[Aggregator] Downloaded image for imported item #44123

Бобан Перески е добитник на наградата „МЛАДИ за медиумска извонредност кај младите“

Бобан Перески со својот труд именуван „Необичен и различен расказ“ е победник на јавниот повик на Младински образовен форум за „МЛАДИ награда за медиумска извонредност кај младите“.

Повикот беше дел од проектот „Младите во Западен Балкан – Виртуелна разгледница“, на кој можеа да учествуваат млади од 15 до 30 години од Македонија.

Учесниците на повикот работеа на зададената тема „Различноста како сила: Младите и нивната солидарност за подобро општество“. Трудовите можеа да бидат поднесени во кој било мултимедијален формат – подкаст, есеј, напис, мим, видео, фотографија или друга креативна форма.

Во продолжение, прочитајте го победничкиот труд на Бобан Перески:

Пред да започнам со пишувањето за оваа тема, редно е да објаснам дека овој необичен и различен напис, ако воопшто може да се нарече напис (се надевам дека новинарите ќе ми простат за мојот нетипичен вовед и она што следува подолу во текстот), покрај текстот, ќе содржи и мемиња. Следствено на тоа, доколку сметате дека овој некласичен стил е под вашето ниво, тогаш топло ви препорачувам вашето скапоцено време да го насочите на друго место.

Живеејќи во едно од најмултиетничките општества, сведоци сме како на толку мал простор коегзистираат значаен број култури кои во себе ги носат сите свои елементи: јазикот, верувањата, традициите, обичаите итн.

Секако, тоа е резултат на историските прилики низ кои поминала Македонија во текот на вековите, но тука фокусот ќе биде насочен на сегашноста и на општествените предизвици, особено на тоа како „различните“ млади здружено може да ги надминат разликите и поделбите со цел да го направат ова општество подобро место за живеење, затоа што на различноста не треба да се гледа како на проблем, туку како извор на солидарност со цел да се постигне на општествен напредок. Притоа, кога станува збор за младите, важно е да се напомене дека младоста може да биде релативна работа, па со цел да се избегнат нејаснотии – во овој текст се мисли на поширока возрасна група која ги опфаќа децата, тинејџерите и сите оние што себеси се сметаат за млади и желни да донесат промени во општеството.

Еден од суштинските аспекти, ако не и најсуштинскиот, е токму воспитно-образованиот процес и улогата што тоа ја игра во градењето на една личност, а тука не се подразбира само училиштето, туку неформалното образование и домашното воспитание. Според тоа, многу е важно уште од најмалите години, самите деца да бидат вклучени во активности што поттикнуваат емпатија и разбирање за другиот. На тој начин, самите деца кои треба да се изградат како личности, уште од најмала возраст се учат да ја почитуваат различноста и да гледаат сличности меѓу себе, а не само разлики. Притоа, тоа придонесува за намалување на дистанцата што ја држат учениците поради која на другото дете гледаат како на „различно“ од себе. Најголем придонес за ова може да имаат училиштата кои преку различни проекти, училишни приредби, денови на култура, гастрономски или музички настани каде што учениците од различни заедници ќе ги презентираат своите култури и на тој начин ќе придонесат за градење на заемна почит и прифаќање на различниот од себе. Сепак, тоа не треба да застане тука затоа што формалното образование е само првиот чекор кон личниот, а и општествениот развој, додека вистинскиот предизвик е во практичната примена на знаењето и постојаното учење во текот на целиот живот. На ова многу добро може да се надоврзи неформалното образование затоа што отвореноста што ја нуди овој вид образование во голема мера придонесува кон стекнување навики, вредности и вештини што не секогаш може да се научат во училишните клупи, а се неопходни за развојот на детето. И на крајот, сето ова би било залудно, доколку детето нема поддршка и позитивни воспитни модели во семејството. Кога сите гореспоменати фактори ќе функционираат во хармонија, тогаш може да зборуваме за следниот чекор во градењето подобро општество: млади кои се спремни да поттикнат позитивни промени, бидејќи кога веќе децата се со тој начин на размислување, тие сѐ повеќе ќе се насочени кон солидарност преку согледување на сличностите и како истите може да ги искористат да направат подобро општество за сите.

Младите играат клучна улога во обликувањето на сегашноста и иднината на општествата. Со својата енергија, креативност и отвореност за промени, младите луѓе се наоѓаат во таа улога да бидат носители на трансформацијата во овој свет. Нивната прилагодливост на промените, технолошките способности ги прават не само учесници во напредокот на општеството, туку и неговата движечка сила. Токму една од дефинирачките карактеристики на младите е нивната прилагодливост. За разлика од постарите генерации кои во голема мера се привикнати на воспоставени системи и традиции, за жал понекогаш проследени со фанатизам и без желба за промени, младите луѓе се повеќе спремни да прифатат промени и да бараат решенија. Тоа нив ги прави солидарни.

Друга сила на младите е нивната отвореност кон меѓукултурни пријателства и тимска работа. Растејќи во свет кој се глобализира, тие се поприфатливи за различноста и желни за соработка со врсници од различно потекло. Оваа отвореност поттикнува меѓукултурна соработка и ги намалува бариерите на предрасудите и недоразбирањата.

Со заедничка работа на младите од различни културни позадини, тие поттикнуваат иновативни решенија за општествените предизвици, а воедно промовираат мир и толеранција што се витална улога за градење на солидарност во едно мултиетничко општество. Ваквите иницијативи ја одразуваат не само нивната храброст, туку и нивната верба во праведноста и фер односот. Ова чувство на заедништво не само што создава заемна поддршка, туку ја зајакнува довербата и емпатијата меѓу младите. Така, младинската солидарност претставува темел врз кој може да се градат похумани и обединети општества.

Неодминливо е тука, меѓу другото, да не се спомнат пречките со кои се соочува едно мултикултурно општество. Имено, покрај дезинформациите што се шират на социјалните медиуми кои и тоа како може да поттикнат кон создавање поделби меѓу младите, дополнителна пречка е „работата“ на одредени комисии или конкретно на Комисијата за односи меѓу заедниците.  Тука не би сакал да должам, туку едноставно би посочил кон читање на истражувањето спроведено во рамки на проектот „Глеаме све! – Транспарентност и отчетност на локалните власти“, a главно се однесува на работата на Општина Струга, а во рамки на тоа и гореспоменатата комисија. Сепак, текстот нема за цел да поттикне поделби, туку да укаже на реалноста дека секоја работа која не функционира доволно ефикасно треба да се согледа, да се признае и соодветно да се поправи. Градењето толерантни општества не може да се потпира само на индивидуална добра волја, туку тоа бара силна институционална поддршка преку прогресивни политики. Владите и локалните власти имаат одговорност да ја заштитат различноста преку закони што ја забрануваат дискриминацијата и промовираат еднакви права. Покрај тоа, политиките што активно го поттикнуваат учеството на младите во процесите на донесување одлуки се клучни.

Според тоа, фокусот го ставаме на иднината. А кога зборуваме за иднината на едно општество, младите не треба да бидат само пасивни набљудувачи на промените, туку неговите клучни двигатели. Тие претставуваат најголемиот фактор за промени, бидејќи во себе ja носат способностa да гледаат надвор од ограничувањата. Оваа нивна отвореност е особено важна во мултикултурни општества какво што е македонското, каде што разликите честопати се претвораат во извор на поделби. Младите, благодарение на својата прилагодливост и отвореност кон современиот  начин на живеење, тие полесно градат пријателства и тимска работа со врсници од различни културни и етнички позадини. Со тоа, тие ја разградуваат бариерата на предрасудите и го поттикнуваат духот на солидарност и заедништво.

Во денешниот меѓусебно поврзан и разновиден свет, оваа цел бара посветеност, еднаквост и значајно учество од сите членови на заедницата, особено од младите. Со обликување на училиштата, работните места и социјалните средини за да ги одразат овие вредности, општествата можат да негуваат почит, доверба и солидарност.

Младите луѓе се тие што носат свежи перспективи, технолошка поткованост и експертиза и долгорочни визии што можат да ги обликуваат општествата на подобро. Исто така, заемното почитување како водечки принцип, гарантира дека дијалогот и соработката остануваат конструктивни дури и кога се појавуваат несогласувања. Од друга страна, меѓукултурната комуникација ги премостува разликите и ја зајакнува солидарноста во мултикултурни контексти. Кога луѓето можат да разберат и ценат перспективи надвор од своите, општествата стануваат поотпорни на предрасудите и поделбите. Според тоа, патиштата кон подобро општество се вкоренети во вклученост на сите заедници, политики за поддршка и негување на критички и почитувачки дијалог. Со градење училишта, работни места и заедници кои ја прифаќаат различноста, донесување политики кои ја штитат еднаквоста, а воедно го зголемуваат учеството на младите и поттикнување на меѓукултурното разбирање, човештвото може да се приближи кон поправеден, помирен и поодржлив свет. Остварувањето на оваа визија бара континуиран напор од поединци, институции и заедници. Само преку заедничка посветеност и соработка, сонот за подобро општество може да стане реалност. Младите се темелот на секое општество и доколку бидат поттикнати и поддржани, тие ќе изградат иднина во која различноста не е поделба, туку сила што обединува.

Содржината и визуелните материјали објавени во овој труд се авторски и претставуваат исклучиво ставови на авторот. Младински образовен форум (МОФ) и партнерите на проектот не ја преземаат одговорноста за евентуални различни толкувања, реакции или несогласувања предизвикани од содржината. Сите мултимедијални материјали, вклучително текст, мемиња, фотографии, видеа и други креативни форми, се користат со цел промоција на дијалог, образование и меѓукултурна солидарност, и не претставуваат официјален став на организацијата или нејзините поддржувачи. 

The post Бобан Перески е добитник на наградата „МЛАДИ за медиумска извонредност кај младите“ appeared first on МОФ.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Младински Образовен Форум

Продолжи со читање

  • Учество на осмата меѓународна регата Сава Наутик во Брчко – БиХ

    Претставникот на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес, Владимир Ивановски Вуцо и од Вардарска регата “Гемиџии“ Владимир Стојанов и Томе Шескокалов во периодот од 28-30.8.2026 год. на покана на здружението ИКС центар (X centar) од Брчко Дистрихт – БиХ земаа учество на осмата меѓународна туристичка рега “Сава наутик“. На оваа…

  • Погледнете го нашето ново промотивно видео и откријте како органскиот отпад може да стане вредна суровина!

    Преку силен фокус на циркуларната економија и еколошката едукација, сакаме да ги поттикнеме граѓаните на итна акција за правилно сортирање на отпадот — клуч чекор кон здрава животна средина и ублажување на климатските промени. Главни ѕвезди во видеото се наставниците и учениците од основните училишта каде што ги одржавме нашите едукативни работилници. Тие јасно порачуваат: со менување на секојдневните навики и активен граѓански ангажман, секој од нас има моќ да донесе позитивни промени во општеството!
    Ова видео е дел од промотивнтаа дигитална кампања со едукативно-информативни содржини за придобивките и начините за искористувањето на потенцијалот на органскиот отпад.
    Оваа видео е подготвено во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Resource Environmental Center – REC North Macedonia Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Eco – Logic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија и Embassy of Switzerland in North Macedonia преку програмата Цивика мобилитас #CivicaMobilitas.
     
    Содржината на оваа видео е единствена одговорност на партнерите во проектот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија #CHinMK, Цивика мобилитас #CivicaMobilitas, или организациите што ја спроведуваат.

  • Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери

    Програми Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери Кампот Михелштат во Германија беше домаќин на Европскиот младински камп, кој собра 135 учесници од 15 земји. По долго патување, а за некои и пристигнување во Михелштат низ серија на предизвикувачки услови, младите и нивните лидери се обединија околу заедничката тема: “Growing together – rooted in values – rising as leaders“, односно „Растеме заедно – вкоренети во вредностите – се издигнуваме како лидери“. Кампот понуди динамична програма исполнета со различни курсеви, интерактивни работилници и можности за размена на знаења и искуства. Курсевите беа задолжителниот дел и опфаќаа повеќе теми поврзани со менталното здравје, лидерството, активности на отворено поврзани со изградба на куќарки на дрва, обработка на темата “Do no harm” како методологија против било каков вид на насилство, односи со јавност, техники за раскажување приказни, театарски пристап во работата со млади и дигитално образование. Младите учесници и младинските работници активно придонесуваа со сопствените идеи, практики и перспективи, создавајќи простор во кој сите можеа да учат едни од други. Во фокусот беше заедничкото учење за иднината на младинската работа, како и развивањето лидерски способности засновани на вредности, соработка и меѓународно разбирање. Покрај едукативниот дел, програмата беше збогатена со многу креативни и забавни активности. Учесниците имаа можност да бидат дел од интернационален музички бенд, да создаваат уметност низ различни работилници за рачни изработки, цртање и сликање, работилници за дизајнирање восочни свеќи како и склопување и дизајнирање на куќарки за мали птици, да учествуваат во работилници за пеење (ten sing), да посетуваат сесии за релаксација и да учествуваат во спортски активности на терените на кампот во Михелштат. Дури и високите температури не ги спречија учесниците да учествуваат на сите овие настани, но и да уживаат во посетата на локалниот базен. За учесниците, покрај овие обврски, вклучена беше и прошетка до адреналински парк и возење на мал, планински ролеркостер, како и патување со брод по реката Мајна до блискиот град Милтенберг. Од Македонија имаше вкупно 7 претставници. Во изминатите четири години, овој камп прерасна во важно место за средба на европското ИМКА движење. Тој не претставува само меѓународен собир, туку простор каде што младите градат пријателства, споделуваат искуства и се инспирираат стекнатото знаење да го пренесат во своите земји и локални организации. Овој камп служи за сплотување на младинските работници низ камповите во Европа и е особено значаен за нашата земја од аспект на тоа што нуди споделување на искуства поврзани со камп културата која што ИМКА во Битола и во Македонија неуморно се труди да ја издигне на едно повисоко и препознатливо ниво за сите наши локални учесници, волонтери и поширока публика. * Пред да дојдам на кампот во Михелштат немав некои преголеми очекувања. Се надевав дека ќе запознаам нови луѓе, ќе стекнам пријатели и ќе разменам мислења со млади од различни земји. На крајот, сето тоа се исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најинтересен и највпечатлив дел за мене беше курсот за лидерски вештини. Таму научив многу корисни работи за комуникацијата, тимската работа и начинот на кој еден лидер може позитивно да влијае на другите. Сигурно ќе ги применам овие знаења и во мојата заедница. За време на кампот стекнав поголема самодоверба во споделувањето на моите мислења и научив како подобро да ги разбирам и почитувам луѓето околу мене. Ова искуство ми помогна да пораснам како личност и да станам поотворен кон нови идеи и перспективи. Дефинитивно би го препорачал Михелштат кампот на секој млад човек кој сака да стекне нови искуства, да создаде меѓународни пријателства и да научи нешто корисно и вредно за својата иднина. Никола Гелов Кога првпат слушнав за кампот во Михелштат, сè ми дојде многу неочекувано. Бев пресреќна кога дознав дека и моите другарки добија можност да учествуваат, бидејќи знаев дека заедно ќе доживееме едно незаборавно искуство. Секој ден на кампот ми беше интересен на свој начин. Имав можност да научам многу нови работи и да запознаам луѓе од различни средини. Особено ми се допадна курсот по пеење. Таму научив дека не треба да се плашиме да пробаме нешто ново. Ако никогаш не се обидеме, нема да знаеме што можеме да постигнеме. Секој човек има свој талент и свој начин на изразување, а токму тоа нè прави посебни. Едно од највозбудливите искуства за мене беше активноста во Tree House. Искрено, пред да дојдам на кампот мислев дека тоа не е нешто што би го направила во мојот град. Но, овде решив да излезам од мојата зона на удобност и да пробам нешто ново. На крајот, многу се забавував и бев горда на себе што се осмелив да учествувам. Од курсот по пеење научив и една важна животна лекција: дека не треба да ги осудуваме другите. Секој може да направи нешто на свој начин и тоа не го прави помалку вреден. Наместо да критикуваме, треба да ги прифатиме и почитуваме разликите меѓу луѓето. Кампот ме научи да се дружам со сите, да бидам поотворена и да не донесувам брзи заклучоци за другите. Сфатив дека секој човек има своја приказна и дека сите заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Најважната порака што ќе ја понесам со себе е дека треба да бидеме храбри и да не се плашиме од нови предизвици. Нема глупави прашања и нема неуспеси кога учиме нешто ново. Секое искуство е можност да пораснеме и да станеме подобра верзија од себе. Дефинитивно би им го препорачала Михелштат кампот на сите млади кои имаат можност да учествуваат. Пријателствата, чувството дека сте дел од едно големо семејство, новите искуства и сè што се учи таму се нешта што тешко можат да се доживеат на друго место. Тоа е искуство кое засекогаш останува во сеќавање. Јована Кирјаковска   Бидејќи и претходно имав учествувано на два меѓународни кампа надвор од Македонија, дојдов во Михелштат со високи очекувања и чувство на возбуда. Од моите претходни искуства знаев дека ме очекува нешто посебно, а кампот ги надмина сите мои очекувања. Она што најмногу ми се допадна беше разновидноста на курсевите и работилниците. Тие создадоа можност сите учесници да се запознаат подобро, да се дружат и да учат едни од други.

  • ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби

    ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби На 27 јуни 2026 година, Кирил Михајлов, командир на Доброволното противпожарно друштво Свети Николе, учествуваше на панел-дискусија во Скопје посветена на противпожарната заштита и подготвеноста за вонредни состојби. Во рамки на дискусијата беа разгледани дел од клучните предизвици со кои се соочуваат противпожарните…

  • Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE

    Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE Доброволното противпожарно друштво Свети Николе продолжува да придонесува кон целите на проектот ENSURE преку своето директно учество во сложени интервенции на шумски пожари во Северна Македонија. За време на големиот пожар во Општина Македонски Брод, тимот на ДПД Свети Николе беше ангажиран како…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор