Mzmp

ПОВИК ЗА АЛУМНИ ЧЛЕНОВИ НА ТРЕНИНГ ПРОГРАМА ЗА ДИГИТАЛНИ ПРАВА И МЕНТОРСКА ПОДДРШКА ЗА КРЕИРАЊЕ ИНИЦИЈАТИВИ

Македонското здружение на млади правници (МЗМП), во рамки на проектот „Јакнење на идните правни лидери за владеењето на правото во дигиталната ера“ поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, објавува повик за алумни членови за учество во Тренинг-програма за дигитални права и менторска поддршка за креирање иницијативи.

1. Општи информации за проектот

    Проектот има за цел да придонесе кон поотпорно и дигитално свесно општество во Северна Македонија преку зајакнати правни лидери кои го унапредуваат владеењето на правото, интердисциплинарната соработка и застапувањето засновано на докази.

    Специфични цели на Проектот се: (1) зголемен капацитет за застапување засновано на докази и дијалог за јавни политики за дигитални права, со цел поддршка на информирани иницијативи за унапредување на законодавството и правното образование; (2) генерација на млади правни лидери зајакнати со експертиза во областа на дигитални права, кои соработуваат со врсници од ИТ секторот за развој на иновативни решенија и поттикнување позитивно влијание во заедницата; (3) зголемена јавна свест и разбирање на дигиталните права, безбедноста на интернет и одговорното користење на дигиталните алатки, особено кај ранливите групи.

    Проектот ќе се спроведува во период од март 2026 година до декември 2027 година.

    2. За алумни членовите

    Македонското здружение на млади правници ја спроведува Програмата за практикантска работа од 2015 година, при што успешно ја имаат завршено над 700 млади правници. Целта на Програмата е да придонесе кон континуирана едукација и градење на капацитетите на младите правници преку унапредување на нивните практични правни вештини, компетентноста и знаења во областа на човековите права.

    Под алумни членови се подразбираат правници кои успешно ја завршиле Програмата за практикантска работа, во било кој од циклусите, односно правни професионалци кои веќе поседуваат практични правни вештини и имаат работно искуство. Тие ја сочинуваат Алумни мрежата на МЗМП – заедница на млади правници кои и понатаму остануваат поврзани со организацијата, со цел размена на знаења, професионален развој и понатамошен придонес кон општеството.

    3. Опис на активноста

    Дигиталните технологии радикално ги трансформираат правните односи, правосудните системи и начинот на остварување на човековите права. Вештачката интелигенција, масовниот надзор, обработката на лични податоци, онлајн платформите и сајбер-криминалот поставуваат нови предизвици со кои секојдневно се соочуваат правниците во пракса, а за кои голем дел од нив немаат соодветна обука.

    За таа цел, дванаесет (12) правници – алумни на Програмата за практикантска работа, ќе бидат селектирани преку повик за пријава за учество во тренинг-програма за дигитални права и менторска поддршка за креирање иницијативи.

    Програмата го опфаќа следното:

    • Избраните алумни ќе учествуваат на дводневна обука за обучувачи (ToT), со цел зајакнување на знаењата и длабинско, практично ориентирано навлегување во областите на дигиталните права, заштитата на приватност и лични податоци, вештачка интелигенција и нови технологии релевантни за секој правник. Дополнително, обуката ќе содржи и дел за зајакнување на нивните технички и меки вештини, со цел соодветно и квалитетно пренесување на стекнатото знаење.
    • Алумните (индивидуално или групно) ќе треба да поднесат идеи за локални иницијативи кои можат да ги спроведат во нивните заедници и низ државата, на теми кои самите ги предлагаат, со цел да се обезбеди сопственост, релевантност и силна вклученост. Локалните иницијативи ќе се спроведуваат под постојано водство и поддршка на искусни ментори, кои ќе ги придружуваат алумните низ целиот процес.
    • Алумните ќе применат стекнатите знаења преку спроведување на иницијативи кои може да вклучуваат, но не се ограничени на:
      • водење тематски клубови (дискусии, форуми, вмрежување) за студенти по право и помлади генерации млади правници, како и соработка со правни клиники, студентски здруженија или правни факултети за пренос на знаење кон студентите по право;
      • активности за подигнување на јавната свест и едукативни активности за дигитална безбедност и заштита на лични податоци наменети за граѓани, со фокус на ранливи категории лица (постари лица, деца, лица со попреченост, маргинализирани заедници итн.);
      • состаноци и активности за застапување пред релевантни институции и чинители, насочени кон унапредување на политиките и законодавството поврзано со дигитални права;
      • изработка на кратки правни анализи, policy brief-ови или препораки за унапредување на регулативата.
    • Потоа, алумните ќе ги спроведат своите иницијативи по претходна селекција, при што во секоја фаза ќе имаат постојана насока, менторство и практична поддршка од назначените ментори, со цел да се обезбеди квалитет, одржливост и успешно спроведување на секоja активност.

    Програмата ќе ги охрабрува алумните да ѝ вратат на заедницата, да ги поддржат ранливите групи и да ја зајакнат идната генерација правни професионалци.

    Програмата треба да се спроведе како двонасочен процес во кој правниците постепено ја надградуваат својата постојна правна експертиза со дигитална перспектива. Најголемата вредност на програмата е што не ги третира дигиталните права како посебна техничка дисциплина, туку како современ простор во кој човековите права, личните податоци, доказите, институционалната одговорност и јавните политики се преклопуваат.

    4. Поддршка и надоместок за спроведување на иницијативите

    МЗМП ги покрива сите трошоци поврзани со обуката (сместување/патни трошоци/материјали итн.).

    За спроведување на иницијативите, за секој алумни член чија иницијатива е одобрена од страна на МЗМП, предвиден е индивидуален хонорар во висина од 6.180 денари, независно од тоа дали иницијативата ја развива и спроведува индивидуално или во соработка со други алумни членови.

    Дополнителните трошоци кои може да произлезат при организацијата на иницијативите (на пр. освежување, простор и слично) ќе бидат покриени од страна на МЗМП, во зависност од расположливоста на средства во рамки на проектниот буџет, а по претходно одобрување и координација со тимот на МЗМП. МЗМП не презема обврска за покривање на трошоци кои не се претходно усогласени и одобрени.

    Предложените иницијативи подлежат на претходно разгледување и одобрување од страна на МЗМП. МЗМП го задржува правото да побара измени и дополнувања на предложената иницијатива, да одложи или да не одобри нејзино спроведување, доколку оцени дека предложената иницијатива не е во согласност со целите на Проектот, не е соодветна за спроведување или не може да се реализира во рамки на расположливите временски, организациски или финансиски ресурси.

    5. Работни задачи и обврски на избраните алумни

    Со цел исполнување на целите на активноста, избраните алумни ќе треба да:

    • Учествуваат на дводневната обука за обучувачи (ToT) за зајакнување на знаењата од областа на дигитални права, како и на техничките и меките вештини. Обуката ќе биде спроведена со физичко присуство, на датуми и локација кои ќе бидат дополнително утврдени;
    • Активно учествуваат во менторската програма под водство на искусни ментори;
    • Креираат и спроведат иницијативи на предложена тема од сопствен избор;
    • Редовно комуницираат и координираат со назначениот ментор и тимот на МЗМП во текот на спроведувањето на активностите;
    • Достават краток извештај/резиме за спроведените активности и иницијативи.

    6. Потребни квалификации и критериуми за учество

    • Успешно завршена Програма за практикантска работа на МЗМП (статус на алумни);
    • Интерес и мотивација за понатамошно надградување на знаењата од областа на дигиталните права;
    • Подготвеност за активно учество во целиот циклус на активноста: обука, менторство и спроведување иницијативи;
    • Подготвеност за пренесување на стекнатото знаење и менторирање на идните генерации правници, работа со заедницата и/или ранливи групи.

    7. Времетраење и организација

    • Дводневна обука: октомври 2026 година;
    • Креирање иницијативи: ноември 2026 година;
    • Менторство и спроведување иницијативи: ноември 2026 – јануари 2027 година.

    8. Начин на аплицирање и селекција

    Заинтересираните алумни треба да ја пополнат апликацијата преку линкот подолу.

    Селекцијата на алумни членовите кои ќе бидат дел од Програмата ќе биде извршена од страна на Комисија за избор, формирана од страна на Управниот одбор на МЗМП. При селекцијата, Комисијата ќе ја земе предвид мотивацијата на кандидатите, нивното релевантно искуство и интерес во областа на дигиталните права, како и потенцијалот за придонес кон целите на Проектот. Комисијата ќе води сметка за соодветна територијална застапеност на алумните низ државата, со цел да се обезбеди инклузивност и рамномерна вклученост на правници од различни региони на Северна Македонија.

    📝  АПЛИЦИРАЈ СЕГА Пополни ја апликацијата тука – https://forms.cloud.microsoft/e/GrY4AahzcR Рок за аплицирање: 4 октомври 2026 година
    Контакт лице Ангела Силјаноска Шумкоска  •  ashumkoska@myla.org.mk  •  072 223 963

    The post ПОВИК ЗА АЛУМНИ ЧЛЕНОВИ НА ТРЕНИНГ ПРОГРАМА ЗА ДИГИТАЛНИ ПРАВА И МЕНТОРСКА ПОДДРШКА ЗА КРЕИРАЊЕ ИНИЦИЈАТИВИ appeared first on Myla.

    Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонско здружение на млади правници

    Продолжи со читање

    • БАРАЊЕ ЗА ДОСТАВУВАЊЕ НA ХОТЕЛСКИ ПОНУДИ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ЕДНОДНЕВЕН ТРЕНИНГ ЗА МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ

      Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот „MEdIA – Lit (Media Enhancement and Information Literacy for Democratic Engagement)“, кој е дел од програмата „Support to regional thematic networks of Civil Society Organisations (CSOs); Regional networks promoting independent pluralistic media and freedom of expression; and EU Award for Roma Integration“ (Референца: EuropeAid/179703/DH/ACT/Multi, Лот 11: […]
      Read More… from БАРАЊЕ ЗА ДОСТАВУВАЊЕ НA ХОТЕЛСКИ ПОНУДИ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ЕДНОДНЕВЕН ТРЕНИНГ ЗА МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ
      The post БАРАЊЕ ЗА ДОСТАВУВАЊЕ НA ХОТЕЛСКИ ПОНУДИ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ЕДНОДНЕВЕН ТРЕНИНГ ЗА МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ appeared first on Хелсиншки комитет за човекови права.

    • Повик за изразување интерес за учество во академија за граѓански организации

      Граѓанскиот ресурсен центар објави повик за граѓанските организации кои сакаат да ги зајакнат своите организациски капацитети, отпорност и одржливост. Академијата е тримесечна програма што комбинира организациска самооценка, онлајн курсеви, обуки во живо, менторство и практична работа. Учеството е бесплатно.

    • Јавен повик за ангажирање надворешни експерти

      Центарот за правни истражувања и анализи – Скопје објавува јавен повик за ангажирање две лица за обезбедување стручна поддршка при спроведувањето на проектот „Отворено судство за отчетност и доверба“ (Open Judiciary for Accountability and Trust). Проектот има цел да придонесе кон зголемување на транспарентноста, отчетноста и довербата на граѓаните во судството преку воспоставување стандардизирани практики […]

    • БАРАЊЕ ЗА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПОНУДИ ЗА АНГАЖИРАЊЕ НА АГЕНЦИЈА/ЕКСПЕРТ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА КАМПАЊА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МЕДИУМИ ЗА ПРОМОВИРАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА РОДОВО ОДГОВОРНО БУЏЕТИРАЊЕ

      Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот Equitable Governance: Enhancing Gender Responsive Budgeting in North Macedonia, поддржан од UN Women, објавува барање за доставување на понуди за ангажман на агенција или експерт/ка за дизајнирање и спроведување на кампања на социјалните медиуми со цел подигнување на свеста за важноста на родово одговорното буџетирање (РОБ). […]
      Read More… from БАРАЊЕ ЗА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПОНУДИ ЗА АНГАЖИРАЊЕ НА АГЕНЦИЈА/ЕКСПЕРТ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА КАМПАЊА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МЕДИУМИ ЗА ПРОМОВИРАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА РОДОВО ОДГОВОРНО БУЏЕТИРАЊЕ
      The post БАРАЊЕ ЗА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПОНУДИ ЗА АНГАЖИРАЊЕ НА АГЕНЦИЈА/ЕКСПЕРТ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА КАМПАЊА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МЕДИУМИ ЗА ПРОМОВИРАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА РОДОВО ОДГОВОРНО БУЏЕТИРАЊЕ appeared first on Хелсиншки комитет за човекови права.

    Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

    Регистрирај се за информатор