Sredba za vmrezuvanje (4)
|

Граѓански импулс #6: месечен осврт на активностите на грантистите

јуни 2025

Од млади кои преземаат иницијатива за заштита на животна средина, до жени кои се борат за еднакви можности во руралните средини, јуни го одбележаа граѓани што не чекаат, туку дејствуваат. Преку обуки, акции и јавни дијалози, организациите на терен испратија јасна порака дека промените не се случуваат сами од себе, туку тие се резултат на здружена, информирана и истрајна граѓанска акција.

Младинскиот ангажман за климатските промени доби нов енергичен  и креативен импулс фокусиран на промени. За време на „Неделата на Цивика мобилитас – Климатски промени и младински активизам“, 30 млади од Струга, Дебар и Охрид не само што се обучуваа за развој на проекти, туку и дизајнираа сопствени еко-иницијативи, подготвени за реализација во нивните заедници. Петдневниот камп и регионалниот настан на бродот „Галеб“ отворија клучни прашања за заштита на водните ресурси, а младите станаа носители на идеи што се влеваат во поширокото движење за климатска одговорност. Проектот „Да учиме за климатските промени“, спроведуван од Извидничко поречанскиот одред „Крсте Јон“ – Струга, здружението Центар за одржлив развој на заедницата – Дебар и Регионалниот зелен центар – Охрид, ја даде токму таа можност за генерациите кои учат, соработуваат, замислуваат решенија и храбро чекорат кон одржлива иднина.

И учениците од Неготино имаа свој еколошки придонес. Тие со средства собрани преку акција за собирање текстилен отпад, засадија нови садници на повеќе локации. Акцијата, предводена од Центарот за климатски промени, „Креатив“ од Неготино и останатите партнерски организации, јасно покажа дека отпадот не мора да биде проблем, туку можност. Со секој собран килограм текстил и новозасадените садници, граѓаните докажаа дека малите чекори можат да водат кон значајни и одржливи промени. Преку истиот проект, во Гевгелија се одржа регионален форум за одржливо земјоделство, каде што млади, институции и земјоделци дискутираа за фер управување со земјиштето, агроеколошки практики и за потребата од поддршка за зелени стартапи. Истовремено, во Битола и Могила се спроведе скрининг на општинските капацитети, каде што беа идентификувани клучните проблеми во системите за управување со отпад и истакната потребата од енергетска ефикасност, едукација и подигање на јавната свест.

Во Скопје, на тематскиот форум „Од различност до праведност“, организиран од ЦМА „Крик“, ЦСИ „Надеж“ и Здружението на социјални работници на Македонија – ЗСРМ, граѓански организации и институции застанаа рамо до рамо со младите, нагласувајќи ја потребата од инклузивни еколошки политики. Презентираната анализа откри дека 90% од младите не знаат каде да пријават загадување, но речиси 80% би се вклучиле волонтерски, доколку имаат таква можност.

Можностите за младите беа во фокус и во Радовиш, каде што се одржа регионална конференција за финансиска писменост, организирана од здруженијата „КРУНА Плус“ од Радовиш, „Промо Идеа“ и „Новус“ од Струмица. Интерактивните сесии им помогнаа на младите да разберат како да управуваат со пари, да поставуваат лични буџети и да користат дигитални алатки, а директната комуникација со експерти ги мотивираше да ја преземат контролата врз својата финансиска иднина.

Жените, особено оние од руралните средини, почнаа да зборуваат отворено и гласно. Во Крива Паланка, на регионалната средба на рурални жени од североистокот, беа споделени предизвиците од иницијативите што веќе се спроведуваат – како што се подобрување на локалната инфраструктура и барањата за транспарентно донесување одлуки. Средбата се одржа во рамки на проектот „Активни жени“, што го спроведуваат ХЗ „Мајка“ од Куманово, Регионалниот центар за одржлив развој од Кратово, РЦС „Спектар“ од Крива Паланка и Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија од Куманово.

Во Струмица и Тетово, темата беше економска самостојност. Жените учеа за пристап до микрофинансирање и можности за започнување сопствен бизнис. Овие активности, кои произлегуваат од проектот „Гласот и учеството на жените и младите во: Креирање јавни политики и овозможувачка средина за граѓанско учество“, што го спроведуваат ЖГИ „Антико“, „Секогаш Сожиот“ од с.Канатларци и „Адрион“ од с. Желино, уште еднаш покажаа дека жените имаат идеи, мотивација и сила – а најмногу од сè, им е потребна поддршка.

А кога зборуваме за поддршка – дигиталната трансформација доби нов импулс. Преку проектот „(ДИГИЛОК) Дигитална трансформација на локално ниво – Вклучена заедница за отпорност на корупција“, Блинк 42-21 и партнерските организации во Неготино ја презентираа платформата #мЗаедница – алатка што овозможува директна комуникација помеѓу граѓаните и локалната самоуправа. Со оваа алатка, пријавувањето проблеми, учеството во јавни консултации и следењето на локални политики станува поедноставна и поефикасна интеракција со општината – преку мобилен телефон или компјутер.

На национално ниво, Finance Think (Финанце Тхинк) и партнерските организации ја презентираа платформатаКОМПАС“ која ја следи реализацијата на вкупно 139 ветувања, распоредени во пет приоритетни области: социо-економија, образование, здравство, млади и родова еднаквост. Според првичните податоци, умерен е напредокот во исполнувањето на владините ветувања за периодот 2024–2028. Секторот образование предничи, здравството бележи почетен напредок, но родовата еднаквост – сè уште чека.

Јуни беше месец на исклучителна енергија што се чувствува на терен. Од идеја до реализација, од разговор до промена, од локални акции до национални иницијативи, граѓанскиот сектор продолжува да  се справува со предизвиците  заедно и доследно.

Продолжи со читање

  • Соработката меѓу граѓанските организации и бизнис секторот носи многу заемни придобивки

    „Причината поради која сите сакаме да соработуваме е затоа што сите сакаме да имаме корист. Без разлика дали доаѓате од бизнис секторот или од граѓанскиот, треба да почнете да развивате покомплексно разбирање за заемните придобивки“, им рече Сајмон Форестер, меѓународниот експерт на Цивика мобилитас, на учесниците на  работилницата „Зајакнување на…

  • За што зборуваат кандидатите на локалните избори 2025? #5

    НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД #5 [13 – 17 октомври 2025] Во последната недела пред изборниот молк имаше засилена активност и обновена мобилизација во медиумските објави со повеќе од 3.000 медиумски текстови и 240 објави на социјалните мрежи, и со јасен раст на ангажманот кон крајот на неделата. Кампањата влезе во завршна фаза…

  • За што зборуваа кандидатите во изборната кампања: Месечен преглед на медиумските објави

    Месечен преглед на медиумските објави [15 септември – 14 октомври 2025] За што зборуваа кандидатите во изборната кампања Изборите за локалната власт беа една од најдоминантните теми во медиумскиот простор со над 11.000 медиумски написи и над 1.100 објави на социјалните мрежи. Анализата открива јасна слика: изборната кампања се води…

  • Новиот амбасадор на Швајцарија ја потврди посветеноста кон граѓанското општество

    Тимот на Цивика мобилитас на 16 октомври ја оствари првата средба со новoназначениот Амбасадор на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е. Кристоф Зомер (Christoph Sommer). „Сметам дека граѓанското општество е многу значајна област на која треба да се фокусираме“, нагласи Амбасадорот, потврдувајќи дека поддршката на граѓанските организации е еден од приоритетите…

  • Кога се штеди на превенција, последиците се скапи – граѓанските организации и институциите со заеднички повик за поголеми вложувања во превенцијата

    Граѓанските организации и институциите од здравствениот сектор отворија јавен дијалог за унапредување на пристапот до квалитетни превентивни здравствени услуги за жените, девојките и ранливите групи, на тематскиот форум „Кога се штеди на превенција, последиците се скапи“ одржан на 15.10.2025 година. Главните заклучоци од дискусијата се дека неопходно е вклучување на…

  • За што зборуваат кандидатите на локалните избори 2025? #4

    НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД #4 [6 – 12 октомври 2025] Анализата на медиумските и објавите на социјалните мрежи во претходната недела потврдува дека кампањата се засилува, а фокусот е се повеќе на конкретни локални решенија кои директно влијаат на секојдневниот живот на граѓаните. Дискусиите се интензивни на социјалните мрежи, каде што конкретните…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор