[Aggregator] Downloaded image for imported item #50944

Од локален проблем до сторија и активизам: младите од Крива Паланка учеа за медиумите на заедницата

Како „малите“ локални проблеми можат да се решаваат преку новинарството и активизмот. Ова беше една од главните теми на работилницата во Крива Паланка на која дваесетина млади дискутира, учеа и дознаваа за медиумите на заедницата, етичките стандарди и техниките за пишување новинарски аналитички стории.

Работилница со млади К.Паланка 2

Работилницата, беше организирана од Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) и Институтот РЕСИС, преку проектот „Медиуми на заедницата за посилно граѓанско општество”, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.  Учествуваа ученици од основни и средни училишта во Крива Паланка, дел од нив активни во училишните новинарски клубови. Покрај тоа што се запознаа со придобивките од медиумите на заедницата, како Локал Актив, истовремено беа ставени и во улога на новинари кои размислуваат, предлагаат и разработуваат локални теми од јавен интерес.

Снежана Трпевска од Институтот РЕСИС им го претстави принципот на работа на медиумите на заедницата преку примерот на Локал Актив, каде новинарите и активистите заеднички соработуваат на откривање и длабинска анализа на локални општествени проблеми. Младите, пак, споделуваа свои искуства со медиумите – од каде се информираат, кои вести најмногу ги интересираат и на кои медиуми најмногу им веруваат.

Работилница со млади К.Паланка

Билјана Георгиевска од СЕММ зборуваше за етичките принципи на новинарството, нагласувајќи дека професионализмот ја зголемува довербата, а дезинформациите и говорот на омраза го рушат кредибилитетот на новинарите и медиумите. Преку успешни странски примери, таа покажа како медиумите на заедницата придонесуваат за поголема демократичност преку давање глас на граѓаните и маргинализираните групи кои се занемарени од традиционалните медиуми.

 

Во вториот дел од работилницата младите учесници добија улога на новинари. Предлагаа идеи за локални проблеми и теми кои би сакале да ги истражуваат. Дел од темите кои беа предложени се навистина важни и многу актуелни: Од врсничкото насилство, како проблем во училиштата, преку недостатокот на јавен превоз во и околу Крива Паланка, непотизмот како една општествена тема која ги револтира младите, до немањето културен центар и други места каде креативно би го трошеле слободното време.

За секоја од овие теми, учесниците смислуваа кус концепт со кој би ја предложиле сторијата на еден импровизиран редакциски состанок. Наведуваа извори кои би ги консултирале и планираа каков исход би можел да се очекува по објава на темата.

Работилница со млади К.Паланка 6

Обуката во Крива Паланка не заврши само со размена на знаење, туку овозможи канал за идна соработка. Младите, покрај тоа што слушнаа како работат редакциите на Локал Актив, во иднина може и да се приклучат во овие медиуми и преку свои идеи, теми, пишување и активизам да се заложат за решавање на горливите проблеми во своите заедници.

*Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Институтот РЕСИС и на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, „Цивика мобилитас“ или на организациите што ја спроведуваат.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на РЕСИС институт

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор