граѓански импулс (9)

Граѓански импулс #20 – месечен осврт на активностите на грантистите

август 2026

Август беше уште еден исполнет месец за грантистите на Цивика мобилитас, кои низ разновидни активности покажаа дека граѓанското учество е секојдневен, а не еднократен процес.  Се чини дека, изминатиот месец најголем дел од активностите беа посветени на животната средина и климатските промени, но не изостанаа ни темите поврзани со младите, образованието, овозможувачката околина и слично.

Центарот за младински активизам „КРИК“ сподели низа активности сработени преку проектот „ЗЗЗ – Заеднички за зелено застапување за заштита на животната средина“.  Преку иницијативата „Препознај го проблемот, создади решение и преземи иницијатива за почиста локална средина“, 24 средношколци од Тетово и Гостивар ги идентификуваа најголемите еколошки предизвици во Полошкиот Регион и развија неколку младински решенија. Иницијативата „Кружен парк“, во ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ во Берово, покажа како зелената социјална работа може да ги поврзе училиштето, учениците, институциите, локалната заедница и волонтерите околу една заедничка цел, а тоа е поздрава, позелена и поубава средина. Учениците од шесто и осмо одделение активно придонесоа кон создавањето ново зелено катче, но и стекнаа знаења за природата, заштитата на животната средина и својата улога во градењето одржлива заедница. Иницијативата „Чист и зелен училишен двор – за здрава и инклузивна заедница“, обедини околу 30 ученици од СУГС „Шаип Јусуф“ во општина Шуто Оризари кои активно учествуваа во расчистување и уредување на училишниот двор, каде засадија 16 нови садници.

Преку проектот „Да учиме за климатските промени”, Извидничкиот поречански одред „Крсте Јон“ од Струга, Центарот за одржлив развој на заедницата од Дебар и Регионалниот зелен центар Охрид, на 31 август организираа едукативна пловидба со бродот „Галеб”. Учесници беа ученици од ООУ Ванчо Николески, ООУ Св. Климент Охридски и ООУ Христо Узунов од Охрид, учениците од средното училиште „28 Ноември “ од Дебар, како и извидниците од „Крсте Јон“ од Струга. Тие имаа можност непосредно од бродот да го видат дел од појасите со трска на Охридското Езеро, да се дружат и да споделат искуства.

Промотивна дигитална кампања со едукативно-информативни содржини за придобивките од органскиот отпад беше споделена од Центарот за ресурси во животна средина РЕЦ, во партнерство со „Еко логик“ и „Флорозон“, со која сакаа да ги поттикнат граѓаните на итна акција за правилно сортирање на отпадот.  Во видеото, што е дел од проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад” главни улоги имаа наставниците и учениците од основните училишта каде што се одржаа едукативните работилници на проектот. Еко Логик исто така сподели видеа снимени за време на работилниците и тестирањето на зелени бизнис идеи со ученици од основните училишта во општините Карпош, Ѓорче Петров и Кисела Вода, каде младите учеа како био-отпадот може да се претвори во ресурс и можност за одржлив развој.

Центарот за климатски промени, заедно со „Екотуризам 2016″ од Охрид и во соработка со проф. д-р Бојан Симовски, изработи Протокол за идентификација, контрола, отстранување и долгорочен мониторинг на инвазивниот вид Ailanthus altissima (кисело дрво) на археолошките локалитети Горна Порта во Охрид и Хераклеја Линкестис во Битола. Протоколот утврдува практични насоки за мапирање, безбедно отстранување, спречување на повторното ширење и обнова на автохтоната вегетација, за долгорочно да се зачуваат природните и културните вредности на овие простори.

ЦКП објави и серија анализи за зелените инвестиции во осумте плански региони. Според извештајот за декарбонизација, најмалку 377,95 милиони денари се инвестирани или планирани во мерки за енергетска ефикасност, фотоволтаици, почисто греење и одржлива мобилност, при што најголема поединечна инвестиција е онаа од 191 милион денари на општина Центар за смарт ЛЕД-осветлување. Извештајот за заштита на водите и воздухот покажува дека во водоводна и канализациска инфраструктура, пречистување на отпадни води и заштита на реките и езерата се вложени најмалку 1,36 милијарди денари, а сè почесто се применуваат и сензори, дронови и природни решенија за прочистување. Од друга страна, извештајот за циркуларна економија, покажува дека најмалку 140,11 милиони денари се насочени кон комунални возила, примарна селекција, компостирање и рециклирање, со постепено воведување на еко-острови и посебно собирање на органски, текстилен и електронски отпад. Во анализите, кои ЦКП ги изработува со партнерските организации за проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда на локално ниво“, заклучуваат дека следен чекор е поврзувањето на овие мерки во функционални регионални системи со мерливи цели.

Во заедницата на Цивика мобилитас вклучени се доста посветени и активни млади лица. Затоа за Меѓународниот ден на младите, решивме заеднички со Младински сојуз Крушево и проектните партнери, да ја одбележиме годинашната тема „Различни контексти, заеднички стремежи” преку заедничка објава за проектот „Мојот глас во мојот град”. Овој проект опфаќа млади од Крушево, Куманово и Тетово кои, и покрај разликите во средините во кои живеат, активно учествуваато во локалното одлучување. Досега, според спроведувачите, 45 млади ги мапирале предизвиците во своите заедници, генерирале идеи и развиле прототипи со помош на AI алатка, преку кои до општините испраќаат конкретни препораки за подобрување. 

БИРС објави серија нови материјали од проектот „Застапување за инклузивен развој” посветени на состојбата со високото образование во земјава. Во анализата за усогласеноста на студиските програми со пазарот на трудот, новинарот Горан Лефков предупредува дека универзитетските програми сè уште се потпираат на застарени модели, посочувајќи го здравствениот сектор како пример каде секоја година дипломираат и до 2.000 лекари, а сепак недостигот на кадар никогаш не бил поголем. Во текстот за високото образование во ерата на вештачката интелигенција, универзитетскиот асистент Бесник Џезаири предупредува дека универзитетите не смеат да ги подготвуваат младите за вчерашниот, туку за утрешниот пазар на трудот. За системот на акредитација, директорот на ИОХН-С Марјан Бојаџиев посочува дека ре-акредитацијата сè уште се фокусира на технички критериуми наместо на релевантност на програмите, додека студентката Луиза Ресиди во својот осврт смета дека универзитетите повеќе внимание посветуваат на издавање дипломи отколку на подготовка на квалитетни кадри. Низ лична приказна како студент, колумната на Енис Шаќири, опишува универзитет во кој недостигаат основна опрема и литература, поставувајќи го прашањето дали новиот законски пакет за високо образование ќе донесе вистинска промена или ќе остане уште едно ветување на хартија.

„Младите можат“ и „Супортко“ Кочани, преку проектот  „Поврзани во криза: Млади што градат отпорност и заедништво“, ја објавија„Анализата на потреби, перцепции и добри практики“, фокусирана на тоа како младите ги доживуваат и се справуваат со кризните ситуации. Наодите покажуваат дека младите бараат поголема психолошка поддршка, повеќе информации и безбедни простори, но институциите сè уште недоволно одговараат на овие потреби, покрај тоа нема доволно доверба и координација меѓу чинителите. Од друга страна, анализата покажува дека младите имаат голем потенцијал да бидат активни во кризни ситуации, особено преку волонтерство, доколку постојат обука и јасни механизми за нивно вклучување. Публикацијата ги препознава младинските центри и организации како мост меѓу младите и институциите, а целосниот документ е достапен на веб-страницата на организацијата.

„Новус“ од Струмица одржа финален настан за проектот „Младинска мрежа за финансиска писменост на Југоистокот“. На настанот беа претставени постигнатите резултати и искуства од спроведувањето на проектот, а посебно внимание беше посветено на Прирачникот за финансиска писменост, практична алатка преку која младите можат да стекнат знаења за буџетирање, штедење и одговорно задолжување. Беа презентирани и насоките за понатамошно функционирање на младинската мрежа EduFin Hub, за да продолжи да им служи на младите и по завршувањето на проектот, спроведуван во партнерство со Промо идеа од Струмица и „Круна плус“ од Радовиш.

Во Битола, преку проектот „Промени за одржливост”, Конект и Младинската асоцијација ИМКА од Битола, одржаа средба со членките на Мрежата за финансиска одржливост на граѓанските организации. Дискусијата беше посветена на обезбедување услови за постабилно и одржливо финансирање на граѓанскиот сектор, со фокус на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, чии законски и административни бариери граѓанскиот сектор ги посочува повеќе од 15 години. На настанот беше промовирана и Збирка на студии на случаи за овој закон, која содржи 14 примери од практиката и препораки за унапредување на законската рамка. Учесниците ги утврдија и приоритетите за застапување на Мрежата во наредниот период, како и следните чекори за подобрување на условите за финансиска одржливост на граѓанските организации.

Фондацијата Метаморфозис, Рурална коалиција и Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 ги повикаа граѓаните да се вклучат во јавните консултации на своите општини преку апликацијата мЗаедница, дел од проектот „Дигитална трансформација на локално ниво – Вклучена заедница за отпорност на корупција (ДИГИЛОК)”. Платформата им овозможува на граѓаните директно да го изразат своето мислење, да учествуваат во анкети и да предлагаат решенија за прашања кои го засегаат секојдневниот живот во нивната заедница, а на општините им помага навремено да ги препознаат потребите и приоритетите на граѓаните. Преку мЗаедница, граѓаните беа поканети да се произнесат и за тоа како треба да се трошат средствата од локалниот буџет, оценувајќи дали приоритет треба да бидат инфраструктурата, јавните простори, образованието или поддршката за младите и спортот.

Женска граѓанска иницијатива Антико од Скопје објави сериjaл кратки видеа „Граѓански компас“, преку кои објаснуваат што значи активно граѓанско учество надвор од изборниот процес. Во втората епизода опишуваат како граѓанската идеја прераснува во конкретна иницијатива, а третата епизода го доближува поимот граѓанска иницијатива и начините тој да се искористи за отворање прашања од јавен интерес пред институциите.

ХЕРА, за проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи”, минатиот месец посвети серија информативни објави на превенцијата од ракот на грлото на матката, кој и понатаму е една од најсериозните закани по здравјето на жените во земјава. Од таму потсетуваат дека искуствата од земји со организирани превентивни програми покажуваат дека со навремена ХПВ вакцина, редовен скрининг и достапно лекување, овој вид рак драстично може да се намали, а токму тој е еден од ретките карциноми што целосно можат да се спречат. Тие посочуваат дека покрај препораките, потребни се и достапни услуги и систем што активно ги повикува жените на редовни прегледи, бидејќи навременото откривање често е разликата помеѓу навремена интервенција и задоцнета дијагноза.

Цивика мобилитас продолжува да ја следи работата на организациите и во месеците што доаѓаат. Следете нè и во наредниот број на „Граѓански импулс“ за брз и информативен преглед околу случувањата на активните граѓански чинители.

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор