ЦЕНТАР ЗА ИНФОРМАТИВНА И ЛОГИСТИЧКА ПОДДРШКА НОВ КОНТАКТ – СКОПЈЕ
Објавено: 12/12/2017
„Центарот за информативна и логистичка поддршка НОВ КОНТАКТ- Скопје“ е невладина, непартиска и непрофитабилна организација која преку своите програмски цели презема низа активности во интерес на развојот на граѓанското опшество како и зајакнување на врската со македонските граѓани во странство и странски лица со престој во Р.Македонија. Преку своите активности придонесува за промовирање и поддршка на научни, културно-уметнички, спортски и хуманитарни манифестации во земјата и во странство со цел унапредување на комуникацијата и соработката со македонската дијаспора во светот, како и презентирање на македонските национални, традиционални и културни вредности. Исто така, има за цел да ја следи динамиката на миграциските процеси во земјата и во светот, а преку информативни активности да придонесе при решавање на проблемите кои се јавуваат при патувањето и престојот на граѓаните во земјата и странство. Здружението разработува проекти и со хуманитарна природа со единствена цел, поддршка за подобрување на животните услови на стари и изнемоштени лица, лица со посебни потреби, деца без родители и самохрани мајки. Здружението работи на утврдување на најчестите административни проблеми со кои се соочуваат граѓаните при патување и престој, како и изнаоѓање на решенија за решавање на тие проблеми.
Конституенти
Млади и студенти од Македонија, млади кои престојувале во Швајцарија, како и млади и студенти со потекло од Македонија, кои се веќе иселени и родени вo Швајцарија, членови од неколку иселенички клубови и здруженија, со цел заедничка едукативна активност, информирање и зголемување на комуникација и соработка меѓу граѓанските организации на дијаспората и оние во Македонија.
Наслов
ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО-МОСТ ЗА СОРАБОТКА СО ДИЈАСПОРАТА
За што е потребна акцијата
Развивање на континуирана соработка со членовите на граѓанските организации на наши иселеници од Швајцарија, е од исклучителна важност за искористување на потенцијалот на младите особено на оние кои имаат стекнато искуство надвор од Македонија. Иселениците преку непосредна комуникација низ студиски посети, работилници и трибини организирани од „Нов контакт“, ќе можат да придонесат кон трансфер на идеи, искуства, и пренос на демократски вредности и стандарди, кон младите и студентите во Македонија, а истовремено ќе се зајакне врската и меѓусебната соработка.
Цели и резултати
Цел
Градење мост за непрекината соработка и размена на знаење помеѓу младите од нашата дијаспора со нивните врсници од Македонија.
Резултати
- Овозможена соработка меѓу граѓанските организации од Македонија и граѓанските организации во Швајцарија, размена на информации, консултации, дијалог и партнерство;
- Запознаени членови на организациите на дијаспората со граѓанските организации во Македонија и можностите за соработка;
- Овозможена размена на студентите и младите од граѓанските организации од земјата и дијаспората, преку посета и практична настава до зголемена комуникација и соработка.
Активности
- Работилница со граѓански организации на иселеници во Швајцарија
- Камп на членови-младинци на организациите на дијаспората во Швајцарија и од другите држави
- Завршна трибина за промоција на резултатите од проектот
- Размена на информации и промоција на резултатите
Буџет: 400.000 МКД
Времетраење: 1.8.2017 – 31.5.2018