Вести од граѓанските организации

Содржината на информациите презентирани во овој дел од веб странaта се единствена одговорност на грантистите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат. Информациите се презентирани како што се пристигнати и печатните или други грешки во нив се одговорност на самите автори.

  • Нашата најнова #книга на Амазон!

    Со гордост ви ја претставуваме нашата најнова #книга “The Path Forward – Lessons from the Western Balkans’ Food and Energy Insecurities”, меѓународна публикација достапна на #Amazon, објавена од #LambertPublishing!

    Овoj компендиум од студии ги анализира најголемите тековни економски предизвици на Западниот Балкан – енергетската криза, зголемените цени на храната, фискалната отпорност и владините политики. Како регионот се справува со овие кризи? Кои мерки функционираат, а каде има простор за подобрување? Нашата книга нуди конкретни препораки за посилна економија и одржлив развој.

    WEBecon Network, единствената регионална мрежа на економски тинк-тенкови, стои зад ова издание, продолжувајќи ја својата мисија за креирање политики засновани на докази и податоци.

    Поддржете ја оваа иницијатива – споделете, читајте, дискутирајте!

    ACIT

    Создавањето на студиите и на оваа книга е поддржано од SMART Balkans.

  • Регионална Платформа за Млади – Заеднички Креираме Политики за Подобар Младински Живот!

    Во просториите на Офицерски дом, Битола, се одржа значаен настан – „Регионална платформа за млади “, како дел од активностите во рамките на проектот „Младински политики по мерка на младите“.

    Цел на настанот ?
    Настанот беше посветен на креирање и унапредување на младинските политики во деветте општини од Пелагонискиот регион. Целта беше да се презентираат секторските анализи, да се дискутираат предизвиците со кои се соочуваат младите во тие региони и да се усвојат конкретни мерки и препораки, кои ќе се применуваат на локално ниво со цел подобрување на квалитетот на животот на младите.
    Кој учествуваше?
    На настанот учествуваа градоначалници, претставници од локалната самоуправа и советите на општините како и претставници на младинските организаци. Оваа платформа овозможи директен дијалог помеѓу носителите на одлуки и младите, со цел да се создадат ефикасни и одржливи решенија за предизвизиците со кои се соочуваат младите.
    Што следува?
    Овие усвоени мерки треба да бидат имплементирани во сите девет општини од регионот. Ова е само почеток на еден процес кој ќе донесе конкретни промени за младите! Преку активна соработка, потребите на младите и нивните идеи ќе бидат преточени во конкретни младински политики кои што ќе донесат промени во сите општини од Пелагонискиот регион!

    Оваа активност е резултат на проектот ,,Младински политики по мерка на младите’’.
    Проектот е поддржан од владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

  • Над 30 организации беа дел од дискусиите за напредокот на грантовите

    Во текот на февруари, тимот на Цивика мобилитас направи мониторинг на вкупно 34 граѓански организации, корисници на 10 од грантовите за граѓански ангажман, кои започнаа со реализирање на нивните активности во јули 2024 година.

    Целта на посетите беше да се провери како се одвива спроведувањето на проектите, да се соберат информации за предизвиците со кои се соочуваат организациите и нивните партнери, како и да се разгледаат можностите за подобрување.
    Грантистите зборуваа за актуелните и планираните активности кои вклучуваат одржливо управување со органскиот отпад и стекнување практични знаења за одржлив развој, изработка на платформа „Пристапен доктор“ за лицата со попреченост, формирање регионално тело на родови промотери и Школа за родова еднаквост во Пелагонискиот регион. Во Североисточниот регион, актуелна е теренска едукација на руралните жени, нивната мобилизација, буџетска писменост, како да се вклучат на пазарот на труд и сл. Од организациите, во чиј фокус се младите и образованието беше спомната и дигиталната алатка „Економски компас“, која е почната со еден од претходните проекти на Цивика мобилитас, а сега се надоградува, како и Младинска мрежа за финансиска писменост на Југоистокот. Понатаму, планирано е организирање на два пет дневни кампови за поддршка на проектните тимови предводени од млади, за да ги разработат нивните проектни идеи во спроведливи акции.

    Важен аспект на овие посети беше и дискутирањето за Political Economic Power Analysis (ПЕПА) анализата, која беше презентирана на Средбата за вмрежување. Речиси сите организации споделија дека се инспирирани од неа и новите сознанија од анализата (во однос на актери, простори, ресурси и правила на играта). Со помош на анализата тие развиваат заедничка мрежа на ниво на проект, што ќе им служи како основа за идни активности и остварување на целите на грантовите.
    На посетите, тимот на Цивика мобилитас разговараше со организациите и за некои од добрите практики и иновации. Беше разговарано за Кодексот на ГО, за тоа дали потписниците ги почитуваат одредбите од него, и за причините зошто некои од нив се уште не се потписници. Во текот на разговорите тимот се интересираше за примена на правилата од The Climate, Environment and Disaster Risk Reduction Integration Guidance (CEDRIG) и понуди препораки до грантистите за намалување на употребата на пластични шишиња, користење помалку хартија на настаните што ги организираат и сл.
    Голем дел од грантистите споделија дека поддршката од Цивика мобилитас била значајна за нивниот развој, особено во делот на јакнење на капацитетите. Работилниците како „Добри практики за одржливост на граѓанските организации“ и „Острови на интегритет“ беа посебно истакнати како клучни за напредокот на организациите.

    За време на посетите беше дискутирана и актуелната ситуација со прекинувањето на поддршката од УСАИД и нејзиното влијание на нив, а и воопшто на организациите во секторот. Поддршката е голем фактор и за одржливост но и за дел од исполнување на иницијативите. Тие се согласија дека регионалните и тематските платформи за соработка можат да бидат ефективни механизми, но само доколку се обезбеди континуирана поддршка, во спротивно, овие платформи нема да можат да опстанат.
    Посетите за мониторирање на грантистите се редовна активност на тимот на Цивика мобилитас што се случува најмалку еднаш годишно.

    Следно >

    Поврзани:

  • Платформа за родова еднаквост: МВР ги повлече измените на Законот за полиција кои ги изложуваа на ризик жртвите на семејно насилство

    По реакцијата на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација, Министерството за внатрешни работи се откажа од измените на членовите 31 и 31а од Законот за полицијата, кои се однесуваат на одземањето на службеното оружје и упатување на полицискиот службеник на психолошки и психијатриски преглед кога тој ќе изврши семејно насилство.
    Планираните измени се косеа не само со Истанбулската конвенција, туку и со Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, затоа што со него се предвидени привремени мерки кои, меѓу другото, вклучуваат и одземање на огненото оружје кога сторителот поседува огнено оружје.
    По реакцијата на граѓанските организации, Министерството за внатрешни работи го извести следново:
    „Министерството за внатрешни работи направи една дополнителна анализа и проценка на предложените решенија и, следствено, во постоечката работна верзија на предлог-законот веќе не се предвидува никаква интервенција (ревизија или бришење) во наведениот член, односно постојните решенија во Законот за полицијата кои се во сила во тој дел остануваат непроменети“.
    Ја поздравуваме одлуката на Министерството за внатрешни работи и бараме во иднина институциите да постапуваат во согласност со Истанбулската конвенција и националното законодавство кое е усогласено со конвенцијата, како и во насока на заштита на жените жртви на насилство и семејно насилство

  • Регионален билтен на СЕЛДИ бр.75: Гласови во подем: Протести и борба против корупцијата на Западен Балкан

    Понеделник, 03 март 2025 13:45

    Најновото издание на Билтенот за анти-корупција на СЕЛДИ (број 75, ноември-декември 2024) е достапно, истакнувајќи ги главните антикорупциски случувања низ Западен Балкан. 

    Ова издание на Билтенот на СЕЛДИ ги истакнува главните случувања во борбата против корупцијата низ Западен Балкан, со силен фокус на најголемиот протест во Србија во последните децении. По трагичниот колапс на железничката станица во Нови Сад што однесе 15 животи, десетици илјади граѓани, студенти и земјоделци излегоа на улиците на Белград барајќи одговорност. Овој невиден протест ја потцртува растечката јавна фрустрација со неуспесите во управувањето и корупцијата.
    Во меѓувреме, антикорупциските напори се интензивираат во Албанија и Босна и Херцеговина, каде високопрофилни случаи разоткриваат системски злоупотреби. Со порастот на јавниот притисок, транспарентноста и отчетноста остануваат во преден план на регионалната борба за правда.
    Билтенот е подготвен во рамки на програмата „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за мониторинг застапување и подигање на јавната свест (СЕЛДИ)”, која се спроведува од Mрежата за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ), чиј координатор е МЦМС. Програмата е финансирана од Европската Унија.

    Следно >

    Поврзани:

  • Марш и бојкот за 8 Март: Ако немаат леб, нека јадат ружи!

    Овој 8 Март не сакаме ружи. Што ќе ни се ружи кога немаме за леб?
    Не е време за симболични гестови и излитени фрази. Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира улиците, домовите, болниците, училиштата, институциите, јавните простори и социјалните медиуми и ни ги ограничува одлуките и можностите, сегашноста и иднината.
    Општеството се милитаризира, националистичкиот и фашистички говор се засилува, сведочиме војни, геноцид и еколошки катастрофи и од свој џеб плаќаме за невиденото лакомење на малкумина кои лажно ги креваат цените на основните продукти и кириите. Во кризи, товарот несразмерно ја погодува жената. Токму затоа, велиме, не сакаме ружи, туку повикуваме на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија.
    Ако, сепак, ја земеме ружата како симбол на женската самоодбрана, активност и влијание, тогаш не можеме да останеме глуви и неми на угнетената позиција во која се наоѓаме. Овој систем на нееднаквост и надмоќ се храни од женската слобода и труд.
    Затоа жената нема време, можност и привилегија да здивне: нема повеќе од 20 минути пауза во фабрика, ниту смее да земе слободен ден од работа во маркет; како земјоделка, нема право на породилно отсуство, а ниедна мајка сè уште не може да го сподели родителското отсуство со таткото. Мајката не може да најде ниту градинка што е доволно блиску, а пак на бремената жена ѝ се заканува отказ и/или кариерно уназадување. Жената што работи хонорарно нема здравствено, социјално, ниту пензиско осигурување.
    Нашата работа е често невидлива, омаловажувана, помалку платена и присвојувана. Во Македонија жените заработуваат помалку од мажите за истата работа, а на секои 10 вработени мажи, има само 7 вработени жени. Вработените жени редовно се соочуваат со сексуално вознемирување, мобинг, вулгарни коментари за својот изглед, сексистички хумор, омаловажување и потсмев на своите работни места.
    Жената не може ниту слободно да се движи низ својот град – улиците немаат доволно осветлување, а јавниот превоз, кој таа почесто го користи, е крајно нефункционален или, како што е случајот во руралните места, непостоечки. Жената не е безбедна ниту во јавните, ниту во приватните простори – таа е брутално напаѓана од своите роднини и интимни партнери, од пријатели и непознати, кои ја демнат, уценуваат, тргуваат, тепаат, силуваат, убиваат…
    И покрај сето ова, ние жените и понатаму на грб ги носиме семејствата и заедниците. Без нашиот труд, светот би застанал. Ние сме клучни за неговото функционирање – тој не би издржал без нас ниту еден ден.
    Затоа овој 8 Март, со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за секојдневните системски недостатоци кои го загрозуваат нашето постоење, ве повикуваме на женски марш и на солидарен женски бојкот кој ќе ја покаже тежината што со себе ја носи женската родова улога.
    Како ќе го правиме ова?

    На 8 март (сабота) колективно ќе ги бојкотираме големите маркети, ланци и трговски центри кои преку вештачки наметната инфлација нѐ доведуваат до раб на егзистенција! Тој ден купуваме локално, а идеално би било еден ден да се воздржиме од било какво купување.
    За да ја истакнеме вредноста на сè што секојдневно правиме во домот, овој 8 Март ќе ги бојкотираме домашните обврски. Обврските нека ги преземат мажите во домовите, наместо да ни подаруваат ружи.
    За да ја почувствуваме моќта на солидарноста, на 8 Март сите заедно ќе маршираме со почеток во 13 часот пред Универзална сала, каде што ќе одадеме почит на жртвите на овој систем и по нашето обраќање ќе продолжиме по предвидената рута. Маршот традиционално ќе го завршиме во паркот Жена борец, со обраќање до јавноста и институциите.

    Овој 8 Март жените ќе одморат – од пазарење, готвење, чистење, чување деца и од општата и севкупна организација на животот. Еден ден, кога жените ќе здивнат од домашните обврски и ќе стивнат економските активности.
    Овој 8 Март мажите ќе ја поддржат борбата за родова еднаквост со тоа што ќе му се приклучат на женскиот бојкот на маркети и трговски центри, ќе ги преземат домашните обврски и ќе маршираат заедно со нас.
    Овој 8 Март сите заедно ќе му се спротивставиме на силеџиството на овој систем и ќе ги сопреме неговите запчаници барем на еден ден.
    Овој 8 Март прогласуваме ЖЕНСКИ БОЈКОТ и повикуваме на ЖЕНСКИ МАРШ – за слобода и автономија од силеџискиот систем!
    Колективно авторство
    Извори:
    Реактор – Истражување во акција. (2024). Достапност на градинки и родова еднаквост на пазарот на труд – Анализа на поврзаноста по општини.
    Државен завод за статистика. (2023). Анкета за работна сила 2023.
    Реактор – Истражување во акција. (2022). Родово-базирана дискриминација и работнички права во Северна Македонија.

  • Учениците од ООУ „Круме Кепески“ учеа за циркуларна економија и биоотпад

    Одржливиот развој започнува со едукација! Во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ спроведуван од Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија во партнерство со Еко Логик и Флорозон Центар за еколошка демократија, реализиравме интерактивна работилница со ученици од…

  • Крводарителска акција по повод Светскиот ден на извидништвото

    На 1.3.2025 год. (сабота) по повод Светскиот ден на извидништвото , извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес, огранизираше крводарителска акција. На неа се собраа 68 крвни единици. Истата се изведе во просториите на Младинскиот центар, лоцирани во Градската библиотека.   Акцијата заеднички ја реализираа Општинската организација на Црвен крст, извидничкиот…

  • Студија на законодавството со предлози за промени на политики и поврзани препораки

    ИОХН-С и ФРП во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“ изработија Студија на законодавството со предлози за промени на политики и поврзани препораки.

    Студијата е достапна на следниот линк: https://www.isshs.edu.mk/wp-content/uploads/2025/02/Студија-на-законодавството-со-предлози-за-промени-на-политики-и-поврзани-препораки-f2.pdf

  • Силна осуда на напади врз жените и загрижувачкиот пораст на мизогинијата во јавната сфера

    Деновиве во јавната сфера сме сведоци на засилени мизогини напади врз жени што поттикнуваат дискриминација и родово-базиран говор на омраза. Овие напади се уште позагрижувачки имајќи го предвид фактот дека доаѓаат од истакнати функционери и новинари, односно јавни личности кои имаат значајна моќ и одговорност во јавната сфера.
    Најостро ги осудуваме нападите на Драган Павловиќ Латас на коишто се изложени новинарките на ИРЛ, Сашка Цветковска и Деница Чадиковска, а со цел да се наруши нивниот интегритет и да ја дискредитира нивната работа. Поттикнувањето на насилство и говор на омраза кон новинарките е особено загрижувачки бидејќи доаѓа од новинар кој треба да знае дека како јавна личност има исклучително влијание врз јавното мислење, како и дека неговите зборови предизвикуваат сериозна штета.
    Во ситуација кога сме соочени со опасното влијание на засилени антиродови движења кои што ги подриваат основните темели на човековите права и демократските институции, враќајќи ги жените во патријархалните опресивни и стереотипни матрици, ваквиот напад носи дополнителна тежина, и го интерпретираме како напад врз сите жени.
    Ова не е прв напад на новинарките во дигиталниот простор. На дигитално родово-базирано насилство преку социјалните медиуми на антиродовите движења изминатиов период беа изложени и новинарките Снежана Лупевска Созен и Марија Митевска со цел да се дискредитира нивната работа на емисијата КОД, за финансирањето на антиродовите движења. Да не заборавиме и на повиците на насилство и заканите по живот преку лажен профил кон новинарката Рита Бехадини преку социјалната мрежа Фејсбук, кои беа пријавени но сè уште нема судска разврска.
    Новинарките во Македонија постојано работат со предизвици, под закана за нивната безбедност, а голем број од нив и со нерегулирани работни односи. Тие се дискриминирани на повеќе начини и во самите редакции, и надвор на терен, но и во дигиталниот простор, а нападите кон нив се сè посилни, особено родово-базираниот говор на омраза.
    Ја повикуваме јавноста да ги препознае и осуди ваквите обиди за дискредитација и загрозување на новинарките и жените, а од надлежните институции – Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство бараме итна реакција и преземање мерки за заштита на слободата на медиумите и безбедноста на новинарките, како и соодветно казнување на родово-базираниот говор на омраза. Неказнивоста мора да престане!
    Од друга страна, пак, од говорницата на Собранието, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска употреби родово-базиран дискриминаторски говор насочен кон пратеничката Славјанка Петровска. Изјавата на Димитриеска-Кочоска претставува уште една потврда за распространетоста и толеранцијата на родовата дискриминација која се практикува со цел да ги понижи жените, особено во јавната сфера.
    Како Родова платформа, ја осудуваме реториката на министерката која се обиде да ги сведе жените на нивната репродуктивна функција, да ги инструментализира за националистички, профитерски и патријархални цели, како и да ги дискредитира еднаквите можности, различноста и слободата помеѓу и на жените. Овој опасен наратив директно придонесува кон уназадување на позицијата на жените во општеството. Особено загрижува тоа што доаѓа директно од министерка и од законодавниот дом, место каде законите што се носат и реториките што се употребуваат влијаат на сите жени во ова општество. Да се сведе улогата на една жена само на „мајка“, а притоа да не се адресираат и решаваат проблемите на жените кои се позасегнати од сиромаштијата, грижата за децата и старите лица, без родова и социјална инфраструктура, е крајно непочитување и игнорантски пристап. Притоа, наративот на министерката директно влијае и на жените на јавни функции и нивното учество во политичкиот живот и во процесите на одлучување, односно го минимизира проблемот на и онака малото учество на жените во политиката.
    Во време кога се продлабочува сиромаштијата, користењето на вакви наративи, особено во законодавниот дом каде што нашите претставници треба да работат за наше добро, гледаме уште еден напад врз жените што покажува несолидарност, непочитување и игнорирање на проблемите коишто го тиштат граѓанинот и работниците, а преку манипулација на традиционалните стереотипи, постојните предрасуди и дополнително изложување на и онака ранливите граѓанки.

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор