Nenad markovic 2 foto birn korupcija integritet

АНАЛИЗА НА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ

Во оваа анализа беа нотирани само три главни проблеми кои најочигледно и најбрзо ќе создадат негативни последици, и кои секако не се во правец на подобрување на високото образование кај нас. Некои од нив се преземени и од претходни верзии на Законот за високото образование, што не е ни малку изговор за предлагање на ваков законски текст, кој на ниеден начин не придонесува кон подобрување на атмосферата и квалитетот на високото образование.

Проф. д-р Ненад Марковиќ

Претстоечката кратка анализа на Предлогот на Законот за високо образование[1] се однесува исклучиво на верзијата објавена на 26.01.2026 година на Единствениот национален регистар на прописи на Република Северна Македонија (ЕНЕР) и не навлегува во коментирање на евентуални дополнителни измени или модификации кои се случиле во периодот по објавувањето на ЕНЕР, ниту на други работни верзии на Предлогот на Законот. Исто така, поради краткиот формат, анализата не навлегува во компарација на претходни верзии на Законот за високо образование и не коментира дали одредени решенија се преземени од претходните верзии или се новитети во овој Предлог на Законот, туку го коментира и анализира Предлогот на Закон за високо образование како интегрален, кохерентен текст. Анализата е во најголема мера телеолошка односно ги анализира целта, намената и веројатниот исход од она што е законски текст, не навлегувајќи во номотехнички специфики. Анализата тежиштето не го става на умешноста на изработката на Предлогот на Закон за високо образование, туку дава поширок, пред се, политолошки осврт на контекстот на високото образование во државата. Дополнително, се коментира и поширокиот политички контекст на кој овој Предлог на Закон за високо образование во голема мера влијае, пред се од перспектива на автономија на Универзитетот но и балансот на сили помеѓу државата и академијата во нашето општество.

Ако се погледне интегрално објавениот текст на Предлогот на Законот за високо образование, може да се забележи дека без малку не постои дел од Предлогот на Законот кој не е проблематичен. Сепак, ако се групираат проблемите на Предлогот на Законот во повеќе целини, може да се издвојат неколку значителни недостатоци. На прво место е евидентната нарушување и грубо кршење на автономијата на Универзитетот од страна на извршната власт. Вториот евидентен проблем е она што цинично може да се нарече геријатризација на високото образование и дестимулација на младиот академски кадар да напредува и воопшто да се бави со наука и високо образование. Третиот, но не и конечен проблем, е отворање на можноста за непотизам и самоволие во високото образование од страна на извршната власт, занемарувајќи го интересот на академската заедница но и елементарната колегијалност на универзитетите и единиците на универзитетите во регрутирањето, развојот и академскиот развој на академскиот кадар на сите нивоа.

Сепак, пред да се навлезе во самите области во кои се забележуваат сериозни недостатоци во понудените решенија на Предлогот на Законот за високо образование, редно е да се анализира на кратко и контекстот во кој Предлогот е донесен, како и начинот на кој тоа е сторено. Предлогот на Законот за високо образование е подготвуван во крајно нетранспарентна атмосфера од страна на работна група од наводно шеесетина професори, чиј состав никогаш не беше објавен. Дополнително, ниту еден од овие професори не се одважи да излезе и да ги образложи решенијата и предлозите понудени во оваа верзија на Предлогот на Законот за високо образование, ниту презеде јавна одговорност да се соочи со аргументи со остатокот на академската фела низ процес на јавна делиберација и разумна размена на аргументи. Единствениот носител на јавна функција кој понуди некаква платформа за разговор и размена на аргументи е Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јанеска, што прилично го персонализираше целиот процес, но барем понуди можност за дебата и издржани критики. Што од овие критики ќе биде прифатено а што отфрлено, останува да се види. Од друга страна, ако се спореди текстот на овој Предлогот на Законот за високо образование со многу сличниот и на големо оспоруван Закон за високо образование од 2014 година, ќе се увиди една крајно перфидна техника на носење на Предлогот. Имено, за разлика од 2014 година, во оваа верзија на Предлогот на Законот за високо образование не се предвидува државен испит за студентите, со што се неутрализира каква било нивна реакција на Предлогот. Со ова се избегнува најголемиот проблем на Законот за високо образование од 2014 година, а тоа е евентуална студентска мобилизација против сегашниот Предлог на Законот за високо образование. Второ, позицијата на веќе избраните редовни професори не се доведува во прашање, напротив таа се гарантира како неповредлива, со што се избегнува конфронтација со голем дел од академската заедница, префрлувајќи го целиот академски товар на помладите генерации пред се асистентите, доцентите и вонредните професори. Иако позицијата на редовните професори секако е неповредлива и не е подложна на каква било ревизија или ретроактивност која би произлегла од овој Предлог на Законот за високо образование, афирмирањето на нивната позиција има јасна цел да го „купи“ конформизмот и молкот на голем дел од академската заедница.

Државна контрола

Ако се тргне во сегментирана анализа на Предлогот на Законот за високо образование, прва тема која е најболна и најевидентна во законскиот текст е обидот на државата да воведе, ако не потполна, тогаш темелна и сеопфатна контрола врз високото образование. Оваа тенденција е видлива во составот на телата кои се задолжени за највиталните прашања како што се Националниот совет и Универзитетскиот совет предвидени со Предлогот на Законот за високо образование, каде државата има или значаен удел или доминација во одлучувањето на овие тела преку номинирање на членови во овие тела. Така, во Националниот совет (член 43), кој е предвидено како највисоко тело во областа на високото образование, од 15 члена, дури шест номинира Владата, шест се предлог на Интеруниверзитетската конференција а еден член доаѓа од Македонската академија на науките и уметностите, еден од стопанските комори и еден член од редот на студентите членови на Интеруниверзитетската конференција. Јасно е дека државата во ваков состав има контрола врз најмалку осум членови на Националниот совет (ако се додадат стопанските комори и МАНУ кои со голема веројатност ќе бидат на линија на „државниот интерес“), што е мнозинство од членовите на Националниот совет. Веројатноста дека Владата ќе номинира професори кои не се на иста линија со интересот на државата е скоро непостоечка т.е. минимална, а ако кон ова се додаде традиционалната субмисивност на ректорските управи на универзитетите кон извршната власт поради финансиската зависност од буџетските фондови, контурите на ова тело јасно укажуваат на комплетна државна контрола или огромно влијание, во најмала рака. Ова секако зависи од интегритетот на претставниците на стопанските комори, номинираните професори од Интеруниверзитетската конференција, како и од претставникот на МАНУ и студентите.

Слична е и ситуацијата со Универзитетскиот совет (член 86) каде од 11 членови вкупно, пет члена именува Сенатот на универзитетот, еден член именува универзитетското студентско собрание, четири члена именува Владата од редот на вонредните и редовните професори од јавните универзитети, на предлог на министерот надлежен за работите од високото образование, а еден член именува Стопанската комора на Северна Македонија. Ваквиот состав исто така буди сомнеж за значително влијание на државата и кај ова тело, и можност за доминација преку влијание врз членовите на Стопанската комора и евентуално врз дел од професорите именувани од Сенатот, што секако не е тешко со оглед на огромната зависност на државните универзитети од буџетските средства и државата воопшто. Тоа што улогата на министерот надлежен за високото образование дополнително се зајакнува со високо персонализирани надлежности во составувањето на Универзитетскиот совет, зборува во прилог на авторитарниот тон на овој Предлог на Закон за високо образование.

Истиот модел на државно вмешување се забележува и кај Одборот за доверба и соработка со јавноста (член 107) на кој му се даваат големи ингеренции иако е неакадемско тело по својот состав. Исто така, и во составот на ова тело е предвидено да земат учество претставници на Владата, иако составот на Одборот е предвидено да се уредува со статутот на факултетот, односно високата стручна школа. Она што загрижува е дека овој Одбор има обврска да мислење до Сенатот на универзитетот по однос на студиска програма а Сенатот е должен ова мислење да го проследи до Советот за квалитет во високото образование. Нејасно е какви се компетенциите на ова тело да дава мислење за академски високообразовни програми (дури и советодавно) а останува нејасно и кои се последиците во случај на негативно мислење на Одборот. Она што е јасно дека е ова уште една инстанца на контрола и можно проблематизирање на академски програми кои не би и се допаднале на која било извршна власт, а кои може да ги кочи и одложува и на ова ниво.

Геријатризација на високото образование

Предлогот на Законот за високо образование се претставува како инструмент кој би требало да го подобри квалитетот на високото образование и со тоа да ги задржи македонските студенти на македонските универзитети т.е. да спречи одлевање на студенти, но и академски работници во странство. Она што реално го нуди Предлогот на Законот ја постигнува комплетно спротивната цел, чии последици може да бидат драматични. Имено, од една страна забележливо е дека законските решенија се крајно дестимулативни за младите истражувачи и академскиот кадар кој ја гради својата кариера во правец на трајна професура. Член 161 од Предлогот на Законот за високо образование воведува нереални и крајно проблематични критериуми за напредување во кариерата, со фаворизирање на само една база на списанија – Web of Science, чиј квалитет е несомнен, но која е сепак само една од многуте бази на податоци кои постојат и се релевантни во различни научни полиња, подрачја и области. Од една страна, ова е приватна научна база на списанија на компанијата Clarivate Analytics, што е само по себе фаворизирање на приватен комерцијален ентитет во високото образование, што е недозволиво. Од друга страна, природата на базата на податоци фаворизира методологија која е карактеристична за природните науки и често не соодветствува со потребите и побарувањата на специфични општествени дисциплини (правни науки на пример). Дополнително, комплетно се исклучени други бази на податоци кое се релевантни за, пред се, општествените науки, како на пример Scopus или EBSCO, а безвредни стануваат и монографии и други форми на академско публикување. Покрај нереално високиот број на трудови за избор во повисоките звања (доцент, вонреден и редовен професор), се бара учество и во меѓународни проекти, каде за реизбор во редовен професор се бара кандидатот да е носител на најмалку три проекти, што е крајно нереален критериум. Воведувањето на h-индексот (индекс на цитираност) е исто така проблематично со оглед на тоа што ова е критериум кој не зависи од кандидатот и е крајно зависен од тематиката со која одреден академски работник се бави, но и од подрачјето и полето на академско делување.  Истовремено, избран е пристап на воведување исти критериуми за напредување во сите дисциплини, кој покрај тоа што се крајно нереални и едни од најстрогите во Европа, потполно се несоодветни за повеќето општествени научни области.

Без понатамошна елаборација, се поставува прашањето на мотивацијата за напредувањето во кариерата на младите академски работници, кои покрај тоа што мора да исполнат едни од најстрогите критериуми во Европа за избор во кое било наредно звање, им се воведува и реизбор во редовен професор (седум години по изборот во редовен професор) што е уште една алатка за дисциплинирање на младите академски кадри и нивна зависност од постарите генерации професори за избор во звање. Ако кон ова се придодаде и одредбата (член 175, став 13) кој овозможува пензионирани професори да се ангажираат во втор циклус на студии (покрај веќе постоечкиот трет циклус на кој учествуваат), јасна е намерата на Предлогот на Закон за високо образование да создаде комплетна геријатризација на високото образование да не отвори ни минимален простор за млади кадри. Ако се воведат вакви нереални и престроги критериуми, ако се воведе реизбор во редовен професор, ако се овозможи поголема улога на пензионираните професори (на втор и трет циклус), јасно е дека младиот и квалитетен академски кадар ќе си ја побара среќата на универзитети во странство каде со многу пониски критериуми ќе расте и ќе се развива во академска околина која е далеку поразвиена и во држави кои одвојуваат далеку посериозни суми за научни истражувања од Република Северна Македонија. Ова секако нема да ја збогати понуда на академски кадар во државата, што на долг рок ќе доведе до уште поголемо одлевање на студенти во странство во потрага по подобро образование.

Непотизам и можни политички влијанија во кадровската политика

Она што крајно загрижува во Предлогот на Законот за високо образование е и отворената можност да се влијае врз кадровската политика на универзитетите и факултетите. Имено член 175, став 2 предвидува можност за преземање на академски кадар од една во друга високообразовна установа преку спогодба склучена помеѓу двете високообразовни установи и лицето кое преминува каде лицето заснова работен однос во исто, односно еквивалентно звање. Ако кон ова се додаде комплетното бришење на членовите од претходниот Закон за високо образование кое се однесуваа на непотизмот и негова забрана во високото образование, намерата е повеќе од јасна. Ваквата правна констелација овозможува вработувањето на партиски и политички подобни кадри преку комплетно заобиколување на Наставно-научните совети (ННС) на факултетите и интервенции во кадровската политика на институциите од страна на извршната власт. Отворената можност за непотистички практики и политички интервенции од страна на политичките центри на моќ создава загриженост но и гнев кај постоечкиот академски кадар кој морал инкрементално да ја гради својата кариера на единиците на универзитетите, а кој истовремено нема ниту да биде прашан ниту консултиран при донесување на нови кадри преку спогодба на две институции, што е крајно проблематичен модалитет, особено ако почне да се злоупотребува.

*             *             *

Во оваа кратка анализа Предлогот на Законот за високо образование не се исцрпени сите проблематични страни на Предлогот. Тие се, за жал, многубројни и задираат во многу сензитивни делови на академската автономија. Моделот на финансирање, ингеренциите на извршната власт а особено Министерот за образование и наука, комплетно нереалните  услови за докторалните кандидати и магистрантите, се само дел од проблематичните решенија кои произлегуваат од Предлогот на Законот за високо образование. Во оваа анализа беа нотирани само три главни проблеми кои најочигледно и најбрзо ќе создадат негативни последици, и кои секако не се во правец на подобрување на високото образование кај нас. Некои од нив се преземени и од претходни верзии на Законот за високото образование, што не е ни малку изговор за предлагање на ваков законски текст, кој на ниеден начин не придонесува кон подобрување на атмосферата и квалитетот на високото образование. Наместо досегашните законски недостатоци да се адресираат, тие не само што се преземаат во новата верзија на Предлогот на Законот за високо образование туку и се надградуваат со уште попроблематични решенија кои на среден и долг рок ќе донесат до крајно дестимулативна и деструктивна атмосфера во високото образование.

 

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

[1] https://ener.gov.mk/Default.aspx?item=pub_regulation&subitem=view_reg_detail&itemid=116593 (пристапено на 17.03.2026 год.)

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Балкански институт за регионална соработка (БИРЦ)

Продолжи со читање

  • Учество на осмата меѓународна регата Сава Наутик во Брчко – БиХ

    Претставникот на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес, Владимир Ивановски Вуцо и од Вардарска регата “Гемиџии“ Владимир Стојанов и Томе Шескокалов во периодот од 28-30.8.2026 год. на покана на здружението ИКС центар (X centar) од Брчко Дистрихт – БиХ земаа учество на осмата меѓународна туристичка рега “Сава наутик“. На оваа…

  • Погледнете го нашето ново промотивно видео и откријте како органскиот отпад може да стане вредна суровина!

    Преку силен фокус на циркуларната економија и еколошката едукација, сакаме да ги поттикнеме граѓаните на итна акција за правилно сортирање на отпадот — клуч чекор кон здрава животна средина и ублажување на климатските промени. Главни ѕвезди во видеото се наставниците и учениците од основните училишта каде што ги одржавме нашите едукативни работилници. Тие јасно порачуваат: со менување на секојдневните навики и активен граѓански ангажман, секој од нас има моќ да донесе позитивни промени во општеството!
    Ова видео е дел од промотивнтаа дигитална кампања со едукативно-информативни содржини за придобивките и начините за искористувањето на потенцијалот на органскиот отпад.
    Оваа видео е подготвено во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Resource Environmental Center – REC North Macedonia Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Eco – Logic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија и Embassy of Switzerland in North Macedonia преку програмата Цивика мобилитас #CivicaMobilitas.
     
    Содржината на оваа видео е единствена одговорност на партнерите во проектот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија #CHinMK, Цивика мобилитас #CivicaMobilitas, или организациите што ја спроведуваат.

  • Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери

    Програми Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери Кампот Михелштат во Германија беше домаќин на Европскиот младински камп, кој собра 135 учесници од 15 земји. По долго патување, а за некои и пристигнување во Михелштат низ серија на предизвикувачки услови, младите и нивните лидери се обединија околу заедничката тема: “Growing together – rooted in values – rising as leaders“, односно „Растеме заедно – вкоренети во вредностите – се издигнуваме како лидери“. Кампот понуди динамична програма исполнета со различни курсеви, интерактивни работилници и можности за размена на знаења и искуства. Курсевите беа задолжителниот дел и опфаќаа повеќе теми поврзани со менталното здравје, лидерството, активности на отворено поврзани со изградба на куќарки на дрва, обработка на темата “Do no harm” како методологија против било каков вид на насилство, односи со јавност, техники за раскажување приказни, театарски пристап во работата со млади и дигитално образование. Младите учесници и младинските работници активно придонесуваа со сопствените идеи, практики и перспективи, создавајќи простор во кој сите можеа да учат едни од други. Во фокусот беше заедничкото учење за иднината на младинската работа, како и развивањето лидерски способности засновани на вредности, соработка и меѓународно разбирање. Покрај едукативниот дел, програмата беше збогатена со многу креативни и забавни активности. Учесниците имаа можност да бидат дел од интернационален музички бенд, да создаваат уметност низ различни работилници за рачни изработки, цртање и сликање, работилници за дизајнирање восочни свеќи како и склопување и дизајнирање на куќарки за мали птици, да учествуваат во работилници за пеење (ten sing), да посетуваат сесии за релаксација и да учествуваат во спортски активности на терените на кампот во Михелштат. Дури и високите температури не ги спречија учесниците да учествуваат на сите овие настани, но и да уживаат во посетата на локалниот базен. За учесниците, покрај овие обврски, вклучена беше и прошетка до адреналински парк и возење на мал, планински ролеркостер, како и патување со брод по реката Мајна до блискиот град Милтенберг. Од Македонија имаше вкупно 7 претставници. Во изминатите четири години, овој камп прерасна во важно место за средба на европското ИМКА движење. Тој не претставува само меѓународен собир, туку простор каде што младите градат пријателства, споделуваат искуства и се инспирираат стекнатото знаење да го пренесат во своите земји и локални организации. Овој камп служи за сплотување на младинските работници низ камповите во Европа и е особено значаен за нашата земја од аспект на тоа што нуди споделување на искуства поврзани со камп културата која што ИМКА во Битола и во Македонија неуморно се труди да ја издигне на едно повисоко и препознатливо ниво за сите наши локални учесници, волонтери и поширока публика. * Пред да дојдам на кампот во Михелштат немав некои преголеми очекувања. Се надевав дека ќе запознаам нови луѓе, ќе стекнам пријатели и ќе разменам мислења со млади од различни земји. На крајот, сето тоа се исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најинтересен и највпечатлив дел за мене беше курсот за лидерски вештини. Таму научив многу корисни работи за комуникацијата, тимската работа и начинот на кој еден лидер може позитивно да влијае на другите. Сигурно ќе ги применам овие знаења и во мојата заедница. За време на кампот стекнав поголема самодоверба во споделувањето на моите мислења и научив како подобро да ги разбирам и почитувам луѓето околу мене. Ова искуство ми помогна да пораснам како личност и да станам поотворен кон нови идеи и перспективи. Дефинитивно би го препорачал Михелштат кампот на секој млад човек кој сака да стекне нови искуства, да создаде меѓународни пријателства и да научи нешто корисно и вредно за својата иднина. Никола Гелов Кога првпат слушнав за кампот во Михелштат, сè ми дојде многу неочекувано. Бев пресреќна кога дознав дека и моите другарки добија можност да учествуваат, бидејќи знаев дека заедно ќе доживееме едно незаборавно искуство. Секој ден на кампот ми беше интересен на свој начин. Имав можност да научам многу нови работи и да запознаам луѓе од различни средини. Особено ми се допадна курсот по пеење. Таму научив дека не треба да се плашиме да пробаме нешто ново. Ако никогаш не се обидеме, нема да знаеме што можеме да постигнеме. Секој човек има свој талент и свој начин на изразување, а токму тоа нè прави посебни. Едно од највозбудливите искуства за мене беше активноста во Tree House. Искрено, пред да дојдам на кампот мислев дека тоа не е нешто што би го направила во мојот град. Но, овде решив да излезам од мојата зона на удобност и да пробам нешто ново. На крајот, многу се забавував и бев горда на себе што се осмелив да учествувам. Од курсот по пеење научив и една важна животна лекција: дека не треба да ги осудуваме другите. Секој може да направи нешто на свој начин и тоа не го прави помалку вреден. Наместо да критикуваме, треба да ги прифатиме и почитуваме разликите меѓу луѓето. Кампот ме научи да се дружам со сите, да бидам поотворена и да не донесувам брзи заклучоци за другите. Сфатив дека секој човек има своја приказна и дека сите заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Најважната порака што ќе ја понесам со себе е дека треба да бидеме храбри и да не се плашиме од нови предизвици. Нема глупави прашања и нема неуспеси кога учиме нешто ново. Секое искуство е можност да пораснеме и да станеме подобра верзија од себе. Дефинитивно би им го препорачала Михелштат кампот на сите млади кои имаат можност да учествуваат. Пријателствата, чувството дека сте дел од едно големо семејство, новите искуства и сè што се учи таму се нешта што тешко можат да се доживеат на друго место. Тоа е искуство кое засекогаш останува во сеќавање. Јована Кирјаковска   Бидејќи и претходно имав учествувано на два меѓународни кампа надвор од Македонија, дојдов во Михелштат со високи очекувања и чувство на возбуда. Од моите претходни искуства знаев дека ме очекува нешто посебно, а кампот ги надмина сите мои очекувања. Она што најмногу ми се допадна беше разновидноста на курсевите и работилниците. Тие создадоа можност сите учесници да се запознаат подобро, да се дружат и да учат едни од други.

  • ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби

    ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби На 27 јуни 2026 година, Кирил Михајлов, командир на Доброволното противпожарно друштво Свети Николе, учествуваше на панел-дискусија во Скопје посветена на противпожарната заштита и подготвеноста за вонредни состојби. Во рамки на дискусијата беа разгледани дел од клучните предизвици со кои се соочуваат противпожарните…

  • Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE

    Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE Доброволното противпожарно друштво Свети Николе продолжува да придонесува кон целите на проектот ENSURE преку своето директно учество во сложени интервенции на шумски пожари во Северна Македонија. За време на големиот пожар во Општина Македонски Брод, тимот на ДПД Свети Николе беше ангажиран како…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор