Вести од граѓанските организации

Содржината на информациите презентирани во овој дел од веб странaта се единствена одговорност на грантистите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат. Информациите се презентирани како што се пристигнати и печатните или други грешки во нив се одговорност на самите автори.

  • Средба на високо ниво – Борба против корупцијата: Иновации против нелегалната моќ

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Центарот за изучување на демократијата од Бугарија, во име на СЕЛДИ мрежата, организираат настан насловен „Средба на високо ниво –  Борба против корупцијата: Иновации против нелегалната моќ“.

    Настанот ќе ги обедини носителите на политики, претставници на граѓанското општество и меѓународната развојна заедница, кои ќе дискутираат за иновативни идеи и итни мерки за повторно ангажирање на владите во борбата против заробеноста на државите, нелегалните финансиски текови и стратешката корупција.
    Поврзувајќи ги локалните антикорупциски иницијативи со глобалните и регионалните политики, средбата ќе ги оспособи граѓанските организации од Западен Балкан со знаења за глобалните трендови во борбата против корупцијата, промените во донаторските стратегии и влијанието на геополитичките промени, вклучително и процесот на пристапување во ЕУ.
    Подетални информации за програмата може да се најдат во Агендата.
    Настанот се организира во рамки на проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за застапување врз база на докази, влијание врз политики и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет)”, финансиран од Европската Унија.
    ???? Настанот ќе се пренесува во живо преку ZOOM и Facebook.???? Регистрирајте се за онлајн учество преку следниот линк: https://forms.gle/PiJXQPw7gpQjiood6

    Следно >

    Поврзани:

  • ОЈО Куманово да го преквалификува делото во случајот за Ванѓелица од Кратово

    Платформата за родова еднаквост го следи судењето против 36-годишната Ванѓелица од Кратово, којашто е жртва на семејно насилство, а која Основнот јавно обвинителство ја гони за сторено кривично дело „Убиство со умисла“. 
    Како што веќе нагласивме, сметаме дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно за институтот „нужна одбрана“, а не за сторено кривично дело „убиство со умисла“, како што тврди Јавното обвинителство.
    Во текот на судењето беа презентирани и вештачење на обвинителството и вештачење на одбраната. Двете вештачења утврдуваат дека обвинетата немала намера да го стори делото и не го планирала, односно целта ѝ била да се одбрани од жртвите. Обвинетата поради повеќегодишните конфликти со жртвите носела во себе афектна тензија спрема нив, а во критичниот момент, поради чувство на животна загрозеност од сопругот којшто викал, ѝ се заканувал и ја тепал, довело до афектна ерупција при која таа посегнала по нож. Кога влегол свекорот и ѝ рекол дека ќе ја убие, тргнувајќи кон неа за да ја нападне, таа повторно посегнала по нож.
    Афектот бил од конфликтните ситуации, фрустрациите од повеќегодишното малтретирање, закани, вербални расправии со сопругот и свекорот. Поради страв за сопствениот живот, ситуацијата кулминирала со силно афектно празнење што довело до убиство. За да настапи силна раздразнетост постојат четири критериуми: интензивен афект, афект што не е вина на сторителот, афект предизвикан од жртвата што настанува во краток временски период – миг. Настанот траел кратко, таа делувала во миг раздразнета од моменталното чувство дека животот ѝ бил загрозен.
    И доказите на обвинителството, но и вештачењето на одбраната, потврдуваат дека станува збор за акт на самоодбрана, односно, за институтот „нужна одбрана“. Оттука, бараме обвинителството да го преквалификува делото, имајќи ја предвид и веќе постоечката судска пракса. Постапувањето на Јавното обвинителство многу наликува на случајот на Пале Иловска од Велес која исто така беше долгогодишна жртва на семејно насилство и во акт на самоодбрана го уби насилникот. Слично како и во овој случај, и неа Обвинителството ја гонеше за „убиство на миг“. Судот тогаш правилно донесе ослободителна пресуда.
    Платформата за родова еднаквост бара доколку ОЈО Куманово не изврши преквалификација на делото, судот да постапува со должно внимание во овој предмет и да ги разгледа сите решителни факти и да ги земе предвид принципите утврдени со ослободителната одлука во случајот на Пале.

  • Работилница за промоција на H4U прирачникот – Активна едукација за сите генерации

    Еко Логик, во соработка со Национален Парк Галичица, организираше едукативна работилница за промоција на прирачникот H4U. Настанот беше отворен за сите и привлече учесници на возраст од 4 до 90 години, кои заедно учествуваа во низа едукативни и забавни игри.Целта на оваа работилница беше на пристапен начин, преку интерактивни активности, да се доближат темите за заштита на животната средина до сите возрасти. Работилницата беше базирана на принципите на неформално образование и меѓугенерациско учење, каде знаењето се гради преку заедничко искуство и соработка.Енерџајзер: „Кој сум јас?“Настанот започна со динамична загревање игра, во која секој учесник доби стикер со име на животно или растение. Со поставување на прашања на кои може да се одговори само со „да“ или „не“, учесниците имаа задача да откријат кој лик го претставуваат. Оваа активност го олесни запознавањето и создаде позитивна и пријателска атмосфера.Игра 1: „Патека од шепоти“Во оваа игра, учесниците се движеа низ мистериозна патека, собирајќи фрагменти од приказни и решавајќи загатки. Тимовите заработуваа поени за успешно раскажување на приказни, креативно размислување и точно решавање на предизвиците. Играта ја стимулираше имагинацијата и ја поттикна тимската соработка, додека учесниците истражуваа и учеа за природните живеалишта на интерактивен начин.Игра 2: „Природно бинго“Учесниците добија табли со различни природни елементи кои требаше да ги пронајдат во околината – листови, инсекти, облаци, камчиња и други природни богатства. Играта го поттикна вниманието кон деталите и разви еколошка свест преку активно набљудување на просторот што нè опкружува.Размена на искуства меѓу генерацииПосебна вредност на настанот беше можноста за поврзување меѓу различни генерации. Природата стана заедничка тема за разговор, игра и учење, а секој учесник даде свој придонес со знаење, љубопитност или животно искуство. Овој пристап покажа дека еколошката едукација е успешна и значајна кога е вклучувачка и инспиративна.Голема благодарност до Национален Парк Галичица и до Biodiversity 4 Everybody кои ни пружија поддршка во реализацијата на овој настан. Благодарение на нивната посветеност, успеавме да овозможиме квалитетно и инспиративно доживување во природа за сите генерации.

  • Презентација на H4U прирачникот во Битола: Едукативна дружба со учениците од ООУ „Тодор Ангелевски“

    Во рамки на проектот H4U , тимот на Еко Логик имаше можност да го презентира новиот едукативен прирачник пред учениците од 9-то одделение во ООУ „Тодор Ангелевски“ во Битола. Овој настан претставуваше одлична можност да ги запознаеме учениците со значењето на природните живеалишта и биодиверзитетот, преку интерактивни и креативни активности кои се во согласност со методологијата на проектот.Целта на активностите беше да се поттикне љубопитноста и набљудувачките способности кај учениците, додека учат за значењето на екосистемите и природното богатство околу нив.Игра 1: „Живеалишта за животни“Учениците имаа задача да поврзат различни животни со нивните природни живеалишта. Преку оваа активност, дискутиравме за тоа како секое животно има свој дом во природата – шума, река, планина или ливада – и зошто е важно овие живеалишта да се зачуваат.Игра 2: „Природно богатство“Втората активност беше вистински предизвик за креативност и внимание. Учениците излегоа надвор и имаа задача да најдат лисја во форма на:❤️ срце
    💧 солза
    🔺 лист со три аглиОвие форми им помогнаа на учениците да размислуваат за природата преку визуелна и емоционална призма, а воедно и да научат повеќе за различните видови растенија во нивната околина.Во ООУ „Гоце Делчев“ – Могила реализиравме работилница за H4U, во која учествуваа ученици од мешани одделенија – 5-то и 9-то. Заедно разговаравме за придобивките од престојот во природа, значењето на физичката активност и начинот на кој пешачењето може да се користи како алатка за учење. Работилницата овозможи размена на идеи и искуства меѓу учениците од различни возрасти, што придонесе за уште побогата дискусија и заедничко учење.Учениците покажаа голем интерес и активно учествуваа во сите активности. Разговорите што ги водевме за време на игрите беа исполнети со љубопитност, креативни размислувања и свесност за важноста на природата. Со оваа презентација, не само што го претставивме H4U прирачникот, туку и успеавме да поттикнеме љубов и почит кон природното наследство кај најмладите.Продолжуваме со активностите низ Македонија, едуцирајќи ги младите за важноста на зачувување на биодиверзитетот и природните ресурси.

  • Објавен првиот туристички водич за Кичевскиот регион и реонот на Илинска планина

    Објавен првиот туристички водич на локалитети на територијата на Општина Кичево и реонот на Илинска планина Благодарение на поддршката на CNVP Foundation и Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, а во рамките на проектот “Патот до селото: Создавање на одржлив рурален развој во срцето на природата“, Рурална Коалиција со поддршка…

  • Техники за трансформација на биоотпадот во ООУ Јан Амос Коменски

    Денот го поминавме со младите истражувачи од ООУ “Јан Амос Коменски” од Општина Карпош на работилница на тема „Техники за трансформација на биоотпадот” со наставничките Александра Блажевска и Христина Димитровска. Започнавме со дискусија за видовите отпад што се рециклираат, видовите на отпад можат да се преработат и за тоа дали учениците знаат што е компост. Ги поканивме учениците заедно да направиме нешто од отпадни масла и вредно работевме три часа. На крајот на денот Експертите задоволно ги пофалија учениците за нивното знаење и вклученост.

    На 11 април 2025 год. се одржа работилница со основното училиште ООУ “Јан Амос Коменски” од Општина Карпош. Учениците и Експертите заедно произведоа биодизел, пектин и биофилм од кора од компири, учејќи преку примери за циркуларна економија.

    Во рамки на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ спроведуван од Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, во партнерство со EcoLogic и Center for Environmental Democracy – Florozon – Центар за еколошка демократија, продолжуваме со одржување на едноденвните Работилници на тема „Техники за трансформација на биоотпадот” со основните училишта од Скопје.

  • Насилството, дискриминацијата и незнаењето во формалното образование се новото „нормално“ што го промовираат Владата, Парламентот и Претседателката на државата

    За неполна седмица мнозинството пратеници изгласаа трет штетен закон во образованието без јавна дебата – спротивен на интересите и потребите на децата и младите.
    Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација остро реагираат на усвојувањето на третиот последователен штетен закон во областа на образованието – Законот за средно образование. Со најновите измени на законите за основно и средно образование се озаконува насилство и дискриминација врз децата, а младите остануваат без пристап до здравствена едукација базирана на докази.
    И покрај епидемијата на насилство меѓу младите, новиот Закон за средно образование не ја препознава дискриминацијата како форма на насилство и освен физичкото насилство не препознава емотивно, психичко и сексуално насилство. Законот целосно пропушта да предложи мерки за унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје на младите, и покрај поразителните податоци.
    Ниту една стручна или младинска организација не побара вакви измени. Загрижува што пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од парламентарната говорница отворено изразија поддршка за т.н. „загрижени родители“ – групи кои под превезот на „заштита на децата“ шират говор на омраза, дискриминација и теории на заговор, вклучително и против вакцинацијата и здравствената едукација. За илустрација – Претставници од движењата коишто беа консултирани за овие измени сметаат дека луѓето коишто се вакцинирани се ГМО и веќе не се луѓе и со тоа не уживаат човекови права. Истите групи со години оркестрираат напади врз експерти, активисти, новинари и маргинализирани заедници. Особено разочарува што првата жена-претседателка на државата ги поддржа барањата на овие радикални структури и ги потпиша указите за овие закони, иако фактите укажуваат дека тие ќе имаат долгорочни и штетни последици за младите.
    Со тоа, Владата, Парламентот и Претседателката дејствуваат во спротивност интересите на своите граѓани, национални и меѓународни заложби и препораки што државата ги има добиено изминатава деценија од телата на Обединетите Нации за почитување на човековите права, со заложбите преземени во рамки на Целите за одржлив развој – особено Целта број 5 за унапредување на родовата еднаквост – како и со националното законодавство за заштита од дискриминација и Националната развојна стратегија на државата.
    Сите три закони беа донесени по скратена постапка, без јавна расправа и без вклучување на експерти и млади – што претставува сериозно загрозување на демократијата и човековите права. Со исклучување на здравствената едукација, и со бришење на темите поврзани со родова еднаквост, сексуално и репродуктивно здравје, државата не само што ги негира реалностите со кои се соочуваат младите, туку свесно ги препушта на дезинформации, стигматизација, насилство и дискриминација.
    Ја потсетуваме Владата која декларативно изразува грижа за младите и промовира популациона политика, дека незнаењето за сексуалното и репродуктивно здравје во практика – ја намалува возраста на стапувања во први сексуални односи кај младите, ја зголемува стапката на малолетничка бремености и раѓања, стапката на небезбедни абортуси кај малолетниците, сексуално преносливите инфекции, и ги зголемува здравствените ризици и неплодноста кај популацијата.
    Потсетуваме на алармантните податоци кај нас кој треба да ги загрижат сите родители, наставници и граѓани:

    Податоците за насилство дискриминацијата и здравјето кај младите се алармантни и треба да ги загрижат сите родители, наставници и граѓани на оваа држава:
    Насилството е нормализирано во Македонија, се почести се случаите на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата, така и  во јавните простори;
    Стапката на просечно стапување на прв сексуален однос кај младите во Македонија изнесува 15 години односно 16 години за девојчињата. За споредба со земјите каде здравствената едукација е интегрирана во училишните програми, младите го одложуваат влегувањето во прв сексуален однос, некаде дури и до 19 годишна возраст;
    Стапката на тинејџерска бременост во 2023 година изнесува 13.4 на 1000 девојки на возраст од 15-19 години;
    Младите на возраст од 15 до 18 години се најмногу изложени на насилство за разлика од другите возрасни групи во државата и младите кои ѝ припаѓаат на ЛГБТИ задницата се и до четирипати почесто малтретирани во училиште од хетеросексуалните врсници.
    Дополнително, 15-годишници со хомосексуална и бисексуална ориентација страдаат два или повеќе пати почесто во споредба со своите хетеросексуални врсници, честопати со повеќе психосоматски симптоми (74%), чувства на тага и безнадежност (47%) или со сериозни самоубиствени мисли (30%).
    Само во периодот од 2021-2023 се документирани 82 случаи на насилство во образованието врз ЛГБТИ млади, при што образованието е втора област по ред со најмногу документирани случаи на институционално насилство врз ЛГБТИ, после здравството.

    Оттука, нашите барања остануваат непроменети:

    Владата и Парламентот да ги реобмислат законите во образованието кои директно им штетат на здравјето на младите.
    Отворање на широка дебата со младите, младинските организации, стручните здравствени организации и кои работат на заштита на правата на маргинализираните заедници, и подготовка на измени на Законот за основно образование, Законот за средното образование и Законот за учебници за основно и средно образование базирани на докази и наука, и во согласност со меѓународните документи за заштита на човекови права со кои суштински ќе се покаже вистинска грижа за младите.
    Да обезбедат соодветни средства за спроведување на Законот за млади и да се инвестира во младинските центри во кои ќе се креираат безбедни простори за младите, обезбедат психолошки и здравствени услги за младите ширум државата.
    Одржување на надзорна расправа за предизвиците и препреките во имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
    Итно и неодложно спроведување на подзаконски акти за заштита на децата од насилство и дискриминација во училишта.  
    Уште еднаш бараме од Претседателката Сиљановска-Давкова да не го потпишува Указот за Законот за средно образование и покрај тоа што со потпишувањето на претходните два закони ги погази своите декларативни и кампањнски заложби за родовата еднаквост и недискриминација.

  • Повик за спроведување на функционална анализа

    Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот „Фундаменталните човекови права на прво место-активен придонес за владеење на правото“, финансиран од Европската Унија како дел од програмата IPA III Civil Society Facility and Media Programme 2023, согласно Договорот за грант потпишан меѓу Хелсиншкиот комитет за човекови права и Европската Унија бр. IPA III/2024/461-642, спроведува постапка на прибирање на понуди, со упатување на покана – барање за доставување на понуди.
    Потребна е изработка на функционална анализа со цел подобрување на организациската ефикасност и ефективност (опишани под точка 1).
    За горенаведениот предмет понудите да бидат испратени најдоцна до 18.04.2025 година (ден) во 12:00 часот, по електронска пошта на jana.sotirovska@mhc.org.mk.
    Со оваа покана ви ја доставуваме потребна документација која ги содржи сите информации кои ќе ви помогнат за изработка на понудата.
    1. Опис на бараната набавка
    Опис на потребните услуги:
    Функционалната анализа треба да обезбеди јасна и објективна проценка на подготвеноста на Комитетот во краток и среден рок да ги имплементира потребните подобрувања за оптимално извршување на своите дејности.
    Овој процес треба да резултира со документ кој ќе оцени ефикасноста и ефективноста на работните процеси, како и начинот на дистрибуција на ресурсите, со посебен акцент на човечкиот капитал.
    Наодите и препораките од анализата ќе послужат како основа за редефинирање на приоритетите и структурата, со цел насочување на способноста кон постигнување подобри резултати.
    Понудувачот во склоп на својата понуда треба да достави предлог-методологија чиј квалитет ќе биде една од точките на оценка
    2. Општи информации
    Од понудувачот се бара да достави преглог методологија како и најекономична и најдобра понуда во согласност со горенаведените материјали. Со тоа што во понудата секоја од горенаведените ставки треба да биде посебно образложена. Критериумите за избор на понудата се наведени под точка 3 на овој документ.
    Цените при наведената понуда да бидат изразени без ДДВ.
    3. Критериум за доделување на договорот за набавка
    Критериумите за доделување на договорот за набавка се:
    · економски најповолна понуда
    · најефективна предлог – методологија
    · претходно искуство при изготвување на ФА
    · најдобар квалитет
    · најкраток рок на испорака
    За носител на набавката ќе биде избран оној понудувач чија понуда е најсоодветна според наведените критериуми.
    4. Евалуација на понудите
    При евалуацијата на понудите ќе се земат предвид понудените цени, квалитетот на понудата, предлог-методологијата, претходното искуство и времето на изготвување. Евалуацијата на понудите ќе се врши од страна на Комисијата, формирана од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права за спроведување на постапкатa.
    Доколку вашата понуда биде избрана ќе бидете информирани;
    Наведете рок на испорака по прифаќање на работата;
    Во случај на потреба од дополнително појаснувања, слободно контактирајте не.
    Напомена: Проектот е ослободен од ДДВ. По направен избор за најповолен понудувач ќе биде доставено решение и потврда од УЈП и СЕП.

  • Едукативна Работилница за Млади Истражувачи: Одржливо Искористување на Отпад за Зелена Иднина

    Во рамки на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, во партнерство со Еко Логик и Флорозон Центар за еколошка демократија, на 10 април, во средата, се реализираше едукативна работилница во Биотехнолошката лабораторија.Работилницата, која беше организирана за младите истражувачи од ООУ „Партенија Зографски“, им понуди можност за практично учење и истражување на иновациите во областа на одржливо искористување на органски отпад. Учениците се запознаа со некои од најдобрите практики за циркуларна економија, кои вклучуваат:◼️Производство на биодизел – процес кој им овозможува на учениците да се запознаат со важноста на обновливите извори на енергија и како отпадните растителни масла можат да се искористат за производство на еко-пријателски горива.
    ◼️Екстракција на пектин – учениците научија како се добива пектин, природен полисахарид со примена во прехранбената индустрија и фармацевтските производи.
    ◼️Изработка на биофилм од кора од компири – оваа активност ја истражува можноста за користење на отпадот од земјоделските производи, како што се кората од компири, за создавање на биоматеријали, кои можат да заменат пластика и други штетни материјали.Преку овие активности, учениците не само што го зајакнаа своето знаење во областа на науката и иновациите, туку и развија критичко размислување и креативност во справувањето со проблемите на животната средина.Активностите на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ активно придонесуваат за еколошката свест кај младите генерации. Младите истражувачи покажаа интерес и ентузијазам, кои ќе се рефлектираат во нивниот понатамошен активизам за подобра и одржлива иднина.Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас, а неговите активности продолжуваат да носат позитивни резултати за развојот на еколошката свест и иновациите во земјата.Зелената иднина е во рацете на младите!

  • ПОВИК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ ПОНУДА ЗА Избор на оператори во  Младинските Инфо центри за климатски промени во Охрид, Струга и Дебар во рамките на Проектот „Да учиме за климатските промени“

    HomeАктивностиПОВИК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ ПОНУДА ЗА Избор на оператори во  Младинските Инфо центри за климатски промени во Охрид, Струга и Дебар во рамките на Проектот „Да учиме за климатските промени“

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор