Naslovna 28.09

28 СЕПТЕМВРИ – МЕЃУНАРОДЕН ДЕН ЗА БЕЗБЕДЕН АБОРТУС: „СОЛИДАРНОСТ ВО АКЦИЈА“ – БЕЗБЕДНИОТ АБОРТУС Е ГРИЖА ЗА ЗДРАВЈЕТО, ТОЈ МОРА ДА Е ДОСТАПЕН ЗА СИТЕ

Скопје, 28 септември 2026 – Безбеден абортус не значи само законски дозволен абортус. Тој значи навремена, достапна, квалитетна и доверлива здравствена услуга, без финансиски, географски и други бариери. По повод 28 септември – Меѓународниот ден за безбеден абортус, ХЕРА се приклучува кон овогодишната глобална кампања „Солидарност во акција: Унапредување на репродуктивната правда и итно зајакнување на здравствените системи за сеопфатна грижа за абортус“, со порака дека абортусот е здравствена грижа и мора да биде достапен за сите. 

Северна Македонија има воспоставена здравствена рамка за медикаментозен абортус, но пристапот до услугата и понатаму не е еднаков низ земјата. Во 2024 година, на национално ниво биле регистрирани 2.207 абортуси, од кои 36% биле медикаментозни, додека на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје медикаментозниот метод бил користен кај 93,5% од абортусите. Ова ја покажува потребата услугата да биде достапна и во другите јавни здравствени установи низ земјата, а не само во Скопје.

Медикаментозниот абортус е безбедна, високо ефективна и неинвазивна метода за прекинување на бременоста, која се спроведува со употреба на лекови, наместо со хируршка интервенција. Според Светската здравствена организација, абортусот е многу безбедна здравствена интервенција кога се спроведува со препорачан метод, соодветен на гестациската возраст. Медикаментозниот абортус може безбедно да се обезбедува и во примарната здравствена заштита, со соодветно обучени здравствени работници. ХЕРА во континуитет работи на јакнење на капацитетите на здравствените работници и проширување на пристапот до медикаментозен абортус.

Токму затоа, децентрализацијата на услугите е клучна. Во јули 2026 година, ХЕРА во партнерство со Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола го отвори првото Советувалиште за медикаментозен абортус надвор од Скопје, со што жените од Пелагонискиот и соседните региони добија пристап до услугата поблиску до местото на живеење. Советувалиштето е второ од ваков вид во јавното здравство и е воспоставено по моделот што од 2021 година функционира на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

Сепак, жените и понатаму може да останат без пристап до медикаментозен абортус поради недостиг на лекови. Лековите за медикаментозен абортус не се регистрирани за ставање во промет во земјата и се обезбедуваат преку интервентен увоз. Секоја година навремената набавка и снабдувањето претставуваат предизвик, поради што услугата може да биде недостапна и по неколку месеци. 

Правото на абортус не завршува со тоа што услугата е законски дозволена. Вистинскиот пристап значи жената да може да добие навремена, безбедна и квалитетна здравствена услуга таму каде што живее, без непотребни финансиски и организациски бариери. 

Отворањето на Советувалиштето во Битола покажува дека децентрализацијата е можна и дека здравствениот систем може да ја доближи услугата до жените. Следниот чекор е овој модел да стане одржлив и достапен и во другите региони.

За да се обезбеди еднакво достапна грижа за абортусот, ХЕРА повикува на:

  • регистрација на лековите за медикаментозен абортус и нивна редовна и навремена достапност во здравствениот систем; 
  • децентрализација и воспоставување услуги за медикаментозен абортус во повеќе јавни здравствени установи, особено надвор од Скопје; 
  • зголемување и одржливо финансирање на средствата за медикаментозен абортус и контрацепција во рамки на Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца;
  • континуирано јакнење на капацитетите на здравствените работници за обезбедување квалитетна грижа за абортусот, заснована на современи медицински докази и со почитување на приватноста, достоинството и информираната согласност. 

На 28 септември, „Солидарност во акција“ значи да не се задоволиме само со законско право на абортус, туку да изградиме здравствен систем кој овозможува тоа право да се оствари во пракса. Без разлика каде живеат, колку заработуваат или со какви други бариери се соочуваат, жените заслужуваат безбедна, навремена, доверлива и квалитетна здравствена грижа. Абортусот е здравствена грижа – и пристапот до неа мора да биде реален за сите.

#EuropeForAbortionRights

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА Скопје

Продолжи со читање

  • Насилството врз децата не почнува кога ќе стане вест, а превенцијата не треба да започне откако насилството ќе стане вест

    Зад секоја вест за насилство врз дете, стојат дете со нарушено чувство на сигурност, семејство кое живее во страв и неизвесност; и заедница што треба да се запраша дали можела да стори нешто порано. Но, не секое насилство станува вест. Некои деца молчат од страв […]
    The post Насилството врз децата не почнува кога ќе стане вест, а превенцијата не треба да започне откако насилството ќе стане вест appeared first on Myla.

  • Eco Social Voices претставен на YCDF Skopje Local Point: Младите како двигатели на климатските промени

    Климатската акција започнува со младите, нивните идеи и можноста активно да учествуваат во создавањето промени. Во Europe House во Скопје, Еко Логик, во партнерство со Youth Climate Diplomacy Forum (YCDF), го претстави проектот Eco Social Voices на презентацискиот настан посветен на YCDF Skopje Local Point. Настанот беше можност за запознавање со целите, визијата и активностите […]

  • Новинарите ги декодираат институциите на ЕУ, acquis и политиките за проширување

    На 16 и 17 октомври 2026 година, Институтот за европска политика (ЕПИ) го организираше првиот модул за обука во рамките на проектот „Decode the EU – Communicating EU policies together“ во Струмица. Дводневната работилница собра 10 новинари од различни медиуми, со цел да се зајакне аналитичкото известување засновано на докази за процесот на пристапување на […]
    The post Новинарите ги декодираат институциите на ЕУ, acquis и политиките за проширување appeared first on EPI.

  • Извидниците од Велес волонтерски работеа на санирање на конференциската сала во ИЦО – Охрид

    Членовите на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ – Велес, Валентин Јанкуловски, Благој Јорданов и Владимир Ивановски-Вуцо во периодот од 16 до 18 октомври 2026 год. во извидничкиот центар “Охрид“ во Охрид работена на санирање на Конференциската сала на ИЦО – Охрид. Со превземените активности од страна на нашите одредски членови ја…

  • Меморандум за разбирање со Британската бизнис-асоцијација

    Силните економии се градат врз силни партнерства. Finance Think и British Business Association in North Macedonia – Британската бизнис-асоцијација во Северна Македонија вчера потпишаа Меморандум за разбирање, поставувајќи основа за поблиска соработка за прашања важни за бизнис-секторот, носителите на политики и општеството. Партнерството ја поврзува широката деловна мрежа на Британската бизнис-асоцијација со економските истражувања и […]
    The post Меморандум за разбирање со Британската бизнис-асоцијација first appeared on Finance Think.
    The post Меморандум за разбирање со Британската бизнис-асоцијација appeared first on Finance Think.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор