Седми донаторски кружок
Донаторскиот кружок на Конект собра 601.217 денари за три граѓански организации
Донаторски кружок на Конект ја обедини заедницата на индивидуални филантропи и филантропки кои донираат обмислено по седми пат. Низ шоу програма водена од Огнен Јанески, вчеравечер, над 98 граѓани и бизниси, поединци, заеднички донираа за влијателни иницијативи на одбрани граѓански организации во нашите заедници. И годинава домаќин на одржувањето на донаторскиот кружок беше Македонски Телеком.
На кружокот се донираше во живо и се собраа вкупно 601.217 денари од индивидуални и корпоративни донации за следните три одбрани организации за годинашниот донаторски кружок:
Здружение за помош и поддршка на лица со афазија ХОУП Скопје – Замисли: одеднаш не можеш да зборуваш. Илјадници луѓе кај нас по мозочен удар имаат ваква состојба – афазија. Умот сака да каже, но зборовите тешко излегуваат. Надеж има, но потребна е упорност. Првиот специјализиран Центар за лица со афазија на здружението ,,ХОУП” и на Клиниката за неврологија ќе овозможи медицинска грижа и поддршка на пациентите и семејства што поминуваат низ долго опоравување. Дониравме за нов почеток.
Центар за младински активизам Крик - Во четирите групни домови за поддржано живеење на КРИК, 20 наши сограѓан(к)и со попреченост имаат достоинствен живот. За грижа, квалитетен живот и шанса за развој потребен им е нов мебел и адаптиран простор. Но, тоа не е доволно. Потребна е и можност за дружење, креативност и окупациона терапија што ги овозможува Креативниот центар „Крикни”. Дониравме за живот со поддршка.
Коалиција ,,Сите за правично судење” - Во судниците е потребно будно око. Независните набљудувачи го запознаваат системот „одвнатре“ и носат сигурност дека граѓаните со разни судбини како жртви на семејно насилство, лица со попреченост, работници не се сами во судските лавиринти. За помош им се обраќаат и адвокати, судии и обвинители. Да овозможиме Коалицијата „Сите за правично судење“ да осигура дека уште 100 судски рочишта ќе добијат навремен, транспарентен и праведен исход. Дониравме за фер делење правда.
Граѓаните донираа, а бизнисите „Фондација Телеком за Македонија“, „ЕВН“, „ТИТАН УСЈЕ АД Скопје“, „Фармахем“ и ,,Сигал осигурување“ ги удвојуваа вредностите на нивните донации. Низ забава, се донираше за песна, за најдобар танц, донираа деца, млади и возрасни. Поддршка во организацијата на годинашниот донаторски кружок даде и Амбасадата на Република Франција во Република Северна Македонија. Конект се заблагодарува за сите донации во облик на средства, волонтерство и менторство за организациите.
„Донаторските кружоци се многу повеќе од хуманитарно донирање. Граѓанските организации вложуваат знаење, енергија и ресурси за многу животни приказни да имаат среќен почеток и крај. Ние со нашите донации им помагаме во таа цел и ги поддржуваме нивните решенија што го менуваат животот на сите.“ изјави г-га Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект.
Здружението Конект со овие три организации ќе потпише договор за донација и ќе го следи нивното работење во однос на остварување на целта за која е доделена донацијата. Донациите се отворени и може да се донира за една од трите организации. За повеќе информации обратете се во Конект на 02/3224 198 или на konekt@konekt.org.mk и паметно вложете ја својата донација.





Фотографиите се донација на Венко Шереметкоски
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на КОНЕКТ



![[Aggregator] Downloaded image for imported item #50197](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/08/12-768x403.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #50183](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/08/veles_rafteri-1024x768-1-768x576.jpg)

![[Aggregator] Downloaded image for imported item #50168](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/08/viber_image_2026-08-15_15-04-15-264-768x1024-1.jpg)
