1. Насловна

Граѓанските организации и владините претставници во директен разговор на 30 ноември

Националниот форум на Цивика мобилитас, Саем на граѓански организации, трета година по ред ги собира граѓанските организации и Владата на Република Северна Македонија за дијалог на важни општествени теми. Форумот ќе се одржи во понеделник, 30 ноември 2026 година, во Клубот на пратениците во Скопје, со почеток во 9:00 часот.

Изминатите две години форумот постепено растеше и според бројот на учесници и според темите кои се дискутираат. Годинава форумот се фокусира на тоа разговорите да донесат конкретни резултати.

Вистинската соработка бара повеќе од отворена комуникација. Потребни се политичка волја, институции што ги следат преземените обврски и граѓански организации што активно учествуваат во креирањето и следењето на јавните политики. Програмата им нуди на учесниците панел во кој ќе се разговара за ветувањата и остварувањата на Владата, како и дискусија за тоа како најавените реформи да донесат реални промени за економијата.

На форумот ќе се зборува и за условите во кои работат граѓанските организации како што се соодветната правна рамка, транспарентното и предвидливо јавно финансирање и еднаквиот пристап до финансиски услуги. Само така организациите можат да работат независно и да одговараат на потребите на граѓаните.

Воведни обраќања на отворањето на Форумот ќе имаат амбасадорот на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е. Кристоф Сомер, и директорот на МЦМС, Александар Кржаловски. Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе се обрати и ќе учествува во панелот посветен на остварувањата на Владата наспроти ветувањата.

Програмата содржи десет панел дискусии, кои ќе се одржуваат паралелно. На нив ќе учествуваат Весна Јаневска, министерка за образование и наука; Сашо Клековски, министер за здравство; Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии; Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација; Ѓоко Велковски, министер за социјална политика, демографија и млади; Муамет Хоџа, министер за животна средина и просторно планирање; Јетон Шасивари, министер за правда; и Игор Јанушев, генерален секретар на Владата.

Темите за дискусија ќе однесуваат на превенцијата во здравството, реформите во образованието, младите и дигиталната трансформација, како и за реформите за поотпорна економија. На дневен ред се и квалитетот на воздухот, реформите на локалниот инспекциски надзор и пристапот на граѓанските организации до финансиски услуги. Ќе се разговара и за можностите граѓаните да учествуваат во работата на Собранието, а ќе се одржи и отворена седница на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество.

Целата програма на форумот можете да ја погледнете тука. Поради процедурите за пристап во Клубот на пратениците, на настанот можат да влезат само претходно регистрираните учесници. Пријавете се преку формуларот за регистрација.

Националниот форум, Саем на граѓански организации, и оваа година го организира Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во соработка со Владата на Република Северна Македонија. Форумот е дел од програмата Цивика мобилитас, која МЦМС ја спроведува со поддршка од Владата на Швајцарија.

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор