремено, се нагласува потребата од трансформирање на постигнатите резултати во долгорочни политики и механизми кои ќе обезбедат одржливост и системски одговор на безбедносните предизвици.

Проектот „Градење инклузивни и отпорни заедници“ го спроведуваше Македонското здружение на млади правници во партнерство со Центар за заедничка основа, Центар за толеранција и доживотно учење и Отворена порта „Ла Страда“, со поддршка на Global Community Engagement and Resilience Fund (GCERF).

The post Градење инклузивни и отпорни заедници (2021- 2026) – од резултати кон одржливи политики appeared first on Myla.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонско здружение на млади правници

Продолжи со читање

  • Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество на средба со организациите во Куманово

    На 1 октомври 2026 година претставници на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество се сретнаа со граѓанските организации и активистите од Североисточниот регион. Средбата беше посветена на улогата, работата и соработката со Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како значаен механизам за унапредување на дијалогот меѓу институциите и граѓанските организации.

  • OТВОРЕНО ПИСМО | Дали претседателката Сиљановска-Давкова легитимира организации поврзани со движења против правото на абортус?

    Мрежа за заштита од дискриминација испраќа отворено писмо до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод нејзината неодамнешна средба со претставнички на здружението „Јас сум жена“. Со […]

  • Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина

    Од 5 до 7 октомври, во Приштина се одржа Civil Society & Think Tank Forum 2026, официјалната платформа на граѓанското општество во рамки на Берлинскиот процес, на кој учествуваше и Finance Think. Во текот на трите дена, низ повеќе тематски дискусии, претставниците на граѓанските организации и тинк-тенковите од Западен Балкан имаа можност да дадат свои […]
    The post Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина first appeared on Finance Think.
    The post Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина appeared first on Finance Think.

  • Граѓанското општество од Западен Балкан го даде својот придонес во пресрет на Самитот на Берлинскиот процес

    Овогодишниот Форум на граѓанското општество и тинк-тенк организации (CSF 2026) се одржа во Приштина од 5 до 7 октомври. Форумот, како официјална платформа на граѓанскиот сектор во рамките на Берлинскиот процес, уште еднаш ја потврди незаменливата улога на граѓанскиот сектор како мост меѓу граѓаните, експертската заедница и донесувачите на одлуки.

  • Одржана базична обука за прва помош во Свети Николе

    Одржана базична обука за прва помош во Свети Николе На 4 и 5 октомври 2026 година, во просториите на ООУ „Гоце Делчев“ во Свети Николе, се одржа базична обука за прва помош, организирана со поддршка на Operation Florian од Велика Британија. На обуката учество земаа членови од три доброволни противпожарни друштва: ДПД Свети Николе, ДПД…

  • ЗАКОНИТЕ МОРА ДА ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ ЗА ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, А НЕ ДА ГИ КРЕИРААТ

    Вчера (7.10.2026 година) на Пленарна седница на Собранието на Република Северна Македонија, на прво читање беа разгледани предлог измени и дополнувања на Законот за животната средина. Веќе за 13.10.2026 година е закажана седница на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на […]
    The post ЗАКОНИТЕ МОРА ДА ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ ЗА ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, А НЕ ДА ГИ КРЕИРААТ appeared first on Myla.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор