Барања за системски медиумски реформи  

 

  1. Начин на спроведување на реформите

Реформите во медиумскиот сектор, што согласно Пржинскиот договор 2 беа договорени за периодот по формирањето на новата Влада, треба да се спроведат како добро испланиран, инклузивен и транспарентен процес што ќе се одвива во две паралелни фази. Првата фаза треба да се состои од утврдување на приоритетните прашања за кои се неопходни итни законски измени и практични мерки што треба да ги спроведат надлежните институции, а втората од детектирање на сите среднорочни и долгорочни прашања што треба да се решат во медиумскиот сектор, а за кои се неопходни сеопфатни анализи. И двете фази треба да се одвиваат во отворена и континуирана соработка на надлежните државни институции со граѓанските организации од медиумскиот сектор.

Споведувањето на реформите подразбира измени во законската легислатива од различни области, но исто така и серија практични мерки и активности на надлежните државни институции со кои ќе се овозможи имплементација на легислативата и решавање на ургентните проблеми што го попречуваат слободното вршење на новинарската професија или го оневозможуваат правото на јавноста да добива објективни, непристрасни и вистини информации за сите прашања од политичкиот и општествениот живот.

Сите предлози за итни измени на законите треба да се направат во транспарентен процес на консултација со граѓанските организации, пред да се достават на усвојување на седница на Влада.
                Во овој документ се нотираат само итните проблеми што треба да се решат во првата фаза и предлозите за законски измени и други мерки. За најголем дел од овие проблеми, во март минатата година петте граѓански организации во областа на медиумите – потписници на ова барање, доставија Иницијатива за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиови-зуелни медиумски услуги со Предлог на закон, која беше поддржана од пратениците на СДСМ. Оваа иницијатива ја доставуваме во прилог на ова Барање. Нагласуваме исто така и дека ние како организации остануваме зад предложените решенија во овој Предлог на закон и бараме процедурата за измени на Законот за аудио и аудиовизуелна дејност да почне што е можно побрзо и да биде максимално инклузивна и транспарентна.

  1. Приоритетни прашања што треба итно да се решат во првата фаза 
    • Зголемување на безбедноста и сигурноста на новинарите и искоренување
      на практиката на неказнивост на нападите врз новинари
       
  • Официјалните претставници на Владата, државните службеници и претставниците на сите јавни институции на безбедноста на новинарите треба да му пристапуваат како на исклучително сериозен проблем и редовно во јавноста да ги осудуваат нападите врз новинари;
  • Владата треба да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на новинарите и да ги задолжи надлежните институции итно да ги истражат сите случаи на напади врз новинари. За таа цел, очекуваме Владата на првата наредна седница да расправа за ова прашање и да донесе заклучок со кој ќе го задолжи Министерот за внатрешни работи да изготви извештај за состојбата со презмените мерки за откривање и гонење на насилниците;
  • За зголемување на безбедноста на новинарите и искоренување на состојбата на неказнивост треба да се испита можноста во Кривичниот закон да се воведе посебна санкција за напад врз новинари и новинарски екипи на работа.

 

  • Почитување на работните и професионалните права на новинарите
    и другите медиумски работници
     
  • Итно спроведување на преземените обврски во владината програма за измени на Законот за работни односи во делот на обезбедување вистинска заштита за работниците, вклучувајќи ги и новинарите и медиумските работници;
  • Измени на одредбите од Законот за работни односи во делот за штрајк, каде се обесхрабруваат работниците да го искористат ова право и каде казните за погрешна процедура за синдикатот се повисоки во однос на работодавачот.
  • Менување на Законот за работни односи во делот на репрезентативноста на синдикатите и на вистинска проценка кој синдикат е репрезентативен, заедно со скратување на долгата и сложена процедура околу утврдување на овие факти.

 

  • Транспарентност на јавните институции и подобрување
    на условите за истражувачко новинарство
     
  • Владата, соодветните министерства, Собранието, судовите и сите други јавни институции, треба да обезбедат брз, фер и еднаков пристап до информации од јавен карактер за сите медиуми. Треба да работат транспарентно, да имаат отворен, недискриминаторски и фер однос кон медиумите и не треба да имаат привилегиран однос кон определени медиуми. Владата и сите надлежни министерства треба да се обврзат да одржуваат заеднички прес-конференции (по можност еднаш неделно) на кои треба да даваат детални одговори на сите прашања поставени од новинарите.
  • Да се разгледа можноста за измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен со цел (1) да се утврди пократок рок за пристап што би им овозможил на новинарите побрзо да дојдат до бараните информации и документи (по можност помеѓу 7 и 10 работни денови), и (2) максимално да се стеснат основите за одбивање на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер односно да не им се остава простор на институциите за своеволно толкување на основите за одбивање со цел да се прикриваат информации и да се оневозможи правото на пристап;
  • Да се обезбеди бесплатен пристап за новинарите до документите во Централен регистар или од Катастар, при што новинарот поднесува соодветен документ од редакцијата.

 

  • Независност, надлежности и финансирање на Агенцијата за аудио
    и аудиовизуелни медиумски услуги
     
  • Измени во одредбите во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во поглед на начинот на предлагање и именување членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со цел ова тело да се департизира;
  • Со оглед на неефикасното собирање на радиодифузната такса, да се изнајде решение за долгорочно, стабилно и независно финансирање на Агенцијата.
    • Инстутиционална автономија, уредувачката независност и финансирање на МРТ 
  • Измени во одредбите во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во поглед на начинот на предлагање и именување членови на Програмскиот совет на МРТ, со цел ова тело да се департизира и да ги претставува вистински интересите на граѓанското општество во целина;
  • Измени во одредбите во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во поглед на начинот на избор на одговорните уредници на програмските сервиси, со кои Програмскиот совет на МРТ ќе биде овластен да ги избира врз основа на спроведена постапка на јавен конкурс;
  • Дополнително, мора да се зајакнат критериумите за избор на директорот на МРТ, со цел таа менаџерска функција да се професионализира, а не да е партиско-политичка;
  • Имајќи ги предвид одредбите од Законот за ААВМУ и Законот за државна помош, надлежните институции треба да спроведат детална ревизија на финансиското работење на МРТ во изминатите неколку години, со цел сеопфатно да се согледа нејзината состојба и да се преземат соодветни мерки за нејзина консолидација;
  • Со оглед на неефикасното собирање на радиодифузната такса, да се изнајде решение за долгорочно, стабилно и независно финансирање на МРТ.

 

  • Спречување говор на омраза и поттикнување насилство во аудиовизуелните содржини 
  • Измени на одредбите во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да се воведе санкција за „говор на омраза“ или поттикнување насилство во аудиовизуелните програми (член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги), со што ќе се овозможи ААВМУ да покренува прекршочна постапка.
  • Раскинување на клиентелистичките врски меѓу медиумските сопственици и власта и подобрување на условите за работа на приватните медиуми 
  • Измени на одредбите во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да се воведе забрана на секаков вид „државно рекламирање“ во комерцијалните аудиовизуелни медиуми и да се дефинира прецизно поимот „јавни кампањи“ кои би можеле бесплатно да се емитуваат само на јавниот сервис;
  • Измени на одредбите во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да се воведе забрана за партиско-политичкото рекламирање во текот и надвор од изборниот период;
  • Измени на одредбите во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да се намали висината на надоместокот за дозвола што го плаќаат радиодифузерите, со цел да им с еолесни финансиското работење и медиумските сопственици да се поттикнат да вложуваат во развој и професионализација.
    • Укинување на одредбите од Законот за ААВМУ во поглед на продукцијата на домашна документарна и играна програма на националните телевизии 
  • Укинување на одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои се однесуваат на т.н. „културни квоти“ за продукција на домашна документарна и играна програма на националните телевизии, вклучувајќи и одредбите кои се однесуваат на распоредување на средствата од Буџетот наменети за таква продукција, како и финансиските санкции за непридржување до овие одредби.

 

  1. Начин на спроведување на втората фаза 
  • Системските реформи во медиумската сфера во никој случај не смеат да се сведат на промените што ќе се направат во првата фаза;
  • Втората фаза треба да започне веднаш со изработка на детален план во кој ќе се детектираат сите прашања за кои е непоходна длабинска разработка и дебата;
  • Во дебатата за системски промени треба да се вклучат сите надлежни институции и претставниците на граѓанскиот сектор;
  • Една од можностите за координирање на целиот процес е надлежното министерство да иницира формирање широка работна група на која првично ќе се разговара за сите прашања и ќе се донесат заклучоци за тоа во која насока и со кое темпо да се одвиваат системските медиумски реформи.

 

Здружение на новинарите на Македонија

Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници

Советот за етика во медиумите на Македонија

Македонскиот институт за медиуми

Институтот за комуникациски студии

The post Барања за системски медиумски реформи   appeared first on ССНМ.

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор